Потребно време за читање: 3 минути

Настан и доживување VIII

Нова средба со Верна, втора на пред Фонтаната на звуци и бои, на клупа од ковано црно железо. Верна направена од бела испреплетена жица како заробена во пајажина. Жива.

Верна:

-Заедно сме за да молчиме или макар час-два да не бидеш осамен зборувајќи сам со себе? Онојпат ме израдува со решеноста да го продолжиш животот со Илина Каранфилова, особено оти си ги сонил татко ти, мајка ти, твоите Роса, Смирна и Трајан како живи, здрави, весели и среќни зашто узнале за твојата решеност да го продолжиш животот со нова љубов. Сега?

Корен Стаменоски:

-Сега сакам со тебе да ги споделам моите промислувања за настаните и доживувањата, за настаните наспроти доживувањата, настаните наспоредни со доживувањата и за преживувањата. Сосе мојата решеност да се спротивставам јавно на намерата на власта да го разурне плоштадов. Мобилизирајќи ги моите приврзаници и поддржувачи-пријателите, мислечките и творечките луѓе.

Верна:

-Те слушам.

Корен Стаменоски ѝ се насмевна и почна.

Ѝ зборуваше со спокоен глас, како да мери секој збор. Најпрвин дека многу не зависи, всушност неговото заодување, доодување или секидневноста во животот воопшто немаат врска со настаните, доживувањата и преживувањата што му се случиле и што им се случуваат на Костечани. Ниту нивните меѓусебни релации или корелации. Што значи дека настаните не го засегаат или го засегаат како дел од соживотот. Притоа, доживувањата се ретко поврзани со нив оти се најчесто емотивна реакција на расположба, чувство, внатрешен немир, на што било. Преживувањата, пак, според него се совладани траги и последици на настани во кои учествувал посредно или непосредно, а може и самиот ги предизвикал.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ ИЛИ СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Верна:

-Тоа е твое промислување и нема никакво значење дали се согласувам или не, дали го прифаќам или не. Го почитувам. Ме интересира дали се однесува и на настанот, доживувањето и преживувањето поврзани со бедемот. Со твојата игра заедно со Костечани-кротењето на ветриште како да се бранат од грабливи птици и им се спротивставуваат на луѓе кои се обидуваат да ги поразат, па да ги потчинат на себеси, да станат сосем зависни од нив.

Корен Стаменоски се загледа втренчено во неа и пак, по којзнае кој пат се восхити од своето дело-средовечната, седокосата Верна направена од бела испреплетена жица како заробена во пајажина; со ведра насмевка, убаво лице со модри подочници, искривен нос, мала црна брадавица на левиот образ и две длабоки брчки на челото.

Ѝ појасни дека играта на запознавање со Костечани како секакви птици кои штотуку прелетале бездна и слетале со уморени крилја, обградени од бедемот што тој го извиши до небо на крајот од слепата улица, пред и зад неговото подземно живеалиште, на самиот раб од бездната што го дели Костец од Сивота, е всушност игра на слободата и слободоумноста кои најмногу ги загрозуваат политикантите и платеничките политичари. А и бедемот има голема симболика.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Верна:

-Тоа е в ред. Но, што е со настанот, доживувањето и преживувањето поврзани со бедемот?

Корен Стаменоски знаеше на што мисли-на долетувањето на незнајна птица скоро по завршувањето на градбата. Влета меѓу нив, во прво време се преправаа дека не ја забележуваат, а кога им се замеша во играта и летањето како птици ја нападнаа. Ќе ѝ го скинеа животецот ако таа не успеа со последни сили да ги прелета бедемот и бездната и да им се изгуби од догледот. Ѝ напомна дека оттогаш не долетала, а не се замешала во нив ниедна друга.

Секако дека на Верна ѝ е несомнена водечката улога на Корен Стаменоски во изградбата на централниот плоштад. И таа ваква е негово дело. Го споделува неговото разбирање на плоштадот како посебен градски простор на искажан живот во минатото и денес, со белези, стилови и траги на времиња кои траат наспоредно и едновремено меѓусебно ги надополнуваат своите содржини; како и неговата бескомпромисност. Му кажа дека и таа би го исполнила со камени, мраморни, железни и бронзени споменици, спомен-обележја, скулптури, отворени изложбени простори и салони, културно-историски и забавни зданија, одморалишта, шеталишта, кафулиња, кафетерии, клубови, трговски центри, фонтани и дрвореди.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ ИЛИ СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Ѝ беше многу блгодарен оти ја поддржа во неговата решеност да се спротивстави јавно на намерата на власта да го разурне плоштадот, мобилизирајќи ги своите приврзаници и поддржувачи-пријателите, мислечките и творечките луѓе. Му вети дека ќе го придружува во секој негов настап, во секоја акција. Особено оти новата власт беше избрана сосила и со фалсификување на изборните резултати.

Корен Стаменоски со прекар Име реши да го направи првиот чекор. Реши да го напушти архитектонското студио „Просторно проектирање“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here