Потребно време за читање: < 1 минута

Настан IV

Се случи мигум во ран утрински час на жежок летен ден-час четири ипол, од ден четврток-тринаесетти во месец август на илјада деветстотини деведесет и осма година. На негови четириесет и четири години, седум месеци и осумнаесет дена. Смрт жестока, смрт пеколна, смрт по која неговиот живот не е живот, а е рамнодушно живуркање, незнаење на самиот себе, знаен од секого во Костец како коска и кожа од човек. Се случи мигум смрт на неговата неизмерна љубов Роса, на нејзини четириесет и една година, три месеци и дваесет и два дена, на нивната ќерка Смирна, на седумнаесет години, еден месец и пет дена, и на нивниот син Трајан, на тринаесет години, девет месеци и единаесет дена. По тој жежок четврточен августовски ден, пред точно тринаесет години, секое деноноќие на Корен Стаменоски му е празно, несодржајно, бесмислено, бесцелно, безидејно.

Тоа утро тргнаа на туристичко патување низ соседните земји-откривање и запознавање на нивни знаменитости. Автомобилот го возеше Корен со прекар Име. Возеше опуштено, ту бавно ту забрзано, а расположението на сите им беше големо, дури невообичаено. Одамна не пееле и потпевнувале сите заедно слушајќи познати домашни и странски хитови на радио. Немаше голем сообраќај на патот, веројатно најнапред поради жештината на раниот утрински час.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Никој, ниту Корен, ниту Роса, Смирна и Трајан не обрнаа посебно внимание или не го ни забележаа знакот дека следи свиок како црна точка. Судирот со камион натоварен со чакал беше неминовен.

Се разбуди од кома по три недели. Се ужаси и занеме кога разбра дека само тој останал жив. Сите негови загинале на местото на сообраќајката.

Корен Стаменоски не живее. Рамнодушно живурка, не знае за себе. Во Костец нема кој не го знае како коска и кожа од човек.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here