Потребно време за читање: 3 минути

Настан и доживување XII

Мостот на великите, главното собиралиште, сврталиште и шеталиште за сите генерации на Костец, лачен камен мост на две нивоа поврзани со скали, во бои на божилак, со постојано присуство на најзначајните дела на великите во минатото и денес, претставени симболички и со конкретни основни белези, а великите претставени со бронзени фигури во природна големина на мраморни постаменти, со главна карактерна особина на нивните ликови, не ја постигна основната цел. Не го запре сѐ поголемото оддалечување меѓу жителите на градот. Напротив, од ден на ден бројот на оние што сметаа дека токму тој најмногу придонесува тие да се гледаат сѐ повеќе напоречки и да се мразат сѐ повеќе стануваше сѐ поголем!

За Корен Стаменоски не се случи ништо необично и неочекувано. Според него, токму Мостот на великите беше најочевиден показ на политичката глупавштина и недоветноста; еклатантен пример на провинцијалниот дух, недостиг на основен вредносен критериум и неизграден или деструиран вредносен систем. Сето тоа подеднакво се однесува и на власта и на опозицијата.

Имено, од ден на ден, буквално преку ноќ на мостот се поставуваа нови и нови ликови, божем докажани како велики со свое дело, дури комплексно творештво. Точно ликови, не личности. Признаени и наградени со секакви уметнички, научни и општествени награди. За божемен придонес во развојот на мислата и творештвото на општеството, народот, нацијата, малцинствата, на афирмацијата на културниот и националниот идентитет. И тоа на влијателни, пред сѐ политички, а безвредни и маргинални луѓе, „за една употреба“ како што ги нарекуваа, членови на секакви жирија и комисии.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ ИЛИ СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Па така, до поетот Јоаким Кралев, творецот на големи поеми за љубовта и надежта, речиси прилепија бронзена фигура на Серафим Лековски, композитор на лесни ноти; десно од виолинистката со светско реноме Евгенија Прангова, на чекор од неа Ефтим Главинов, политиколог со две збирки на објавувани колумни во дневен весник; спроти астрофизичарот Паскал Никодимски, како рамен на него „се најде“ телевизискиот документарист Тихомир Островски, со наградена серија на документарни емисии „Запознај го својот град“; а на средината од мостот освен за социолингвистот Костантин Громовски се најде место за уште тројца божемни велики и една божемна велика: цртачот на стрипови Михаил Канински, сликарот на актови Виктор Пајонски, сопственикот на синџир на маркети Славе Трпеноски и глумицата Ирена Крајничка, позната според неколку не баш успешни главни ролји во театарски претстави играни само една сезона. Од вкупно дваесет и тројца, сега на Мостот на великите има речиси двојно повеќе бронзени фигури-четириесет и една!

Корен Стаменоски со прекар Име е еден од оние кои не само што го избегнуваат мостот, туку настојуваат поради никоја причина да не се најде во Централната населба со облакодери, обѕидана со дебели бедеми.

Пред некој ден по вторпат се најде на собир на двете спротивставени групи на бизнисмени и политичари. И тоа на кејот на матната, шумна, голема и длабока река која постојано ја зголемува бездната што го дели Костец од соседниот град Сивота. Му беше некако драго оти се најде помеѓу нив, всушност оти никако не можеа да го одбегнат, па уште да го спречат да се качи на говорницата и да ѝ се обрати на толпата. Му беше драго оти знае дека им боктисал со своите гледишта и стојалишта за организацијата на секидневниот живот, особено неговиот квалитет, односно за влијанието врз општеството, врз процесите во него, борбата против какво било дејание на секој поединец што се обидува да се наметне.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Име со рамнодушен, напати тивок глас кажа:

-Народе на Костец, јас досега многупати сум ти говорел за власта и организацијата на владеењето како клучни во секоја демократија. Знаеш за мојата заложба за системска демократија, всушност најконкретно одговорно одлучување и раководење на експерти и професионалци, а не неодговорно на политички дилетанти и политиканти. Притоа, инсистирам на суштественото значење и комплексноста на системот; дека тој е поставен, оформен, прецизно дефиниран и строго применуван токму од страна на експерти и професионалци. А политичарите никогаш не биле, не се, ниту можат да бидат применувачи и бранители на тој систем. Можеби ја знаете, а можеби не мојата крилатица:

Со системска демократија против системска корупција и дилетантска политика.

Сега сакам да ви кажам збор-два за политичарите односно политичките партии; што се тие и што треба да бидат. Да, јас сметам дека тие треба да бидат нешто сосем друго од она што и кај нас се сѐ уште-наводни борци за освојување на власта и нејзина злоупотреба. Што?

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Според мене, политичките партии или не треба да постојат, особено во дезидеологизирано модерно општество и држава со затврден систем и организација на животот, или да бидат организации на луѓе блиски според разбирањето на местото и улогата на човекот како самосвесна личност. Нивните заложби, пак, треба да бидат насочени кон него како социјално битие, кон постојано унапредување на квалитетот на неговиот живот и за постојана надградба на критериумите за негов вредносен опстој. Нивното конкретно дејстување треба да биде за соживот, индивидуален и колективен натпревар во сите области, а пред сѐ и над сѐ за меѓугенерациска толеранција и спомагање.

Мои блиски, колеги и соработници ме прашуваат дали моето решение за политичко дејствување е поврзано со формирање партија. Иако преферирам движење, сепак, со оглед дека укинувањето на политичките партии во нашево општество е за жал далечна перспектива, размислувам да ја формирам. Се разбира, токму со заложбите и целите што ви ги изнесов.

Ви благодарам што ме сослушавте“.

Корен Стаменоски со прекар Име ги поздрави присутните со одмавнување на десната рака и ја напушти говорницата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here