Потребно време за читање: 11 минути

XXXVII Творечка личност

Го сакам човеков и го ценам како исклучителна творечка личност. Човек како секој друг, обичен и едновремено единствен, различен од сите. Човек кому самопочитта му е прва буква од неговата животна азбука. Со навици вообичаени и ежедневни за сите, но и со свои разбирливи и неразбирливи.

На пример, не познавам друг човек освен него што толку многу го мрази телефонот! Не дека нема или не го користи, има мобилен стар, од пред којзнае кој век, но никогаш не чувствува потреба да му се јави некому. Кога кога мора поради нешто како мигум да премалува и физички и ментално. Исто е и кога се јавува и кога одговара на јавување. Исто со сите: тоа трае секунди, не повеќе од минута, со еден-два збора, како одговарање. Да поразговара за што било повеќе од минута? Нема шанса! Лично имам голем проблем со тоа, но го научив таков и го прифатив. Се прилагодив. Веќе не му се јавувам да го прашам. Однапред знам што ќе ми одговори:

„Добро сум…Што е?…Ти треба нешто?…Важи…Договорено…“.

„Договорено“ е најчесто зашто веќе престанав да му се јавувам за друго, освен за договор да се сретнеме за ова или она во толку и толку часот.

Дамјан од Истин ми има речено еднаш во врска со тоа и јас сум си го врзал во крпче што се вели:

-Го мразам телефонот. Неговото ѕвонење просто ме стресува. Според мене, телефонот на Бел и мобилниот на Кирпијанович се најглупавите изуми на сите времиња. Изуми за глупирање на луѓето…За непречена комуникација меѓу нив? А бе ај!…Добро, прифаќам оти се за во нужда или за контакт при меѓусебна далечина, ама за разговори и договори за кои се потребни минути и часови…Луѓето комуницираат кога се заедно, еден до друг, еден спроти друг, во четири очи, физички присутни. И тоа со зборови, знаци, гестови…Зошто глупирање? Затоа што се сака токму тоа или е со намера или е со злонамера…На што личи во кафуле двајца да седат еден спроти друг,да  држат мобилни в раце и да разговараат меѓусебно со испраќање СМС пораки или преку Месинџер?!..Јас би донел закон за употреба на телефон и мобилен со предвидени драстични казни за подолга од една минута. Поготово со часови…Нездраво е и точка!

Точка.

Го ценам човеков како исклучителна творечка личност. Не само според обемноста на неговото мислечко и книжевно творештво, туку и имајќи ги предвид жанровската разновидност и неговиот однос спрема делото.

Му предложив на Дамјан Истиноски да му бидам личен библиограф, а тој се изнасмеа, па ми одговори сериозно:

-Немам против, ама ќе заглавиш. Кој ќе ти ги гледа гревовите…Ќе имаш големи проблеми со систематизирањето на моите дела во однос на нивната отвореност. Ја имам предвид отвореноста според Умберто Еко, имено дека дело со завршен совршен облик е истовремено отворено во однос на интерпретациите, различните толкувања ограничени во текстот. Ги имам предвид неговите наратолошко-семиотички истражувања, но јас таа отвореност ја „надградувам“…Не знам дали си забележал во моите досегашни дела…Нив ги оставам настрана како завршени и отворени за друго, идно време. Просто речено, јас сметам дека секое дело за творецот е отворено сè до неговата физичка смрт. Значи, затворено за него како ослободување за да почне или продолжи да создава ново, а отворено за во некое негово друго време, на кое му се навраќа за да го дополни, досоздаде или пресоздаде. Без оглед што тоа за него достигнало совршена несовршеност. Што, пак, ја пренбрегнува читателовата интерпретација… Затоа и сум ја завештал обврската сите мои „пресечени“ дела со мојата смрт да се третираат како завршени…Ќе заглавиш, иако знам дека си упорен да оствариш намислено…Веќе се откажав од докажување дека моите колумни или поенти немаат никаква вредност, дека во нив има многу недоследности, непознавања, дури наивности, дури ступидности. Но, ти продолжуваш да избираш од нив, убеден дека тие се своевидно дополнување на твојот животопис на мене како гласномисленик за живот и животни приклученија.  

Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин 

1. Македонија вечна

Отсекогаш сум се залагал за поддршка-стимулирање, промоција и афирмација на вредности-дела-творештво. Затоа што сметам дека создавачкото-генеричкото во човекот и од него е единствената цел и смисла на постоењето. Се разбира, не мислам дека на тој начин се победува времето, се поразуваат неговата минливост и неговата маргиналност, туку дека вечноста, како заедничка назнака на трајноста и бескрајноста, се потврдува единствено во создавањето и создаденото.

За суштинската разлика меѓу категориите „вечност“ и „безвременост“ од филозофска гледна точка:

Според традицоналната филозофија, вечноста е непроменива, неподвижна, „доволна“ на самата себе; што значи дека е со сопствена „идентична сегашност“. Во тој контекст вечноста се разбира како безвременост. Притоа, најчесто се цитира мислата на Хегел:

„Зборот „вечно“ е незгоден, зашто притоа веднаш мислиме на времето, го вплеткуваме во него, минатото и иднината како во некое бесконечно долго време; меѓутоа, станува збор за тоа дека ова вечно е она што е еднакво со самото себе, чисто сегашно, дека во него не влегува претставата за времето. Тоа е-постоењето и престанувањето се исклучени“.

Вечноста е многу поблиска до вредноста како симболичен јазик на културна идентификација на единката и заедницата-јазикот, религијата, културата…

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXVI, роман

Вредноста, пак, има субјективен карактер, но во објективен контекст. На пример, вредноста е многу поопшта, поцентрална и потрајна од ставот. Во таа смисла, се смета дека повеќе сродни ставови и поширок репертоар на однесувања е содржина на вредноста.

Суштествено:

Нужна е вредносна презентација на вечноста на Македонија. Која подразбира поврзаност на минатото и сегашноста во нејзината постојаност. Препознатлив вредносен код во светот кој својата егзистенција отсекогаш ја бранел и ќе ја брани меѓу минливоста и трајноста.

2. Неуспешна приоритетна приказна

Приоритет: првенство, предимство, првенствено право; старешинство, првенство со оглед на времето на староста.

„Приоритет над приоритетите“: можен ли е, што значи, што би требало да биде? Не е ли тоа само една од многубројните политички флоскули за домашна употреба?

„Приоритет над приоритетите“ на Република Македонија: евро-атлантска интеграција. Значи има и други? Кои се тие?

Имајќи го предвид основното значење на приоритетот, нема и не може да има повеќе, множество на приоритети, туку само еден. Оние што имаат повеќе, кои ги поставиле, ги поставуваат, за кои бараат доверба и „сеопшта“ мобилизација, очигледно ги измешале нештата: приоритетот е еден и единствен, а сè друго е или може да претставува етапа, фаза, преоден период; пречки што треба да се совладаат за тој да се оствари, да се стаса до него.

Приоритет на Македонија: европеизација.

Европеизацијата е приоритет на сите политички партии-позиционерски, опозиционерски, парламентарни, вонпарламентарни. Без исклучок. Таа е поставена како единствен, за кој постои „општ консензус“. Освен кога треба да се напаѓа политичкиот непријател, при што без никакви аргументи се тврди дека земјата ја води во изолација. Без да се (под)размисли дали е тоа воопшто можно, па и кога би се имало таква цел. Конкретно: кога ЕУ би решила денес(ка) да ја интегрира Македонија, оние на власта тоа би го одбиле, а народот би им аплаудирал?!

Европската интеграција на „Западен Балкан“, вклучително и Република Македонија, е и треба да биде геостратешки интерес на ЕУ. А „општиот консензус“ во однос на приоритетот, да повторам, треба да биде европеизација: воведување и примена на европските стандарди во сите сфери на животот, работата, дејствувањето. Да, европеизам наспроти балканизам!

За подетално елаборирање-објаснување-разбирање на европеизмот, не само наспроти балканизмот, се потребни и поголем простор и повеќе време (есеј), а овде само ќе приведам дел од едно мошне инспиративно предавање на Вацлав Клаус:

„Тоа е економски систем кој не смее да биде оштетен со огромна владина регулатива, фискални дефицити, голема бирократска контрола, обиди да се подобри пазарот со конструирање на „оптимални“ структури на пазарот, со големи субвенции на привилегирани и заштитени индустрии и фирми, со легислатива на пазарот на работна сила.

Тоа е систем на идеи кој мора да почива на слобода, лична одговорност, индивидуализам, природна грижа за други и изворен морален живот.

Тоа е систем на односи и врски на одделни држави кој не смее да почива на лажен интернационализам, на наднационална организација и на погрешно разбирање на глобализацијата и екстерналиите, но кој ќе почива на добрососедски односи на слободни, суверени држави и на меѓународни договори и договарања“.

3. Опасноста од глобално затоплување сè поголема

Глобалното затоплување би можело да му нанесе на светот катастрофални штети. Со право се предупредува дека човештвото сè повеќе ја губи можноста климата да ја одржи под контрола „пред да ја мине точката од која нема враќање“!

Познати поразителни последици во и за европскиот континент:

Европа се загрева повеќе од светскиот просек, трендовите го претвораат Медитеранот во сушен регион, а северот на континентот го прават уште повлажен.

Утврдено е дека европските планини, приморјето, Медитеранот и Арктикот се најмногу изложени на ризикот од глобално загревање. Глобалната просечна температура пораснала за околу 1 степен во однос на нивото од прединдустриското доба, а во Европа се забележани дури повисоки температури.

Како последица на затоплувањето, повеќето земји на ЕУ ќе имаат проблем со недостиг на вода уште во 2070. година. Брисел е решителен во намерата да ги притисне земјите-членки порационално да ја користат водата, и во индустријата и во секојдневниот живот, дури да ги натера и со радикално кревање на цената на водата.

Нужна е итна едукација на граѓаните за штедење на водата, од секојдневно миење на садови и туширање до големи разладни уреди. Мора да се создаде јавно мислење во кое граѓаните во своите размислувања ќе бидат свесни за опасностите што им се закануваат, како што е тоа случај со енергијата.

Според најновите истражувања, од недостиг од вода не е загрозен само југот на Европа, туку прболемот се шири на северниот дел. Најмногу како последица на глобалното загревање, зголемувањето на популацијата и јакнењето на економијата. Се предвидува дека до 2070. сушите ќе бидат повеќе правило отколку изклучок во повеќето земји на ЕУ, а со тоа единствено не би требало да имаат проблеми Ирска, Велика Британија, скандинавските земји и северна Германија.

Повеќе од 1,2 милијарди луѓе или една петтина од човештвото ќе нема можност за постојано користење на здравствено исправна вода. Поради тоа во светот годишно ќе умираат во просек 15 милиони луѓе, главно деца. Се проценува дека околу 2,5 милијарди луѓе ќе немаат основни услови за хигиенски потреби.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XIV, роман

Индустријализираните земји треба да ја намалат емисијата на гасови за најмалку 30% во однос на претходните три-четири децении. Годишни трошоци за тоа: околу двесте милијарди евра, а повеќе од половината од таа сума за земјите во развој и најсиромашните. 

Вложувањето во проекти во секторот на соларната и еолската енергија, кои од година на година се сè пообемни, краткорочно го стимулира стопанството, а е одржливо на подолг рок.

Кога станува збор за глобалното загревање, можеби е најважно сè пораширеното аргументирано сознание оти е тоа закана за човештвото. Јасно е, исто така, дека без заедничко дејствување на сите земји и светскиот научен потенцијал не може да се постигне многу. Како што велат стручњаците, долгорочен може да биде само спасот на климата, луѓето и целата планета. Меѓутоа, сè уште нема одговор на прашањето дали тоа може да се реши со постојната глобализирана економија и бруталниот систем на профит по секоја цена, кои доведоа до сегашната состојба.

4. 21-ви век: светот во рацете на мафијата

Борбата против мафијата во целиот свет е постојана, континуирана и сè поинтензивна. Парадоксално е што, колку повеќе ѝ се нанесуваат сериозни и тешки „удари“, таа станува сè помоќна и повлијателна, дури во највисоките политички и државни кругови. Меѓутоа, во тоа постои одамна потврдена условеност, имајќи ја предвид пред сè суштината на мафијаштвото (организиран криминал и корупција) и нејзиното „општо“ дејствување (рекетарење).

Дали во Македонија се води вистинска, континуирана и доследна војна против сите видови мафија?

Мафијата насекаде во светот дејствува речиси на ист начин: ќе се собере група на решителни луѓе која пред јавноста настојува да го покаже само својот „чист“ образ, вешто прикажувајќи ги валканите раце и гангстерските работи, а полицијата обично „тапка“ во место. Карактеристично е што секој член на современа банда има доволно пари за најдобри адвокати, а во организацијата владее челичното правило на молчење комбинирано со одмазда за предавниците, како и разработена програма на меѓусебни помагања кога некој од „семејството“ ќе заврши во затвор.

Заедничко за сите мафијаши во светот е што знаат оти парите се „најцврстиот лепак“ за секое општество. Нивната доктрина е дека со пари може да се купи сè, па ги „заработуваат“ секако-легално, полулегално, илегално.

Оние што имале-имаат „работа“ со мафија, се бореле и се борат против неа, добро знаат дека најкорисни за неа се „цинкарошите“ (поткажувачите) од полицискиот и државниот апарат. На нив таа воопшто не штеди. Тоа е една од главните причини за неспособноста на локалните полиции и судии-поткупливост на важни луѓе во градската и државната управа на кои вооопшто не им пречат гангстерските пари.

Што се однесува на мафијашките методи, и тие се исти како во развиената Америка, исто така и во полуразвиениот Бразил. На пример, таму градежната мафија поради своите деловни интереси прво ги претепува непослушните и непоткупливите. Ако жртвите и натаму остануваат твдоглави, се применуваат два метода: убиство на оној што се опира на рекетарењето или јавна ликвидација на најневиниот член на неговото потесно семејство; вклучувајќи дури и деца.

Да, за разлика од некои други земји во регионот, Македонија е сè уште прилично „мека“, не применува „крволочни“ методи на принуда и одмазда. Иако веќе се случиле неразјаснети, односно „нерасчистени“ убиства. Меѓутоа, мошне индикативна е немоќта на судството откако полицијата ќе ја „заврши“ својата работа. Што, пак, сосема погрешно се „оправдува“ со неговата „нереформираност“. Реформата на нашето судство, пак, значи осовременување, модернизација, функционалност, ефикасност, а не „добивање“ независност! Кога е независноста главен проблем, всушност станува збор за „заемност“ меѓу него и мафијата (од секој вид-политичката, финансиската-посебно банкарската, царинската, градежната, тутунската…).

Од „мафијашката состојба“ во светот:

Њујоршката мафија е „најангажирана“ во изнудата-рекетарството и трговијата со дрога. Најброен е кланот Џеновезе, а петте најголеми мафијашки кланови се Бонано, Коломбо, Гамбино, Џеновезе и Лукезе.

Мафијата во Рио де Женеиро, Бразил, најмногу „работи“ со дрога, оружје и украдени автомобили. Поради секојдневни пресметки помеѓу полицијата и добро вооружените банди на дилери на дрога, кои контролираат стотина сиромашни квартови, Рио е еден од најопасните градови на светот.

Во Италија и натаму „најпопуларна“, и покрај бројни, постојани апсења е сицилијанската „Коза ностра“. Концентрирана е во градот Каталнисета, каде што дејствува мафијашкиот клан Мадонијал, кој најмногу се „занимава“ со перење пари, изнудување-рекетарење и продажба на дрога. Мошне „авторитетна“ е и калабриската мафија „Ндрангета“. Таа се смета за една од најопасните криминални организации на светот. Претворена е во „моќна светска економија“, финансирана преку пренасочување на европски фондови, шверц со наркотици и мафијашки „даноци“.

Инаку, според проценките на експертите за незаконско работење 21. век ќе биде век на криминалот. Се предвидува криминалците да завладеат со светот, доколку државите не ги спречат. Проценките се дека денес реалниот свет на организираниот криминал вреди годишно речиси билион долари.

Еден „сликовит“ опис на функционирањето на светското подземје (на американскиот сенатор Џон Кери):

Руската мафија испраќа свој професионален убиец од Москва во Њујорк за да ликвидира еден непослушен сопственик на голем маркет. Неговите фалсификувани документи ги обезбедува сицилијанската мафија, која за таа услуга е платена со ракети „земја-земја“.

Колумбиските картели произведуваат кокаин. Кинеската мафија го зема во замена за хероин, кој потоа го криумчари во САД. Тријадите го донесуваат колумбискиот кокаин во Јапонија и го дистрибуираат во соработка со јакузите. Потоа азиската мафија ги пере парите од дрога во Европа.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXV, роман

Глобалната криминална оска се состои од 6 главни сили, поврзани со низа мали организации, како и финансиски и политички кругови во многу земји. А тоа се американските криминалци, јапонските јакузи, кинеските тријади, колумбиските картели, руските гангови и италијанската мафија. Оваа подземна армија има над 8 милиони регистрирани членови, од кои најмногу во Кина и Русија.

Албанската мафија е на врвот на светското подземје (косовската се смета за дел од неа), а нејзините пипала се движат од Пакистан и Турција, преку средна Европа до источните брегови на САД и Канада. Моментно нејзин највносен бизнис е трговија со луѓе-девојки, млади жени, деца и детски органи.

Која земја е „оаза на мафијата“? За изненадување: тоа е малата европска држава Лихтенштајн. Таа се смета дека е идеален полигон за финансиската и криминалната елита. Благодарение на станици за прислушкување, клиенти на ова мало кнежевство се латиноамерикански нарко картели, кланови на италијанската мафија и рускиот организиран криминал. Нив не ги толерираат само како инвеститори, туку буквално ги мамат на перење пари со „индивидуални финансиски услуги по мерка“. Се тврди дека постои „мрежа на високи службеници, судии, политичари, директори на банки и инвестициони советници, кои заемно се поддржуваат во вршењето илегални финансиски работи по налог на меѓународни криминалци“.

Кнежевството Лихтенштајн е, „сокриено“ меѓу Австрија и Швајцарија. Се простира на само 160 километри квадратни, има 32.000 жители и речиси двапати повеќе задужбини во кои речиси без трага исчезнале милијарди франци. Благодарение на тоа што државата е толку мала, постои густа семејна мрежа, па така членови и семејства седат на клучни позиции во полицијата, правосудството и банките. Со тоа е создадено безбедно опкружување во кое нема промашување, а ниту опасности.

5. Поразите на италијанската мафија

Одамна италијанската мафија не е она што беше-најсилната, најорганизираната и највлијателната на светот (врз политиката, економијата итн.). Приматот го презеде албанската, на која не може да ѝ „конкурира“ ниту колумбиската нарко-мафија. Особено не во однос на внатрешната организација, хиерархиската поставеност и исплетената полит-бизнис-олигархиска мрежа. Италијанската стана „регионална“, а е на „добар пат“ да се сведе и на „локална“ (растурена, неповрзана), со оглед на исцрпеноста во постојаната борба со полицијата (популарните карабињери).

Она што отсекогаш претставувало и претставува најголема опасност за секоја мафија, е судирот на своите интереси (мафијашки зделки) и интересите на граѓаните, посебно нивниот (суб)стандарден живот и личниот и заедничкиот просперитет. Токму тој судир е главната причина за од ден на ден, од година на година сè поголеми и сè потешки порази на италијанската мафија.

Имено, и покрај економските мерки што се преземаат, проектите што се реализираат во континуитет, југот на Италија никако да го достигне северот. Посреден, но и непосреден фактор е секако мафијата, односно организираниот криминал кој годишно му одзема 7,5 милијарди евра! На југот многу малку се вложува во модернизација и проширување на производството. Затоа што кога станува збор за мали и средни претпријатија енормни суми се даваат за осигурување на имотот. Причина е сеприсутната мафија која од нив зема рекет, па тие настојуваат да се обезбедат од евентуална штета која таа би им ја нанела.

Уште еден загрижувачки, за Италија поразителен податок: организираниот криминал секоја година „одзема“ од државниот трговски систем 20 милијарди евра, а 40% од таа сума одат директно во „џебовите“ на италијанските мафијаши. Предничат мафијата од Сицилија, Камора во Неапол и Ндрагета од Калабрија.

Целта и успесите во борбата против мафијата: апсења на водачи на кланови и припадници на мафијашките семејства, како и спречување на обнова на „Коза ностра“. Најсилниот удар Службата на карабињерите го нанесе во далечната 2006. година. Во врска со него италијанските весници објавија една занимливост:

Во куќата на Салваторе лo Пиколo, главен бос на сицилијанската мафија бил пронајден „Устав на мафијата“, кој на иследувачите им дал единствен поглед во она што го прави мафијашот совршен. Правилата се шегобијно наречени „10 мафијашки заповеди“:

„Се колнам дека ќе ѝ бидам верен на Коза ностра. Ако ја предадам, нека ми изгори телото“, е една од „заповедите“. Кон „Не ги гледајте жените на нашите пријатели“ е додадено дека мафијашите треба да ги почитуваат своите жени и да исклучат од мафијата секого „што се однесува неморално“.

Мафијашкиот кодекс ѝ забранува пристап на мафијата на секој што има какви било врски со полицијата, и пропишува дека мафијашите никогаш не смеат да бидат кумови на деца на полицајци и обратно. Мафијашите на своите надредени мора да им ја кажуваат вистината и не смеат да крадат од мафијашки семејства:

„Имате обврска секогаш да бидете на услуга на Коза ностра, дури и ако вашата жена треба да се породи“.

Мажот кого жената го изневерила не е подобен да биде член на мафијата, што одговара на традиционалното, патријархално италијанско општествено однесување кое не одобрува понижување на мажот.

Ефикасната борба против мафијата во Италија е потврда дека таа почнува кога ќе им дојде преку глава и на власта и на народот.