Потребно време за читање: 3 минути

Настан и доживување VII

Сѐ почесто е и се наоѓа себеси крај Камена река. Спружен спроти сонцето ги гледа нејзиниот брз тек, удирањето во големите камења, вировите, пенливите бранови. Без одговори на бројни прашања, од кои едно просто го измачува: зошто нејзиното корито пред него и догледно по него е стеснето, а угоре кон Боровата шума и планината широко, како да е смислено да тече забавено, па забрзано? Дали широкото ѝ е за смирено течение сосе забавеното, а е стеснето и тече забрзано зашто ѝ е непријатно, дури ѝ е неподносливо оти Костечани ја пренесоа крај градот за да не тече низ него, да не ги разделува и да не ги дели, да не се оддалечуваат меѓусебно, да не се гледаат напоречки, па и да се мразат, па и да се закрвуваат?

Камена река во ова зимно време, две недели од почетокот на зимата, е бистра меѓу двата кеја од бел и црн мрамор, а Верна уште при првата, запознавачката средба, при првото доживување му раскажа како е исчистена и зашитена од матноста и загадувањето-со согласноста да му дадат смисла и содржина на сожителството со кои го запреле меѓусебното оддалечување, гледањето напоречки, мразењето, закрвувањето: смислата во опстанокот, а содржината во богатењето на квалитетот на животот.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ ИЛИ СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Да, таквиот одговор Корен Стаменоски со прекар Име го претпостави и го посакуваше. Имено, тој во последно време просто им е посветен токму на таа смисла и таа содржина. Еднакво промислувачки и дејствено. Се разбира, поттикнат или поточно предизвикан од мошне видливата и впечатлива грижа за зачувување на постигнатата рамнотежа помеѓу личното и заедничкото време. Од сите, од младо и старо, големо и мало, од имашно и сиромашно.

Верна со него.

Име:

-Средбиве на кејов ни зачестија, а јас за тебе не знам речиси ништо. Ти исто не ме прашуваш ништо, како да знаеш сѐ за мене.

Верна:

-Зошто да знаеш? Важно ли е дали знам сѐ или не знам ништо за тебе?

Име:

-Затоа што ми стануваш сѐ поблиска од една, а од друга страна како да си сенка што ме следи на секој чекор. Како да си мој водич низ времето и животот на Костец кој едновремено ме брани од мене самиот. Тоа не можам да си го објаснам.

Верна:

-Што најпрвин сакаш да знаеш за мене?

Име:

-Најпрвин каде и како живееш, сама ли си или со кого си. Од што живееш, што работиш? Можеби си творец, уметник…

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Верна го прекинува:

-Сето тоа е сосем неважно и нема потреба да го знаеш. За нашево дружење, за нашево заедничко време и споделување на минатото и сегашноста е доволно дека сум летописец на градов. Ги знам трагите и темелите на Костец од заживувањето до денес. Продолжувам да ги откривам и да го следам текот на неговиот живот. Сѐ запишувам, бележам, раскажувам ,толкувам, коментирам. Мислам дека сум единствен летописец. Ме знаат малкумина Костечани.

Име:

-Претпоставував дека си истражувач според познавањата и знаењата. Не баш летописец…Имаш нешто објавено?

Верна:

-Ја подготвувам првата книга и се надевам дека наскоро ќе ја објавам.

Име:

-Тоа ме радува…Живееш сама или?

Верна:

-Сега сум сама. Сум живеела во заеднички времиња со неколцина Костечани. Немам рожба, а сите ближни ми се умрени.

Име:

-Добро, веќе не те прашувам…Ти благодарам за она што досега ми го откри и ми го изнакажа за Костец и Костечани….Сега сакам јас да ти докажам за рамнотежата помеѓу моите лични времиња и на мојата Роса, како и нашето заедничко. Таа како мртва и жива во мене смета дека за тоа е предоцна, па и невозможно. Се чувствува веќе обессилена, а и мене ме гледа како забрзано премалувам. Ми порачува дека е време мојот живот да надвладее во стварноста, притоа мислејќи на љубовта помеѓу мене и Илина Каранфилова. Напротив, јас мислам дека станува збор за две сосема различни рамнотежи.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Верна:

-Различни?!

-Да. Рамнотежата помеѓу моите, личните времиња на Роса и нашето заедничко, што ги живеевме во поинакво опкружување и во различни состојби од сегашниве, а треба да се имаат предвид и времињата на нашите Смирна и Трајан, е различна од оваа која штотуку ја воспоставуваме јас и Илина. Да не ја спомнувам опшествено-политичката констелација која неминовно влијае врз неа како врз сѐ.

Верна решава да не му противречи. Пред да го напушти му дорекува:

-Ќе размислам за она што ми го сугерираш. Дека со смислата која треба да се бара во опстанокот и содржината во богатењето на квалитетот на животот секогаш и во сѐ не се достигнува рамнотежата помеѓу личното и заедничкото време. Или онаа во секоја одделна љубов е различна од секоја друга.

Име остана уште некое време на кејот на Камена река. Не мислејќи на ништо.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here