2.
Уште од дете Колумнистот секого прашува за што било, а од одговорите заклучува дали треба да допрашува или да прашува друго. Не толку од љубопитство, колку за да провери колку знае. Уште од дете просто се радува кога ќе му се потврди дека знае доволно, ама треба да научи уште многу за да не греши премногу промислувајќи, заклучувајќи и градејќи свои ставови за што било.
Во врска со него, како колумнист познат и афирмиран меѓу мислечките и творечките личности, едно нешто е неизменливо до ден-денес: погрешните одговори на негови прашања не зависат ниту од допрашувањето, ниту од новите прашања и одговори. Имено, досега ниедна од неговите колумни, уште од почетокот на неговата „колумнистичка“ кариера, никогаш не била со продолжение како дообјаснување или премислување. Затоа многумина читачи и проследувачи неговите досегашни осум книги-збирки на колумни, со заеднички наслов „Мислам и домислувам“, ги сметаат за своевидни сведоштва за времево, процесите и собитијата што ги уназадуваат, забавуваат или придвижуваат напред животот и соживотот.
Политика и политиканство
Јас за политиката и политикантството не знам многу, но мислам доволно. Затоа не сум се занимавал, не се занимавам, ниту помислувам да се занимавам со политика. Особено ми е туѓо, можам да речам и презирно политиканството. Затоа не можам ни да се замислам себеси на пример министер за надворешни работи кој учел да биде хирург и не се знае колку изучил или правник од кого зависи развојот на земјоделието.
За политиката и политиканството знам колку што знам и за да не дозволувам некој да ми го меле умот со неа или со него:
Политиката е за носење одлуки заедно со други луѓе. Меѓутоа, не кои било и какви било, туку кои се однесуваат на владеењето и водењето на државата и општеството. Пред сè на власта и моќта. Знам и за двете форми на владеење-централното и локалното кои овозможуваат федерално владеење, што се спроведува преку извршна, законодавна и судска власт или конфедерално во кое нема судска власт. Политиката на владеење се разликува од политиката како наука. Вторава го изучув стекнувањето и применувањето на моќ.
Кога е збор за политичките партии и нивните идеологии, во современиов свет сè повеќе надвладува поделбата на левица, десница и центар. Стожерна заложба на левицата е реформи и рамноправност-општествена демократија, на десницата традицијата и поделбата на општеството на слоеви според моќта и економската состојба-регулиран капитализам, а центарот баланс меѓу левицата и десницата.
Актуелна е и поделбата на политичките системи на авторитарни и либерални, која најмногу се однесува на личната слобода. Во првите (врв е тоталитаризмот) таа е најмногу зависна од групните цели, а во вторите (врв анархија односно целосно укинување на државата) се негира и не се дозволува државната сопственост.
Политиканството значи доминација на интригите, измамите за постигнување лични односно себични интереси и кариеристички амбиции. Тоа е најчесто „комбинација“ на продавање магла, партизирање, политизирање, демагогија, лицемерство, додворување, сплеткарење, без`рбетништво, профитерство, расипништво, шарлатанство.
Посебен проблем на актуелната политика е политичката корупција со која се означува користењето на законодавната моќ на власта за незаконска лична корист односно злоупотреба. Поконкретно, станува збор за постапка директно поврзана со извршната функција. Главни форми: поткуп, изнудување, кронизам, непотизам, покровителство, мито и проневера на пари. Добро е да се знае и дека неограничената политичка корупција се нарекува клептократија, што значи владеење на крадци-мафијаши.
Мене не ми е прифатлива раширената дефинија на политикатс дека е таа вештина на можното. Затоа што како дејствувањ, не е никаква вештина, поготово ако е во рамките на своја јасно дефинирана идеолошка матрица. А која од своја страна, пак, го ограничува можното. Може дури и да го негира со своја затврдена беспоговорна постојаност. Не сметам ни дека политиката не е наука, туку уметност на „рационално управување со човечките ирационалности“. Прва „проста“ причина е бидејќи уметноста создава вонвременски вредности, вредности на творечкиот дух, а политиката гради и надградува секојдневен живот.
Имајќи ја предвид Аристотеловата дефинција дека човекот според природата е политичко животно, јас искажувам став дека на човек како политичко животно не му треба политичка партија во која ќе дејствува и преку која ќе владее или влијае лично, како единка.
Важно е дека секогаш, во секое политичко милје во минатото и денес, а нема сомнеж и утре, на посветените на уката и науката, како и на постојаното богатење на личното знаење и усовршувањето во професијата не им треба политика. Од друга страна, таквите посветени им се најголеми противници, па и непријатели на политичарите, особено на политикантите.