Потребно време за читање: 16 минути

XXXVIII Дамјан од Истин за смртта

Дамјан од Истин нерадо и многу ретко зборува за смртта. Има своја дефиниција за неа, ми ја има кажано, но одбегнува да ја мисли. Особено кога е збор за ближен, познајник или некој што го познавал. Не знам зошто така, а ништо не ми докажува неговата согласност дека смртта е долго болна и незаборавна само за оној што споделувал со умрениот или умрената дел од својот живот. Сосе мислата на некои мислители дека и смртта е дел од животот. „Дообјаснувајќи“ дека таа како дел од животот се живее, преживува или живурка.

Дамјан од Истин ми ја кажа својата дефиниција за смртта кога загрижено и прилично луто го предупредив дека треба многу да внимава по доживеаните мозочни удари и да биде среќен што ги преживеал без посериозни последици. (Обајцата го сметавме баш за несериозно тоа што тешко изговараше подолги зборови и брзо се заморуваше при подолго зборење.) Без размислување. Очигледно беше дека си ја поставил одамна:

„Смртта за едни е крај на животот, а за други негово продолжение. Крај е за оние на кои животот им бил неживот или живуркале откога заживеале, а продолжение ако создале нешто што ќе трае долго или се смета дека е безвремено. Притоа, треба да се прави разлика меѓу неживот и смрт, како и меѓу создаденото и создавањето. Неживотот е безвреден живот, сеедно во самост или во заедница, смртта физичко исчезнување или одење во неврат, создаденото може, но не мора да трае долго, а создавањето е по дифолт безвремено, дел од незаборавот…Победа над смртта? Може само до мигот на нејзиното настапување. Ослободување? Може само од болка“.

А еднаш, зборувајќи за смртта како суштина на постоењето, со неа го поистовети незаборавниот спомен на Катина Ангелова:

-Сум ти раскажал дека беше најнеубава од сите што сум ги имал, а бракот со неа ми траеше цели шест години. Со која се согласував буквално во сè. Љубовта ни беше стварно голема. Обајцата сакавме да имаме и своја рожба, но…Таа мигум исчезна. Токму кога решив да ја побарам, од неа добив кратка писмена порака, по пошта, без адреса, град, држава од каде е испратена: „Не ме барај. Готово е со нас. Доста беше моја, твоја и наша мимикрија“. Е тоа-нејзиното исчезнување беше и моја и нејзина и наша смрт. Моја зашто ми беше голема љубов, нејзина дека за неа шестгодишната заедничика живеачка била мимикрија, а наша бидејќи животот всушност не ни бил неживот, туку долго умирање, сè до мигновена смрт како нејзино физичко исчезнување. Можам да речам и непреболно.

Се обидов да дадам свое „психолошко“ толкување:

-Ти така си го прифатил нејзиното исчезнување зашто останала или таа просто ја пресекла заедничката желба да имате своја рожба.

Тој:

-Како да не! Нема врска!…Како не разбираш?!…Таа е можеби уште жива, ама за мене, во мене и во мојот спомен мртва откога исчезна ненадејно…Не разбираш зашто не можеш да посведочиш за таква смрт!  

Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин 

1. Идентитетот не се гарантира, туку се богати и брани!

Неколку општопознати нафрлоци за идентитетот воопшто и за националниот идентитет  посебно, а кои може да се прочитаат во секоја општа енциклопедија или во бројни текстови на Интернет:

Посочувајќи на „основната поделба“ на личен и колективен идентитет, многумина учени, признати авторитети за ова прашање најнапред потенцираат дека поимот на идентитетот е мошне сложен. Тој пред сè подразбира потврда на зрелоста на личноста, односно зрелоста на колективитетот (со сопствено својство). Едноставно, единката е суштество на природниот свет (или дело на Бога), а личноста е она што мора да се изгради (преку воспитание, образование, социјализација, и тоа како „бескраен“ процес).

Зборот идентитет доаѓа од латинскиот јазик и значи исто, но не во смисла на некое повторување, туку на истоветност. Со други зборови, станува збор за својство кое човекот го има и кога се формира на него се придржува.

Личноста ја одржуваат знаењето и искуството. Од нејзиниот капацитет  зависат промените, нивното прифаќање, прилагодување, но и сопствената надградба.

Темелен идентитет е личниот. Оние што го немаат, немаат никаков! А токму преку него се гледа што уште може да се создаде или што може да се покаже од другите идентитети (постојат повеќе видови). Личниот идентитет е мера на сите идентитети.

Главната препознатлива карактеристика на личниот идентитет е доследноста, и тоа во битните ставови. Филозофот Лешек Колаковски има напишано есеј под наслов „Пофалба на недоследноста“, во кој потенцира дека луѓето кои би биле доследни во сите детали на животот би биле мошне опасни. Таквите, кога ќе фатат некоја позиција за да организираат нечиј живот, а потоа се држат до таа доследност, стануваат неупотребливи. Од едноставна причина што, познато е, искуството и новите знаења ги менуваат луѓето.

Втора карактеристика на идентитетот е предвидливоста. Постои изрека која најконцизно ја изразува: „Она што го мисли, тоа го зборува, а по тоа што го зборува-тоа и го прави“. Познато е дека се опасни оние луѓе кои едно мислат, друго зборуваат, а трето прават. Во тоа е опасноста на предвидливоста.

Кај личниот идентитет секогаш треба да се разликува промена на личноста од она што се нарекува промена во личноста. Оној што врши промена во личноста се прилагодува на новите околности и е подготвен за „модернизација“. Оној што не го прави тоа или не може да го прави (со оглед на ограничениот капацитет), останува во традиционалните начини на живот.

Според психолозите, прашањето на идентитетот е прашање на негово чувствување. Имено, кај некого постои психолошко чувство дека се разликува од другите и таа разлика на некој начин ја прави специфична.

Социолозите, пак, идентитетот го разбираат како идентификација која доведува до поистоветување со некоја група (национална, религиска, политичка, партиска). Во тоа поистоветување тие посочуваат на опасноста од целосно губење на идентитетот.

Филозофски, идентитетот се разбира според прашањето кој е човекот и во што се разликува од сите други суштества, а теолошкото прашање за него се поставува како прашање на поистоветување со најдобрите свои можности и она што го поседувате во однос на Бог (кој е симболичка мера).

Постојат повеќе колективни идентитети: историски, биолошки, културен… На пример, обележјата на културниот би биле заедничките симболи, заедничкиот систем на вредности, начинот на живот. Некои сметаат дека суштествен е демократскиот идентитет (демократска личност), кој според Харолд Васер е човек што е демократ и како личност на демократ поседува отворено его (прифатлив, има став спрема сè она што е друго и поинакво), но поседува и способност со другите да ги дели вредностите, пред сè универзалните (оние според кои ги мериме нашите поединечни и посебни вредности-„прочуените“ осум: вистина, правда, добро, љубов, убавина, солидарност, слобода и човечко достоинство).

Личниот и колективниот ги вмрежува граѓанскиот идентитет. Граѓанинот е човек што на некој начин добро го вкомпонирал својот личен идентитет, кој никогаш не го губи, никогаш не се идентификува со која било група, а притоа да ги изгуби своите својства. Тој може да има силно национално чувство, но никого да не опоменува поради тоа, дека е тоа негова приватна работа; потоа да има силно религиско чувство што треба да се почитува, а никому не му се заканува поради тоа, ниту опоменува. Можеби е најважно дека граѓанскиот идентитет има во себе и дел од тн. Политички-припаѓање на различни политички групи-политички партии, движења, разни форми на здружување на луѓето. Во таа смисла е тешко да се изгради бидејќи всушност станува збор за едно вмрежување на идентитетот.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XVI, роман

Содржината на граѓанскиот идентитет ја сочинуваат слободите, правата и должностите. Постојат две слободи: едната е слободата на мислење, а другата слободата на движење. Слободата на мислењето е само дел од слободата, меѓу другото и во политичка смисла.

Колку граѓанскиот идентитет е важен, зборува и тоа дека оној што го има изградено лесно ги прифаќа новите идентитети-на пример регионалните, затоа што ги носи тие оклопи и со нив лесно се спогодува, потоа  континенталните (европски идентитет; треба да се истакне дека тој не е никаков „надидентитет“, туку „мета-идентитет“; имате идентитети и уште еден, што во основа значи богатење на сопствениот).

Веќе спомнав, кога е збор за колективните идентитети некои авторитети сметаат дека нивното време денес во светот завршува. Влегуваме во тн. постнационално доба, во една транснационализација на идентитетотво доба на индивидуален идентитет (нацијата е секундарен идентитет). Тоа најдиректно се поврзува со фиксациите на национална држава што во суштина е ригидна спрема какви било достоинства, а пред сè социјалните кои се цел на секое нормално општество. Во тој контекст тие ја поставуваат потребата од редефинирање на „знамето на француската буржоаска револуција“, познатото „единство, братство и слобода“. Новите пораки треба да бидат „различност, доверба и солидарност“. Образложуваат дека приказната за почитување на различностите, довербата и солидарноста е приказна во која секој човек има потреба да го добие тој вид на „импулс“ на средината, на заедницата и на општството во кое живее и работи.

Во врска со идентитетот, постои еден термин кој сè повеќе се (зло)употребува и кај нас: мултикултурализам. Го споделувам ставот на оние мислечки луѓе дека тој на Балканот сè уште не е можен, во своето суштинско значење. Главната причина е дека национите, партикуларните егзистенции не биле рамноправни, па не можеле да го воспостават. Посочувам и на сегрегацијатакако форма на мултикултурноста. Од неа произлегува нешто што се означува како некаква агресивна мултикултурност која ја поништува самата суштина на културалноста.

Моја заложба е интеркултурност. Нејзината супштина е допири на култури, како вредност во некоја заемност која се почитува и која се вреднува. Од аспект на вредностите, сите култури според она што го носат не се еднакви, но мора да се воспостави комуникација помеѓу нив.

Што се однесува на Македонија, нужно е да се посвети посебно внимание на тн. етничкиодносно национален идентитет. Имено, познато е дека во однос на припаѓањето на поединецот или на група најпрво се поставува етничкото потекло, особено кога процесот на социјализација и еманципација е „подзапрен“ на етносот; кога желбите, стремежите, па и севкупниот живот се ставени во служба на етничката заедница. Тој е производ на социјализација многу повеќе отколку некои други колективни идентитети. Се смета дека на човекот му е даден по раѓање, што значи дека нема слобода на избор, дури и кога поединецот се наоѓа просторно оддалечен од главната етничка група (матица, заедница).

Низ националниот идентитет од него постојано се бара да ја открива својата култура, да сознава и памети „кои сме“ биле во минатото и во сегашното опкружување, да се пронаоѓа себеси и своето место во тоа, да се самосознава и самоодредува. Некогаш тоа е долг процес, не е секогаш без тешкотии и за поединецот и за нацијата, а предизвикува појава на национална хомогенизација. При што поединци се одрекуваат од сопствената индивидуалност, специфичност, самобитност, слобода и духовност во име на колективниот, националниот идентитет. Тие се подготвени да ги потиснат сите други форми на колективна идентификација во корист на нацијата, но тоа го бараат и од другите припадници на својата нација.

Важно е да се спомне дека националниот идентитет може да егзистира без национализам. Тогаш тој е традиција која не го притиска и не го ограничува поединецот.

Проблем е оспорувањето на македонскиот национален, но и историскиот, културниот и јазичниот идентитет од страна на Грција и источниот сосед Бугарија.

Постоењето на тие македонски идентитет не треба да се „гарантираат“туку да се бранат со силата на аргументот. Не со аргументот на силата. А тоа значи дека за нив нема расправа, нема преиспитување, не се поставуваат како предуслов или услов за што било (колнкретно за евроинтеграција на Македонија). Ниту треба и може некој да ги „цементира“.

2. Западна цивилизација-Западна декаденција

Долга низа години, повеќе децении, уште од времето на кризата на идеолошката биполарност на светот, па сè до денес („модерен капитализам“ или капиталистичи неолиберализам-самоуправен социјализам како „прва фаза“ на „модерен комунизам“) бројни современи филозофи, економисти, историчари, научници од најрзлични профили, аналитичари на општествените промени итн. промислуваат и укажуваат на сериозни тектонски, за човештвото судбински потреси кои дури го загрозуваат постоењето на човештвото. Едни тоа го нарекуваат „судир на цивилизациите“, други „доближување на Западот и Истокот“, трети „глобализам“ наспроти или наспоредно со „регионализмот“ и „локализмот“. Не е мал и бројот на оние што сè подведуваат под еден „прост“ заеднички именител-„модерно време“.

Поводот за насловот и воведниве реченици е една мошне сериозна, загрижувачка криминогена појава во светот и кај нас; која е дел од некритичкото воспримање на сè од развиениот западен свет, а противв што токму тој свет веќе води жестока битка. Македонија, пак, со неа штотуку почнува да се соочува, со сè почести откривања на „случаи“: педофилијата.

Најнапред, терминот „Запад“-„развиен Запад“ во колоквијалниот говор често се користи како одредница за тн. „Западна цивилизација“, всушност тоа се Западна Европа и Северна Америка. „Судирот на цивилизациите“ („Западна“ и „Источна“), пак, мошне сериозно и инспиративно го опиша и објасни Сeмјуел Хантингтон уште во 1993. година во својата студија токму под тој наслов. Неговата веќе славна теза е: идеологијата (комунизам, фашизам или капитализам) или економската добивка повеќе нема да бидат основни причини за идните конфликти во светот, „националните држави ќе останат најмоќните протагонисти во светските работи, но судирот на цивилизациите ќе биде основната линија на битката во идннната“.

Тој објаснува:

„Цивилизациите меѓусебно се разликуваат според историјата, јазикот, културата, традицијата и, што е уште поважно, религијата. Припадниците на различни цивилизации различно гледаат на односите меѓу богот и човекот, поединецот и групата, граѓанинот и државата, родителите и децата, мажот и жената, а исто така имаат и различни погледи на релативната важост на правото и одговорноста, слободата и власта, еднаквоста и хиерархијата. Тие разлики се производ на вековите. Тие нема наскоро да исчезнат. Тие се пофундаментални отколку разликите помеѓу политичките идеологии и политичките режими“.

Кусо објаснение:

Во денешниот свет постојат различни цивилизации, но се изделуваат три: западната, исламската и кинеската. Во еден свој есеј, Вилјем Монтгомери потенцира дека втората и третата имаат мошне различни карактеристики, „но делат и заедничка желба за почитување, бараат да бидат третирани како важни играчи во меѓународната заедница и не се подготвени да го прифатат нашиот (мисли на западниот-заб.м.) систем на вредности“. Мошне важна е неговата согледба дека нивниот подем доаѓа во момент кога западната цивилизација го достигна својот врв и полека оди надолу. Тоа го поткрепува со неколку процеси, факти и реални предвидувања:

-во 2020. година западни Европјани и Северноамериканци заедно се 9%. година, а повеќе од 56% Азијати;

-опаѓа процентот на Западот во светската економија, а на Азија забрзано расте.

Во наредните децении останатите цивилизации ќе бараат да се променат и меѓународните системи што ги постави Западот. Притоа, повикувајќи се токму на спомнатото дело на Хантигтон, поточно на една негова мошне важна поента, тој вели:

„Ние на Западот поверувавме, наивно или арогантно, дека нашата култура, вредностите и идеологијата се универзални и оти треба да бидат прифатени ширум светот. Кога тоа еднаш ќе се случи, според нашето мислење, буквално сè ќе биде правилно во светот. Ние ја формиравме нашата надворешна политика во голема мера на тоа убедување. Соединетите Држави секоја година објавуваат Извештај за состојбата со човековите права во секоја земја во светот. Ние формиравме заедница на демократиите. Ние го покренавме концептот „демократиите не војуваат меѓусебно“ и слични идеи со концепт дека светот порано или подоцна ќе го прифати нашиот модел“.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXIV, роман

И го цитира:

„Западните идеи на индивидуализмот, либерализмот, конституционализмот, човековите права, еднаквоста, слободата, владеењето на законот, демократијата, слободниот пазар, раздвојувањето на црквата и државата, често имаат одеци во исламските, конфучијанските, јапонските, хинду, будистичките и православните култури“,

за да заклучи:

„По векот на западната доминација, сега влегуваме во време кога ќе постои мултиполарен свет во смисла на цивилизации. Веќе нема да биде доминантен еден модел. Колку побрзо нашите лидери го прегрнат тој концепт и длабоките импликации на тоа како да им пријдеме на тие цивилизации, ќе биде подобро за сите нас. Но, тоа ќе бара и прифаќање дека нашите базични принципи всушност не се универзални вистини кои мораат да владеат каде било во светот“.

Кај нас-во Македонија стана „модерно“ и „задолжително“ секоја власт, секоја партија да го потенцира „консензусот“ за „евро-атлантско интегрирање“, при што се подразбира „голото“ членство во ЕУ и НАТО. Се разбира, сметајќи пред сè на „благодатите“ што ги носи тоа, најмногу на економски и безбедносен план. Се манипулира со тоа што нашата држава е безбедна со членството во НАТО, а како членка на ЕУ ќе ни се отворат сите нејзини „вентили“ и со тоа земјата ќе тргне во „невиден“ прогрес.

Исто така, сосема погрешно се толкува терминот „европеизација“. Дури, еден екс-прмиер искажа „непоколеблива амбиција“ да го „европеизира“ народот, што претставува ступидарија од највисок вид. Токму за неа-за „европеизацијата“ или поточно за „човекот на Европа“ можам да приведам бројни студии на големи мислечки луѓе, компетентни анализи и дефиниции. Но, мислам дека ќе биде доволно да цитирам две гледишта од есејот на Карл Попер за судирот на културите, од неговата книга „Човек на Европа“.

(Треба да се имаат предвид неговите, како на многумина други, сосема погрешни ставови за специфичноста и потеклото на европската односно западната цивилизација-дека е таа изведена од грчката која, како единствен „феномен“, настанала од судирот на кулурите на источното Средоземно море-„првиот голем судир на источните и западните култури“; па уште и дека со Хомер тој станал лајтмотив на грчката литература и литературата на западниот свет (!); особено за „грчката култура“ како единствена која по судирот ја презела римската, а која потоа по многубројните судири, особено со арапската, повторно оживеала во ренесансата, западната култура, цивилизацијата на Европа и Америка; за на крајот, во натамошните судири, да ги измени сите други култури на земјата-што претставува голема небулоза, па и нонсенс. Овие ставови би биле мошне валидни кога Попер наместо за грчка би зборувал за македонска култура.)

„Ние, денес, на ист начин воочуваме дека и големата идеја на државата на благосостојба има свои граници. Таа покажува дека е опасно на човекот да му се одземе одговорноста за своите блиски. Напротив, можеби во многу случаи е погубно на младите луѓе да им се олесни животната борба. Се чини дека со укинување на непосредната лична одговорност и животот за некои ја губи смислата.

На човековото општество му е потребен мир, но нему исто така му се потребни вистински идеални судири: на вредности, на идеи за кои би се бореле. Ние во нашето западно општество научивме-ние тоа го научивме од Грците-дека ништо добро не може да се постигне со мечеви, туку е далеку подобро и потрајно со зборови и, најдобро, со разумни аргументи“.

Ако некој смета дека досега изнесеното нема ниту далечна врска со конкретниот криминоген повод (една од многубројните западни декаденции)-педофилијата, нека го прочита уште еднаш (се разбирајќи, имајќи го предвид и поширокиот контекст).

Што е педофилија?

Стручно:

Полова настраност, т. сексуална наклонетост спрема деца од ист или спротивен пол. Се смета дека педофилите се со благи и нежни лица, а на својот сексуален објект му приоѓаат внимателно. Често се однесуваат онака како што спрема нив се однесувале во детството, несвесно вљубени во себе-нарцизмот. Најопасен облик на педофилија е обидот за пенетрација затоа што таа предизвикува оштетувања. Сепак, најважно за неа е дека спаѓа во најчестите облици на пореметување на личноста.

Сексуалното злоставување на деца претставува кој било вид на експлоатација на деца помлади од 16 години, а со цел сексуално задоволување на постаро лице. Тоа опфаќа телефонски разговори, покажување на скриени делови на телото, милување, снимање на порнографски фотографии, обид за извршување сексуален однос, инцест, силување, детска проституција.

Девојчињата се 5 пати повеќе жртви од момчињата.

Интересна согледба:

Повеќето злоставувачи се мажи, и тоа на деца на познато лице. Ретко користат сила, многу повеќе наговарање и поткупување. Силувањето е травматски чин кој оневозможува нормален развој на сексуалноста.

Инцестот е сексуална експлоатација од страна на семејството. Претставува најголем травматски чин кој оневозможува развој на нормална психосексуалност.

И една тема која кај нас сè уште не се „експлоатира“, што не значи дека не е прифатена и не се шири поинтензивно (како „подвид“ на „придобивките“ на западната декаденција)-веќе се регистрирани неколку „случаи“: педофилија на Интернет.

Пак пренесувам стручно мислење:

Таа влегува во категоријата на организиран криминал, па веќе според својата дефиниција никако не завршува на поединечни случаи. Ниту, пак, може да се сведе на активно и фактичко поседување фотографии на деца кои ги злоупотребуваат извршители на ова кривично дело.

Најважно од сè за педофилијата воопшто и на Интернет посебно:

Нужни се висока техничка опременост и меѓуагенциска соработка во сузбивањето на ова дело. Потребна е соработка не само во примената на Кривичниот законик, туку и помеѓу Владата, меѓувладините организации (Уницеф, Интерпол, Европол…), различните агенции кои го спроведуваат владеењето на правото, но и приватниот сектор; Интернет провајдерите одговорни за web страниците кои ги одобриле, агенциите кои се занимаваат со адвертајзинг, компаниите кои издаваат кредитни картички и имаат увид за кои цели се извршени трансакциите; софтвер компаниите преку кои се врши „download“ на порнографијата со фотографии на деца и туристичките агенции кои можат да бидат учеснички во „секс-туризмот“.

Според некои сериозни аналитичари, на античкиот период на Грција (во нејзините вистински граници, не сегашните) токму педофилијата, заедно со хомосексуалноста, била една од главните причини за „цивилизациската“ пропаст.

Колку што современиот свет, пред сè Западот се бори против педофилијата, толку таа сè повеќе се шири, особено на Интернет.

Западна декаденција par excellence.

3. Бизнис и политика-политика и бизнис

Нема да откријам ништо ново и непознато ако констатирам дека токму поради „вториот дел“ од насловов севкупната состојба во нашава држава е таква каква што е-никаква. Не помогнаа ниту „фингираните“, „разубавуваните“ бројки за постигањата во изминатиот период, а кои народот „само што не ги почувствувал“. Нераскинливата врска меѓу бизнисот и политиката и кај нас, како впрочем и во сиот бизнисменски свет, дава различни резултати во зависност од „редоследот“: позитивни-високи кога станува збор за бизнис и политика, а негативни, дури катастрофални (како кај нас) кога е збор за политика и бизнис.

Зошто е кај нас политика и бизнис, а не бизнис и политика? Затоа што бизнисот кај нас го (рако)водат и раководат политиканти, а не вистински бизнисмени. Да бидам попрецизен, го (рако)водат полит-бизнис олигарси на кои, сосема нормално, не им може никој ништо. Меѓу другото, затоа што и меѓу себе се „онадат“.

Кога бизнисот би го воделе вистински бизнисмени, би биле свесни за сопствената моќ, способност, знаење, стручност, искуство итн., па најнапред тие би ги оценувале предизборните заложби на партиите кои се борат за власт.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXVI

На вистинските бизнисмени им требаат политичари кои ќе работат на јакнење на државата на секој план, собено на нејзино богатење. Не дозволувајќи нејзино постојано осиромашување. Затоа што тие најдобро знаат дека нема успешен, голем, моќен бизнис во слаба, сиромашна и страдална држава.

Да, сè додека бизнисот и политиката не бидат алфа и омега на нашето севкупно живеење, работење и дејствување, а не политиката и бизнисот, Македонија и сите ние во неа ќе бидеме и ќе останеме ова што сме-слаби, сиромашни и страдални.

4. И Македонија со нуклеарна централа?

Дали сте „за“ или „против“ нуклеарните централи?- е прашање кое постојано се поставува, се проверува во секоја земја штом ќе се спомне нејзина можна изградба. Одговорите се одамна познати: „за“ се главно енергетичарите кои ги потенцираат позитивните страни, пред сè производството на евтина електрична енергија, а „против“ најчесто еколозоите поради нуклеарниот отпад кој претставува придружен и постојан проблем, но и од можните хаварии со катастрофални последици. Треба да се има предвид и укажувањето дека нивната изградба е многу скапа.

Се разбира, вистинскиот одговор е некаде на средината, но треба да се има предвид фактот дека сите земји што ги немаат веќе се соочуваат и допрва ќе се соочат со „горештиот“ проблем-недостиг на струја. За чиј увоз (токму од „нуклеаризираните“) ќе плаќаат сè поголема цена.

Некои потврдени состојби, сознанија, согледби, проценки, оценки:

Во овој момент секој трет киловатчас во Европа се добива од нуклеарни електрани, а се прогнозира дека најмногу за 50 години секој дом на Земјата ќе биде осветлен со сијалица на атомски погон. Се посочува на податокот дека 16% од вкупната електрична енергија во светот се произведува во нуклеарки. Уште една, за некои можеби и запрепастувачка но реална проценка: до 2050. година во светот годишно ќе се градат во просек 32 атомски централи! Или вкупно, до таа година ќе има 1.280 нови.

Нуклеарките се враќаат во светската енергетика на голема врата. Поборниците укажуваат на фактот дека атомите се единствениот излез од енергетскиот недостиг, за успешно справување со цените на нафтата (вртоглав скок, па забрзан, дури неверојатен пад, моментна стабилизација, но и знаци или најави за повторно зголемување) и против загадувањето што го прават другите извори на енергија.

Постојат главно 3 предности на нуклеарната енергија: таа е најевтина, предизвикува најмалку еколошки проблеми и има најмногу суровини.

Една дилема: има ли доволно уран за сите?

Во однос на светските резерви, го има доволно. Се смета дека оние што е лесно да се експлоатираат се „на располагање“ во наредните 55 години. Се работи за резерви на класата А, детално испитани, а ако се вклучат и „можните“ резерви, ќе го има доволно за наредните 200 години.

Во однос на ефикасното искористување, брзите реактори, тн. бридери искористуваат 60% (испробани се во Франција и Русија), а САД развиваат уште поефикасни-со искористување на дури 75% од енергијата на уранот. Стручњаците пресметаа дека до ваква ефикасност рудите на уран, кои се сега расположливи во светот, би биле доволни за наредните 8.000 години! 

Постои проблем кој веројатно наскоро ќе биде решен: овие реактори користат плутониум, па затоа се сè уште под ембарго поради големата токсичност на овој метал што се издвојува од веќе искористеното гориво во нуклеарките.

Мошне важни се периодот на изградбата и цената. Според некои проценки, изградбата трае од 5 до 10 години. Податоци на Меѓународната агенција за енергетика (IAEA): 1 киловатчас од нуклеарка чини 1,72 евроценти, од електрана на јаглен 2,21 цент и на гас 7,51 цент. За изградба на нуклеарка од 1 мегават, пак, се неопходни 2 милиона долара-за блок од 1.000 мегавати 2 милијарди. За споредба, за термоелектрана од 1 мегават се потребни 1,5 милиони и за мегават гасна електрана сенасе 800.000 долари.

Познати се „шансите“ за градба. Имено, обезбедувањето кредити не е многу тешко, а 95% од опремата се обезбедува со увоз од земји кои повторно ја вработуваат својата нуклеарна индустрија. Отплатата се врши според системот 82% од извозот од производството на нуклеарката да оди во странство, на оној што ќе го избере финансиерот, а 18% му остануваат на домаќинот на нуклеарката. Така во следните 20 години. Нејзиниот работен век е 30 години, а демонтажата подразбира најопасниот-радиоактивниот отпад да остане во земјата „домаќин“. Поконкретно, искористените горивни шипки, кога ќе се потрошат, мораат да му се вратат на оној што ги продал, за од нив да ги извлече потребните изотопи за атомско оружје, а потоа „домаќинот“ би морал да ги прими назад и да ги складира во својата земја.

Од не помала важност е управувањето со нуклеарката, односно потребните кадри. За една е потребна екипа од 300 до 400 луѓе, а за создавање на таков тим од 10 до 15 години.

Кога Македонија би се решила да гради нуклеарна централа во Македонија, инаку предвидена во Националната енергетска стратегија изработена од Македонската академија на науките и уметностите, локацијата најверојатно би била во Мариово затоа што тој терен е многу поволен и од сеизмички и од аспект на населеност. Се проценува дека таа би чинела околу 3 милијарди евра (заедно со „придружните“ инвестиции во енергетскиот систем).

5. Неподнослива леснотија на живуркање

На оние што живеат и работат во главниот град на Република Македонија Скопје не им се потребни никакви истражувања за да „дознаат“ колку е тој несоодветен за живеење или е урбана средина во вистинската смисла на зборот. Станува збор за рангирање според квалитетот на животот. Што е тоа?

Квалитетот на животот е комплексна категорија, со многу мерливи индикатори. Меѓу нив најважни се општествените-стапката на разводи, криминалот, бројот на бремените кај тинејџерките, колку деца завршуват средно училиште итн. Всушност, сè она што го овозможува и поттикнува општствениот развој. Има и други критериуми, меѓу кои политичката и економската слобода и развој, социјалната заштита, здравствениот и образовниот систем, јавниот транспорт, комуналните дејности, еколошката состојба, личната сигурност, сообраќајот.

Има ли лошата или, поблаго речено, стагнантната состојба на развојот на Скопје, особено во подобрувањето на квалитетот на животот, со територијалната организација-поделеноста на 10 општини и проблематичното „обединувачко“ или „координирачко“ функционирање на „централното“ раководство? Се разбира дека има, имајќи го предвид токму квалитетот на животот кој воопшто не зависи од етничката поделба. „Општата“ нееднаквост на „централните општини“ и руралните населби „прилепени“ на Скопје сигурно долго нема да се надмине. На пример, кога се во прашање комуналните дејности, еколошката состојба, сообраќајот, но и финансиските, организационите, кадровските ресурси и нивното ефикасно, поточно модерно функционирање (дигиталното пред сè).

Со децении словенечкикот главен град Љубљана, збратимен со Скопје, е најдобро рангиран град во регионот. Љубљана е поделена на 17 квартовски заедници и не постои паралелно дејствување во кое еден ќе попречува друг. Нив ги финансира општината, а тие се нејзина база. Имајќи го тоа предвид, експертите  инсистираат Скопје да го промени законот и односите помеѓу Градот и општините. Градот мора да има своја автономија при одлучувањето, како и постојан дотек на пари од државата. Зашто како заложник на државата или е на кој било начин исклучен од неа, не може да се развива успешно.

Светските метрополи се рангираат и според можен нов живот за сите. И тој содржи повеќе категории, како трошоците за живот, економската стабилност, културата, модата, здравјето, мeстата за излегувања, спортските случувања, забавата. Градовите за „нов живот“ нудат баланс меѓу космополитскиот и лагодниот живот, комбинирајќи ги сите култури, забавата и софистицираноста на реномираните дестинации.

Очекувано, според наведените критериуми Скопје не е ни меѓу „просечно можните“.