Потребно време за читање: 2 минути

Настан и доживување III

Јас, Корен Стаменоски со прекар Име, нескротлив градителски дух, го издвоив настанот од детството во Костец, кога имав девет години-соградување на куќарка опкружена со неплодна земја и река што тече крај неа, а извира во далечна планина на исток, само за едно претпладне, и тоа во една небрежна игра заедно со другарите, со мои измислени правила, најнапред за да истакнам дека нескротливоста на креативниот, творечкиот дух почнува да се докажува уште во најраното детство. Незаборавното доживување на тринаесет години, пак, кога се изгубив во слепа улица, а ме најдоа татко ми и мајка ми жеден и гладен пред полноќ, не е само голема животна лекција-дека слепа улица не значи улица која завршува, а не продолжува, ниту безизлез, туку е тоа за да не се дозволи незнаен или скитник да стокми живеалиште помеѓу луѓето што живеат во неа. Значи и укажување на една од најголемите, некогаш и најтрагични последици врз опстојот на луѓето кои се доволни на самите себе: чувство на загрозеност од заживување на намерници помеѓу нив, како и мачно прилагодување на добрососедство, соживот и споделување поради непокажување, неискажување или непрепознавање на добронамерност.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Јас, Корен Стаменоски со прекар Име, не насетувајќи, ниту знаејќи со другарите во небрежна игра сум ја соградил куќарката, неплодната земја и реката крај неа на моите родители, во кои сум заживеал. А чувството на загрозеност и мачното прилагодување на добрососедство, соживот и споделување најточно го искажа татко ми, со секој збор наместо: дека слепите улици на секој што живее во нив му помагаат да го открива и учи животот; како да ја надмине самодоволноста, притоа не нарушувајќи ги редот и ритамот на секидневноста, сѐ до доодување.

Настанот и доживувањето, поточно настаните како доживувања јас ги поврзав со соседниот град Сивота, соседен и покрај бездната што ги дели. Бездната…

Сивота е постар град, првонаселен, а според некои археолошките наоди укажуваат на тоа дека од него е создаден Костец. Според мене тоа не е точно, токму поради бездната. Никој од учените во кои било области не открил досега кога настанала таа, колку време настанувала и дали продолжува да се шири повеќе или помалку отколку што се продлабочува.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Бездната не ги дели Костечани од Сивочани. Тие не само што знаат едни за други и што имаат воспоставено секидневни комуникации и соработка. За тоа најмногу придонесува мостот над бездната, всушност автострада без пешачки патеки.

Поради долгите сушни лета и мразните зими, со силни ветришта, луњи и секакви невремиња, и Сивота како Костец е со надземни и подзени живеалишта. Надземните се неколкукатници и многукатници, а подземните пространи куќи од камен, греди, глина, со многу одаи за дневно престојување, починка, спална, кујна, трпезарија, бања.

Суштествен проблем за нивните жители се мошне слабите, површни, дури маргинални духовни врски. Сѐ поретки се заеднички или возвратни настапи ни уметнички групи и културни манифестации, а меѓусебната комуникација постојано се отежнува со нови и нови јазични бариери.

И јас често одам во Сивота. Градот архитектонски, структурно и организациски е речиси идентичен со Костец. И во него постои рамнотежа помеѓу материјалниот и духовниот живот, систем и организација со прецизна законска регулатива, со доминантна лична одговорност.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

По долги и макотрпни разговори, преговори, убедувања, разубедувања и компромиси со тамошните власти, конечно можам да се радувам дека со мојот тим во архитектонското студио „Просторно проектирање“ деновиве ќе почнам со реализација на проектот за новиот централен плоштад во Сивота. Кој воопшто нема да наликува на плоштадот во Костец. Го нарековме „Плоштад на генерациите“ и ќе нема ниедна трага од минатото на градот, ниту белег или знак на сегашноста. Ќе биде исполнет со секакви симболи на љубовта и убавината.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here