Потребно време за читање: 9 минути

XXXIV

Дамјан Истиноски на свој врв

Иако тој тврди дека се сосем неважни за неговиот животен и создавачки тек, Дамјановите животни приклученија се суштествени за разбирањето на неговиот статус во општеството и признателноста на неговото книжевно творештво. За да ја потенцира неважноста, тој нив ги изедначува со колумните кои немаат врска со неговите поетски и прозни дела; тие се „обично хроничарење на текушт живот“ со понекој коментар или промислување, кои му обезбедуваат не каква-таква, туку пристојна живеачка. Неважни му се и досега објавените збирки со нив, иако се веќе прилично на број, секоја со по повеќе од триста страници. Пред излегување од печат е деветтата на ред. Се лути кога посветувам поголемо внимание на нив, а дури грубо ми одзема збор кога се обидувам да му докажам дека бројот не треба да се занемарува, Тоа исто се однесува на неговото мислечко и книжевно творештво. Напротив, во творечка смисла квантитетот односно обемот треба да се вреднува еднакво како содржината, просторно-временската димензионалност, разновидноста, опфатот на нештата…Му дозволил на својот издавач да ги средува и подредува за објава, со него има „постојан договор“ за една збирка годишно, но некако да назначи дека нивен автор „не е книжевникот“. Заеднички го избрале насловот „Мислам и домислувам“. Издавачот предложил, а нему му се допаднало и прифатил да бидат потпишани со Дамјан Колумнистот…А што е со животните приклученија?

Спрема нив сум многу внимателен. Нерадо и ретко ми ги поткажува, уште понерадо и поретко ми ги раскажува детално, а јас скришно ги запишувам и избегнувам да ги прераскажувам. Се разбира, ги изделувам оние што ги сметам за исклучителни, на некој начин пресвртни во неговиот живот, и кои фрлаат светлина врз неговата постојаност. Или, пак, го затврдуваат неговиот идентитет.

Едно од нив е секако првото искачување на свој врв. Го запишав со негови зборови, од збор до збор, и го насловив едноставно „Дамјан Истиноски на свој врв“:

„Можеш да замислиш? Јас, Дамјан од Истин, творец кој самиот не знае колку дела создал досега, немам одговор дали човек во животот освојува еден или повеќе врвови; еден ли му е прв од повеќе, можеби од многу, или повеќе му се еден. Знаеш, сум ти докажувал дека досега имам освоено повеќе, но еден изделувам баш како животно приклучение. Не поради сизифовското искачување, туку оти беше кога го искачив првпат и уште е само мој. Сакам да речам дека досега, до овој момент ниеден друг го нема искачено. Добро ги познавам трагите на секакви искачувања-бавни, брзи, лесни, напорни, траги на раце, на раце и нозе. На него се само моите и мислам дека така ќе остане. Знаеш зошто? Во самост е, исто како јас.

Не бре, не станува збор за имагинарен или метафизички врв. Стварен е. А е и ќе остане само мој со својот остар врв и остар воздух. Го допира небото, неретко пробива надојден облак. Не можам долго да стојам на него. Само минута-две. Стотина метри подолу има мала тревна рамнина со пештера не многу длабока, тамам за одмор пред слегување во неговото подножје. Кое е многу понапорно од искачувањето.

Безимен е, не е обележан на топографска карта, а јас си го нареков Истина. Да, изведено име од моето презиме…Да го искачиме некогаш заедно? Што ти паѓа на ум?!…Всушност, и да го искачиме ти нема ни да го забележиш. Не оти по ништо не се разликува од другите, соседните, на пример со висината, стрмниоста, структурата, врвицата до него. Нема ни да го забележиш зашто е и ќе биде само мој додека сум жив…И поради приклучението…

Еднаш за малку ќе останев засекогаш, ќе ги оставев коските на Истина. При слегување. Во миг фати голем студ, надојде од нигде, а јас се одморав и собирав сили на тревната рамнина. Беше толку мигновен, што не знам ни сам ако успеав да влезам во пештерата и да се повратам, да ја нормализирам температурата на телото. Буквално измрзнав…Ме изненади Истина…нејзиното време…Како да сакаше да ме умре и засекогаш да бидеме заедно.

Добро, нека биде по твое. Мојот врв е само замислен, метафизички,  творечки“.

Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин 

1. Неуспешна приказна

Кога еден од „домашните странци“ им препорача на властодршците да „раскажуваат“ или да ја „продаваат“ Македонија во странство како „успешна приказна“, некои работи ми станаа нејасни и за големо чудење. Од нив две најважни: што е тоа „успешна приказна“ (и покрај моите солидни знаења за приказните, не знам за успешни и неуспешни, освен ако не се мисли на приказни со среќен и несреќен крај); и второ, бидејќи приказните секогаш се со минато определено свршено време, ми се наметна прашањето зарем државичкава е веќе определено свршена?!

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXVIII

Најпрвин, кога детално се информирав за „раскажувањето приказни“ на разни балканско-регионални и европско-светски собири и средби, се уверив дека „успешната“ приказна е за големи, а не за мали деца. Имено, во „напорите“ за евро-интегрирање на земјите кандидатки за членство во ЕУ ниту забележав, ниту чув „приказната“ да ја раскажувааат во градинки и основни училишта, односно на мали деца. Од друга страна, пак, испадна и падна нешто друго што мене лично воопшто не ме изненади. Напротив, бев сигурен дека ќе се случи: освен кај домашните големи деца, а пред сè оние од фабричко-новинарските редови, „успешната приказна“ не само што беше неуверлива, туку како минува времето сè повеќе станува смешна!

Веќе се случи она што беше очекувано да се случи: во последно време македонските властодршци престанаа да ја раскажуваат Македонија како „успешна приказна“. Зошто?! Подразбрав дека оние на кои им ја „раскажуваа“, особено на некои „делови“ од меѓународниот „фактор“, ги убедиле дека нема потреба од таков напор и труд бидејќи сите показатели и параметри, кои им се добро познати од добро информирани кругови и извори во земјава и странство, кажуваат и укажуваат дека приказната е ептен „неуспешна“.

Наведеното на посреден начин го потврди моето знаење дека нема успешни и неуспешни приказни, но и не може да стане збор за приказна со среќен или нерсеќен крај.

Познато, одамна согледано: македонската економија не ја бидува затоа што е многу зависна од политиката. А што е, пак, суштествен дел од „неуспешната приказна“.

Деновиве чув една мошне интересна басна наречена „Македонија“. На почетокот ми прозвуче како бајка, ама веднаш по почетокот ми беше јасно како ден и ноќ дека е во прашање басна. Ми ја раскажа еден од неутралните интелектуалци, од оние што не сакаат ни за „жива глава“ да си ја стават главата „во торба“ ангажирајќи се партиски.

Демек, во една мошне плодна, но необработена и неоплодена земја си живееле во нераскинлива врска, љубов и доверба стадо овци и овчар. Овчарот редовно ги пасел, ги стрижел и ги молзел, а тие си паселе, блееле или молчеле како овци.

Еден ден овчарот замислено ги прашал:

„Овци мои, како да ве одбранам од волците што станале толку безобразни, та не се плашат ниту од моиве пци шарпланинци, камо ли од оние што не ни ја есапат земјичкава ниту како плодна?“

Овците се подумале, се раздумале, па најстарата меѓу нив, згора црна, одговорила:

„Побарај помош од власта. Таа ќе ти помогне по судски пат“.

И власта му помогнала. Волците не оти се испоплашиле од неа, та престанале да бидат толку безозбразни, туку престанале да му ги јадат овците на овчарот затоа што не знаеле која е вистинската власт: онаа што го пасе, стриже и молзи стадото со посредство на овчарот или онаа што владее одзади, односно со неа, та преку неа.

Како и секоја басна, и прераскажанава од мене си има наравоучение:

И ако си дел од стадо овци, труди се да не бидеш овца. Биди барем пес шарпланинец.

2. Политичка „ТВ сапуница“: Секое чудо…

Една од најголемите телевизиски серии на сите времиња, ако не и најголема на овие наши и туѓи западнобалкански, јужноевропски, па и светски „ТВ сапуници“, која со децении се снима и емитува континуирано, на општо (не)задоволство на рурално-урбаното население, конкретно на многупочитуванат јавност, е секако серијата „Секое чудо за три дена“. Како што сугерира самиот наслов, станува збор за чуда што се случуваат на секои три дена. Одвреме-навреме, колку за освежување, за да не се попадне во здодевност, на некоја епизода ѝ се дава поголема брзина и динамика. Притоа, бидејќи насловот станува несоодветен, се додава напомената: „Ова чудо трае пократко од три дена“.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXV

Сакам да нагласам дека ми се случувало и ми се случува да утнам некоја епизода, па потоа се јадам жив. Делумно ме смирува фактот што секоја си е целина за себе, а ги врзуваат неколку постојани ликови кои ги играат едни те исти актери: претседателот, премиерот, лидерите на најголемите политички партии, главните флертувачи-брачни и вонбрачни избраници на народот, како и некои други слични на нив.

Ми текнува на една епизода која очигледно многу ми се допаднала штом ми текнува. Колку што сум информиран, за многупочитуваната јавност остана отворена. Сè уште не е завршена, а јас тоа го толкувм како забошотување. Со задоволство ќе ја цитирам од А до Ш:

На македонска огнена и сè пожешка политичка сцена вниманието на јавноста, намерно или ненамерно сеедно, е свртено кон новиот политички скандал што е дел од штотуку започнат предизборен маркетинг: опозицијата расветлува темно минато на еден министер. Медиумите детално информираат како се одвива расветлувачкиот процес. Мене ми падна в очи нервозната реакција на дотичниот министер.

Епизодата заврши без да се навлегува во вистинитоста на „невистините, лагите и конструкциите“. Мене лично ми остави најголем впечаток крајот со народната: „Село гори, баба се чешла“. Не беше наведено кое е селото, а која бабата. Јас сè уште сум на цврст став дека требаше да заврши со  „Секое чудо..до следното утре“.

3. Администрацијо, множи се по партиска линија!

Зарем е можно? Неверојатно! Незамисливо!

Државната администрација во Македонија не само што се множи по партиска линија (секоја како дојде на власт си пика свои и брка по некој од туѓите), не само што ни е поприлично слабичка, неотпорна на разни болештини, за среќа сè уште незаразни, не само што повеќе боледува отколку што работи (работи?), туку и злоупотребува боледувања! Да се чуди човек, да се крсти со две раце. Да ѝ била малку употребата, па почнала и со злоупотребата!

Види чудо: боледувања што да не може човек да ги изброи. Илјадници! Најмногу при челик здравје административците си земале боледувања кога ќе дошло до промена на власта и при преместување на други работни места. Зошто? Јас не знам.

Ај да пробам да домислам:

Да се боледува при промена на власта…да не е поради времето? Да не се менува власта во невреме, со облаци, ветришта и луњи, па администрацијата да ја фаќа некоја болест, та да не може без злоупотреба на боледувањата? Признавам, досега не ми текнало да следам напоредно. Ќе морам да си направам ретроспектива. Којзнае, може тоа да е проблемот. Ако е, мислам дека лесно ќе го најдеме чарето: по избори, ако не победат „нашите“, „вашите“ да не брзаат со преземање на власта, туку да чекаат убаво време. Не мора сонце да ни огрее на сите. Доволно е да не застуди, да не фати некој мраз, да не дува, да биде чисто и ведро небото над нас.

А би можеле и Изборниот законик да го смениме, во него да напишеме услов: избори да се одржуваат само кога е убаво време, месец пред и месец по него. Сигурен сум дека злоупотребата на боледувањата од страна на администрацијата драстично ќе се намали.

Поради преместување на други работни места…малку ми е нејасно. Нешто ми фали како дообјаснување. Да не се работи за преместување надвор од државната администрација? Зашто, колку што ми е мене познато, нема некоја голема разлика меѓу едно и друго административно место. Мислам во однос на условите за работа. Служба на сметка на државата си е служба. Ама каде надвор?

Уште ништо не се презеде за драстичниот случај? Како бре?!…Како кој случај? Па оној што зел боледувања, бил 5 пати во странство и цели три месеци не можел никако да ги реши своите здравствени проблеми. Страв и жива секирација ме фаќа во меѓувреме случајот да не станал неизлечив. Скраја да е.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXVI, роман

Да си допрашам во контекстов: каква е состојбата во приватниот сектор, конкретно во приватната администрација? Да не случајно има случај како наведениот драстичен?

Јас имам конкретен предлог: државната односно јавната администрација да ја транзитираме во приватна, а онаа што не може и не смее, поради природата на нештата нели, да ја прогласиме за партиска. Гарантирам дека би немало злоупотреба поради промена на власта, а и сè ми се чини дека потоа партиската ќе се департизира сама од себе.

4. Што е тоа корупција?

Класичното разбирање на корупцијата во политичката наука тргнува од идејата за тоа дека е таа израз на расипување на моралните вредности на општеството (Аристотел, Макијавели, Монтескје). Корупцијата е патолошка појава, системска аберација во која владеачката политичка класа личниот интерес го става над интересот на политичката заедница.

Со појавата на модерното и демократско општество сè повеќе се истакнува системската дисфункционалност на корупцијата. Таа не се смета само за морално штетна, туку за една од причините на нефункционалноста на државата. Значи, корупцијата е однесување кое е девијација од нормалното вршење на јавната функција поради лична корист (или друга: семејна, приватна клика, интересовна група). Таа е кршење на норми поради остварување на личен интерес. Вклучува и дејности како што се подмитување (примање пари или друга бенефиција, со што се влијае врз одлука на јавната власт), непотизам (патронажа и применување на аскриптивни или семејни критериуми во одлучување за јавна работа), како и злоупотреба на позиција за лична корист (илегално користење на јавно добро, услуга или друга гратификација).

Според Доктор Јосип Крегар, професор на Правниот факултет во Загреб, корупцијата како поим спаѓа во оние на кои е тешко денотативно да им се одреди содржината, бидејќи нејзиното значење се менува во различен временски, општествен и политички контекст. Општо, под корупција се подразбира злоупотреба на јавна служба поради лична корист.

Што станува со борбата против корупцијата во Македонија? Да не престана или, пак, е во фаза на „затишје пред бура“? Дa не случајно заврши, ама јас не сум се информирал, сум го „преспал“ нејзиниот крај?

Многумина аналитичари и тековни проследувачи-хроничари на македонската политичка сцена се сè погласни со оценката дека е многу веројатно скоро „да пукне како издуван балон“. Како многу досегашни „балони“.

5. Интересот и зависноста

Процесите на глобализација и регионализација, кои напоредно се одвиваат на светската сцена, исфрлија на површина два основни „критериума“ за опстанок и перспектива и на големите и на малите држави, со подеднаква важност: интересот и зависноста. Нивното „функционирање“ едновремено ги маргинализира сите останати-слободата, самостојноста, еднаквоста (во различностите), па и демократијата во суштинска смисла (како владеење на народот).

Особено (из)губи од вредноста и значењето независноста на државите. Таа веќе ретко се спомнува. Како да се подразбира со самото нивно постоење. А таму каде што се борат за неа (и со оружје в раце) се смета дека станува збор за неизживеан национализам, анахронизам, „заблудување“ на народот од страна на освојувачи на власта или квазилидери итн.

Прв заклучок:

Интересот и зависноста станаа алфа и омега на современиот капитализам, но и на „остатоците“ од социјализмот и комунизмот. Конкретен, веќе повеќегодишен пример е Косово кое постојано „буди“ нови опасности. Тоа е „специфичен случај“? Како што се обиде да објасни еден поранешен косовски политичар, во прашање е „sui generis и не може да се користи како преседан за останатите конфликтни региони“? Sui generis? Во што е „оригиналноста, единственоста, посебноста“. Да не е во „зависната независност“?

А Македонија? Со децении Македонија е баш во „зависно-независна“ позиција! За која треба да се има голем талент, вештина и итроштина за да се „(из)менаџира“. Со нејзиното преименување и ништењето на македонскиот народ (Северна Македонија, Северномакедонци)-со Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, а што е несомнено врвен велепредавнички чин на натурена квислиншка власт, во светски рамки, не конкретно последично, се „отвори“ уште една решавачка димензија: латентен конфликт меѓу народи и нации или прва светска хибридна војна. Со единствена цел: прекројување на светот. Која ќе трае долго, со крајно неизвесен крај.