Потребно време за читање: 6 минути

XVIII

Животот минлив

Дамјан по малу нервозен и со лутина во гласот:

-Не разбирам зошто си запнал да ти откривам нешта од мојот изминат живот. И самиот знаеш дека, како сечиј, и мојот е обичен зашто е минлив. Минливоста сама по себе не е интересна. Со ништо, според ништо и во ништо посебна.

Јас спокоен:

-Не се согласувам со тебе за минливоста. Поготово не зашто е тоа-минливост. И како заклучи дека сум запнал ти да ми откриваш? Откривам сам колку што мислам дека е потребно за да те откријам пред светот вистински. Каков што си, каков што те знам, каков што тој треба да те знае. Некое откривање од тебе може само да ми го олесни постигнувањето на целта…

Тој втренчен во мене:

-Цел?! Каква цел?! Ти досега никогаш не си ми кажал дека нашава дружба, нашево пријателство, нашава близост ти е поради некоја цел што јас не треба да ја знам?!

Јас му влегувам во зборот:

-Како не знаеш? Пред да го почнам делово за тебе, многупати зборувавме дека е добро светот што подобро да ги запознае и да ги знае мислечките и творешките личности, каква што си и ти. Колумнист и творец-книжевник. Не оти тоа само по себе е интересно, бидејќи таквите личности се за сега и за однапред, за иднина, туку нивниот живот изобилува со многу посебни, изделени настани, собитија, пресвртни, драматични моменти и искуства што не се само лични и минливи. Да, животот е минлив, но кај тие личности, како и кај тебе како таков, остава длабоки и мали и големи траги кои претставуваат патокази за човечката цивилизација.

Дамјан помирливо:

-Ама ми изнакажа…Да, јас сум колумнист, ти дозволив да преобјавиш колку што сакаш по твој избор мои колумни од дамна до неодамна и до последната. Се договоривме и ништо да не преобјавиш од книжевните дела-поетските, прозните и сатиричните затоа што се со свој, посебен свет, живот што сам по себе не е, ниту може да биде минлив. Но, дека оставам длабока трага…

Пак му влегувам во зборот:

-Мојот избор на твои колумни за преобјавување е на директен или индиректен начин токму потврда на минливост на животот, со длабоки и мали и големи траги како патокази на човечката цивилизација. Не само на минливоста. А што се однесува на животот, минлив или секојдневен, минливоста во временска смисла, а секојдневноста како редовност, ред, ритам, стереотип, рутина, јас не мислам на твој животопис. Не ни помислувам ова мое дело да биде тоа. На  моментуми од твојот живот во кои си го градел и си го изградил темелот на твојата мислечка и творечка личност.

Тој:

-На пример?

Јас:

-На пример зошто си и како си сам со „неформална друшка“. Дека така се чувствуваш со неа или навистина си, а би бил и без неа?И дали е и таа?

Тој:

-Па прашај ја…Добро, нека биде по твое…Сега запиши го ова, па прераскажи го без никаква твоја додавка, промислување или домислување.

Запишав и прераскажувам:

Тој сака да биде сам зашто тогаш не е осамен. За него осаменоста е лично чувство против кое секој треба да се бори и избори на свој начин. Дамјан од Истин, Дамјан Колумнистот, Дамјан Гласномисленикот се бори и изборува против осаменоста со самост во која пишува или создава книжевни дела. Тогаш на неа ѝ ги придружува молкот, тишината, мислечката концентрација и промислувањето за што било.

На Дамјан досега неколкупати му се случило да биде сам, а да не е осамен. Притоа, со последици кои во неговиот досегашен живот биле најдолготрајни, со најдлабоки и најболни последици.

Едно ведро неделно утро, во пет часот и шеснаесет минути, пред точно осум години седум месеци и дваесет и три дена, Дамјан се искачил сам на врв на планина над еден непознат разурнат град, на неговата западна страна. Пред тоа, во деновите прес неделното утро никого не известил за својата намера. Искачувањето го сметал за личен подвиг. Врвот е највисок од сите досегашни искачени од него. До самоти небо? Да. Над него? Да!

Дамјан тврди дека сам човек на врв до самоти небо и над него не е, ниту може да биде осамен. Тоа го докажува токму со самоста на врвот и со непридружувањето на молкот, тишината, мислечката концентрација и промислувањето за што било. Зошто тоа? Зошто така? Затоа што така, сам на највисок врв на планина од сите досега искачени од него, под неговите нозе бил непознат разурнат град со минат и минлив живот. Не како стварен и заумен свет, туку како свет меѓу нив.

1. Премислувам, промислувам, разграничувам и домислувам

Секој ден, речиси по цел ден и во не мал дел од ноќта. Еднакво кога пишувам, допишувам, запишувам или препишувам. Еднакво кога физички се трошам во што било и за што било.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXX, роман

Се разбира, никогаш едновремено. Не оти е невозможно, ако не сѐ можно е барем со две или три, туку поради времето што ми преостанува откако ќе ги поминам или ќе ме одминат сите банални секојдневности. А тоа никогаш доволно.

Премислувам-значи сум поставен или самиот сум се поставил во однос на некои нешта: предмети, појави, пројави, состојби, процеси. За да ги осознаам, за да ги откријам, согледам, процесуирам. Притоа, поважна е мојата поставеност отколку нештата.

Во прашање е лична позиција од која тргнувам за да продолжам, а да не запрам. Поважна е мојата поставеност, а најважен е потгтикот за творечка авантура-предизвикот, неспокојот. Премислувам помеѓу, не поради определба за едно или друго, за или против, туку поради потврда на сопствениот идентитет.

Промислувам-значи сум запрен или ме запреле пред некое или пред некои нешта (зависи од моќта на концентрацијата), а за да си одговорам на вообичаени, дури банални прашања: зошто, кога, каде, колку, дали. Ова последново-дали е многу почесто од другите.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXIII

Дали се оправдува промислувањето на нешто? Суштината на каков било одговор е-сомневањето. Со дали се потврдува правото на сомневање. Тоа е тоа. Тоа право никој не може да им го одземе на промислувачите и творците, а над сѐ на мислечките луѓе. Тоа е основа на промислувањето.

Разграничувам-значи доаѓам до, значи стасувам на крајот. Кога мора да биде крај, за да биде почеток. Ништо полесно, но и ништо потешко. Ништо полесно да биде крај, ништо потешко да биде почеток.

Крајот како почеток, почетокот како разграничување на некои нешта од нешто сешто. И не знам дали тоа што го домислувам некого ќе премисли.

На пример, што се случува со мене кога не сакам ништо да напишам? Ниту ред-стих, ниту збор, ниту слог, ниту буква. Проблем е што не се случува ништо, а тоа воопшто не е поттикнувачко.

Кога не сакам ништо да напишам излегувам надвор од моите четири ѕида, се искачувам на врвот од планината до градот и молчам загледан кон соседната планина, мошне далечна од мене. Со свои врвови.

Навистина не се случува апсолутно ништо. Ниту со мене, ниту во мене, ниту на врвовите!

2. Статусот на малцинствата во светот

Иако во нашава земја, според Уставот, нема малцинства (при „договарањето“ на Охридскиот договор беше потенцирано дека тоа било навредливо, односно дека со тој назив нивните припадници биле граѓани „од втор ред“), туку имаме „делови од народи“, Меѓународната група за права на малцинствата ги „навредува“ со тоа што ги третира како такви! Во нив се наведуваат држави чии власти спроведуваат зголемена репресија против одредени етнички односно малцински заедници односно малцинства во своите граници.

Една од клучните теми како дилеми најчесто е дали војната против тероризмот го прави светот подобро место за живеење на Запад, при што се истакнува дека светот е секако опасно место за малцинствата.

Што се однесува на Македонија, согледано е како позитивна генерална состојба продолжувањето на мнеѓуетничките односи, како и учеството на партиите на етничките заедници односно малцинства во владејачките коалиции, од осамостојувањето до денес.  Од друга страна, сè уште се повторува забелешката дека во некои области нема поголем напредок.

Лично очекувам оваа и други меѓународни групи и организации да им препорачаат на земјите во светот „опасни за малцинствата“да постапат исто како Македонија: бидејќи е „навредливо“, да престанат своите малцинства да ги нарекуваат така, туку делови од народи“. Не е потребен посебен договор сличен на Охридскиот. Меѓу другото, за да не им се случи во иднина вооружен „конфликт“ во кој „сите ќе победат“ бидејќи нема да се борат против никого.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXI

3. Трговија со робови во Велика Британија

Не е само Балканот каде што се шири трговијата со бело робје, пред сè на млади жени и девојки. Сè пораширена е и во Велика Британија! Во еден извештај од истражување на Би-Би-Си-Њуз се потенцира дека млади жени и девојки многу често, измамени од своите момчиња, доаѓаат во оваа земја и веднаш по пристигнувањето, уште на аеродрмите се продаваат на аукции во кафулиња. Биле родадени илјадници жени кои како „сексуални робинки“ се принудени да се занимаваат со „најстариот занает“ на светот.

Денешните робинки се главно од земјите на источна Европа кои доаѓаат во Велика Британија мислејќи дека ќе бидат негувателки на мали деца или чистачки по британските семејства. Но кога ќе пристигнат, откриваат дека се измамени и се жртви на шверц на луѓе. Многу од жртвите, откако ќе избегаат или ќе бидат спасени од полицијата, признаваат дека биле малтретирани и тепани пред да бидат продадени на некој газда. Над 85% од англиските проститутки се странски државјанки.

Потсетување:

Во парламентот во Вестминстер на 25. март 1807. година е усвоен закон со кој се укинува трговијата со робје, а дури во 1833. таа е целосно забранета. Околу 3 милиони црнци наводно го минале Атлантскиот океан помеѓу 1700-тата и почетокот на 19. век, со бродови на британската империја која најмногу учествувала во таа трговија. Многу повеќе од Франција и Холандија.

4. Умира охридската пастрмка

Со години наназад постојано се предупредува на загрозувањето на охридската пастрмка. Практично ништо не се презема или, пак, од преземеното очигледно нема никаков ефект. Се разбира, мислам пред сè на најодговорната „страна“-власта. Од друга страна, најмалку медиумите не ја прозиваат и не бараат јавен отчет за (не)стореното.

Резултатите од собирањето на икрата за вештачкиот мрест на охридската пастрмка покажуваат дека состојбата со неа и со белвицата е алармантна.Од година на година драстично се намалуваат зрната икра, а  уловот на матични риби годишно се зголемува дури 4-5 пати. Собирањето на икрата и во албанскиот дел на Охридското eзеро драстично се намалува.

Круцијално прашање до сите консументи на охридската пастрмка (со сласт и страст):

Зарем ви е толку слатка што уживате да ја јадете и како нејзини убијци?

Зошто уште не се принудуваме да бараме меѓународно медијаторство затоа што, на пример, ни Македонија ни Албанија не разбираат што значи ендемски свет, заштитен од УНЕСКО?