Потребно време за читање: 8 минути

XXXIII

Пристојна живеачка

Исказ на Гласномисленикот, Дамјан од Истин, за пристојната живеачка. Запишан од мене по негово почесто потенцирање во последно време:

„Пристојноста и непристојноста се во сè поголема меѓусебна спротивставеност. Би рекол и во сè пожесток меѓусебен судир. Тоа е лесно согледливо и кај нас и во светот. Веќе сум сигурен дека и државите и општествата допрва ќе се соочуваат со последиците од нивното недоволно внимание и ангажирање на овој проблем, а кои имааат и допрва ќе имаат несогледливи последици.

Интересно е дека таканаречениот обичен човек без многу размислување ги назначува и лесно ги конкретизира пристојната и непристојната живеачка. За разлика од социолозите на пример, особено од политичарите и властите. На првите им е некако најлесно да го истакнат нивното поимно значење-пристојноста како однесување според прифатени норми, пред сè на достигнатото културно ниво, а непристојноста спротивно или како противење на нив; додека политичарите и властите најчесто ги поистоветуваат со достаточноста на секој план, економско-социјалниот и културниот стандард на животот и граничноста на животните потреби. Некои пристојноста ја именуваат со прифатливост, притоа изедначувајќи ја со квалитетот на животот. Мислам дека тоа е  поради суштинско непознавање на квалитетот.

Според мене, не е потребна којзнае какво проблематизирање на пристојниот живот. Ниту продлабочено размислување. Од проста причина што е практично невозможно тој да се разграничи од непристојниот. И на индивидуален и на колективен план. На индивидуален доминираат достаточноста односно недостаточноста, всушност постојано наметнување на од ден на ден сè поголеми потреби, а што поттикнува своевидна потрошувачка психологија. На колективен план, пак, пред сите други се истакнуваат општествениот стандард и вредностите. Од меѓучовечките односи со право се изделуваат почитувањето, личното достоинство и еднаквоста…Нека е доста од мене“.

Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин 

1. Што е популизам?

„Наједноставна“ дефиниција на популизмот е дека е тој политичка ориентација која се стреми да привлече внимание и поддршка на што поголем број жители во една држава. Со него најчесто им се ветуваат нереални бенефиции на социјално загрозени групи, наспроти стварни економски и социјални интереси и развојни програми.

Во речникот на Француската академија популизмот е поим кој најнапред дефинирал нов правец во литературата од почетокот на 20-от век, кога некои писатели почнале да се занимаваат со народот и неговото секојдневје. Подоцна зборот добил значење на „додворување“ на најниските страсти на народот од страна на оние кои така доаѓале на власт или на неа се одржувале.

Политичарот е вистински популист ако му го дава правото на народот да одлучува кој да дојде на власт, притоа ветувајќи држава без странци, „владеење“ на референдум и слично.

Некои политиколози-аналитичари посочуваат дека проблемот со странците, конкретно омразата спрема нив стана и станува сè попопулистичка. Се наведуваат држави кои во голема мера се веќе „загрозени“: Швајцарија, Германија, Австрија, Италија, Шпанија, Португалија, Литванија, Грција.

Всушност, вистинскиот популизам (ниту евтин, ниту скап, ниту позитивен, ниту негативен) е со обратно значење од она што му се припишува. Тој би требало да биде систем на волја на народот односно нацијата во одлуките на власта. А е невозможен, освен ако исчезнат народот односно нацијата. За разлика од демократијата во која отсуствува одлучувањето на народот односно нацијата, пред сè затоа што својата волја им ја доверил на пратениците-избраници кои решаваат во негово име.

Во нашево совремие популизмот најчесто се прикажува како омраза само за да се дисквалификува главната опасност за оние што во името на лажната демократија седат во фотелјите. Па тој се третира како главно „орудие“ на политичките партии при неминовен пораз или развластување. Големите меѓу нив неретко и прибегнуваат кон предизвикување конфликт и употреба на сила.  

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XX, роман

2. Во име на…

Во новинарската професија неретко сум запирал пред дилемата дали некој настан, некое или нечие случување е дневно актуелно, што значи краткотрајно-„додека трае денот“ или, пак, се работи за актуелност со „долготрајна употреба“, односно со универзални-трајни значења, пораки, поуки, вредности…

За разлика од тн. дневна актуелност, без оглед дали е проследена, забележана, запишана или не, онаа за „долготрајна употреба“ најнапред се слуша или чита меѓу редови (доколку е тоа научено), а потоа се приложува на увид; се дава како пример секогаш кога ситуацијата на која се однесува во меѓувреме не се променила или не се менува; односно се реактуелизира кога „поправената“ одново ќе се влоши или ќе се врати на старата позиција.

А има и трето: дневната актуелност се „претвора“ во долготрајна (трае и трае) сè додека нема завршница или е „непријатна“ за навраќање на неа, а актерите, пред сè оние кои биле „решавачки фактор“ се прават наудрени, како воопшто да не се случила.

Секој нешто прави, преправа и доправа во име на некого или на некоја цел. На пример, со свое дело или активност придонесува за развојот на културата, творештвото, за афирмацијата на државата. Секој, освен досегашни, сегашни и сигурно поголемиот број идни наши политичари! Тие политизираат, дејствуваат и владеат во име на народот, а всушност исклучиво за лична корист или за корист- интерес на своите. „Вообичаено“ важи она: „Секоја чест на исклучоците кои само го потврдуваат правилото“.

Ако не беше и ако не е така, тогаш ние и нашава државичка немаше да бидеме на ова дереџе на кое што сме и на она на кое допрва ќе бидеме. Мислам на нашата реална бесперспективност.

Нашите политичари, пак, би требало да бидат исти како сите други, а особено како творците, создавачите на вредности: да прават, преправаат и доправаат, да создаваат во име на естетското, квалитетното, вредното, да придонесуваат за севкупниот развој и наша „светла“ иднина.

Зошто не се? Одамна се знае зошто. Затоа што не се политичари, туку обични политиканти, манипуланти, шмекери, мангупи, кариеристи, полит-бизнис олигарси. Со право или не, некои ги нарекуваат овци кои не можат без овчар! Навреда? Јас лично досега не сум чул и видел некој од нив навреден поради тоа.

Има „едни“ кои се многу важни кога би морале да прават, работат или судат во име на народот, но се одамна и сè уште сосема неважни, маргинални, ништожни. Затоа што тоа го прават „во име на горните“, оние над нив, оние што ги поставиле на „значајна“ функција. Не судат во име на народот, бидејќи се зависни, подобни и во континуитет ја „убиваат“ демократијата.

Ако во едно демократско општество најважна е јавноста, во сета нејзина комплексност, и ако во нејзиното креирање (не влијание) најважна улога има новинарството, тогаш нашето општество не може да се нарече демократско. Затоа што во име на народот му се суди на новинарството. Се разбира, на независното. Тоа, пак, досега многупати се покажа и докажа, не смее ниту да се посомнева во „чесноста“ на нашите полит-бизнис олигарси.

Примерот е „драстичен“. Oд една страна застрашувачки, а од друга трагикомичен: осуден независен македонски новинар затоа што во еден свој „опасен“ прилог се посомневал во некои наши полит-бизнис олигарси, па побарал да му се „помогне“ да ги отстрани сомнежите. Наместо тоа, на еден од „осомничените“ со „независна“ судска пресуда тој морал да му плати за „нанесена штета врз неговиот углед, реноме, чесност и чистота“, односно поради наводно неоснована, недокажана клевета.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXIII, роман

Примерот е загрижувачки, секако не единствен, затоа што се осуди еден од креаторите на јавното мислење, всушност на слободата на мислата, на  дејствувањето проследено со сомневање, на личната и „колективната“ демократија. А е трагикомичен поради тоталната „амнезија“ или „јас не сум одовде“-премолкот на новинарската фела! Што е само потврда дека таа е главно составена од „фабрички работници“ и „свирчиња“.

Осуден независен новинар? А кој му е виновен што е таков?!

3. Непрофесионално новинарство

Непрофесионалноста на македонско новинарство е загрижувачка, дури поинжувачка за новинарската професија.

По ред:

Недозволив е непрофесионалниот старт на младите новинари-почетници, а стопаните на медиумите не ни помислуваат да им ги препуштат на професионални и искусни, одговорни главни и „споредни“ уредници; заедно со специјално остручени медиумски менаџери. Да не го спомнувам нужното „советништво“ на новинарските „стари волци“ (со повеќедецениско искуство) кои се буквално отпишани и заборавени. Освен ако се сè уште активни, ако самите не се отпишуваат, а со своите анализи и коментари им прават големи „проблеми“ на „горните“ во политиката и бизнисот.

Сè уште го имаме апсурдот што го (вос)поставија македонските социјал- демократи; јас го издвојувам и како еден од нивните најголеми „гревови“ во името на демократијата, медиумската слобода и сè друго „бла- бла“: огромен, неподнослив број на медиуми од една, и сиромашна, еднолична, кај сите иста, безидејна програма-содржина од друга страна.

Деновиве „слатко-горчливо“ се изнасмеав кога на една македонска национална телевизија чув ваква најава:

„За спортските настани ќе ве информира нашиот експерт за спорт…“.

Настрана тоа што станува збор за еден релативно млад новинар, со не повеќе од десетина години новинарско искуство; новинарски едноличен, „блед“, што значи крајно стереотипен и бесперспективен. Ама она „новинарски експерт“…

Ако водителката, која се смета и ја сметаат за една од „водечките“ знае што е тоа експерт, сигурно немаше да тресне таква глупост и немаше да остане „жива-здрава“. А и „експертот“ по најавата ќе излезеше на малиот екран зацрвенет од срам и со два-три збора ќе ја корегираше својата најавувачка-колешка.

Треба ли да потсетувам на основното „значење“ на „експерт за спорт“? Не треба. Доволно е да прашате кој било спортски работник или спортист. Знам дека прво ќе ви каже дека таков-ескперт за спорт не постои, ниту се „произведува“, особено не „новинарски“. Постојат професори, тренери, селектори, педагози итн. за одделни спортови.

Во македонските медиуми, особено во електронските главниот проблем е новинарскиот непрофесионализам. Уште повеќе: инфантилната или никаква уредувачка политика, а што произлегува главно од него. Ако беше поинаку, ако во медиумите во кои се објавуваат констатации како цитираната има уредувачка политика, има одговорен уредник (одговорен!), истите веднаш би биле фрлени во новинарската корпа за отпадоци, а новинарите би се „спасиле“ од сеопшто мајтапење.

4. Првиот чекор кон европеизација

Што е со европеизацијата како „замена“ за транзицијата во Македонија од пред повеќе од три децении? Постои ли и која е разликата помеѓу нив, имајќи ја предвид пред сè еднаквоста помеѓу нив како процеси?

Кое е значењето на транзицијата? Таа не е ништо друго, освен премин-преодност. Во случајот на Македонија таа значи премин од едно општествено уредување во друго, при што најважна е „капитализацијата“ односно приватизацијата.

Дали треба да го бараме значењето на европеизацијата? Таа не значи ништо друго, освен прифаќање на европските стандарди на живеење, работење и дејствување.

Дилемата што ја поставувам во насловот на прилогов:

Ако досега, во сиот овој изминат период на транзиција нас-припадниците на македонскиот народ и малцинствата во Македонија и граѓани на македонското општество не нè европеизираа актуелната и претходните влади, како тоа изворот на сите проблеми да е во „неевропеизираноста“?! Што правеа и што ни прават?

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), VI, роман

Следствено:

Треба ли некој да одговара за изгубените години независност, транзиција и европеизација? Што е тоа индивидуална-лична, а што колективна-општа одговорност?

Судејќи според неевропските стандарди и нашата живеачка (огромна сиромаштија, огромна невработеност, урнисан систем на вредности итн.), но и на дејствување (јавно-демократија, слободи, заштита на човековите права, и бизнисменско-најгруб вид кражба на општествениот имот, корупција, криминал), па и на однесување (култура на живеењето), одговорноста не може да биде индивидуална. Или мора?

Прифаќањето и прилагодувањето на евро-стандардите е најпрвин услов без кој не се може од формален аспект-членство во Европската унија. Едноставно, тоа значи да живееш европски живот (европеизиран) во европска држава (правно функционална и ефикасна), и тоа според животните и работните стандарди што владеат во земјите членки на ЕУ.

Нашата европеизација не оди и нема да оди лесно затоа што најпрвин треба да се европеизираме сами. Како единствена обврска!

Ќе укажам на едно од повеќето круцијални „нешта“ кои мораме „итно“ да ги промениме: прогласувањето на секоја изборна победа како „победа на Македонија“ (ниту макар „за“), и тоа единствено како освојување на власта. Притоа, таквата победа извојувана на „договорени“, најмалку фер и демократски избори!

5. Древноста наспроти дребноста

Што сè знаеме за Хунзите?

Тие живеат на Хималаите и себеси се сметаат за Македонци и потомци на Александар Македонски, а тоа од колено на колено го пренесуваат 23 века. Зборуваат јазик кој се нарекува бурушески. Според лингвистот Д-р Илија Чашуле, тој е директен наследник на јазикот на древниот македонски народ Бриги, односно дека тие се потомци на Бригите. Единствени го зборуваат овој јазик, кој од многу светски лингвисти се смета за „изолат“; значи не го говори никој друг на планетава. Бригите се јадрото на древниот македонски народ и јадрото на фалангата на Александар Македонски.

Хунзите имаат многу сличности со Македонците. Во јазикот се присутни слични и исти зборови, имаат сличен фолклор, а кај двата народа во музиката го има карактеристичниот седум-осмински такт. Имаат бел тен и најчесто сини очи. Познати се според долговечноста и високата стапка на писменост.

Живеат на најисточната точка на некогашното Кралство на Александар Македонски.

Денес во земјата, која според државното уредување е принципат под администрација на Пакистан, некогашна Персија, живеат околу 50.000 Хунзи.

Хунзите се цивилизиран и образован народ. Зборуваат англиски јазик. Принцот, со титула Мир, е духовен и политички водач на народот. Титулата се наследува по раѓање-таа е семејно наследство.

Во текст на Интернет, чиј автор е Паул Рафаеле, (види: http://www.arka.com.ba/) се наведува дека англискиот истражувач Колонел Р. Шомберг во 1933. година тргнал на исцрпувачко патување кон местото каде што се наоѓа утврдувањето на племето Хунза, а низ соседното подрачје Нагар. Тамошниот владетел-Мир бил мошне горд на тоа што води потекло од Александар.

Цитат:

„Имено, уште на прв поглед е очигледно дека тие во целост се разликуваат од црномурестите Пакистанци во низините. Со црвени образи и светол тен многумина од 50.000 Хунзи имаат сини, зелени или сиви очи; а бојата на косата им е пченкарно жолта до гавран-црна. Некои млади имаат кадраво-црвена коса и пеги на лицето, Но, речено ми е дека уште подлабоко, во внатрешноста на планините, живее едно друго племе, Калаши (Kalash), чија сличност со нивните веројатни предци (?!) е изненадувачка во уште поголема мера“.

Песните што ги пеат Калашите се слични на оние старинските за кои се знае дека се пеат во Егејска Македонија, а и нивниот танц во ората потсетува на танцот на Македонците.