КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XV, роман

Потребно време за читање: 11 минути

XV

Мислење на Гласноговорникот, Дамјан од Истин, за пишувањето колумни и за себеси како колумнист:

„Според мене, колумната е најблиска до есејот или есеистичката белешка, критичкиот фрагмент и личната хроника. Од нив најмногу се разликува со актуелноста и конкретноста. Од друга страна, пак, тоа ја сугерира минливоста, па колумната од вчера, завчера, пред многу денови, недели, месеци, години мора да има фуснота којам, ако ништо друго, го назначува датумот на конкретниот настан, случување, собитие. Доколку ја нема, значи дека содржи општи, универзални, во не мала мера и критички и вредносни елементи. Се разбира, имајќи го предвид моето мислечко и книжевно творештво, моите колумни се најблиску до есејот или есеистичката белешка.

Со својот критички однос, колумнистот е во голема мера ангажирана и влијателна личност. Тоа неретко значи и авторитетна. Особено кога е постојан, со утврден ритам на пројавување. Најчесто еднаш неделно. Благодарение на Интернет, јас себеси си наметнав секојдневен колумнистички ангжман. Не е да се фалам, ама пишувањето колумна ми стана како меѓувремено одморање, помеѓу создавањето мислечки и книжевни дела. Баш меѓувремено одморање.

Најголемо задоволство од моите „поенти“ ми претставува навраќањето на оние од поодамнешни времиња, од пред повеќе години. Неретко се лутам на себеси како сум можел да мислам вака или онака, недоволно промислено или сосем непромислено. Ако можам да поправам поводно, на пример при повторна објава во збирка, поправам и се радувам на тоа. Како да си олеснувам на себеси. Значи, своите колумни ги сметам за отворени односно незавршени, исто како моите мислечки и книжевни дела“.

Пет поенти во овие денови пред многу години     

1. Претстои тешка и долга борба против белата чума во светот

Падот на наталитетот во развиените и средноразвиените земји од ден на ден станува сè поалармантен. Се смета дека секоја секунда на Земјата се раѓаат 4 нови бебиња. Дневно тоа се 356.201 бебе.

Во еден извештај на ОБСЕ за наталитетот во Европа се изнесени мошне загрижувачки согледби и предвидувања:

Доколку стапката на наталитетот паѓа со сегашното темпо, до 2030-та година ќе има околу 20 милиони работници помалку. Во „комплетна“ Европа веќе е дојдено до драстичен пад на наталитетот.

Се смета дека ниту имиграцијата од неевропските земји не може да ја пополни оваа празнина, а доколку тој прилив биде преголем демографската слика на некои прилично национално хомогени европски земји, како што се Франција и Германија, би можела да биде значително изменета.

Причините за енормно брзото стареење на населението се одамна утврдени (макар што по малку збунуваат најновите податоци за сиромашните, па и најсиромашните земји-први знаци на ист тренд). Загриженоста е сè поголема, а властите во многу земји на помош ја повикуваат демографската наука и врз основа на нејзините научни истражувања, анализи, оценки, проценки и заклучоци гради и интензивно спроведува соодветна демографска политика.

На поголемиот негативен природен прираст на населението придонесуваат многу фактори: стапувањето во брак на сè поголема возраст (број на неженети и немажени над 25 години), бракови без деца, како и сè поголемиот број на оние што сметаат дека бракот престанува да биде светост (пораст на разводи).

Во Македонија алармот е одамна вклучен. Белата чума помеѓу Македонците веќе драматично се шири-поради малиот наталитет нивниот број опаѓа наместо да се зголемува. Паралелно со намалувањето од година на година расте индексот на старото население. Македонија е веќе длабоко зачекорена во процесот на т.н. демографска старост.

Научниците велат дека населението почнува да старее кога лицата постари од 60 години ќе достигнат 12% во вкупното население. Нашата земја е влезена во длабока демографска старост.

Се чинат основани сомнежите дека зад таквиот однос постои и злонамера, дури пеколна цел.

Клучот на решението лежи во мерките за подобрување на економските состојби во земјата и во развивањето на селските општини, каде што младите ќе можат да најдат работат и да формираат семејство.

2. Нешто ново? Невозможно од „стари“.

Колку политички опции има на располагање македонскиот граѓанин? Има ли избор помеѓу, една, друга, трета…? Судејќи според моментните состојби, има само една многу како една: демократија, економски развој, стандард, вработување, функционална правна држава-борба против криминалот, корупцијата…

Главно „политичко“ прашање: имаат ли политичките партии и некои различни заложби? И главно „неполитичко“: се нудат ли животворни алтернативи?

Ако ги земеме предвид „предзнаците“, па и самите називи на политичките партии, плурализмот е евидентен и мошне богат: либерализам, социјалдемократија („стара“ и „нова“), „национално единство“, „леви“, „десни“, „централни“…

Меѓутоа, ако се проанализираат конкретните програмски заложби во рамките на последните неколку локални и парламентарни избори, „сè е исто како лани“. Ако се постави прашање во врска со идеолошката матрица, е тогаш следува објаснение: која е суштината на социјалдемократијата, на либерализмот, демократијата итн.

А би било баш интересно на пример некоја партија да понуди македонска реинтеграција! Или наместо на економски или демократски просперитет, акцентот да го стави на афирмација на вредностите што го бранат и опстојуваат националниот идентитет. Уште поконкретно: некоја партија за основна заложба да го има развојот на Македонија како информатичко општество, па да вети бесплатно вклучување на Интернет-„двомилионска е-Македонија“! На пример, зошто основна заложба да не биде тотална деполитизација во името на професионализмот, творештвото, знаењето, искуството? Или политичка партија за основна заложба да ја има деполитизацијата!

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXIII, роман

А што е со „неполитичките“ опции? Нешто подреков, па да доречам: на тој план понудата е уште посиромашна. Ако се имаат тие предвид, тогаш ниедна партија не може да се нарече граѓанска. Нема ништо конкретно на индивидуален план. Ако не друго, барем да е заштитата на граѓанскиот индивидуалитет. Што беше тоа?

Сè претходно што подреков и дореков го има во програмската заложба на една иницијатива за формирање нова партија која засега останува само на иницијативно ниво.

3. Секој секого шпионира, ама ретко кој некого открива

Шпионажа, тајни агенти, двојни, повеќекратни агенти, тајни полиции-се само дел од државниот и меѓудржавниот „арсенал“ кој на обичните смртници им е недостапен. Станува збор за специфичен свет, затворен, во кој постојат посебни правила.

Една најопшта дефиниција за шпионажата:

Таа е постапка на прибирање податоци најчесто за воени, но и за политички и економски цели. Главно за организирана работа.

Еве мал избор на најпознати шпиони во историјата на шпионирањето:

Харолд „Ким“ Филби шпионирал за некогашниот Советски Сојуз додека работел во британската тајна агенциија. Му припаѓал на кругот познат под името „Петтемина од Кембриџ“, а прекарот го добил според главниот лик на романот на Киплинг „Ким“; индиско момче кое шпионира за окупаторската Англија во 19. век. MI 6 го забележала како новинар, го вработила, па дошол дури до местото главен секретар на Британската амбасада во Вашингтон. Британците го откриваат во Бејрут, но Филби успева да избега и да исчезне. Многу години подоцна се појавува во Москва, каде што умира во 1988. година и е погребан со највисоки почести.

Мата Хари е уметничко име на Маргарет Гертруд Зелем, егзотична холандска танчерка која е осудена и погубена како шпион во текот на Првата светска војна. Наводно била во врска со многумина воени офицери и политичари, француски и германски, што ја довело во центарот на меѓународните сплетки. Била танчерка на која историчарите никогаш не можеле точно да ѝ ја одредат природата на нејзините шпионски активности. Судено ѝ е во Франција како двоен таен агент, за германската и француската страна, под обвинение дека е виновна за смртта на илјадници војници. Погубена е јавно, со стрелање на 15. октомври 1917. година.

Алдрих Ејмс е поранешен агент и аналитичар на ЦИА кој во 1994. година е осуден за шпионажа за Советскиот Сојуз. За ЦИА почнал да работи во 1963. година, а со Русите првпат започнал соработка во 1985., кога едноставно влегол во советската амбасада во Вашингтон и понудил тајни во замена за пари. Советите на неговите „услуги“ потрошиле околу два ипол милиони долари, што нему и на неговата жена му овозможило живот на многу повисоко ниво од она што го имал како агент на ЦИА. Освен тоа, Ејмс се борел со алкохолизмот, а во соработката не се впуштил од какви било идеолошки побуди. Станал шпион само поради пари.

Иако ЦИА сфаќала дека нешто се случува, никако не можела да го пронајде сомнителниот, па работата му ја препуштила на ФБИ кој брзо го открил Ејмс и го ставил под постојан надзор. Во февруари 1994. Ејмс имал резервиран лет за Москва, но тогаш го уапсиле него и неговата сопруга и ги обвиниле за откривање на строго доверливи тајни на советскиот КГБ. Тој е осуден на доживотна робија, а неговата жена на 5 години затвор.

Маркус Волф е син на писателот и физичарот Фридрих, кој бил член на Комунистичката партија на Германија, а по доаѓањето на Адолф Хитлер на власт со семејството емигрирал преку Франција во Москва. По нападот на Германците врз Советскиот Сојуз, на Маркус Волф му е речено да ѝ се придружи на Коминтерната, каде што со останатите е поучуван за идната работа како шпион.

По војната го испраќаат во Берлин, каде што како новинар ги следи судењата на нацистичките злосторници во Нирнберг. Како 30-годишник, во 1953. бил помеѓу основачите на тајната служба во рамките на Министерството за државна безбедност. Како шеф на организацијата, постигнал завидни резултати со вплеткување во врвните политички и деловни кругови на тогашната Западна Германија, развивајќи шпионска мрежа. Се повлекол во 1986., напишал мемоари, а во 1997. година е осуден на 2 години затвор за илегално приведување на осомничени, изнуда и принуда, како и нанесување физички рани.

Сидни Рејли, со вистинско име Сигмунд Георгиевич Розенблум, руски авантурист и агент на британската тајна служба MI 1c (претходница на MI 6), голема популарност стекна дури по смртта, кога наводно му послужил како модел на Јан Флеминг за создавање на ликот Џемс Бонд. Накратко, Рејли од млади години се занимавал со сомнителни работи, а по игра на случајот како готвач, спасувајќи експедиција на британската служба, е награден и ангажиран во MI 1c.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXVII

Постојат разни верзии на неговите потфати-за време на Бурската војна се преправил во руски трговец со оружје за да ја надгледува холандската испорака на оружје, им обезбедил на Британците дозвола за персиска нафта, ја завел жената на рускиот министер за поморство за да дознае нешто за германските пратки на оружје во Русија итн. Во 1925. агенти на болшевичката организација го викаат во Русија на наводен состанок на антикомунисти, но штом ја минува финската граница агентите го затвораат. Русите објавуваат дека е убиен во обид да побегне преку финската граница, но во меѓувреме се објавени документи на британската тајна служба кои докажуваат дека е убиен во шума покрај Москва.

Џозефин Бејкер, попозната како „Црна Венера“, е американска танчерка, пејачка и глумица од африканско потекло. Како и Мата Хари, била вплеткана во прибирање информации на суптилен шпионски начин. Доаѓајќи во Франција, брзо стекнала популарност танцувајќи полугола, често само во фустанче од кори од банани, додека во тоа време во Америка би патела поради расна дискриминација. Во 1937. добила француско државјанство. Ернест Хемингвеј ја нарекол „најсензуална жена што постои“.

За време на Втората светска војна станала популарна меѓу нацистите кои ја окупирале Франција, што ѝ дало повод да му се придружи на Движењето на отпорот. Постои приказна дека самиот Херман Геринг, дознавајќи за нејзините воени активности, ја повикал на вечера, но сфаќајќи дека виното ѝ е отруено успева да побегне. По војната Џозефин Бејкер е наградена со одликувањето „Круа д Гер“ (Croix de Guerre).

Се смета дека руската шпионска школа е една од најдобрите на светот, особено кога станува збор за двојни агенти. Нејзините се секогаш долговечни, а многу нивни „кртови“ „посеани“ низ Запад и САД во 80-тите и раните 90-ти години се сè уште во фаза на „спиење“; за нив ЦИА и ФБИ ќе дознаат, ако имаат среќа, дури по 15-20 години (можеби и никогаш).

Еден од случаите кои предизвикаа масовни обострани протерувања на дипломати на релацијата Вашингтон-Москва е американскиот контраразузнавач Роберт Хансен. Тој со години на Русите им испраќал најстрого чувани тајни.

Има една специфика која особено ги налути Американците: фактот дека тој висок службеник на ФБИ (работел во контраразузнавачкиот оддел, руски сектор) доброволно деценија ипол им испраќал на Русите првокласен и автентичен материјал, а не им го открил својот вистински идентитет. Бидејќи во КГБ процениле дека човекот не им испраќа дезинформации, туку изворни тајни, се задоволиле само со неговиот псевдоним и му ја препуштиле иницијативата на „таинствениот Американец“.

Првите примероци на тајни документи, кои „тајниот пријател“ од срцето на ФБИ им ги пратил, биле толку привлечни што сè одело во прилог на „шпионажата без консумација лице в лице“. Мошне брзо централата на КГБ утврдила дека „човекот без лице“ има искрени деловни намери. Таа размена успешно се остварувала сè до почетокот на 2001. година. Хансен испраќал клучни информации за американските шпионски дејности во Русија и ги штител руските агенти во САД, откривајќи како контраразузнавачки работи ФБИ. На Москва ѝ бил подрагоцен отколку нивниот сличен шпион во ЦИА (Алдрих Ејмс).

Московскиот воен суд го осуди на 13 години затвор рускиот двоен агент кој 10 години и продавал информации за руската шпионска мрежа на британската разузнавачка служба MI 6. Судот утврдил дека полковникот Сергеј Скрипал (55-годишен) е виновен за предавство и шпионирање и го расчинил.

Скрипал, кој во средината на 90-тите години на минатиот век почнал да работи за MI 6 сè до апсењето, во 2004. придонел за откривање на идентитетот на повеќемина руски шпиони кои работеле во европски земји. Се смета дека Скрипал за своите дејанија добил околу 100.000 долари.

Еден од најпознатите од нашево време:

Едвард Сноуден е поранешен американски разузнавач, а сега бегалец под заштита на Русија. Самиот изјави дека бил „обучен како прикриен шпион“, а работел во странство за разузнавачките агенции. Ги негира тврдењата дека бил само извршител од понизок ранг. Тврдел дела работел на сите нивоа, од дното на теренот па сè до врвот.

Сноуден е обвинет во САД за шпионажа по протекување детали за програмите за надзор.

4. Бела книга со црна интерпункција

Во македонската народна поезија често се среќава стиховниот контрапункт „бела книга-црно писмо“, чие значење и слоевитост овојпат нема да ги елаборирам. За „ненародната“ политика, онаа што се реализира „во името на народот“ без нему да му се даде можност да суди за неа, најмалку да ги суди-осудува нејзините „спроведувачи“, сè повеќе се објавуваат „бели книги“, но не со „црно писмо“, туку најчесто со „црна интерпункција“. Зошто? Затоа што читателите без неа не би ги разбрале (прашање е дали би можеле да ги прочитаат), потоа и оти нивните пишувачи најчесто ја употребуваат за „докажување“ или „потенцирање“ на направеното, а без црна не би се истакнувала и не би го привлекувала вниманието на читателите нејзината белина. Притоа, доминантни се точката, двете точки, запирката и извичникот-чуденката. Најретко се употребуваат прашалник, прашалник и чуденка или обратно (заедно) и три точки. Другите што ги има овде-онде се ирелевантни.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XIV, роман

Да потсетам зошто интерпункциојата е црна-на главните „моменти“ од приватизацијата на една од малкуте „златни кокошки“ во Македонија-ЕСМ:

Според оценките на домашни и од странски експерти, ЕВН „за малку пари направи одлична зделка“. Германскиот весник „Ди пресе“ објави анализа во која цитираше аналитичари од „Ерсте банк“ и од одредени консултантски куќи. Нивен став: вклучувањето на високоволтажниот трансмисиски систем му ја носи меѓународната вредност на ЕСМ Дистрибуција и ја прави компанијата атрактивна за купување.

Потсетувам: продадени се 66 трафостаници од висок и среден напон кои чинат во просек по 2 милиона евра, потоа 8 миниелектрани, хидроелектрани, односно најквалитетните извори на електрична енергија. Само тоа чини повеќе од она што се доби за целиот пакет. Среднорочно, Македонија би можела да стане извозник на струја, а тоа на ЕВН ѝ нуди шанса да ја снабдува и Грција, која има постојан недостиг од електрична енергија.

Од црната интерпункција една од последните точки, може да е и извичник (повеќе како „извик“ отколку како чудење), но без запирка, прашалник и прашалник со извичник:

Ќе остане забележана како „дипломатско предупредување“ изјавата на екс-амбасадорот на Норвешка Карл Виби, чија земја финансиски го помогна мониторингот: еден од основните услови за вистински одржлив економски раст се транспарентност и добро владеење, засновани на одговорност и отчетност, што бара чесен и ефикасен правен систем. Научените лекции од овој процес ќе бидат корисни за слични процеси во иднина.

Белата книга со црна интерпункција за продажбата на ЕСМ, објавена од власта по тој повод, на „цели“ 110 страници во 7 поглавја ја прикажува состојбата во електроенергетскиот сектор, реформите во него, почетокот на приватизација на ЕСМ, самиот процес на приватизација и транспарентноста. Во неа се поместени и поглавја за реформите на пазарите на енергија во Југоисточна Европа, преку прикажување на договорите за енергетска повелба, енергетските директиви на европската заедница, Атинските меморандуми и Договорот за основање на енергетска заедница во ЈИЕ чиј потписник е и Република Македонија. Публикувани се и изјави и документи на претставниците на ЕУ за подршка на процесот на приватизација на ЕСМ, изјави од Светската банка, како и учеството на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која беше партнер во овој процес како коинвеститор-со позитивни оценки за квалитетот и резултатите од приватизацијата.

Еден од рафтовите на мојата домашна библиотека ослободив за „бели книги“, со црна, црвена и интерпункција во некоја друга боја (на пример, скоро очекувам во зелена). Повеќе од сигурно е дека ќе има уште многу такви посветени на криминалната приватизација на македонското стопанство. Како исповеди, мемоари или прозни, а можеби и поетски дела.

5. Сè поопасна „пајаковата“ мрежа Интернет за другите медиуми

Интернетот во светот, а во последниве години и во Македонија се шири со светлосна брзина. Во неговата „пајакова“ мрежа има стотици милиони, а според некои проценки и над милијарда вредни „бубачки“ и други генијални, талентирани и помалку талентирани индивидуалци. Најмногу „пчели“ од една и „трутови“ од друга страна. Мислам на оние што секојдневно „бубаат“, потоа на „работливите“-бизнсимени, интелектуалци и творци; како и на оние што го користат за „чиста“ забава, колку да не им мине залудно слободното време. (Со Интернет не им е залудно оти забавувајќи се учат, тренираат-најмногу нерви, но и добиваат инсипирација за сè и сешто).

Она што сè повеќе ги загрижува најмногу бизнисмените-стопаните на елкектронските и печатените медиуми, е сè поголемата загрозеност од него. За разлика од македонските, кои сè уште се убедуваат себеси дека не е така, странските почнуваат да стравуваат дека забрзано им доаѓа „Денот Д“, па се обидуваат да го прифатат, да го земат под свое, да се престројат навреме.

Едно глобално истражување во светски рамки покажа дека најголем пораст на бројот на посетители на Интернет има во Азија, а меѓу азиските земји најголем број на Интернет сурфери се регистрирани во Кина.

Што се слулчува во Македонија? Стопаните на електронските (радија, телевизии) и печатените медиуми „глумат“ дека не се плашат, бидејќи во меѓувреме направија или прават нешто што во светот веќе се покажа дека е само „преодна фаза“: отвораат свои портали на Интернет како „додаток“ на „главниот“ медиум. На нив ги пласираат истите содржини-информации, „илустрирани“ со фотографии, слики или видео-клипови (значи, „Интернет издание“ кое не нуди ништо ново), или го користат за „интеракција“ која се сведува на „форумска“ дискусија односно куси коментари на објавени вести и информации (поретко на аналитички текстови на новинари и експерти).

Она што е најважно е дека Интернет ги загрозува другите медиуми на планот на маркетингот. Во светот е одамна осознаено, кај нас за жал сè уште не, дека маркетинг услугите на Интернет мрежата се „по природа“ најевтини, но и најефектни (и во нивната подготовка и во нивната реализација).