Потребно време за читање: 12 минути

XXIII

Избори

Јас и Дамјан од Истин на врв на планина.

Јас:

-Да ти докажам зошто се моите избори на твои колумни како поенти објавени дамна и неодамна. Не е само за да се знаат суштинските причини и последици поврзани со пресвртните моменти во твојот живот. Изборите се и за директно и индиректно продолжување на твоето препознатливо постоење. Значи, како мислечка и творечка личност, активна секојдневно,кондициски, која внимателно и нерамнодушно следи што се случува од кај нас во светот, од светот кај нас и меѓузависно. Најважно од сè: како самостоен, независен човек, со непореклив идентитет и интегритет.Со свој светоглед.

Тој:

-Нема врска! Не сум ти рекол досега дека колумните како поенти не ми значат ништо и не ги сметам за дел од моето мислечко и книжевно творештво? Очигледно е дека во нив ни стилски ни во обраќањето не сум доследен. Тие ми се…од меѓувреме и во меѓупростор. Како мислење и зборување сам со себе…Но, доста за тоа. Терај како што си намислил.

Јас:

-Остана недокажан за мајка ти…Мислам дека има уште нешто освен дека е погребана во туѓ гроб. Особено дека знаеш каде е погребана, а не одиш ни свеќа да ѝ запалиш.

Тој:

-Докажано е во мојот роман „Многу љубови во брз живот“, објавен на Интернет. Не си го прочитал? Како во секое мое книжевно дело, и во него ги мешам фикцијата и факцијата, без нивно разграничување. Во животната приказна на Галена има многу за мајка ми Лина. Прочитај го, па ќе ти откријам нераскажно за неа.

Од колумните (поентите)      
на Дамјан од Истин             

1. Што е тоа „лоша“, а што „добра“ вест?

 „Само лошата вест е добра вест“. Што е „лоша“, а што „добра“?

Постојано, секојдневно сме „напаѓани“ (гаѓани, тепани, вознемирувани, тормозени…) од вести и информации за настани во земјава и странство. Не ми е познато да ли е правено истражување на оваа тема, но чинам дека нема да згрешам ако кажам дека не најинформирани (што значи тоа е друга тема за промислување), туку „најинфотероризирани“, па и „инфотрауматизирани“ во светот сме сигурно ние-граѓаните на Македонија.

На пример, колкумина од вас секој ден седнувате околу 15 часот, па и порано пред телевизиските екрани и не станувате се до 22,00, па и до полноќ и по неа, следејќи нон-стоп информативни емисии, најчесто емисии „Вести“? Можете да се изброите меѓусебно? Дали е во прашање „глад“ за информации или „тероризирање“, односно „тортура“ од страна на медиумите, можеби во блиска иднина ќе дознаеме преку некое сериозно, темелно и стручно истражување. Дури мислам дека е тоа неопходно, затоа што веќе се забележани случаи на зависност или болест која би можел да ја наречам вестаџиско-информаторска параноја.

Оние што имаат познавања од основите на новинарството, сигурно ќе се сетат на познатата и најпрецизна дефиниција на веста:

„Не е вест ако пес касне човек, туку ако човек касне пес“.

Притоа, не се мисли само на „необичност“, „интересност“ или „ексклузивност“, туку пред сè на настан, случување или дејание кое „отскокнува“ од стандардот, од нашето секојдневно сивило.

Еден наш познат аналитичар објави промислување под наслов „Лага“, во кое изнесе познат проблем: непризнавање и неинформирање од страна на новинарите за „успесите“ на актуелната власт, посебно Владата, или нивно премолчување, а постојано, дури единствено објавување на лошите резултати и на неисполнетите ветувања. И притоа покажа непознавање на основите на новинарството, а со што ги дезавуира сопствените заложби во текстот; се обезвредни себеси како сериозен, авторитетен аналитичар-промислувач. Имено, констатира дека во македонското новинарство сè уште се смета дека „Само лошата вест е добра вест“.

Наведената фраза, констатација или „мудрост“ најчесто се користи за да се означи „опозиционерското“, „негативистичкото“, „непријателското“ новинарство.

Оние што новинарството го имаат „во малиот прст“, ги прашуваат тие што го констатираат тоа: што е „добра“, а што „лоша“ вест? Бидејќи не знаат дека такви постојат. Знаат само дека веста е вест, и ништо друго.

Ај да се обидеме заедно да ги „разбереме“, да ги „протолкуваме“ нештата. Иако се знае дека не постојат, сепак ќе ви олеснам со тоа што ќе речам дека е јасно „што сакаше писателот-аналитичарот-промислувачот да каже“ (значи, не успеал да докаже). Со сета опасност да сум го разбрал погрешно.

Има ли за досегашното работење на власта (Владата) „добри“ вести кои новинарите намерно, тенденциозно не ги објавиле, ниту имаат намера да ги објават сега? Јас одговарам: за жал, нема.

На пример: успешна транзиција! Зарем ја заврши? Кога е објавен нејзиниот крај? Да не има некој „остаток“? Добра вест би била ако, на пример, во нејзини рамки се случило „куче да касне пес“-да беше фатена некоја крупна корумпирана „ѕверка“ од сопствените редови.

Македонија е поблиску до членство во ЕУ? Добра вест би била: сосе утврден датум за почеток на преговорите за прием.

Намален бројот на невработени? Како? Со колку новоотворени работни места-погони, фабрики, компании? Или само со „бришење од списоците“? А масовното иселување на млади? А бројот на невработени? Што е со бедата на населението?

Не ќе се во прашање „добри“ или „лоши“ вести (јасно, се мисли на нивните содржини), туку за недостиг од вистински резултати и успеси кои едноставно ниеден новинар не би можел да ги премолчи.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XIII, роман

2. Зад кулиси и меѓу редови

И двете дејанија отсекогаш биле, а особено во последно време се мошне интензивни кај нас. Тој интензитет не го забележуваме само кај позицијата- власта,туку и кај опозицијата.

Впрочем, политиката во сиот досегашен период на самостојност и независност на државата не била уметност на можното, мудрост на владеењето или реално барање на невозможното. Најмалку, пак, „соништа на големи мозоци“. Напротив, била и е најмногу, да не речам единствено на мали, минорни, ништожни. Кај нас политиката најмногу, најчесто, најпостојано била и е заткулисна игра; „претстава“ зад кулиси, скриена од публиката. А пред кулисите, пак, се играла и се игра вешто режирана со глумци „професионални аматери“. Се разбира, била и е и преткулисна, колку да се задоволи љубопитноста на политизираниот народот, а во име на демократијата, слободата, правото на лично мислење, изградба на систем на (не)вредности итн. Притоа, особено денес не се важни глумците-играчите, нивото на нивниот „професионален аматеризам“ (овој мој термин ќе го објаснам подолу), туку самите кулиси: колку се тие цврсти, колку се квалитетни „изолатори“, па и тоа колку се „уметнички израз“ на претставата која има сè уште „краткорочен“ работен назив: „Позиционерско- опозиционерска политика“.

Второто дејание-меѓу редови (се мисли и на дејание и на негово читање, разбирање и неразбирање) е многу поголема политика одошто заткулисната. Имено, бидејќи немаме којзнае колку писмени политичари за меѓу редови, особено во споредба со меѓународните, тие воопшто и не се трудат да дејствуваат „меѓуредовно“. Кога се труделе не им успеало, па кренале раце. Тоа во политичкиот дискурс се вика дипломатија, а за неа не треба да се бараат „пријатели“ (читај: тутори или, во современ жаргон, спонзори), туку рамноправни партнери. Дејствувањето и читањето меѓу редови треба особено да биде насочено кон нерамноправните, сеедно посилни или послаби.

Како што нагласив, бидејќи немаме којзнае колку писмени политичари за дејанието меѓу редови на меѓународната сцена (напротив, имаме многу повеќе тотално неписмени или политички дилетанти), за дејанието меѓу редови тие треба да бидат во постојана „коалиција“ со народот односно со граѓаните. (Чудо едно како лесно ги забораваат селаните и другите помеѓу нив.) Напротив, тоа не го чинат, одамна се однародени, поради стекнатата недоверба во изминатиот период се оставени сами на бришаниот простор. Меѓу редови одамна прочитани токму од него-од писмениот, мудриот и итриот народ.

Кажав нешто ново, што досега не ви беше познато? Не. Во контекстов, за многумина сигурно е непозната содржината на нашава заткулисна игра-политиката или на нејзиниот текст меѓу редови. Затоа во продолжение ќе се обидам да откријам, поточно да посочам на само еден нејзин сегмент, без поширока елаборација (за целосна и детална се потребни многу повеќе време и простор): регионалното прекројување.

Имено, сè она што на овој план ќе се најави меѓу редови или ќе излезе пред кулисите, а веќе се најавени и излезени многу нешта, со сите сили и напори се настојува намерно, а наивно и неписмено да се премолчи или пренасочи кон некоја друга заткулисна сцена; во некој друг текст меѓу редови. На пример, тоа-прекројувањето на регионот (Југоисточна Европа) се брани со потребата од негова наводна интеграција или со процес кој ги решава последните нерешени прашања на Балканот.

Не нè бидува за читање меѓу редови и откривање на заткулисни игри? Не нè бидува за политика? За ваква да, а за уметност на можното, мудрост на владеењето или реално барање на невозможното…

Сосема кусо за „професионалниот аматеризам“:

Нашите политички „професионални аматери“ можат да се споредат со нашите фудбалски. Тие се одамна потврдени како такви-фудбалски дилетанти. Особено со играњето со нозе, а не со глава, и со „работата“ на теренот. Нашите политичари се во сè на исто, дури им се исти и дресовите. Засега.

3. Народот прашува или се прашува

Станува збор за прашање од извонредно значење за севкупните демократски процеси во секоја земја, без оглед на општествениот поредок. Во историскиот развој на човековата цивилизација, од формирањето на нациите и државите до денес, за владеачите со народот (демос) тоа секогаш било поврзано со пресудни, пресвртни моменти, со радикални, револуционерни промени, со почеток или крај на едно-нечие владеење.

Дали нашите досегашни и сегашната власт, дали владеењето со земјава е „дојдено“ до таков пресуден, пресвртен момент? Судејќи според многубројни „индикатори“, одговорот е „Да“!

Кога народот прашува, додека прашува, значи дека е активен, дека бара решенија и учествува во решавањето на проблемите, во подорбувањето на состојбите. Тој прашува и очекува одговор, инсистира на него. Притоа, колку повеќе прашува-ја прашува власта, толку повеќе има за прашување. Значи, бара одговори и решенија што, пак, е показ и доказ на развојот на слободата, на демократијата воопшто.

Со други зборови, јавноста е во темелот на севкупното живеење и работење односно дејствување. За недемократската, тоталитарната власт колку повеќе прашува, тој-народот е повеќе проблематичен, опасен и сенешто презема за што помалку да биде прашувана. Што се случува по преземеното? Тоа што вообичаено, редовно се случувало, се случува и секогаш ќе се случува: доаѓа период кога, поради притисокот (демократски) или репресалиите (тоталитаритички) народот замолчува, престанува да прашува, станува рамнодушен, апатичен. А всушност почнува да се прашува.

Кога народот се прашува, додека се прашува, значи дека се подготвува за активност, за моментот кога работите ќе ги земе во свои раце (и тоа буквално). Дали со демократски (избори) или недемократски средства („улична демократија“), сеедно. А што е можеби уште поважно: прашувајќи се, тој всушност го мери и премерува вистинскиот момент за тоа. Секоја свесна власт веднаш реагира, презема нешто за одново да го поттикне, па и натера (се разбира, никако не со сила) народот со кој владее одново да почне да прашува. Затоа што кога народот се прашува, тоа значи дека таа-власта ја нема неговата доверба, поддршка. Тој е против неа, па нејзиниот брз и тежок пораз е неминовен. Кога народот се прашува, тоа значи дека бара други за прашување, а од кои ќе добива одговори.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXI

Позната е анегдотата за еден стар и мудар политичар, член на една власт од „царските“ времиња. Тој постојано ги прашувал своите „теренски“ агенти што прави народот. Бил задоволен, велел: „Добро е, значи нема проблеми“, кога ќе му реферирале дека тој зборува односно прашува (дури и „премногу“). А станувал многу загрижен, па и исплашен кога ќе го информирале дека „неговиот“ народ молчи односно „чудно“ замолчел, па велел: „Значи, станува опасно“.

Дали нашиов народ денес прашува или се прашува?

Прашањево им го упатувам на оние од власта, но еднакво и на оние во опозиција. Добро би било да подразмислат и да си одговорат пред нивните нови „активности“.

4. Сериозна држава

Дали оваа тема поставува некаква дилема (или трилема, полилема…), предизвикува промислување, макар маргиналија?

Не како дилема, туку како „необврзно“ прашање: дали постоела, постои или може да постои „несериозна“ држава, за да можеме да зборуваме за „сериозна“ во споредбена смисла?

Но и реторичко прашање: дали постоела, постои или може да постои „несериозна“ власт, поконкретно Влада, за да зборуваме за „сериозна“ со нејзини „специфики“?

Поконкретно: дали постоела, постои или може да постои „несериозна“ партија која се стремела, се стреми или може да се стреми да победи на избори и да формира „несериозна“ Влада која ќе владее со „несериозна“ држава?

Од каде потребата на една партија, за разлика од другите, постојано да потенцира дека е „сериозна“?

Најнапред да го расчлениме терминот:

Во Речникот на македонскиот литературен јазик „сериозен-сериозна“ се нарекува оној-онаа што се одликува со разумен однос кон животот, што ја знае добро својата работа, што се одликува со добри намери; обмислен. Има и други „блиски“ значења: важен, значаен во однос на темата, содржината, потоа кој-што заслужува особено внимание (сериозна ситуација, сериозна опасност, сериозна болест, сериозен противник), но и кој изразува замисленост-сосредоточен, невесел: спокоен и сериозен, сериозен тон.

За државата, пак, има многу да се изнесе како теорија и искуство (од најразлични аспекти, области итн.), но во контекстов ќе посочам само на основното значење: таа е организација на човечкото општество на одредена територија, потчинета на одредена власт (сила) која е суверена спрема сите внатрешни и надворешни субјекти, во однос на сите прашања на власт на тоа подрачје.

Ќе ги спомнам и основните права што, според меѓународното право, ги имаат (треба да ги имаат) сите држави: право на опстанок или самоодржување, на независност (сувереност), на еднаквост, на меѓународен сообраќај, на почитување.

Значи, сериозната држава би можеле да ја дефинираме вака:

Таа е организација на општество на една територија, потчинета на сериозна власт (сила) која си ја знае добро својата работа и се одликува со добри намери; спокојна и сериозна, со сериозен тон; и, се разбира, суверена спрема сите внатрешни и надворешни субјекти, во однос на сите прашања што произлегуваат од владеењето со тоа подрачје.

Ако се обидам да „скратам“, да „редуцирам“ односно „симплифицирам“ (без да ми се приговори, а единствено за „практични цели“), ќе речам дека сериозна е онаа држава која има сериозна власт.

Сметам дека досегашната елаборација е сосема доволна за да поставам во форма на прашања некои конкретни нешта, а потоа да се обидам да одговорам на нив:

Дали нашава држава е сериозна? Дали со неа владее сериозна власт-Влада? Дали сме нејзини сериозни граѓани?

Еве обид за одговор:

Власта си ја знае добро својата работа и се одликува со добри намери. Успесите од „добрата работа“ се видливи, се среќаваат на секој чекор: сите работат со полн капацитет, и живата и „неживата” работна сила (капацитетите во максимален „напон“); поради просторните и „меѓните“ можности не може да им се излезе во пресрет на неброените странски инвеститори кои се подготвени и да платат многу повисока „провизија“ од онаа законски одобрената во нивните земји (за да имаат предност на некој тендер, на пример); насекаде владее здрава и сериозна конкуренција која ја овозможуваат прецизно поставени, дефинирани и строго спроведувани „правила на игра“; стандардот е толку висок што владее правилото „Трошам, значи постојам“; раслојувањето е завршен процес, а од ден на ден јакне тн. средна класа која ја обезбедува перспективата; благодарение на независното, деполитизирано и ефикасно судство, државата е лидер во регионот како правна, праведна, правична; во континуитет, секојдневно се води мошне успешна антикорупциска и антикриминална битка, откривајќи мали и големи пирамиди и фаќајќи мали и големи октоподи; системот на вредности во сите области овозможува афирмација и висок статус на врвните дела и врвните творци; благодарение на независните медиуми, јавноста внимателно се слуша и се реагира на секоја нејзина критика или проблематизација.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXVIII

За добрите намери:

Тие постојано се афирмираат, практицираат и потврдуваат со строго придржување на „егзистенцијалниот“ принцип или „мудра заложба“: само да има мир, па макар тој се обезбедувал со помош (коалиција) на терористи, криминалци, бандити. На пример, тие и таквите да се амнестираат за да не се „интервенира“ со безбедносни сили против нив. А притоа, недај боже, да падне по некоја жртва. Што значи да се дејствува демократски-врз нивната свест и подобрувањето на нивната социјално-психолошка состојба. (Од тие причини затворите ни се многу повеќе поправни отколку казнени установи, па затоа условите и правилата во нив се мошне благопријатни.)

Нашава држава е спокојна и сериозна, секогаш со сериозен тон, особено на меѓународен план. Спокојно, сериозно и долгорочно работи на консензуално утврдените стратешки определби. Сериозниот тон ѝ го даваат одделни министерства и министри од Владата при договарањето-преговарањето со работодавците и работниците (нивните синдикати), па и во монологот пред јавноста (некои тоа погрешно го нарекуваат отчет).

Што се однесува на сувереноста спрема внатрешните и надворешните субјекти, во однос на сите прашања што произлегуваат од практицирањето на власта, не треба да се трошат многу зборови. Таа се потврдува секој ден и на секој чекор. Кога некое прашање или проблем зависи од „меѓународниот фактор“, всушност станува збор за консултација, експертиза, договор во обостран интерес. На пример, кога се работи-договара-преговара со ММФ, Светската банка или „некои други“ за постојната и идната задолженост на државата, со мошне „поволни кредити“-грејс периоди и долгорочни отплати со мали камати.

Државава ни е сериозна оти си имаме сериозна власт, најмногу кога е под прашање опстанокот и самоодржувањето. Притоа, крајно сриозно и внимателно ги следи интегративните процеси во регионот, а посебно иницијативите за нови федерални и конфедерални групирања.

И конечно последното, а меѓу првите:

Благодарение на сериозноста на сите чинители (не само во власта, туку и на оние надвор од неа), нашата држава е многу почитувана на меѓународен план.

Што се однесува на нас како сериозни граѓани, тоа е неспорно. Ние како лојални граѓани на „оваа“ држава не само што сме сериозни, туку сме и крајно загрижени за нејзиниот опстанок денес, а особено утре.

А која би била несериозна држава? Како да ја препознавате за да не ни помислите дека живеете-живуркате во таква?

Можете лесно сами да си одговорите: со спротивни или обратни одговори на сите релевантни прашања, проблеми и дилеми на кои се обидов да одговорам. Сигурен сум дека ќе ви бидат „успешни“ (одговорите), барем во иста мера и премера.

5. Краткото паметење

Освен како болест (најмногу старечка склероза), краткото паметење е свесно или „самовлијание” (во рамките на самоконтролата) или резултат на акција-дејствие (моќ на влијание) во манипулативни цели. Тоа најдиректно и најбрзо го загрозува, поточно го уништува идентитетот, препознавањето во светот на различностите, траењето во времето и просторот. Прво на колективен, потоа на индивидуален план.

Опасни за една средина (заедница, општество, народ, држава) се оние што играат на „картата“ на краткото паметење. Опасни се ако им се дозволува тоа, ако не навреме се согледува нивната организираност и крајната цел. Таа, пак-крајната цел, најчесто е (повторно) освојување на власта, владеење со народ што го третираат како „стадо овци“. А им се дозволува кога се прифаќаат препораки од типот: „Заборавете го минатото-свртете се кон иднината“; или „Напред-не назад“ (страв од свртување, од „рекапитулар”?); или „Ново пишување на историјата“ кое подразбира бришење на нејзини страници кои, најчесто, ги пишуваат „победниците“ односно владејачите; притоа не знаејќи или намерно „заборавајќи“ дека историјата не се пишува, туку се создава.

Каде и кога успева краткото паметење? Таму кајшто блиското минато воопшто не е „розово“, а го пишувале погрешни луѓе на погрешни места. „Стадото овци“ постојано, секојдневно се „бомбардира“ со избор од „големи постигања“, „немерливи успеси“ кои се „гарант“ за иднината, залога за новите ветувања („лажги со опашки“), а се всушност „обично“ продолжување на владеењето. Успева кога е урнисано, згазено личното достоинство, кога духовната егзистенција не може да опстои, а камо ли да продолжи поради „голата“ (што, инаку, се дефинира како „беда на душата и телото“). Кога се дозволува недоветни, неуки, неумни луѓе да го наметнат „своето“, имено дека во иднината е денес, сега, но не и вчера.

Краткото паметење им е својствено на недоучените, неискусните, несигурните, наивните и неслободните. Него особено го „милуваат“, го „негуваат“ оние што манипулираат, мамат, лажат, крадат, имаат немерлива нечиста совест. Кај нив целта оправдува секое средство, газат сè пред себе за да стасаат до неа. Тоа е мошне ефикасно „оружје“ на итроманите, дилетантите, лакташите, коленичарите, а пред сè и над сè на недостојните.

Како против краткото паметење? Едноставно: со постојано навраќање кон поблиското и подалечното минато и, што е можеби најважно, инсистирање на отчет на оние што „ја пишуваат“ историјата. Значи, да не им се дозволи на „големците“, а всушност ништожниците, и натаму да нè убедуваат со познатото: „Историјата ќе ги оценува мојата работа и моето дело“; нивните „постигања“ да ги оценуваме сега и овде, пред да се одлучиме дали ќе бидеме со нив и утре, дали ќе дозволиме и натаму да владеат со нас. Како стадо овци.

Да не веќе Ве поразило краткото паметење?