Потребно време за читање: 11 минути

XXIX

Достоинството

Го најдов дома во постела. Ми се виде ослабен, немошен, бледолик, со уморни очи и подочници. Ме поздрави со усилена насмевка.

Седнав на дрвеното столче до неговото зглавје и го прашав загрижено:

-Што е, Дамјане? Неарен си? Болен за во постела?

Ми одговори со напор, со стишан глас:

-Ма ништо сериозно. Веќе поминува.Уште два-три дена и ќе станам. Пак ќе бидам на свои нози, исправен…Пред една недела ме удри нов инфаркт, ама мал..Го издржав на нозе…Докторите ми наредија да лежам, да мирувам недела-две оти ми ослабело срцето. Како јас да не знам дека ми е ослабено од претходните…Ти велам, ништо сериозно.

Го загледав загрижено и му возвратив прекорно:

-Мене не ми кажувај! Знам јас…Постојано те предупредувам да внимаваш, да не претеруваш во ништо…Нешто или некој те извадил од такт? Што? Кој?

Дамјан Гласномисленикот:

-Нема врска!…Се расправав со Методиј Апстрактниот…Знаеш каков е…Колку е тврдоглав…Сè да биде по негово…Ама јас не му се дадов…Тој мене ќе ми докажува дека човек не може да остане достоинствен по секоја цена.

Како да почна да дише забрзано, па го прекинав:

-Нели се договоривме да не влегуваш во расправа за ништо со него и со такви како него?…Не можам да те разберам! Живееш самотно, ме убедуваш и спокојно, пишуваш проза, поезија, сатира, пишуваш колумни…И сето тоа не ти е доста! Уште и расправање!

Дамјан замолче, како да се потсмири, па продолжи пак со усилена насмевка:

-Батали…Не беше проблем неговиот став за достоинството. Дури се согласивме дека човек не е личност без него. Просто ме изваде од такт со тврдењето дека политичар на власт и да сака не може секогаш да го одбрани своето лично достоинство. Дури ни да го брани колективното…Па се обиде да ми го докаже тоа со партнерство меѓу голема, силна и насилна земја и мала, слаба, немоќна. Никако не прифаќаше дека не може да има партнерство меѓу нив, туку само туторство, диктат, наредба, потчинетост, слуганство…протекторат…Притоа и личното и колективното достоинство се први жртви…Туку…

Пак го прекинав:

-Не се видовме две недели, а ти…Сега си одам и не ти доаѓам додека не застанеш на свои нозе. Не ми се јавувај, не ме барај…Човеку, па ти за тоа си пишувал не еднаш. Темелно, сестрано…

Дамјан Гласномисленикот:

-В ред…Добро…Ќе биде по твое…Се сетив…Преобјави ги во твоето дело информацијата за Декларацијата за стратешко партнерство и соработка меѓу Македонија и САД и некои белешкли што се однесуваат на неа директно или индиректно.

Јас:

-Зошто? Со која цел?

Дамјан:

-Онака…Нема врска! Како сакаш…При крај сум со колумна посветена на личното и колективното достоинство…

Се поздравивме. Сè повеќе ме загрижува неговиот рамнодушен однос спрема сопственото здравје, самоста, животот…Како да ѝ се предава на смртта.          

Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин      

1. Македонија-САД: Декларација за партнерство и соработка

Македонија потпиша декларација за стратешко партнерство и соработка со Соединетите Аме­рикански Држави на 7. мај 2008. година, по самитот на НАТО во Букурешт на кој Грција стави вето за членство на Република Македонија. 

Декларацијата содржи три основни елементи: зајакнување на соработката во трговијата и економијата, зголемување на соработката во безбедносниот сектор и изнаоѓање на конкретен начин за доближување и поинтензивни контакти помеѓу Македонија и САД.

Во Декларацијата е истакнато силното македонско-американско партнерство во борбата против глобалниот тероризам и во промовирање на меѓународната стабилност. Изградбата на стратешко партнерство бара интензивирање на високо ниво на нашите цивилни и воени контакти, вклучувајќи и заеднички тренинг и можност за воени вежби. Исто така, се подвлекува заложбата на САД за суверена, демократска и просперитетна Македонија која ги споделува вредностите на мирот, слободата, владеењето на правото и слободниот пазар. На крајот се истакнува долгогодишната поддршка на САД за македонската безбедност, стабилност и економски развој, на патот кон целосна евро-атлантска интеграција и се наведува дека двете земји гледаат напред за Македонија да се приклучи кон НАТО што е можно поскоро.

Документот во Вашингтон, во американскиот Стејт департмент го потпишаа американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски. Носи наслов „Декларација за стратегиско партнерство и соработка помеѓу САД и Македонија“.

Домашните, но и странски експерти се едногласни дека станува збор за симболичен гест на поддршка на САД за Македонија. Забележуваат дека таа не се применува во практиката, ја потпишаа министри, што значи не помина ни во Конгресот ни во Сенатот. Ќе беше сосема друго ако ја потпишеа претседателите на двете земји.

Интегралниот текст на Декларацијата гласи:

„Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија“

Соединетите Американски Држави и Република Македонија се решени да го прошират и продлабочат блиското партнерство меѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности.

Двете земји сакаат да ги зацврстат своите стратешки односи преку интензивирање на консултации и соработка во областите на безбедност, врски помеѓу граѓаните, како и во трговијата.

Соединетите Држави и Македонија ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН, и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постоечки граници.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXV, роман

Македонија и Соединетите Држави забележуваат дека Македонија, како демократска, безбедна и просперитетна земја, со пријателски и конструктивни односи со своите соседи, и како активен учесник во регионалните и меѓународните економски, политички и безбедносни форуми, е витална за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.

Во оваа смисла, Соединетите Држави продолжуваат да ги поддржуваат безбедноста, стабилноста и економскиот развој на Македонија. Во интерес на едно уште поцврсто партнерство, Соединетите Држави имаат намера веднаш да обезбедат дополнителна поддршка за Македонија за да се помогне во изградбата на просперитет, за да се зајакне безбедноста и за да се поттикнат уште подлабоки врски помеѓу нашите две земји.

Македонија изразува длабока благодарност на САД за досегашната помош на граѓаните на Македонија во нивните напори да го институционализираат и да го направат траен демократскиот процес преку кој се остваруваат нашите заеднички вредности за мир, слобода, владеење на правото, и слободна пазарна економија.

Македонија, исто така, ја цени и потврдува поддршката на САД за реформирање и зајакнување на вооружените сили на Македонија.

Како надградба на нашето веќе силно партнерство во борбата против глобалниот тероризам и промовирањето на меѓународната стабилност, што се гледа преку нашите војници кои заедно служат во Ирак и Авганистан, нашите цивилни и воени офицери планираат да ги интензивираат своите билатерални контакти на високо ниво и да бараат можности за повеќе заеднички обуки и вежби за да ја зајакнат интероперабилноста на нашите сили и да го зацврстат нашето партнерство во промовирањето на меѓународната безбедност и борба против производството на оружје за масовно уништување.

Како одговор на заедничката желба за проширување на трговијата и инвестициите, Соединетите Држави и Македонија ќе бараат начини за зајакнување на економските врски и ќе преземат дополнителни мерки да ја зајакнат конкурентноста на македонската економија и да ги прошират можностите за американските и македонските бизниси.

Соединетите Држави ги поддржуваат континуираните напори на Македонија да изгради поволна клима за бизнис што е атрактивна за Соединетите Држави и за други странски инвестиции. Македонија изразува благодарност за можноста да го искористи Генерализираниот систем на преференци (ГСП) за да ја зајакне билатералната трговска размена. И двете земји го поддржуваат понатамошното проширување на трговските односи.

Македонија изразува задоволство од успешната имплементација на програмите за техничка помош на УСАИД во областите на демократија, економски раст и образование, и потврдува дека сака соработката во овие области да продолжи.

Двете земји исто така бараат можности да изградат поблиски и поцврсти врски помеѓу нивните граѓани и ќе преземат практични чекори за промовирање на размената во областите на образованието и културата.

Декларацијата од Самитот на НАТО во Букурешт јасно стави на знаење дека Република Македонија ги исполни демократските, економските и одбранбените стандарди на НАТО преку своето ригорозно учество во Акциониот план за членство.

Соединетите Држави продолжуваат да работат со нашите сојузници во НАТО за да ја одржат цврстата соработка на Македонија со НАТО во рамките на постоечките механизми додека земјата чека на покана за членство.

И двете земји очекуваат Македонија да се приклучи на НАТО што е можно побрзо. Нашата интензивирана соработка во овој момент дополнително ќе ја зацврсти подготвеноста на Македонија во блиска иднина да ги преземе обврските и одговорностите во Алијансата.

2. Финансиска олигархија во Македонија? Зарем е можно?!

Конечно некој од врвовите на власта одново ја откри Америка: јавно „обелодени“ дека во Македонија има (владее) финансиска олигархија! Веднаш (се) поправам: не ја откри Америка, туку Европа. Сакам да кажам, малку или повеќе ја утна работата:

Во Македонија има (владее) не финансиска олигархија, туку полит- бизнисменска олигархија или владеење на политиката во општеството. (Политократија е в ладеење на политички партии со сите лостови на власта во земјата, со бирократски методи на управување и раководење.)

Најнапред за олигархијата општо и финансиската посебно.

Олигархија е владеење на мала група благороднички (аристократски) семејства. Се нарекува и олигократија. Притоа, акцентот се става на семејства. Значи, во светов во кој ни се случуваат многу нешта како ништо да не се случува, „финансиска олигархија“ се мал број семејства, финансиски мошне моќни, кои владеат со Македонија.

Можеби првпат прочитавте за „полит-бизнис олигархија“. Да бидам скромен, тоа е моја кованица и мислам дека ми е погодена. Што мислам „под неа“?

Мислам дека во нашава земја подолго време, би рекол уште од стартот на транзицијата владеат, кој со повеќе кој со помалку сила и моќ, полит-бизнис олигарси. Кои се тие? Вториот дел од кованицава-„бизнис олигархија“ веројатно ви звучи познато. Во македонските бизнис кругови за таквите „легално“ се употребува терминот „бизнисмени“, а тие се нешто друго. Имено, како што е во развиениот свет, бизнисмените (бизнис-мен) се луѓе во бизнисот, а не на пример хохштаплери, манипуланти, шпекуланти, криминалци и слични на нив. Тоа се луѓе кои знаат што е тоа (чист) бизнис. „Бизнис олигарси“ се токму наброените кои себеси се сметаат за успешни бизнисмени. За такви ги сметаат и некои други, помеѓу нив и партиите (и од позицијата и од опозицијата). Е, токму поради „сметањето“ и заедништвото најточно, најпрецизно можеме да ги наречеме полит-бизнис олигарси. Од една страна партиите (и поединци во власта на кои не може да им се утврди припадноста, бидејќи по секои нови избори ја менуваат партиската боја) ги сметаат за успешни бизнисмени и ги поддржуваат како такви (моментно или перспективно-кога се, односно ќе дојдат на власт), а од друга самонаречените успешни бизнисмени им се благодарни на партиите оти знаат, навреме научиле како се станува успешен во политократија.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXI

Каде е проблемот со „одновото“откривањето на Америка, поточно на Европа?

Оној од врвовите на власта што ја „обелодени“ финансиската олигархија веројатно знае за што всушност станува збор. Всушност, станува збор за двоен (не)морал на нашите полит-бизнис олигарси кој се состои во поддршка на оние во власта поради континуиет во „успешниот“ бизнис, но едновремено, токму поради истата причина, и малку подзаскриена поддршка или, поточно, „припомош“ на оние надвор од неа. Тој двоен (не)морал особено се открива, и тоа без голем напор секогаш во „последно време“. Кое поинаку се нарекува предизборие.

3. Нови политичари за „чекор од седум милји“

Неспорно е дека на Македонија во овој миг ѝ се потребни луѓе, како што со право потенцираат многумина, со визија, знаење, капацитет, но и храброст. Кои ќе се фатат во костец со натрупаните проблеми, со незавидната севкупна ситуација; кои ќе ги придвижат нештата напред со „чекор од седум милји“.

Ги спорам оценките дека на политичката сцена моментно такви личности за жал не постојат. Напротив!

Најнапред, мошне дискутабилно е разбирањето и третманот на македонската политичка сцена. Таа, како и секоја друга, не треба да се гледа односно анализира „тесноградо“, како состојба статус кво, „зацементирана“, на која „се вртат“ се едни исти затоа што нема други. Прво, тие што се вртат веќе никој „не ги врти“ (го имам предвид нивниот катастрофално низок рејтинг). Затоа што кажале што имале да кажат и се покажале какви се како политичари. А второ, историјата одамна потврдила дека во пресвртни моменти наеднаш се појавуваат-излегуваат на сцена нови луѓе, со визии, знаења, капацитет и храброст кои ги земаат работите во свои раце и го прават и работат она што мора да се прави и направи, да се работи и сработи.

Таквите луѓе никогаш „не паѓаат од небо“, туку се постојано присутни, активни. Нивниот глас, мисла, промисла и знаење постојано се слушаат и/или читаат, па само го чекаат вистинскиот момент за преземање на власта. Не како цел сама за себе (да станат „властодршци“ или „државотворци“), туку како подготвеност да ја остварат-остваруваат волјата на народот. Тие и таквите се во сенка не поради некаков страв од постојните. Тие чекаат таквите-постојните сами да се разголат до „гола кожа“ пред народот. Затоа што со недокрај разголени не се можни радикални зафати, решенија, чекори. (Во спротивно, со своите дејанија, како „полуголи“, ќе пречат и ќе се обидуваат да ги попречуваат новите).

Македонската политичка сцена воопшто не е бесперспективна. Не затоа што се формираа нови партии со познати политичари, кои сè уште имаат достоинство и каков-таков авторитет кај народот (многу поголем од оние во политичките врвови и на позицијата и на опозицијата), без оглед што „кубурат“ со членството, водат „гола борба“ за опстанок. Поради групи на луѓе кои со години се присутни во јавноста, со стекнат висок кредибилитет и авторитет, а кои досега воопшто не биле политички активни. Едноставно, тоа не им било потребно, но се активни како интелектуалци, професионалци, со свој докажан, па и силен капацитет.

Конкретно што се однесува на храброста: таа и во вакво наше време, и во вакви состојби и околности просто се подразбира, особено наспроти актуелниот кукавичлак. Одамна мина времето кога „за идеали гинеа будали“. Денес наместо докажување и истакнување храброст е потребно лично достоинство, самосвест за сопствените вредности, личниот и колективните идентитети  (пред сè националниот).

4. Тендер „во четири очи“

Глупоста и недоветноста навистина немаат граници. Со нив постојано нè напаѓаат, навалуваат врз нас оние што ги измислуваат, ги прават поради основна неписменост, незнаење, дилетантизам, инфантилност. Во сите области на нашево живеење и дејствување. Без исклучок!

Каде се мудроста, промислата, искуството, стручноста? Настрана се, во некој агол од стварноста, бидејќи им се туѓи примитивизмот, агресивноста, коленичењето, лигавењето.

Не оти се скриени, замолчеле, се повлекле, туку најпрвин затоа што ја согледале залудноста од борбата за вредности, достоинство, почитание, доверба и самодоверба. Зашто не сакаат да трошат во неврат ниту секунда од сопственото драгоцено време за лична надградба, творештво, за потврда на смислата на сопствената егзистенцијата.

Наш е проблемот што не сме научиле да ги слушаме, читаме, разбираме. Најмалку да им го послушаме и дослушаме молкот и премолкот во силниот и пресилниот збор.

Нашето пропаѓање не е единствено однадвор, како постапна до детали осмислена стратегија и тактика, како дел од глобално и регионално сценарио. Нашето пропаѓање е многу повеќе однатре. Поради личниот интерес, кариеризмот, одбраната на стекнати позиции, беззаконието, криминалот, корупцијата. Поради моќта, а всушност немоќта на полит-бизнисменско-финансиската олигархија.

Нашето самоуништување од ден на ден е сè поинтензивно затоа што од ден на ден нашите „глави“ („главешини“) ги веднат главите, слепи се пред она што го гледаат; затоа што се надеваат дека сабја нема да им ги исече. А таа е сè поостра и поостра.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXII, роман

Глупоста и недоветноста кај нас навистина веќе не вреди да се мерат. Станаа немерливи! Дали да ги редам, да ве потсетувам на нив? И тоа не вреди. Одамна сами се наредени и постојано сами се наредуваат и доредуваат во редот. Па сепак…

Не треба да се биде голем економски теоретичар и практичар, да се има темелни познавања од економската теорија и практика воопшто, пазарната економија посебно, за да се знае одговорот на прашањето кое е едно од оние „што не заслужуваат одговор“; од проста причина што со него може барем за миг да се „соголат“ пред себеси и пред нас.

Прашањето гласи:

Што е тоа тендер „во четири очи“?

Прашањето, а не одговорот, е една од недобројните глупости и недоветности на оние што се „оптимисти“, а не знаат ниту како се станува, ниту кога треба да се биде таков. Можеби нив попрво треба да ги прашаме: што е тоа тендер? Па по нивниот каков-таков одговор да допрашаме: кога оправдувате тендер „во четири очи“, да не мислите на договор во три-четири-пет-шест очи? И пред да ни потврдат или одречат, да ги спасиме од нова глупост односно недоветност, да се обидеме да им објасниме:

Ама договорот, Господа, не е тендер.

Како и да е, тендерот „во четири очи“ се оправдува со интересот за привлекување големи, светски компании. (Бидејќи домашни големи нема и за нив тендерите се реализираат „во многу очи“?!) Можете тоа да го замислите? Да се оправдува сопствената глупост и недоветност?! Зарем оправдувањето не значи нивно согледување, осознавање и одбрана со отфрлање од себеси како валкана долна облека?

А тие, пак, големите компании, се чудат, не разбираат, бидејќи не растеле и не пораснале „во четири очи“. И во рамките на чудењето или не прифаќаат, не одговараат на молбите, на коленичењето да дојдат и да инвестираат во оваа наша „поволна бизнис дестинација“. Или, пак, брзо сфаќаат дека тендерот „во четири очи“ всушност е договор кој може да се направи во четири ѕида кои немаат уши!

5. Дилетанти, фолиранти и трабанти

За нив веќе сум пишувал неколку пати, и тоа во прилози со „блиски“ наслови. Но, не ќе на одмет уште еднаш. Особено затоа што имам конкретен, а сè уште неофицијален, поточнио непотврден повод.

Најнапред: за жал, дефинитивно тоа се трите најактуелни, најпопуларни и најпривлечни партиски, но и бизнисменски „функции“ во Македонија.

А жалат единствено оние што се во „самоодбрана“: стојат настрана од партиските редови и бизнисменските кругови во скромна, егзистенцијално издржувачка, но достоинствена, па и горда позиција на телото. Особено со крената глава. Повеќе жалат што е ситуацијата таква-да не вреди какво било поинакво поставување.

Дилетантизмот, фолирантството и трабанството се доведени до совршенство, па нема сила која може да ги наруши тие редови; како под конец наредени и затворени во меѓузависни кругови. Како учкур и гаќи. Жално е што е така поради нивната карикатуралност и самопонижувачка мизерија.

Дилетантите, фолирантите и трабантите се всушност обични; дури не ни вешти, туку само епизодни циркузанти. Затоа што само во државен циркус, во циркус-држава можат да бидат главни и моќни, пред или покрај кловновите од политичките врвови, кои им помагаат да го (на)смеат народот оти премногу долго му трае времето за плачење.

Она што за мене, а се надевам и за вас, е особено важно и, се разбира, интересно во овој миг на партиско-бизнисменско-олигархиска мобилизација пред избори е: во секоја од доминантните, најголемите партии и фирми-компании со срамен рејтинг кај народот, не може да се изброи нивниот број. Мислам на припадниците на секоја „групација“ одделно.

Сепак, колку што лично можев да избројам, дилетанти и фолиранти има најмногу во доминантните партии, а трабанти во најголемите полит-бизнис-олигархиските редови и кругови.

Имено, благодарение на дилетантите и фолирантите ние си имаме, без оглед на рејтингот, најмоќни партии кои имаат реални шанси да владеат коалициски. Следствено, кога не би биле тие во толкав број, партиите не би владееле и не би нè владееле толку дилетантски и фолирантски, туку би работеле чесно, одговорно, стручно и компетентно. Благодарение на трабантите во толку голем број, ние си имаме неколку „големи“ фирми-компании од партиско-бизнисменско-олигархиска „провениенција“, од кои зависи сè, па и „нивото“ на слобода, демократија и независност.

Деновиве потслушнав, но никако не ми успева да проверам дали и колку е точно: некои што повеќе не сакаат да стојат настрана, не да го гледаат сеирот, туку да го бранат сопственото достоинство, авторитет, чесност, совест, се обидуваат да се организираат партиски, надвор од циркуската сцена, надвор од постојните редови и кругови. Притоа, водејќи строго сметка да не им влезе ниту еден дилетант, фолирант или трабант.

Мислите дека ќе успеат? Лично не верувам, макар што им ја признавам досетката како таква: партиски да егзистираат и функционираат исклучиво со членарина, а не на пример со донации, фондации, медиумски перални и сл. Симболична. Се занесуваат „со стотка во кривина“?