Потребно време за читање: 6 минути

XIV

Гласномисленикот е маркантен човек. Висок речиси два метра, широка коска, мускулесто тело. Во младоста се занимавал со маратонско пливање, постигнал завидни резултати, и со рекреативно планинарење. По преживеаните инфаркти неговите пријатели лекари инсистираат да продолжи, да плива и планинари редовно, според утврден неделен ритам. Постојано му нагласуваат дека се загрижени за неговото здравје, па мора да ги слуша. Не им е баш послушен. Плива и планинари одвреме-навреме, кога ќе му дојде. Колку за виталност и кондиција на телото и духот.

Гласномисленикот го познаваат со исправена снага, крената глава и стамен чекор. Паѓаат во очи густата бела брада, мустаците и долгата седа коса, кои му го покриваат речиси целото лице.

Гласномисленикот постојано нагласува дека животот треба да се живее животворно, создавајќи за себе и за други. За себе како докажување на лично постоење, а за други во сегашност како личен залог за заедничка иднина.   

Три поенти во овие денови пред многу години     

1. Лична филозофија на животот

Ја има секој, ама се ретки оние што секојдневно ја конкретизираат и остваруваат без отстапка пред други и пред друго, пред нејзината загроза.

Ретките се дел од колективниот живот, учествуваат во него, но не трошат многу енергија на неговата смисла и содржина. Бидејќи тој од нив не го бара тоа.

Колективниот живот е всушност зависност на нечија, а неретко и од сечија егзистенција, од друга или други, покрај друга или други. Тоа значи дека тој никогаш не е и не треба да биде единствен, безалтернативен; да му се оддадеш, да му се посветиш со целото свое битие, со сета сушност на својата егзистенција.

Политика и „облечена егзистенција“:

Во политиката индивидуалното е целосно во функција на колективното. Се согласуваш со една идеја, концепт, програма (платформа). Почнуваш дури слепо да им веруваш, да им служиш на оние што се искачиле на највисоките (партиски) скалила оти биле вешти, итри, искористиле, манипулирале, употребиле, злоупотребиле, се наметнале.

Што е тоа демократија во партија? Можна ли е партиска политика (остварување на идеја, концепт, програма односно платформа) со колективното во функција на индивидуалното?

„Облечена егзистенција“:

Прво, „голата“ е онаа на работ на животот или живуркање од денес до утре. Да, бедата на духот, но и на сѐ друго што ја дефинира и покажува личноста, и сиромаштијата-подстандарден или субстандарден живот. Кај неа е поприсутна рамнодушноста одошто непомирливоста со опкружувањето какво што е, со состојбите какви што се. Се разбира, „голотијата“ е различна во различни средини (држави), на различни развојни нивоа.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), VI, роман

„Облечената“, пак, постојано турка напред, а всушност назад (декаденција): колку е пооблечена, според последна мода, толку е погола, па продолжува да се облекува односно да се пресоблекува. Поедноставно (не така „поетски“): секодјневна, безмилосна борба со секого и со себеси, исцрпувачка трка без крајна цел. Да, битка за што повисок личен стандард, трупање на богатство, дел од високата класа, евентуално само привремено во средната, а не дај Боже во ниската (не само работничката).

Филозофија на егзистенцијата? Да, во основното на Јасперс: грижата за интегритетот на човековата личност. Но дали тој, интегритетот, е можен без лична филозофија на животот? На пример, без задоволството и спокојството што се секогаш дел од неа?

Како е-така е оти може и вака и онака. Колку си-толку си оти може и да не си.

Едни од „колективните“ му се одушевија на детскиот ум, а не му го прочитаа и слушнаа недореченото во уште една буква:

„Цело е кога има сѐ“.

Детскиот ум сакаше да напише и каже:

„Цело е кога имаш сѐ“.

2. Непотизмот

Од роднини и пријатели глава не можеш да кренеш. Ако веќе си му помогнал на еден, значи можеш да им помогнеш на сите. Ако ти како директор, како шеф, како раководител или позиционерски политичар не помагаш во оваа безработица, кој може? А треба да се работи, да се живее, да се преживее, човече!

Ќе ме вработиш кај тебе, ќе ми најдеш некое местенце кај твоите, па ќе ти бидам вечно благодарен. Да знаеш, се врти колце на тркалце, може да дојде и некое мое време, па ти да побараш помош од мене. Знаеш како е: стореното се памети, ама и нестореното не се заборава.

Никогаш толку многу роднини и пријатели! Како сиот народ да е една фамилија!

Веќе стана жива срамота: син ти го пикна кај тебе, ќерка ти исто така, па зетот, после снаата, па нејзиниот брат, синот на твојот прв братучед, па братучедот на твојот втор братучед.

Веќе никој не верува дека во твојот колектив, со кого ти раководиш, има некој да не ти е роднина или барем пријател на некој од твоите. Пријатели, и тоа најблиски, колку ти душа сака. Не си ни знаел колку си имал пријатели додека не стана директор: овој пријател на оној, од пријател преку пријател на пријател, а овој е пријател на мојот пријател од твојот пријател, со кого едно време си бил добар пријател.

Никој не ти верува ниту во ветувањата дека како позиционерски политичар ќе се бориш против непотизмот во државните-јавните претпријатија, во државните органи на сите нивоа, во власта. За сметките и пресметките да не правиме муабет: овој ќе ми помогне за ова, оној за она, овие ќе ми се најдат за тесно и широко кај вчерашните, оние ќе ме препорачаат кај утрешните кога треба да ја сменам бојата.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), IV, роман

Наскоро ќе мораш да се откажеш. Се разбира, не од роднините и пријателите, туку од директорувањето. Да знаеш, наскоро и од политиката како таква ќе крене раце од тебе.

И ти си ми бил некој директор штом си попуштил пред роднини и пријатели. Како можеш успешно да директоруваш со нив? Се сметаш за успешен политичар? Како кога си дозволил да те вртат на малиот прст, да те местат и пресметуваат според нивни список на места и нивни пресметки, без престан да се вртиш од кај што дува ветрот?

Чаре? Нема друго чаре, освен под итно да го трансформираш претпријатието, да си го приватизираш или да го „трансформираш“ во акционерско друштво. И онака е од неколкуте, последните што останаа нетрансформирани, неприватизирани. Да го фатиш последниот транзиционен период како политички или политизиран директор. Па од роднините и пријателите околу тебе со време да останат само успешните, само оние што ги бидува, што знаат и умеат. За да не пропаднеш. И ти и претпријатието со тебе. И твојата политичка кариера.

Навистина, непотизмот стана наше големо делнично гајле. Никако не може да се оправда со „преодна фаза“. Демек, тој кај нас порасна до невидено затоа што лошо ја исутркавме приватизацијата. Има нешто од тоа, ама што правиме со политизацијата, партизацијата на сѐ државно, и јавно и тајно?

Ама друго ќе е многу поважно: дека роднинството и пријателството на работа е знак на неспособност и злоупотреба.

Имено, ти како директор кој го „негува“ непотизмот, не можеш без роднините и пријателите оти само тие можат да ти ја бранат позицијата, да ти ја чуваат фотелјата, да водат сметка да не паднеш.

Имено, ти, како политичар кој се плаши од независните, не можеш без овие и оние оти преку тие можеш да направиш сѐ што си наумил. За доброто на твојот народ?! А кој ти дал за право народот да го сметаш за твој?! Особено ако не си негов?!

Во светот на бизнисот никому око не му трепнува за роднини и пријатели. Во него важи единствено онаа нашата, народната:

Брат за брат-сирење за пари.

Во светот на демократијата секому му е најважна слободата, независноста, достоинството, личниот идентитет и интегритет. Во него важи единствено онаа нашата, народната:

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXI, роман

Не им го прави на други она што не сакаш тебе да ти го прават.

3. За кого е важно да се учествува

Спортот одамна не е никаква „привилегија“ на спортистите. Дене е најмалку e нивни утре ќе биде целосно на други. Дури може да се рече дека тие се во функција на остварување на целите кои воопшто не се спортски, туку економски и политички.

Некои критичари на познатата, но идиотска олимписка максима на Пјер де Кубертен, „Важно е да се учествува, не да се победи“ (на пример прославениот светски ватерполист Александар Ќириќ), потенцираат дека спортот е еден вид опиум и духовна дрога за потчинување на масата, за да се промовира главната сеуништувачка социјал- дарвинистичка идеологија на капитализмот и „смислата“ на животот: посилните опстојуваат, се води борба на сите против сите, а единствено е важен рекордот, успехот, профитот, прогресот. При што човекот е само „роботизирано животно“ без мозок и душа.

Некои одамна познати, а за многумина спортски работници и оние со и околу нив (мислам пред се на спортските новинари), непознати нешта поврзани со Кубертен и „неговото“ мото:

Тоа е не е на Кубертен кој, пак, најмалку бил „голем хуманист“. Се работи за ноторна лага!

Имено, „Важно е да се учествува, а не да се победи“ пред него, уште во 1908- ма година, по повод Олимписките игри во Лондон, рекол еден бискуп од Пенсилванија, а неговите зборови Кубертен ги присвоил за себеси неколку години подоцна. За францускиот аристократ не ќе е лошо да се знае следново, а што лесно може да се најде на Интернет (мнозина сигурно ќе се изненадат, ако не и шокираат, особено од оние со „олимписки дух“):

Кубертен сите свои дела, на околу 60.000 страници, му ги оставил во завештание на Хитлер и барал од нацистите да бидат чувари (!?) на неговите Олимписки игри. Тие никој јавно не ги објавил, освен Хитлер. Според своите ставови спрема жените, тој бил психопат кој мразел жени. За нив рекол: „Жена која прво размислува, па потоа чувствува, не е само ненормална, туку е монструозна“(?!).

Еден одмолчен (намерно заборавен) „куриозитет“: водачите на Меѓународниот олимписки комитет Пјер де Кубертен, Анри д’ Баје-Латур, Зигфрид Едстром, Еври Брандејџ, Хуан Антонио Самаран биле нацисти! Во 1965-та година е организиран состанок на МОК, на кој претседавал фашистичкиот диктатор Франко. Тој одржал говор, членовите на МОК го сослушале и потоа „нагласено“ му аплаудирале.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here