Потребно време за читање: 10 минути

XLIII Заклучувам

Дефинитивно, Колумнистот-Гласномисленикот Дамјан од Истин, мислителот и творецот Дамјан Истиноски и мојот најблизок пријател самотник Дамјан беше, е, можеби е и можеби веќе не е. Како за кого.

Според мене, ако ги имам предвид сите предвидени ситуации од вчера со денес, како и непредвидлите собитија за утре сосе утрешни, тој беше за секого кому неговото минато му е нераскинливо поврзано со опстанокот на човекот во свој свет.

Секако е, доколку не се заборава на неговото секојдневје во најголема мера исполнето со баналности, излитености, маргиналности, стереотипи и дребнавости. Кои во сечиј живот значат некаков континуитет на самотничко опстојување со недокажлива безличност.

Можеби е, со оглед на релативноста и времененоста на смислата на родството кога претежнува минливоста.

Можеби веќе не е, ако се согледаат сите причини и последици на делата и трагите што ги остава човекот зад својот живот, изминат низ недоброј премрежиња, оптоварен со разноразни неизвесности, завршен како да траел предвидливо.

Дефинитивно, Колумнистот-Гласномисленикот Дамјан од Истин е еден од оние мои најблиски пријатели кои или успеваат да му се претстават на живиот свет како обични ангажирани личноси кои не можат да останат рамнодушни пред сите состојби и процеси; кои го насочуваат постоењето на единката во заеднца на различни природи и карактери. Па реагираат спонтано, промислено или не, неретко возбудливо, неретко невротично, неретко контролирано рамнодушно. Притоа, воопшто не водат сметка за искажаното и недоискажаното, ниту за доследноста на сопствената замисла или цел. Некогаш со очигледно намерна површност, некогаш со основно или темелно знаење, а некогаш само како вообичаена реакција на незадоволници чии секојдневја се движат меѓу живородната егзистенција и животворната самосвест.

Дефинитивно, мислителот и творецот Дамјан Истиноски остави автентично обемно книжевно творештво кое, судејќи според оставеното завештание, тешко дека ќе опстане самостојно како премолчено. Особено не како влијателно врз сегашните и идните книжевни наследства.

Дефинитивно, јас како негов единствен придружник на неговиот пат бев, сум, можеби сум и можеби веќе не сум. Како за кого.        

Од колумните (поентите)     
на Дамјан од Истин 

1.Слободен и независен

Можеби најпрецизна и најсублимна дефиниција на слободата на современиот човек: таа е нужност, таа е борба, таа е цел, таа е суштина на неговото постоење.

Имено, слободата „сама по себе“ е одамна „заборавена“, поточно надмината како врзување од други, а европскиот дух и процес односно „европеизацијата“ го научи граѓанинот, му ја наметна нужноста од борба против врзување за други (доброволно, не принудно).

Нужна напомена:

„Врзувањето од“ и „врзувањето за“ е основниот „партиски“ проблем кога станува збор за независност  во денешна европска смисла на зборот. Исто како и во однос на слободата, одамна е напуштено нејзиното „толкување“ како колективна, национална, државна независност (сувереност). Од проста причина што таа се подразбира како идентитет, култура, традиција, вредност односно различност (единство во различностите).

Ќе посочам само на еден апсурд (може да се нарече и контрадикторност) како прашање на кое „сонувачите“ на големи или независни држави одбегнуваат да одговорат бидејќи не можат или не знаат:

Што значи интеграција во заедница, конкретно евро-атлантската? Што знаете за заедница на независни (колективи, корпорации, заедници, држави)?

Или:

Дали сте чуле, дали ви е позната „отстапката“ на дел од државниот суверенитет во името на заедницата (унија, федерација, конфедерација и сл.)?

Независноста во „модерна“ смисла на зборот се сведува на личната одбрана на личноста, на нејзиното достоинство, интегритет, право и одговорност; на авторитет изграден и надградуван исклучиво со вредности, дела, творештво. Следствено, одбраната на независноста е всушност нејзино почитување од други, а пред сѐ од оние со кои е таа здружена за остварување на заеднички интереси. Неприкосновеното основно демократско право на здружување се (под)разбира и брани (заштитува) единствено во тој однос: здружување на заеднички интереси. Сѐ друго, сè поинаку претставува деградација, деструкција на индивидуалноста и, наспроти заедништвото, интеграцијата, сожителството, остварување на мрачни цели (манипулација, злоупотреба итн).

Се разбира, поставувањето на оваа проблематика-слободата и независноста воопшто, конкретно тие во корелација со мултиетничко, мултиконфесионално, мултикултурно, односно „интерактивно“ модерно општество бара детална анализа, и тоа од повеќе аспекти: од економско-правно-политички до социо-психолошки. За што, пак, се потребни друг простор и време.

Јас само поставувам според мене едно круцијално, би рекол дури судбинско прашање за натамошниот опстанок и развој на една „мнозинско-немнозинска“ заедница:

Дали е можно формирање на партија која ќе има реални шанси на избори да извојува победа, макар „извесно време“ да владее со државата, а во која ќе се здружат личности со интегритет, достоинство, право и одговорност, со авторитет изграден и надградуван исклучиво со вредности, дела, творештво?

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXII, роман

2. Од вашата доврба зависи нашата самодоверба

Каква е вашата доверба, дами и господа во бизнисот, во оние околу вас, со кои работите, соработувате, кои работат за вас или за кои вие работите? Голема или мала, силна или слаба, длабока или површна-плитка?

Дами и Господа во власта, дали ја оправдувате, дали ја заслужувате довербата што ви ја дава народот да владеете во негово име?

Овие и вакви прашања ни паѓаат на ум секогаш само во еден кус период: предизборниот. Во меѓувреме ги следиме дамите и господата од бизнисот и политиката, најчесто молчешкум, па согледувајќи, оценувајќи како на секој чекор, во секое дејствие ја изневеруваат нашата доверба, како пет пари не даваат за неа, не сме ни свесни дека сѐ повеќе ја губиме, сѐ е поголем бројот на оние меѓу нас кои веќе ја изгубиле самодовербата. Во сопствените сили и вредности, можности и способности.

Ако има нешто најпоразително за оние што зависат од нечија доверба, тоа е несомнено изгубената самодоверба кај оние што им ја дале. Неретко тоа го именуваат со апатија, рамнодушност, разочараност, бесперспективност. Но, основна е нераскинливата врска помеѓу довербата и самодовербата.

Можно ли е да се владее, да се работи, да се соработува со оние кои немаат самодоверба, кои ја изгубиле токму поради изневерената доверба? Не само што не е можно, туку е нужно час поскоро таа „коалиција“ да се раскине. Поради последиците.

Каква е моментната состојба на овој план кај нас? Дали ви се познати резултатите на оние фирми-компании во кои и довербата и самодовербата се на највисоко можно ниво, па ништо не може да ги разниша, особено не жестоката конкуренција на пазарот?

А како владеат нашите дами и господа во власта и политиката воопшто? Дали ви се познати резултатите на сите полиња на држави во кои нивната доверба зависи од самодовербата на оние што гласале за нив, што ги избрале?

Досдега напишаново може да се нарече круцијална вредност, односно суштина на опстојувањето воопшто. Јас ја дефинирав во насловот на овој прилог како порака, како последно предупредување:

Да, дами и господа, од вашата доверба, која ние сме ви ја дале, зависи нашата самодоверба! Ако таа ни е разнишана, ако во меѓувреме сме ја изгубиле, па не сме сигурни во ништо, најмалку во утрешнината, во нашата иднина, не очекувајте повторно да ви ја дадеме нашата доверба.

3.Критериум и критика

Често слушаме за имање или немање критериум („Овој човек има-нема критериум“), односно за имање или немање критика. Почесто како констатација дека „ни недостасува“ или како прашање „Зошто ја немаме?“ Притоа, нема напор или макар маргинален обид да се навлезе во нивната суштина и да се извлечат релевантни заклучоци, да се констатира состојбата во рамките на нашиве ситуа(к)ции.

Всушност, кога станува збор за критериумот, имањето или немањето лесно и беспоговорно го констатираме како неукост, незнаење, „неприлагоденост“ на актуелните процеси и сл. А кога е во прашање критиката, исто така најчесто се изнесува беспоговорна оценка дека ја немаме затоа што таа не ни одговара, се плашиме од неа. Најчесто дека воопшто не е лесно, дури е невозможно таа да се негува помеѓу „нашите“ и „вашите“.

Основното: знаеме ли што е тоа критериум?

Ако случајно не знаеме, воопшто не е тешко да дознаеме. Негово објаснување можете да најдете во кој било речник на странски зборови или во општа, филозофска, културна итн. енциклопедија: тој е средство за разликување, за проверување, со чија помош утврдуваме дали е нешто навистина тоа што се причинува дека е.

Постојат многу и различни критериуми (личниот критериум не е вид на критериум), од кои најчесто се посочуваат (со право или не, во нашиве констелации „многу со право“) критериумот на вистината и критериумот на доброто. Со првиот ја разликуваме вистината од невистината-лагата, а со вториот доброто од она што не е добро односно е лошо, зло, неубаво и сл.

Што е со критериумот на вистината? Тој во наши услови и собитија е еден од најпроблематичните, бидејќи на оние што го немаат како „средство“ им прави големи проблеми затоа што и други(те) не треба да го имаат. Па како таков и најчесто и најлесно се „проблематизира“. На пример со не знам од кого измислената ступидарија: „Колку луѓе, толку вистини“.

Соочувајќи се со тој критериум кај други(те), поточно со неговата сила, тие што го немаат измислија „компромисна“ вистина: полувистина. Притоа, не ни помислувајќи дека во секоја стварност, а особено во онаа преполна со крајности (или-или), нема ништо „полу“ или „половично“. Дури и „полуголото“ на крајот се појавува или како угул голо или како облечено.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXVIII

Да расчистиме:

Нема многу вистини, туку само една. Има многу критериуми за вистината, што би можеле да ги сведеме и на посочената ступидарија. (А таа е тоа, бидејќи во однос на луѓето има многу повеќе лаги отколку вистини или критериуи за лагата.)

Ајнштајновата теорија на релативитетот нема никаква врска со критериумот.

Што се однесува, пак, на „компромисната“ вистина или полувистината-половичната вистина: едноставно, сѐ додека е таа таква, не може да биде, да се нарече и прифати како вистина. Дури, детската глава го кажала ова што некои „заседени“ и „оседени“ глави, особено во политиката и власта ја изделија како голема мудрост (нема врска!): „Цело е кога има сѐ “.

Полувистината не може да се дефинира како што посакуваат и го прават тоа оние на кои најнепосредно се однесува: нешто е, ама нешто (повеќе од првото нешто) не е вистина. Исто е како, на пример, за некој министер или за премиерот да тврдиме (утврдуваме) дека малку е министер-премиер, ама малку (повеќе од првото малку) не е. Веројатно тому поради ваквото толкување и „примена“ на полувистината имаме и „полуминистри“, но лично не се осмелувам да тврдам дека имаме и „полупремиер“. (Зарем е можно да имаме „полу-Влада“? Имаме?.)

Што се однесува на критеримот за доброто, тој е „почист“ од критериумот за вистината (поради „многуте вистини“ и „полувистината“). Лично досега немам слушнато некој да тврди дека има нешто во животот што е „полудобро“. Има многу добри нешта-добри дела и добрини, ама во сите нив доброто е едно и препознатливо-како вредност.

Да, и кога станува збор за овој критериум има „проблеми“ во однос на лошото, злото, неубавото итн., од кои сакам да посочам на еден: трпењето, поднесувањето на лошото, злото, неубавото толку долго што како веќе да ни станало, да ни станува добро. Времетраењето на тоа трпење, на тој трпеж- крпеж, најчесто се означува со: „Има и бетер“. Значи, трпете, не скокајте-не рипајте, „добро е“ и лошово оти има (или може да има-да нè снајде) полошо.

Ја спомнав критичката опсервација , подложувањето на критика. Дојдов до неа од проста причина што критериумот како таков не може да се претстави, презентира, доградува, надградува без критика. Тоа го знае секој кој знае што е тоа критика.

За да знаеме сите, за да се разбереме и да се разбираме: таа е изрекување на вредни, валидни вредносни судови за некој предмет, појава, процес, дејание. Таа е способност на човекот која го варди, го брани од измамата и заблудата. А, пак, вредносен суд не може да се донесе без стручно знаење и лична способност. Толку.

Дали ви е сега појасно на кое дереџе сме, поточно на кое нѐ ставија оние што ги ставивме на позициите на кои беа и се? Зошто го дозволивме и го дозволуваме тоа?

Од силата на аргументот и од моќта на критиката не се плаши само оној кому му е туѓ аргументот на силата и кој не прифаќа да (пред)води некритичка-нестручна и неспособна маса (граѓанство, народ, мнозинско-немнозинска заедница, гласачко тело-електорат).

4.Делничните грижи

Тие се повеќе или помалку на број, поголеми или помали, а зависат најнапред од тоа кој си, што си и каков ти е животот. Тие се твои, но можат да им бидат и на сите други. Твои се кога самиот си ги носиш и се обидуваш да ги совладаш, да ги победиш, да бидеш над нив. Никој не може да ти помогне ако сам не си помогнеш. Можеш да ги споделиш со други, ама другите не ги прифаќаат како свои. Ако ги прифатат, тогаш стануваат грижи и на сите други. Таквите се поднесуваат полесно и не траат долго време. Многу полесно се победуваат.

Делничните грижи се различни. Различни времиња различни грижи носат. А има и слични. Ретки се, но има и исти.

Кој, на пример, не си ја носи делничната грижа како да живее со помалку грижи? Точно, не се може без нив, но барем да се помалку на број. И помали, ако може најмали. Да не те товарат премногу. Уште ако не ги совладуваш, ако не ги победуваш, ако само ти се множат…тешко тебе! Снагата ќе ти ја испијат, ќе те испразнат, ни сенка ќе нема од тебе.

Делничните грижи ги има секој ден и многу и малку. Полесно е сами да ги узнаваме, да ги научуваме и да ги споделуваме за да ни биде полесно. Доволно е само со збор-два да си ги кажеме, да си ги преслушаме-и многу сме сториле. Уште ако ги промислиме и домислиме, барем малку со ум да ги докажеме и со излез и спас од нив да ги откриеме-благодарни ќе сме си едни на други.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XX, роман

Тој што не ги разбира своите делнични грижи, не ги разбира ниту оние на сите. Не верувам дека има таков меѓу нас. Кој нема барем една дневно, тој настојува да не ги чуе нашиве. Сеедно му е дали сме ги имале, дали ќе си ги прекажеме, дали ќе ги научиме и преслушаме, дали ќе си ги пренесеме едни на други или не и дали ќе ни биде полесно. Може и тој да си има грижа, ама никому ништо и да ја нема. Блазе си му кога може така. Тој бега од нив, не ги мисли оти е немоќен ни да ги домисли, ни да ги прекаже, ни да ги сподели со други. Слабак е, за никаков живот не е.

Само за живуркање е.

5. Големите луѓе

Секое општество, секоја заедница, секоја група на луѓе имало и има еден или повеќемина големи луѓе. Проблемот е тие навреме да се препознаат, да се издвојат за да служат како пример, но и соодветно да се наградат-вреднуваат.

Цитирам неколку мисли на големи луѓе за големите во историјата на човековата цивилизација:

Ниче рекол:
„Сѐ што е навистина големо се држи далеку од пазарот и славата“;

Достоевски:
„Секој човек, кој и да е, мора да ја наведне главата пред уверувањето дека постои Голема Мисла“;

Фелини:
„Великанот може да биде мал во својата големина, а малиот човек голем во својата дребност“;

Лец:
„Од голем човек мала сенка. Чудно?“;

Тагоре:
„Само оној е навистина голем, кој ги поддржува животите на многумина, напоредно со својот“.

Значи, нема потреба да вложувам особен „мудрувачки“ напор за и ние да домислиме нешто барем „малку големо“ за големите луѓе. Меѓутоа, чинам дека во овој наш актуелен миг е пополезно да се обидам да ги проблематизирам (големите луѓе). Тоа го сметам за нужно, дури и обврзувачко. А тоа, пак-проблематизирањето веднаш наметнува неколку прашања на кои најнапред ќе се обидам да одговорам:

Дали ги препознаваме големите луѓе помеѓу нас? Можеби ќе биде поточно прашањето: дали умееме и сакаме да ги препознаеме?

Веднаш одговарам аргументирано: ниту ги препознаваме, ниту умееме и најмалку сакаме да ги препознаеме.

Тоа претставува најдиректен израз и одраз на нашата сеопшта, „колективна“ инфериорност, па дури и страв од нив! Најнапред за да не ни го нарушат упросечувањето, едвај достасаниот каков-таков просек на безвредно живеење односно живуркање, на неефикасно дејствување и на непродуктивно работење. Тоа е првата и последна причина, алфа и омега на нашиот провинцијален дух, примитивизмот, полтронството, маргиналноста, бесчестието, недостоинственоста, на лагите, манипулациите, шпекулациите итн. итн.

Аргумент:

Каков е нашиот однос спрема странските, а каков спрема домашните учени, со своето творештво во светот потврдени личности? Дали треба да си спомнеме, на пример, некој од нашите во светски рамки врвни писатели, поети, ликовни, музички, театарски дејци?

Ги издвојуваме ли големите луѓе од другите, најпрвин од малите? Со што и како?

Внимавајте, тие и таквите воопшто не сакаат, ниту, пак, се трудат да се издвојат (поради својата едноставност и скромност). Ако некој помеѓу нив, поради лична загрозеност и сл. „покаже“ на себеси, тој всушност само нè потсетува на сопствениот авторитет кој го стекнал (и има право да го брани) исклучиво со своето творештво-дело-создаденото во областа во која дејствува.

Големите луѓе не сакаат да се издвојуваат, ама и не дозволуваат просечни или дребни, ништожни да ги газат, омаловажуваат, унижуваат.

Големите луѓе можеме и треба да ги издвоиме од другите, најнапред од малите, и тоа исклучиво со почитување на од нив создаденото и на она што во континуитет го создаваат.

И третото прашање:

Дали нашите големи луѓе соодветно ги наградуваме-вреднуваме?

И пак, по третпат, веднаш одговарам без потреба да аргументирам:

Не, и тоа е, за жал, еден од нашите најголеми порази пред светот!

Конечно, најпоразителното за нас:

Светот не ги цени, не ги почитува, дури воопшто не ги третира оние народи и држави кои не ги препознаваат сопствените големи луѓе во минатото и сегашноста, а за да го запознаат со нив, и тој да ги научи. Светот има потреба (секојдневна) од големи луѓе, и на мали народи, поради сопствен опстој и цивилизациски развој.

Тешко на оној народ кога светот ги препознава и вреднува, но и ги присвојува, ги „вдомува“ нашите големи луѓе.