Потребно време за читање: 11 минути

VI

Мора да се нагласи дека педесет и шестогидшниот Гласномисленик, Дамјан од Истин, е многу попознат како Колумнист одошто како книжевник со завидно и видно мислечко и книжевно творештво. Тоа е чудно за човек кому секојдневностите му се егзистенцијална нужност во животот, а многу повеќе од своето време посветува на вредностите кои го богатат. Но, не и за оној што сосема му се предал на животниот и работниот ритам или се прилагодил на нив, па за книжевното творештво на пример се информира и „влегува“ во него патем. Не треба да се заборават и „третите“, оние што се просто нурнати во актуелните собитија, па имаат насушна потреба на различни мислења и ставови да им сопоставуваат свои.Во овој контекст има нешто надежно кај Гласномисленикот: токму неговите колумни или барем некои од нив ќе предизвикаат интерес за неговото книжевно творештво. Нема никаков увид, но мисли дека тоа се случува, макар во некакви скромни размери.

А неговиот живот и случувањата досега, сега и отсега? Што животот? Да прикажувам понешто од него одвреме-навреме, од она што го знам? Зошто да не? Веќе спомнав дека тој преживеа два инфаркта како последица на личната борба за лична и колективна слобода, а најпрвин за слободоумност, како и на неуморната, секојдневната, исцрпувачката творечка работа. Исто така, го нагласив како битно тоа дека  е безработен, живее самотно и мошне сиромашки, а засега единствени приходи му се хонорарите за своите колумни и објавените мислечки и книжевни дела.

Еве нешто од Дамјан од Истин, со негови зборови низ смеа:

-Зошто живеам сам? Мислам дека е предодредена судбина. А и се научив себеси по изживеани три краткотрајни брака. Дека не ме бидува за брачен и семеен живот. Веројатно затоа и од ниеден од нив немам рожба. Не ми е лесно, не сум ранодушен, но тоа е тоа…За кртаткотрајноста јас сум виновен. Просто, многу сум сложен карактер. Просто неподнослив…Живеам сам, но имам една „неформална друшка“ што ми е по волја. Се вика Зора Темелкова. Засега исполнува единствен мој услов: кога е со мене да не биде со никој друг…Не, не сум ги заборавил трите брачни. Тамам работа! А и немам причина да ги кријам. Напротив, оној што сака да ме познава добро, добро е да знае за нив. Особено за нивните посебни места во мојот досегашен живот.

Во два-три збора:

Милкана Спироска, многу убава учителка во основно училиште, издржа со мене две ипол години. Се сложувавме во секој поглед, на секое поле, но јас не можев да ја издржам нејзината неконтролирана потреба да му се прикажува на светот поубава одошто е…Ме разбираш, нели?…Јорданка Постолова беше поубава од Милкана, ама не можев да го поднесам нејзиното инсистирање на материјалноста на животот…Ме разбираш, нели?…Најмногу во паметење ми е Катина Ангелова. Беше најнеубава од трите, ама беше душа човек. Бракот ни траеше најдолго-цели шест години. Се согласувавме буквално во сè…Нема што, љубов голема. Дури обајцата сакавме да имаме своја рожба. Што се случи? Ах!…Исчезна! Како исчезна? Така. Просто исчезна…Дојдов дома, неа ја немаше. Ни некаква порака, ни каква било трага. Помина ден, поминаа и два и три и четиир…Тамам кога решив да ја побарам, најпрвин кај наши заеднички пријатели и нејзини роднини, добив кратка писмена порака, по пошта; во бело плико со адреса на нашиот дом, поштенска марка, без адреса, град, држава на задната страна, од каде е испратена. Што мислиш, каква беше пораката? Домислуваш?…Да, да. „Не ме барај. Готово е со нас. Доста беше моја, твоја и наша мимикрија“. Ете…Ме разбираш, нели?        

Од колумните (поентите)    
на Дамјан од Истин      

1. Светот мал, а голем

Светот е и мал и голем. Мал е како познат и податлив за откривање на секој што сака да го има како свој, но едновремено и тој да биде дел од него. Голем е како животот на планетата Земја. Најпрвин со неговата разновидност и животворност, а потоа како дел од универзумот. Еднаква важност, неретко поголема, па и најголема имаат поврзаноста и соработката меѓу луѓето, нивното меѓусебно познавање, запознавање, нивната близост и постојаното, секојдневното зближување. Светот е повеќе голем одошто мал или повеќе мал одошто голем во зависност од човековото лично освојување на просторот и времето. Во што си помага самиот на себеси со сопствениот секојдневен ангажман, а му помагаат други пред сè како постигање на заедничка цел.

За глобалистите светот е веќе дел од нас и веќе сме дел од него. Многу брзо, по само неколку децении од првата употреба како фраза од страна на Маршал МекЛуан, во неговото знаменито дело „Гутенбергова галаксија“ (1962.). Инаку посветено на значењето и развојот на медиумите.

Потсетување: таа фраза се однесува на модерниот свет кој е толку моќно поврзан со компјутерско-интернетската мрежа што стана толку мал, та личи на село. Имајќи го токму тоа предвид, „глобално село“ се користи како метафора за Интернет и веб страница односно World Wide Web. Таа, пак, најмногу се објаснува со можноста човекот, без да го промени местото каде што престојува, со помош на Интернет да биде во контакт со луѓе од целиот свет.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXI, роман

Треба да се има предвид дека МекЛуан изразот „глобално село“ го користи како назначување на историската епоха која почнува во времето на настанувањето на првата печатена книга, односно на печатарската машина што ја создал Јоханес Гутенберг. Со неа е овозможено голем број информации да се најдат само во една книга. Во модерна смисла, Интернетот претставува токму една книга со огромен број информации и секогаш отворена за внесување нови.

Патем, МекЛуановата „замена“ на Гутенберговата галаксија со глобалното село, со напуштање на индивидуалноста и постигнување колективен идентитет, во нашево совремие е надмината со таканареченото електронско односно информатичко доба. 

Сегашново електронско доба светот во кој живееме го дефинира истовремено и како голем и како мал. Како голем за секој човек што постојано го открива и го запознава, едновремено со други, во постојана комуникација со други, а како мал кога сам или заедно со други го освојува и користи за свои потреби и цели зашто е негов неразделен дел. Со постојаната, дури деноноќна поврзаност со луѓе од најдалечни до најблиски предели, места, живеалишта, на сите страни на планетата Земја, човекот во „глобалното село“ си овозможува да стане негов придвижувач, насочувач, негов градител, создавач и пресоздавач. Истовремено, бидејќи станува збор за своевидна интерактивност. Имено, и светот односно луѓето од најдалечни до најблиски предели, места, живеалишта на сите страни на планетата Земја го менуваат човекот како самостојна и самобитна индивидуа. Неговата природа, неговиот светоглед, неговата сегашност и неговата иднина.

Едно прашање кое отвора многу дилеми, можеби е поточно да се каже опасности: колку во вакво доба светот успева да ја сочува, да ја брани и одбрани својата човечност, напоредно со зачувувањето на човековата индивидуалност од зависност и манипулација односно злоупотреба?

Мој недвосмислен одговор: тешко и од ден на ден сè потешко.        

2. Помеѓу личниот и заедничкиот интерес

Животот е колективна игра. Не пежоративнo, туку како смисла и содржина, а што е нејзина сушност. Сосе работата, дејствувањето и…политиката. Колективна игра во буквална и преносна смисла, во која главна, централна личност е Човекот (со голема почетна буква), Личноста (исто така со голема), смислата на неговата егзистенција во времето и просторот. Колективна игра во која на показ за доказ е индивидуалната, поединечната слобода, силата, способноста, знаењето, стручноста, мудроста.

Играта како забава? Не, туку како професија која се реализира и постојано квалитетно се надградува, пред сѐ со строго и доследно почитување на нејзините правила. Чија цел е остварување на личниот и заедничкиот интерес. Едновремено и подеднакво.

Обично лицемерие, обична мимикрија е убедувањето дека приоритет е „жртвувањето“ за заедничко добро, односно дека не е важен личниот, туку единствено заедничкиот, колективниот интерес, „доброто за сите“, перспективата на заедницата, на државата. Дека во спротивно станува збор за користољубие, кариеризам, полтронизам, егоизам. Обично лицемерие, обична мимикрија бидејќи кога само тие би биле (се) за почит и признание, тогаш не станува збор за ништо друго, освен за волунтаризам, аматеризам, манипулација, шпекулација, „имитација на оригиналот“.

Треба ли да потсетувам дека во граѓанското општество Неговото височество Граѓанинот е во центарот; неговата индивидуалност, можноста тој да се изразува, искажува, потврдува, афирмира со сите доблести и вредности?

Ете, тоа е или би требало да биде основата, темелната одредница, акционата програма, главната цел на постоењето и дејствувањето на една граѓанска партија (се разбира и демократска и национална, но не и лева, десна или централна, затоа што тој-граѓанинот е на сите „страни“).

Постои ли проблем и каде може да се лоцира помеѓу личниот и заедничкиот интерес? Во кој дел од тоа „помеѓу“?

Не постои, но бидејќи сме (станале) премногу лицемерни, мимикрични, го создаваме, дури несвесни дека со тоа се трудиме да се прикажеме себеси како безлични.

Уште еднаш: животот, работата, дејствувањето и политиката се колективна игра во која до полн израз се изразува, искажува, потврдува, афирмира индивидуалната слобода, способност, знаење, стручност, сила, мудрост.

Запирам пред политиката како колективна игра или како остварување на личниот и заедничкиот интерес:

Се влегува во неа, се формира нова или Човекот (со голема почетна буква), Личноста (исто така) се вклучува, се зачленува во постојна партија, не за својата игра целосно да ја подреди, да ја поистовети со заедничката-партиската, туку со неа-со својата да даде личен придонес за постигнување што поголеми, повалидни, повредни заеднички резултати-успеси.

Во заедничката игра што се нарекува политика не можат да се вклопат интелектуалците односно творците? Не е точно. Во неа лесно можат да се вклопат тие, но не се вклопува, ниту може да се вклопи нивното творештво! Освен како дел од колективниот идентитет, препознавањето. Напоредно и во иста мера со индивидуалниот, индивидуалното.

3. Политички нудизам

Нудистичкото движење во светот веќе не е популарно како порано, а во нашава земја воопшто и го немаше (и покрај езерските и планинските услови). Не само на нудистичките, туку и на плажите за „полуоблечени“ во светските туристички земји, во текот на летото (но и пред него и по него) можат „нормално“ да се видат како „рамнодушно“ се шетаат, пливаат или се сончаат угул голи туристи (многу почесто полуголи-женските „топлес“, машките…).

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXI

Сосема е нормално што брзо изгуби на популарноста, ако се има предвид одамна потврдената вистина дека на очите им се интересни облечените само додека не се разголат до „предмасовната“ фаза.

Меѓутоа, за разлика од светот, развиениот, полуразвиениот, а богами и неразвиениот, во нашава земја во последниве годиини мошне интензивно се развива еден необичен, според многу нешта специфичен, наш нудизам: политички. Тој развој, сум забележал, се интензивира правопропорционално (не обратно) со развојот на демократијата, а во нејзини рамки особено со развојот на свеста на граѓаните дека вината за нивниот статус ја сносат исклучиво политичарите и од позицијата и од опозицијата.

Бидејќи тој статус е сѐ понезавиден, веќе за никаде, политичарите, сакале-не сакале, мораат да се разголуваат сѐ повеќе. Во спротивно, тие-граѓаните ќе ги разголат, што му доаѓа на исто. А зошто им е потребно тоа? Зарем им се поинтересни разголени односно угул голи?

Суштината на проблемот не е во „интересноста“, туку во процесот на разголувањето. Тој трае долго, дури предолго. Мнозина се од поодамна угул голи, ама „клучните“ никако да го завршат разголувањето-соблекувањето. Затоа, најверојатно граѓаните наскоро ќе бидат принудени да преземат конкретна акција: тие да ги соблечат до гола кожа, па да ги изложат на македонското сонце, и покрај опасноста оти можат да поцрвенеат односно „од место“ да изгорат; со што ќе им се ускрати можноста да фатат убав, црн тен. Од проста причина што македонското сонце е мошне силно во летните месеци. Во поголемиот дел од денот многу долго стои високо. Да, разголувањето почна, но мене лично ич не ми се допаѓа што темпрератите растат сè побрзо.

Иако некои најавуваа, некои од нас се надеваа, од „некаква“ пролет, одамна нема ништо од неа. Што од горештините што од трудењето, „горните“ почнаа да се разголуваат пред нас, па ми иде дури да ги сожалувам. Сѐ повеќе сум сигурен дека наскоро дење-ноќе ќе ни се покажуваат угул голи.

Сте чуле за политички нудизам? Ако не сте чуле, еве да се потрудам да ве запознаам со неговите основни карактеристики:

Најнапред, како што пишав погоре, тој според многу елементи може да се нарече специфично македонски. Не само затоа што го „упразнуваат“ нашите „горни“ (и „средните“, особено „долните“), туку и поради докажаното бесрамие такви-угул голи да им се покажуваат на странците кои, нели сте забележале, ни доаѓаат секогаш комплет облечени. Некои злобни сатиричари, кои, патем, на „врвните“ политичари им предизвикуваат големи главоболки, тврдат дека и машките и женските секогаш, кога ќе им се укаже прилика за тоа, се местат пред нив, поточно секогаш им се наоѓаат за одзади (нивна омилена пејачка фраза: „Со симнати гаќи и опинок во глава“).

Втора негова специфика е што самите нудисти воопшто не се гледаат голи помеѓу себе. Напротив, дури се трудат да ги убедат граѓаните, особено членовите и симпатизерите на нивните партии дека се облечени по (и пред) последна мода, во облеки и обувки (па и друго, на пример, накит и сл.) на познати светски модни брендови.

А главната и мошне проблематична специфика на политичкиот нудизам е неговото времетраење. Имено, судејќи според покажувањето и докажувањето, очигледно е дека тој допрва ќе ја доживее својата кулминативна точка. Тоа допрва може да биде многу скоро. Не затоа што нашите политичари решија конечно да излезат пред граѓаните-гласачите угул голи, без срам и перде, туку оти на граѓаните-гласачите се чини дека им пука пред очи, па веќе немаат трпение да го гледаат нивното перманентно разголување, без намера конечно да го завршат; со што и тој-политичкиот нудизам, како сѐ друго во модерниот свет, конечно ќе стане демоде.

Да не заборавам на уште нешто, всушност најважно:

Политичкиот нудизам (посебно нашиов, македонскиов) е најнепосредно, речиси директно, со папочна врвка поврзан со декриминализацијата, декорумпиранизацијата и други слични „де…“ кои го прават масовен.

4. Творештво и политика

Не е случајно што во насловот на овој прилог „предност“ му е дадена на творештвото, а не на политиката. (Кога би било обратно, насловот би гласел „Политика и творештво“.) Едноставно затоа што секое модерно општество, секоја современа држава (намерно не го акцептирам системот-уредувањето) творештвото го става на пиедесталот, на врвот од егзистенцијалното скалило, на вредностите на идентитетот. Следствено, со сите сили, можности, капацитети го поддржува, го поттикнува, го стимулира, му овозможува непречено и интензивно да се развива. А резултатите-делата ги помага во нивната сопствена и заедничка валоризација и афирмација (како цивилизациски дострели).

Во оние држави-општества во кои предимство има политиката (таа е „над“ творештвото во секој поглед), постои латентна кризна состојба. Од криза на вредностите и непостоење на развиен вредносен систем, до индивидуална деперсонализација и негација-загрозување на колективниот идентитет.

Творештвото како смисла и цел на егзистенцијата (и личната и колективната) опстојувало и опстојува, постојано се развивало и се развива, се гради и надградува. Без оглед на деструктивниот однос спрема него, на негаторските тенденции-тоа да се обезвредни, обезличи, маргинализира, па и ништожи-на оние што творечкиот активитет го замениле со нетворечки процеси и дејанија, со рутинерство, полтронство, кариеризам, безидејност и бесцелност.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), VIII, роман

Се разбира, тој деструктивен однос го „негуваат“ пред сѐ политичарите, и тоа од нашата „провениенција“, имајќи ги предвид симплифицираното и карикирано сфаќање и „водење“ политика. Дури и на културната.

Да, сметам дека е крајно време, прва „домашна задача“ и политичарите и сите други да почнат да ја учат и практикуваат „вистинската“ политика. Со други зоборови, примерената политика на нашево време. Притоа, не мислам на оние што ги „бидува“ за политика, оти во современиот-модерниот свет такви нема, ниту може „да ги роди мајка“, туку на оние што се способни, знаат и умеат да водат политика (во која било област). Крајно време е таа да се заборави како вештина на управување со државата, како мудрост и вештина на однесување со луѓето, досетливост-итроштина, снаоѓање, препреденост, а да се учи и научи, потоа и да се практикува како промислено и авторитетно остварување на волјата и интересите на граѓаните, на нивните стремежи и цели, на нивната иднина.

Политиката како наука? Да.

Уште Аристотел во своето дело „Политика“ неа ја анализира како наука и како практика. Во него тој ја истражува политиката како реалитет на различни емпириски форми на власт во државната заедница и како наука за природата, функцијата и целите на таквата заедница.

Политичката наука или политологијата ја препознаваме како збир на теории и сознанија за претежно емпирискиот супстрат на политичките форми на општеството и историскиот развој на тие форми, а филозофијата на политиката како наука која ги разгледува човековите вредносни остварувања во рамките на животот на политичката заедница.

Каква е нашава сегашна политика и какви политичари ја водат, полесно ќе заклучите сами ако потсетиме на основното значење на поимите политикантство и политикант-политикастер.

Политикантство: колоквијален израз за дејствување спротивно на општата и јавна политичка дејност, дејствување поради лична материјална корист, сигурност, кариеризам; потоа заткулисно дејствување, интригантство, озборување-кодошење, непринципиелно здружување поради моментна корист, како и градење на политичка позиција со неполитички средства: со лични врски, роднински односи (непотизам), поранешни заслуги, бирократски ујдурми, уцени, полтронство, подметнувања и слично. За разлика од демагогијата како борнирана политика, политиканството е под нивото на политичкото дејствување.

Политикант-политикастер: надриполитичар, човек кој се занимава со политика, а не ѝ дораснал.

5. Политичкиот говор

Секој говор е индивидуално препознавање. Во крајна консеквенца тој ја инаугурира личноста во комуникацијата, ги дефинира нејзиниот систем и содржина, па и нејзината улога, нејзиното функционирање во вредносна смисла. Ја афирмира мислата, промислата, целта. Го претпоставува конкретниот ангажман, ја докажува личната определба.

Секој говор-говорот на културата, на критичката размисла, говорот на секојдневната кореспонденција, си има свои норми, сопствен вокабулар, свое препознавање.

Во едно политичко плурално милје говорот на индивидуата ја определува нејзината политичка ориентација, нејзиниот сознаен политички потенцијал. Тој е всушност обраќање кон јавноста, кон политичките истомисленици и противници, но и изграден став за одреден политички проблем и конкретен ангажман. Зависи од многу нешта, а најмногу од политичката култура на секој homo politicus.

Можно ли е во нашава ситуираност да се диференцираат спецификите на сечиј политички говор и, во тој контекст, на сечиј конкретен политички ангажман? Мошне тешко прашање за одговор, со оглед на не докрај дефинираните политички определби и на индивидуален и на колективен план. Рецидивите од минатото се сѐ уште присутни, сѐ уште ненадминати.

Имено, и кај позицијата и кај опозицијата, во нивните платформи и програми лесно се препознаваат елементи на социјалистичкото, поточно соц-реалистичкото, најмногу самоуправното „разбирање“ на нештата. На пример на корпоративноста во бизнисот. И во терминолошка смисла промените и разликите тешко се воочуваат.

Најприсутен и во настапите, и во однесувањето, и во акцијата, се разбира и во политичкиот говор, е популистичкиот речник кој ги редуцира, ги упростува, па дури и ги конфронтира со нормите на современиот, „западно развиениот“ политички говор. (Терминот „капиталистички“ ретко може да се сретне во него.)

Конкретно, употребата на некакви метафори, кои се во суштина најчесто небулози, го сведуваат севкупниот настап на индивидуата на сопствена карикатура. Наместо да го богати и поедноставува, тој го осиромашува до степен на празна фразеологија, на бесцелна јазична акробатика.

Во нашиот Парламент најчесто слуша(в)ме како „се поставува прашањето“, како вулгарно, навредливо се делат „епитети“, се лепат „етикети“, како се напаѓа без аргументи.

Сепак, основното во нашиот сеприсутен политички говор, кој не излегува од рамките на основното непознавање на нештата, е некултурата (може да се изедначи со ароганцијата и агресивноста), пред сѐ како „најмоќно оружје“ против аргументот. За некаква аналитичност во согледувањето на прашањата и проблемите што се поставуваат, за некаква логична промисла тешко може да стане збор (секоја чест на исклучоците), а посебно кога се работи за тн. импровизација, „слободното говорење“ кое не е ништо друго, освен неподготвеност и некомпетентност.

Секој може да каже сѐ и да говори секако, па и во политиката. Но треба претходно да се научи, да се знае кога и како се кажува и говори. За да се одбрани достоинството на сопствената личност. Над сѐ.