Потребно време за читање: 14 минути

XXXIX Преобразби

Бил Дамјан од Истин, беше Дамјан Истиноски, е Дамјан Гласномисленикот или Колумнистот. Истиноски и Гласнимисленикот или Колумнистот често наспоредно, па и едновремено. Тие се главно преобразби, па и преобразувачки, додека бил Дамјан од Истин е многу поретко. Можат да се следат посветувајќи посебно внимание на секој од нив? Не знам, можеби, но не сум многу сигурен дека од мене тоа би можело да биде задоволувачко. Всушност, таквиот мој обид не би бил обид, туку резултат на однос спрема сложеноста на Дамјановата личност. Која со голема усилба се обидувам да ја откријам, пред сè раскажувајќи и прекажувајќи собитија во кои влегува обидувајќи се да ги надмине, приклученијата што ги доживува, како и неговите промислувања и ставови што на директен односно индиректен начин ми откриваат некои специфики или укажуваат на негов изразит однос и однесување.

Бил Дамјан од Истин лично од него, со негови зборови, подвлечено од мене во повеќе наши разговори:

-При секое мое доаѓање пред гробов се замислувам дека сум заедно со сите мои ближни во него. Неретко ми се присторува дека ги чувствувам пред мене, со мене, околу мене. Баба ми Веда и дедо ми Славе Смирноски, татко ми Истин, брат ми Стојмир со жена му Анет и синот Андреј. Што знам, можеби затоа што секако и јас ќе бидам со нив…Гробов семејна гробница…Да, да, сум ти кажал дека со сите нив разговарам молкома за сенешто. И за конкретни нешта од нашава стварност.

Последно од пред некој ден дека бил:

-Знаеш дека и мајка ми е умрена, но не е за спомнување. Погребана е во гроб на еден од нејзините мажи по разводот со татко ми. Не одам таму…Ај да докажам…Не ги осудувам нејзините изневери по разводот со Истин. Од него знам дека го изневерувала долго пред тоа, но тој се преправал дека не знае. Како да не забележувал, не гледал, а само за да го одржи семејството. Најмногу посветувајќи се на нашето одгледување и зреење-јас и брат ми…Не ја осудувам, тоа бил дел од нејзиниот личен, интимен свет и живот, но велам дека не сакам ни да ја спомнувам затоа што спрема мене и брат ми никогаш не покажувала никакво мајчинство…Ќе ти откријам нешто за татко ми Истин. Тој беше душа од човек, со безмерна добрина. Секогаш подготвен за споделување на нечии грижи, проблеми, за помагање во надминување на несакани состојби. Пред сè посветен на семејството… Не дека ми беше татко, но јас во животот немам сретнато толку мудар човек. Знаеше да слуша, па јасно да ги искаже своите мисли и ставови за што-годе…Почина во дом за стари лица во самост и молк…И нешто што ми значи многу: голем дел од мојата домашна библиотека со филозофски и есетистички дела ми е оставнина од него.

Беше Дамјан Истиноски најмногу во неговото мислечко и книжевно творештво. Повеќе во книжевното одошто во мислечкото. Барем за мене. Беше, но, како што нагласив на почетокот, и е често наспоредно, па и едновремено со Гласномисленикот или Колумнистот, во самото создавање дела. Не мислам толку на создавањето некогаш и на десетина дела во исто време, што на книжевната јавност ѝ е горе-долу познато и напати несфатливо, туку на создавањето како процес и траење. Имено, ниедно свое завршено дело тој не го смета дека е, туку дека го довел до завршница која може да опстојува, да трае додека не најде време или „нешто“ не го натера пак да се наврати на него. Со други зборови, сите завршени, објавени и необјавени дела ги смета за „отворени“. Во тој контекст често ја нагласува согласноста со теоријата на отвореното дело на Умберто Еко. Мислам дека веќе имам нешто забележано за тоа. Но, и најновите трендови токму поттикнати од неа. Како што е создавањето на хипертекстуалната книжевност.

На пример, знам едно негово големо, завршено, објавено и отворено поетско дело, за него капитално, кое го создава повеќе од триесет години! Станува збор за поетска студија, еден од новите поетски и прозни жанри создадени и дефинирани од него, посветена на животот во самост. Има чуден наслов кој никогаш досега не ми го објаснил или образложил: „Врвица меѓу две провалии која не се доодува“. Во неа секоја песна и текст меѓу нив се автохотони, но и поврзани со или без наслови и со или без интерпункција. Го имам прашано зошто, а тој ми има одговорено дека е тоа затоа што се отворени. Исто како целото дело. Нагласувајќши дека суштествена е енергијата во нив и од нив.     

Разбирливо, е Дамјан Гласномисленикот или Колумнистот најмногу во своите колумни. Веќе потенцирав дека не се согласува што правам свој избор и го објавувам во моево раскажување за него, пред сè затоа што не ги смета за вредни и значајни, но го прифати тоа рамнодушно само за да не се расправаме. Јас мислам и оти ми ја знае непопустливоста, упорноста, па и тврдоглавоста. Сосем рамнодушно го прифати моето објаснување дека мене неговите колумни ми го откриваат него директно или индиректно во некои важни состојби, расположенија, а најмногу во формирањето на неговиот светоглед.

Е Дамјан Гласномисленикот или Колумнистот меѓу другото и со неговиот однос спрема знаењето. Една наша куса расправа токму на таа тема:

Јас:

-Пишуваш колумни за сè и сешто од и во нашево секојдневје, мислиш и промислуваш, но кога е збор за прашања и проблеми кои не ти се баш блиски, за кои немаш доволно сознанија и знаења, како намерно да воведуваш површински.

Тој:

-Сакаш да кажеш дека човек не може да мисли и промислува за што-годе без темелни сознанија и знаења? Па нели ја дефинирав колумната, нејзиното значење, функција, и што е колумнистот? Треба да ти повторам?

Јас:

-Мојата констатација е во врска со знаењето…

Тој:

-Тоа е во суштината на улогата на колумнистот како аналитичар на актуелни собитија во државата и општеството, во сите сфери на животот, и на основните карактеристики на колумната: едноставност во пристапот, слобода на мислата, сопоставување, изведување заклучоци и предлагање решенија. Што ги содржи и импровизацијата, површноста, волунтаристичкото промислување…А знаењето…Како некакво воведување во темата доволно е основно, секако не површно знаење…како што го нарекуваш ти-површинско…Нема врска! Како површно?! Какво површинско?! Секое знаење е темелно кога е нераскинливо поврзано со искуството и мислењето. Без тоа е просто невозможно да се допре до која било и каква било конкретност на сложената стварност.

Знаење…Најмногу од него зависи внимателниот одбир на факти и аргументи, позитивности и негативности, квалитети и квантитети.

Јас:

-Ама е невозможно човек да има темелно знаење за сè и сешто. Во некои колумни ти самиот инсистираш на просечното односно доволното, јас би го нарекол енциклопедиското…Ме интересира тоа.

Тој:

-Аха…Па да…Просечното како доволно…И самиот знаеш дека денес знаењето, и општото, просечното и стручното како предуслов за правилно воспримање и толкување на нешто е сеприсутно, достапно секому. Да, мислам пред сè на Интернет…Јас инсистирам на темелното нераскинливо поврзано со искуството и мислењето. Кое ја докажува слободата на мислата, заклучувањето и слободното изразување.

Јас:

-А тоа во твоето творештво…

Тој:

-Тоа нема никакво значење во него! Тоа е нешто сосема друго!

Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин 

1. Односи и однесување

Не мислам на односите спрема стварите, нивната употреба и злоупотреба од страна на човекот-човештвото, туку на дневен ред ги ставам односите помеѓу луѓето. Поточно, нашиот-личниот и колективниот однос спрема човечката средина и околина. На ова ме поттикна една стамена домаќинка со која случајно се запознав во еден почетен, првофазен постизборен парламентарен период. (Tака не го нарекувам јас, туку чув како така го нарече некој во група на млади безделници седнати на една клупа во едно сончево „работно“ претпладне. Ми се допадна, го запомнив, па еве го искористив.)

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XVI, роман

Стамената домаќинка прво ме збуни, просто ме вчудовиде, но само некоја минута потоа убаво се разбравме.

Ми се пожали:

„Јас сум имала многу односи со луѓе, ама вакви меѓу политичариве никогаш не сум доживеала. Па како само можат толку отворено, дрско и безобазно?…Имале право Швајцарцине што му дале инвалидска пензија оти тој бил божем неарен во умот…Стварно бил неарен…Кога би ми паднал в раце, би видел каков однос јас би имала со него“.

Се разбира, јас како културен и пристоен не ѝ поставив непристојно прашање какво што може да се претпостави. Особено затоа што знам на кого мислеше во однос на она со швајцарската инвалидска пензија.

Си го продолжив патот, а во меѓувреме брзо ми стана јасно што рече и што сакаше да докаже стамената домаќинка: имала многу меѓучовечки односи, од роднинско-пријателски до работно-неработни. Веројатно најмалку мислеше, може и воопшто не помисли на сексуалните. А „инвалидот“ многу ја налутил со својата изјава дек, ако неговата партија не влезе во Владата, премиерот ќе си имал „проблеми“ со „албанскиот народ“.

Она што е можеби најбитно за односите од каков било вид, е дека нивниот квалитет најмногу зависи од однесувањето. Со други зборови, во прво лице еднина: какво ќе ти е однесувањето спрема оној со кого имаш односно посакуваш однос, таков и ќе ти биде. А од сите односи, најзависен од однесувањето е политичкиот. Од него произлегуваат најголемиот број други. Можеби во најширока смисла и сите. Па и сексуалниот.

Каква е состојбата кај нашиве ново-стари политичари на тој план? На прв поглед портокалова!

Лично мислам дека стамената домаќинка, како многумина други такви на многу високи и највисоки позиции, погрешно го разбрала „швајцарскиот инвалид“. Токму поради незнаењето дека квалитетот на односите најмногу зависи од однесувањето.

Имено, односниот сакал да рече дека ако партијата на чие чело е не биде во власта, притоа мислејќи на „својот албански народ“ кој на избори му дал „доверба“ да го претставува во Парламентот на државата Македонија, тогаш заедно со другите опозиционери во него ќе дејствува „жестоко“. Се разбира, тоа не е никаква закана, како што ја оценуваат и коментираат аналитичарите, експертите и обичните „стамени“ домаќини, туку станува збор просто за однос спрема една власт. Јас сум 110% сигурен дека „швајцарскиот инвалид“ досега научи оти двете други власти-законодавната и судската според „природата“ на нештата решаваат секакви „проблеми“, особено при независното владеење.

Да, токму од политичките односи кај нас, за жал, зависи сѝ или речиси сè. Дури, да се повторам, се осмелувам да тврдам дека и сексуалните зависат од нив. Само да потсетам на брачниот однос во кој партнерите припаѓаат на различни политички партии. А слушам одвреме-навреме дека имало и има „случаи“ во кои тие биле присутни и во политичките. Ќе си земам малку „слобода“, па во тој „контекст“ ќе оставам можност за нивна сè поголема присутност, паралелно со зреењето на демократијата во земјава, особено на демократскиот политички плурализам. Ако не поради друго, тогаш барем поради фактот што процентот на новите пратеници од понежниот пол никогаш не бил поголем од сегашниов. Се разбира, во прв план го имам односот во рамките на половата односно родовата рамноправност.

Е, токму таа-рамноправноста ми е поентата на ова мое гласномислење за односите. Имено, убеден сум и сигурен сум дека најстабилни, најдолготрајни, најквалитетни, најпросперитетни и најплодни се односите воспоставени на рамноправна основа. Особено кога станува збор за политичките, па и позиционерско-опозиционерските. Се разбира, и личните и колективните. Убеден сум, сигурен сум дека само со и во такви односи можат да имаат успех сите оние што имаат нешто портокалово на себе. Што значи тоа? Тоа значи дека е нешто меѓу црвено и сино или жолто и зелено, но никако не меѓу црно и било, во сиво…Потсетувам на алузијата како дел од медиумската писменост: таа е „посредно или имплицитно насочување со исказот кон некого или кон нешто; асоцијација со позитивна или со негативна позадина во контексти коишто најчесто се општопознати за аудиториумот“.

Се прашувате и прашувате какви се моите односи со досегашните и сегашниве политичари? Исти како вашите: рамноправни односно зависно-независни. Најмногу зависат од нивното однесување, а посебно од нивното  секојдневно политичко дејствување.

2. Помеѓу „ќе“ и „можам“

Сериозноста и зрелоста на еден политичар, особено на лидер на голема партија најмногу се „чита“ во ветувањето. Се разбира, мислам пред сè на предизборното. На кое особено на лидерите ретко им текнува додека „мандатираат“ позиционерски или опозиционерски. Притоа, „читањето“ е полесно ако е ветувањето роковно поблиску, отколку подалеку. Потешко е подалечното затоа што секојдневно многу читаме, па со време и во зависност од „мемориската истренираност“ порано или подоцна забораваме на прочитаното.

Да, добро забележавте, не ја спомнувам „тежината“ на ветувањето. Од проста причина што таа не се поврзува со сериозноста и зрелоста, туку со способноста и подготвеноста на еден политичар и на оние околу него и со него-сопартијците, неговите на власт, негови или независни стручњаци-експерти-советници, „оперативен штаб“, „извршно тело“ итн.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), VII, роман

Во секоја предизборна кампања се соочуваме со ветувања во кои лесно се препознаваат политичката несериозност и незрелост. На пример, едно веќе дамнешно, но добро запаметено ветување на една искусна политичарка, и тоа со нејзина „гаранција“:

 „Гарантирам дека за шест месеца Македонија ќе добие покана за НАТО, за шест месеци ќе добиеме европски преговори, а во 2009. година младите и другите граѓани на Македонија ќе патуваат гордо и со македонски пасош. Се разбира, доколку дојдеме на власт на овие избори“.

Како „гаранција“ дека сето тоа ќе се случи, рече дека тоа ќе биде направено „не со фалби и рекламирање, туку ќе работиме и ќе собираме пријатели низ целиот европски континент“. Па уште со потенцирано „согледување“ дека „ова наше ветување доаѓа со гаранција и затоа толку многу ја боли власта“.

Дали ја болеше власта или не воопшто не ме интересира, но сè уште, да не речам трајно живо ме интересираат следниве нешта:

Бидејќи ветувањето не е гаранција, очевидно станува збор за суштинско неразбирање на едното и другото. Имено, доколку беше ветување тоа требаше да биде образложено со реална и цврста аргументација, но уште повеќе со точно и презицно кажано „самоказнување“ доколку не се исполни. Со оглед на тежината на ветувањето, губењето на лидерската позиција или напуштањето на политичката сцена не значат ништо. Доколку, пак, беше гаранција, нужно беше да ја покаже гаранцијата со нејзин, но и со потписи на нејзините поддржатели. Затоа што личната гаранција значи малку, можеби ништо. Особено кога ја дава искусна политичарка. Тоа е исто како да гарантираш дека кредитот ќе го вратиш во договорено време, а банката поверува на „гаранцијата“ и ти го дава без да си обезбеди хипотека.

Патем, дека беше лесно да се „чита“ неспособноста и неподготвеноста на дотичната политичарка доволно говори начинот како ќе биде исполнето ветувањето, односно ќе биде реализирана гаранцијата: „ќе работиме и ќе собираме пријатели низ целиот европски континент“. Имено, тоа-„работењето и собирањето пријатели“ воопшто не е и не може да бидат 6-месечни. Од проста причина што за такво нешто најпрвин треба да се праша „другата страна“: дали оние од кои зависи „примањето“, со кое на младите и другите граѓани на Македонија ќе им се овозможи да патуваат „гордо и со македонски пасош“ се „расположени“ за такво „нешто“.

3. Економската криза допрва ќе се продлабочува

Економската криза е шанса за преструктуирање на економијата, дури за еден нов економски „светоглед“. Како и секоја друга, во која било друга област, таа поттикнува најнапред на рационални и ефикасни мерки, често „прекуноќни“, со кои се спречува „огнот“ да не се прошири, да не ги зафати сè уште „неисушените“, „непресушените“ (од)брани од него. Напоредно (никако не потоа) се презема и „напад“, особено врз „изгорените“, „опожарените“, сè до „јадрото“, сушноста на севкупната живеачка. Секој друг пристап води единствено кон продолжување, поттикнување на кризата; нејзина радикализација, деструирање на смислата и содржината на постоењето.

Одговорните, и власта и опозицијата, експертската и лаичката јавност мораат катадневно да работат и дејствуваат. А сè што се презема претходно да подлежи на продлабочена причинско-последична анализа. За да се одбегне каква-годе конкретна мерка да биде палијативна.

Мошне „поетско“, но и „практично“ објаснување: оние што веруваат дека можат да ја молзат кравата, да го собираат млекото (сосе кајмакот), а притоа да не ја хранат и чуваат, во кризно време оставаат да пцовиса и се свртуваат кон нешто друго за „молзење“. Кога ќе нема друго, ќе запрат со „молзење“ и ќе се притаат дури друг-народот не ја плати штетата, не купи нова крава, па потоа пак да се „активираат“. Во меѓувреме да кренат раце од „молзење“? Нема шанса. Затоа што ништо друго не научиле, ништо не знаат да прават и да работат.

Претходното „прозаично“ се нарекува економија на алчноста.

Во непосредна врска со кризата како шанса е реалниот отпимизам. Оној нереалниот е многу повеќе штетен од песимизмот. Некои го „дефинираат“ како извлекување на поуки и проветрување. Во тој контекст, суштинското прашање е дали нешто сме промениле од моментот кога сме станале (ние или нашите избрани претставници) свесни за сериозноста на кризата.

„Глобална“ констатација: можеби човештвото заслужува криза и нрејзино постојано зголемува!

Имено, едно истражување на ОН покажа дека половина од производството на храна се фрла. Тоа едновремено значи дека и половина од огромното количество вода која е потребна за производство на таа храна е залудно потрошено.

Друг податок: 13 милијарди долари би биле доволни за да се подмират сите основни потреби за храна и лекови на најсиромашните во светот. Истовремено, во Европа и САД се трошат повеќе од 13 милијарди долари на домашни миленици.

Некои експерти сметаат дека „баучот на светската економска криза“ сигурно ќе ги прочисти нашите умови, а основен предуслов е да се зацврсти вербата во себе, да се внесат новини и да се претресе старото и нефункционалното. Тие со право посочуваат дека одговорите на најдлабоките општествени проблеми понекогаш треба да се бараат на необични места.

На пример, кризата покажува дека со општеството не можат да управуваат само економисти и политичари. Информатичките достигнувања денес овозможуваат хуманисти да укажуваат на она што го доведува општеството во опасност. Имајќи предвид дека хуманоста посебно подразбира грижа за луѓето кои не се во можност да ги задоволат своите основни човечки потреби, нужно е надминување на зависноста на послабиот, а почитување на личноста на секој и засилување на нејзините потенцијали. На тој план „непродуктивните трошоци“ на среден и долг рок се и тоа како продуктивни.

Мошне авторитетно и компетентно предвидување: додека инвеститорите го раздвижат капиталот, кризата се движи кон кулминација и допрва ќе удри врз вработеноста. Тоа значи дека проблемите ќе се продлабочуваат. Особено губењето на работните места и падот на трговската размена.

Познати се нужните чекори: конкретни програми за спречување на порастот на невработеноста и инвестиции во инфраструктурни проекти. (Инвестициите да го имаат предвид најнапред вработувањето.)

Трет начин е даночна реформа во делот на персоналните давачки. Големо значење има банкарскиот сектор кој има акумулирано доволно ликвидност.

Од друга страна, експерти на Светска банка потенцираат дека во економска криза  се нужни мерки кои ќе го амортизираат големиот трговски дефицит и ќе го кренат на највисоко место внимателното буџетско трошење за да не се продлабочува јазот во надворешната трговија.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXIX, роман

Што се однесува на нашава земја, на моментните состојби и перспективите на Македонија, севкупната криза е постојано, некогаш повеќе или помалку латентна, а суштествено за каква било активност во насока на нејзино надминување е дали го знаеме одговорот на „најпростото“ прашање:

Дали знаеме да раководиме со криза?  

4. Рецесијата не е никаков бауч

Оној што има барем просечни познавања од економијата и финансиите и барем површно ги следи светските економски текови, прво воопшто не би ја прашувал Владата дали Република Македонија е во рецесија или не, а второ би барал-предлагал внимателни, темелно осмислени и долгорочни мерки за нејзино совладување.

На човек да му се смачи читајќи-слушајќи некои партиски војници со каков дилетантизам ги „мешаат“ актуелните глобални, регионални и локални-македонски економски прашања и проблеми. Еднакво како идиотизмот на една “новинарка“ наречен „антиквизација“. За оние што „знаат дека не знаат“, а се трудат да дознаат и да знаат:

Под рецесија се подразбираат повремени забавувања во стопанската активност на некоја земја, проследени со истовремени влошувања на општата економска клима: пад на реалниот доход, пораст на невработеноста, низок степен на искористеност на производствените капацитети…

Треба да се потенцира дека рецесијата е помалку длабока и сериозна од депресијата. Се повторува во периоди од по неколку години, а вообичаено започнува во една земја и ѝ треба одреден број месеци, односно годишни квартали за да се пресели во други.

Постојат пет „најочигледни“ нивоа на влошување: стагнација-се случуваат краткорочни осцилации на економската активност, економијата бележи позитивни стапки на раст кои се сепак пониски отколку во претходниот период; рецесија-значителен пад на економската активност видлив во различни делови на економијата кој трае повеќе месеци; глобална рецесија-забавување на стапката на растот на светската економија на помалку од 3%; депресија-тешка рецесија која трае долго и вклучува пад на БДП поголем од 10%; и криза-крах на економијата во ситуација кога државата повеќе не може да ги финансира своите обврски како што се сервисирање на долгот, финансирање на јавните потреби и сл.

Нужно е да се има предвид дека не постои една, единствена, најпрецизна дефиниција на рецесијата. Најмногу затоа властите во многу земји одбегнуваат да ја прогласат. Многу често се користи познатата:

„Два квартала на негативен раст од растот на домашниот производ“.

Меѓутоа, треба да се имаат предвид некои проблеми околу нејзиното прифаќање, согледување и потенцирање согледани од угледниот „Економист“: БДП може да флуктуира квартално, на пример во првиот и третиот месец 4%, а во вториот и чевртиот да порасне за 1%-што значи дека тоа не е рецесија иако доаѓа до релативно долгорочен пад; релативно мал раст на БДП со голем раст на популацијата може во суштина да значи и реално намалување на БДП по глава на жител; износот на БДП подоцна се ревидира, во просек за 0.4% подолу на годишно ниво. Тоа е разлика помеѓу првите и конечните резултати.

„Економист“ предлага со анализата на БДП поголемо внимание да се посвети на невработеноста, бидејќи таа се мери полесно, бројките подоцна не се менуваат, а порастот на невработеноста досега се покажа како добар индикатор на рецесијата.

Експертите укажуваат на можеби најважната последица од лошата дефиниција на рецесијата: нејзино задоцнето откривање и одлагање на примена на решенија. На пример, додека таа трае се намалуваат каматните стапки зашто не постои можност за предизвикување инфлација. Познат е случајот на Јапонија во периодот 1997-1999, кога задоцнетото откривање на рецесијата доведе до нејзино пролонгирање и дефлација.

Неспорно е дека се мошне „цврсти“ причинско-последичните „врски“ меѓу рецесијата во една земја и глобалната рецесија. Ова особено треба да се има предвид кога се предлагаат порадикални решенија.

Рецесијата бауч? Да, за секој што не знае или не сака да се справува со долгорочна криза, пред сè економско-финансиска. Кому таа дури му одговара за лично коруптивно богатење.

5 „Апокалипса денес“: свет на бегалци, гладни и болни

Ако кон нив ги додадеме „зафатените“ од економска криза, природните катастрофи кои се сè почести и поголеми од година на година (нарушување на еколошката рмнотежа), жртвите на воени и терористички атакувања врз животот итн.,не би било „премногу“ ако насловот на прилогов, позајмен од истоимениот легндарен филм на Копола, го променам во „Апокалипса денеска“.

Недвојбено, очебијно: светот незапирно се движи кон сопствено пропаѓање, кон самоуништување. Може да се „преврти“ единствено доколку од корен го промени сопствениот „светоглед“-на животот, времето денес сосе вчера и утре, на природата која штедро дава, но и жестоко му зема на „грабливиот“ човек, на цивилизацискиот развој, на меѓучовечките односи, на смислата и содржината на сопственото опстојување. Што е за жал тешко, речиси невозможно.

Па сепак, редовното предочување на сè позагрижувачките податоци за ширењето на гладта во светот, континуираното информирање и ангажирање на Светската здравствена организација, како и на секоја држава одделно во сопствените граници, ако не повеќе го принудуваат човекот да се сепне, да ги подразбуди свеста и совеста, да се „преврти“, да направи радикален „рез“ додека уште не е предоцна.

Поразителни податоци:

Според извештај на УНЦХР, во светот има повеќе од 50 милиона бегалци и интерно раселени лица. Повеќе од половина од нив се во категоријата интерно раселени лица-оние кои не ја напуштиле татковината, но морале да го остават својот дом.

Поради конфликтите што траат со години, голем број на луѓе подолг период се одделени од своите домови и татковината. Некои бегалци морале да ги напуштат своите домови три, четири и повеќе пати, па станува сè потешко да се најде начин да им се помогне.

Четворица од петмина бегалци денес живеат во земјите во развој.

Предупредување на ФАО:

Тивката криза на гладта, која зафаќа шестина од целото човештво, претставува сериозен ризик за мирот и безбедноста во светот. Високите цени на основните прехранбени производи предизвикуваат нереди, особено во некои земји во развој. Гладта во светот постојано се зголемува.

Сè побрзо се навикнуваме да живееме со наметната состојба. Дури да стануваме рамнодушни спрема настани, случувања, ситуации кои не ни се случуваат нам, туку на соседот или далеку од нас. Бегалци како да нема меѓу нас, во нашата непосредна и посредна средина и околина.

Што прават најразвиените? До кога ќе се толерира нивниот егоизам, трупањето на нивното богатство со „софистицирана“ експлоатација на неразвиените и средно развиените земји?