Потребно време за читање: 11 минути

XXVII

Безвредноста и минливоста

Дамјан од Истин:

-Моите колумни или поенти во збирките „Мислам и домислувам“? Ма батали! Тие се мои безвредни белешки, писанија и првични реагирања, во миг, на актуелни прашања, собитија, проблеми и состојби. Несериозни, глупави шкрабаници. Не можам да се изначудам зошто толку си запнал да правиш и презентираш избори од нив…Но, добро. Твој проблем.

Јас:

-Веќе го апсолвиравме тоа, па не треба да си го трошиме ззаедничково време.

Веќе вообичаено сме во кафулето „Безбели“, во центарот на градот. Време квечерно, сè уште рано за многу народ во него. Претежно млади, претежно адолесценти. Разговор со турско кафе и кисела вода.

Дамјан од Истин:

-Во последно време сè повеќе ме оптоваруваат, ме притискаат безвредноста и минливоста на моето секојдневје. И како „обичен“ човек, со секојдневно рутинерство, и како творец-мислител и книжевник. Се обидувам да ги промислувам конкретизирајќи ги, па потоа да ги надминам. Тоа ми успева, но од ден на ден сè потешко. Просто се плашам дека еден ден ќе ме надвладеат. Може и несетно самиот да им се препуштам.

Јас се чудам:

-Ти да им се препуштиш?! Да не те знам добро…Ма нема шанса!

Дамјан од Истин:

-Ти си ја почувствувал, ја чувствуваш нивната сила и не го гледаш нивното сè поголемо намножување? Од будење до заспивање…Деновиве дури се обидов да ги испеам во песна. Само ги наредив во неа најчестите и најголемите. Ќе ја допишам не знам кога.

Јас го гледам продорно и му велам:

-Безвредноста и минливоста се секогаш наспроти вредноста и трајноста. Неретко и сопоставени едни на други. Белки не треба јас да ти објаснувам…

Дамјан од Истин:

-Не треба. Проблемот не е во нивната бројност, тежина и силина, ниту во одбраната со вредноста и трајноста, туку дека од ден на ден станува се поголема неурамнотеженоста помеѓу нив. Не можат само едните или само другите, но во животот безвредностите и минливостите стануваат сè подоминантни.

Јас:

-Ме изненадуваш со ова. Барем за тебе како мислител и творец тоа не треба да е проблем…

Дамјан од Истин:

-Знаеш што заклучив? Дека треба некако да ја продлабочам мојата самост. Да продолжам да живеам уште посам. Ѝ го реков тоа на Зора. Знаеш како реагираше? Сосем рамнодушно! Само заклучи: „Безвредноста и минливоста го поразуваат животот кога тој ѝ го препуштаме на материјалноста, а со нас завладува мимикријата“. Всушност, ме потсети на мојата Милкана и мојата Катина. Зарем и со неа како со нив?

Јас:

-Ти не ѝ одговори никако?

Дамјан од Истин:

-Ѝ одговорив дека не се согласувам. Безвредноста и минливоста не идат од материјалноста и мимикриите во животот, туку од непотребноста на делата на животворноста…Се мислам да престанам со пишување некое време…Просто да безделничам…И да видам што ќе се случи со мене…Ќе станам ли безвреден и минлив?…Ќе раскинам со Зора.

Кафињата и киселата вода веќе ги испивме, а со нив и разговорот. Станавме. Пред да се разделиме, му реков:

-Дамјане, пријателе мој, не знам што очекуваш јас да ти речам. Совет од мене не ти треба. Ако се обидам да те одвратам од намерата, сигурно ќе ми се налутиш. Какво било решение што се однесува на тебе треба и ќе биде само твое. Сепак…Само мислам дека во голема самост не може да се совладаат безвредноста и минливоста. А и зошто да се обидуваш да ги совладаш?…Само мислам дека не ти се тие проблем, туку твојата безволност и незадоволството од некритичното непризнавање на твоето книжевно творештво. Како старееш, тоа сè повеќе те оптоварува.

Се поздравивме не гледајќи еден во друг.    

Од колумните (поентите)    
на Дамјан од Истин      

1. Денес ми е секој ден

Ова го има домислено еден голем ум, но не во прво лице како јас. Јас го велам во прво најпрво зашто немам второ, трето лице, а попрво оти сакам да кажам нешто конкретно, најконкретно токму за денес.

Дали и вам ви е денес секој ден, како секој друг? По вчерашниот?

Да ви кажам веднаш, вчера мене воопшто не ме изненади. Напротив, буквално ме остави ладен, рамнодушен, максимално спокоен.

Да не очекував нешто од власта? Не, одамна ништо од неа. Власта одамна се покажа и се покажува како збирштина од ептен „зрели“ политичари. На пример, тие скокаат како мали деца кога се надеваат дека им купиле тато и мама лижавче.

Има едно нешто од вчера што ме држи зачуден и денес како вчера; можеби најпрвин зашто денес ми е исто како вчера, и буквално и преносно и пренесено. Ќе го пренесам исто како да беше денес вчера.

Една мошне „перспективна“ политичарка, која во политиката е баеги време, веќе не знам колку децении, го повика народот на радување, на заедничко славје поради „успешно завршена макотрпна работа“: конечно се завршило со одговарање на прашалник на ЕУ; и тоа апсолутно искрено, без лажење или подлажување! Прашалникот како предуслов за добивање кандидатски статус за членство на Македонија во ЕУ. А не кажа ни збор за препораките, поточно наредбите за во наредниот период, кои се за навистина болење глава.

Оттогаш, од искреното одговарање поминаа многу децении вчера како денес, а најголемиот број од препораките, поточно наредбите и денес како вчера ЕУ ги повторува како папагал. Да наредам само некои:

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), II, роман

-владеење на правото на целата територија на државата;
-овозможување фер и слободни избори;
-засилена борба против корупцијата;
-контрола на финансирањето на партиите и на имотите на функционерите;
-целосно почитување на човековите права;
-гарантирање еднаков третман на сите даночни обврзници;
-справување со невработеноста и создавање нови работни места;
-забрзано усвојување и примена на европските стандарди;
-интегрирање на сивата економија во формалниот економски сектор.

Баш ноќеска ми дојде еден сон кој инаку ми доаѓа во последно време многу ретко:

Властодршци на чело со нивната Влада се фатиле на оро со тапани и зурли. Секој како знае и умее го игра „Тешкото“, а на чело првиот „државник“ качен на тапан, со алово шамиче в рака.

Денес ми е навистина секој ден. Добро прочитавте?

Велам денес, не денеска!

2. Последна цел на корупцијата: корумпираните

Корупцијата низа години наназад, практично од почетокот на независна, суверена и самостојна Македонија е дежурна преокупација на јавноста, но не и на власта. Разбирливо, ако се има предвид дека „во меѓувреме“ од држава во која мафијата навлегла во сите нејзини пори стана држава на мафија. Со други зборови, таа е држава со мафија на власт.

Најконкретно:

„Стратешкиот партнерт“ на Македонија, САД, и „меѓународниот фактор“-ЕУ и НАТО постојано инсистираат власта конечно да почне жестока и континуирана борба против корупцијата; која „обично“ секогаш оди заедно со криминалот и другите девијантни појави во нашава држава. А власта, и сегашнава и сите претходнин, не само што не се ни обидува барем да ја „скроти“ корупцијата, туку со својот стил и начин на владеење ја овозможува, дури и ја поттикнува.

Интересно, најчест властодржачки став е дека не е е проблемот во законите. Имено, нив ги имаме доволно, оценети мошне позитивно и од странски експерти и институции. Проблемот е единствено во нивното спроведување. Следствено, единствен одговор на прашањето кој е виновникот е прашањето: зарем не се знае кој во една држава спроведува закони?

Се сеќавате на прашањето од самоуправно-социјалистичкото минато:

Од каде се чисти рибата?

Се сеќавате на песната што го „опеа“ тоа прашање? Одговорот во неа гласеше:

Во суштина, работата е иста (дали од главата или од опашот), важно рибата да е чиста.

Што значи тоа? Тоа значи дека власта може да почне да ја чисти сопствената риба, значи корупцијата во сопствените редови, како дел од мафијата на влааст, значи како дел од себеси. Почнувајќи од опашот или од главата, што е малку потешко. Но, мора да ја исчисти ако сака да ја продаде како „успешна приказна“. Мора?

Има ли спас за оваа и идните власти да не се зафати со фаќање и „чистење“ на „рибата“, односно тоа да го одложи за да не се „пресече“ од ножевите со кој ќе ја чисти? Да не „загине“ во неминовната крвава битка против корупцијата како сопствен дел, односно од мафијата на власт?

Јас одговарам: можеби имало, но веќе нема!

Еднаш, пред веќе многу години една наша меѓународно почитувана и авторитетна личност рече дека е многу тешко во Македонија да се најдат 5-мина до 10-мина чисти луѓе.

Јас велам: напротив, има многу такви-чисти, што значи некорумпирани, некриминализирани, чесни. Круцијалниот проблем е што во државава и со државава владеат нечисти.

Во врска со чистотата и чистите ќе си поставам уште едно прашање:

Кога би нашле чисти луѓе и би ги поставиле на влдејачки позиции, да бидат и извршна и законодавна и судска власт, дали по некое  време од нив би останал макар само еден, ако не два-тројца на најмало владеачко ниво, во оваа мафијашка, осиромашена, бедна, испокрадена и понижена Македонија?

3. Нови луѓе за нови времиња

Ова е постојано повторувано барање и од наши и од странски добронамерници-оние што ѝ мислат добро на нашава држава, кои не се сомневаат во нејзиниот опстанок и иднина, а токму нив ги вознемирува, па и ги плаши најмногу. Но, пред сè ги нервира „стариве“ властодршци. Тоа многу лесно може да се заклучи од нивниот единствен одговор:

„На повидок нема нови луѓе“.

Имаат ли право? Само делумно.

Најнапред: дали воопшто треба да спомнувам дека, кога станува збор за нови луѓе, се мисли на нови, досега непознати во политиката, што всушност значи во политичките партии? Мислам дека тоа се подразбира, но со „додавка“: за нови времиња во секоја област од нашето живеење и дејствување се секогаш потребни нови луѓе. Значи, не само во политиката и во политичките партии како „креатори“ на стварноста.

Едноставно: можно ли е „стари луѓе“ да донесат ново време? Невозможно!

Меѓутоа, пред да промислиме зошто е безусловно нужно да се пронајдат нови луѓе, ќе се обидам да одговорам на прашањата што се наметнуваат сами по себе:

Кои нови времиња? Зарем времево во кое што сме, што го живееме, доживуваме, преживуваме, е старо? Нели ни е нов системот (не на вредности), нема ниту трага од стариот социјалистичко-самоуправен? Нели сме во постојан реформски процес, што значи, ако не повеќе, прилагодување на новото време?

Одговорот е во следниве две-три суштински прашања, а на кои оставам прво да си одговорите сами:

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XI, роман

Дали живееме и работиме во информатичко општество? Колку сме ние сосе животецов наш насушен „роботизирани-дигитализирани“, колку сме „Интернет-изирани“?

Колку ги почитуваме стручноста, знаењето, способноста, искуството? Колку ги вреднуваме и плаќаме наспроти партиски „блиските“, наспроти партиските „војници“, наспроти „морално-политичките подобници“ (од старото време)?

Колку сме независни, деполитизирани?

Колку светов во кој живееме (во нашава држава) е демократски, слободоумен, правичен, праведен, морален?

Колку сме „модерно стандардни“, што значи и блиску до ЕУ стандардите?

Што се однесува на новите луѓе, се разбира дека не се мисли на непознати, неафирмирани, најмалку неопитни. Исто така, кога се зборува за „стариве“, се разбира дека не се мисли на остарени, истрошени, на оние што ни дошле преку глава, туку на оние кои или не го разбираат или не сакаат да го прифатат, градат и надградуваат новото време. Затоа се плашат од него- поради сопствената неприлагоденост и неприлагодливост.

Уште нешто:

Зачудува тврдењето на лидери на партии дека нема на повидок нови луѓе. Велам зачудува, зашто не е јасно дали се свесни што тврдат. Имено, дека се лидери на партии кои се „стари“, во кои нема нови, перспективни луѓе што се подготвени за новово време. Дали се свесни колку е тоа поразително и за нив и за нивните партии?

Кога наши, а особено странски „фактори“ укажуваат на нужноста од нови луѓе за новово време, а всушност ги бараат, инсистираат на нив, тие го уважуваат тврдењето на лидерите на постојните партии. И тие се уверени дека е така, па најчесто зборуваат за потребата од нови политички субјекти, односно од нови партии на македонската политичка сцена. Со нови, дури досега воопшто политички неангажирани луѓе. Кои би ги поддржале на „секаков начин“. Се чини дека тие очекуваат нешто сосема друго: најнапред иницијатива за формирање нов политички субјект од нови луѓе, кои досега воопшто не биле политички ангажирани, но со својата стручност, компетентност, знаење, искуство, професионализам во своите области стекнале несомнен авторитет, почит, „неизвалкана“ афирмација како личности. Со други зборови, јадро кое, нормално, ќе биде „одбивно“ за дилетантите, политикантите, полит-бизнисменските олигарси, кариеристите, волунтаристите, провинцијалистите итн. „Одбивно“ за оние кои приучиле политика, кои сметаат дека е таа занает, а не вештина, мудрост, како и секој друг творечки активитет.

Има ли такви луѓе, собрани за таква цел-да го донесат новово време, да го вградат во систем на вредности кој потоа постојано ќе го надградуваат?

Треба да се биде трпелив и да се почека уште некое (не)извесно време. Можеби сè уште не излегле на виделина затоа што и тоа-излегувањето мора да биде ново. Само…

Во меѓувреме „стариве“ да не ги откријат и „навреме“ да ги оневозможат.

4. Никогаш нема(ло) време за грешки

Еднаш дамна слушнав од еден политички мал големец:

„Западниот Балкан нема време за нови грешки, бидејќи факторот време е најскапиот ресурс за земјите во него“.

Слушнав и тогаш поприлично се задумав, а богами одвреме-навреме ми доаѓа да се задумувам и денес. Морам да признаам дека досега малку ми паѓал на ум тој-факторот време. Уште помалку грешките поради него и во него, сеедно стари или нови.

Да, навистина интересна релација: време-грешки. Би била помалку интересна кога би биле во еднина двете: време-грешка. Особено е интересна поради дискрепанцијата помеѓу нив. (Време е на нашиве политичари да им понудам нов термин за употреба, бидејќи забележувам дека им здодеа терминот „имплементација“, а тие не можат без некој од „таквите“. Сигурен сум дека овој-дискрепанција ќе го прифатат веднаш и ептен ќе им „легне“).

Токму од неа-од дискрепанцијата произлегува првото, мислам и најважно прашање кое под точка итно бара одговор:

Дали времето (досегашното) било за нови и дали времево (сегашново) е за само стари грешки?

Додатно прашање:

Дали тој-факторот време до пред некое време не бил најскапиот ресурс за земјите од Западниот Балкан, па затоа се грешело, ама сега е најскап и затоа „нема време за нови грешки“?

Бидејќи, како што веќе наведов, ова прашање (сосе додатното) мислам дека е едно од најважните и бара одговор под точка итно, веднаш ќе се обидам да дадам не свој, личен, туку точен одговор.

Дискрепанцијата помеѓу времето и грешката односно грешките е одамна позната, утврдена, многупати докажана. Особено помеѓу времето и новите грешки. Најпрво затоа што времето како такво е мошне комплексна категорија.

Имено, како никое друго времето е пред сè трифазно или тридимензионално: се покажува и докажува како минато, сегашно и идно, а неретко со трите во едно, дури во еден миг од неговата минливост.

Од друга страна, факторот време секогаш оди заедно со факторот простор. Во наведениот исказ-став тој е Западниот Балкан. Без тој „придружен“ фактор времето било, е и може да биде само лично, никако не безлично.

А грешката? А грешките?

Без оглед дали е една или се повеќе-многу, грешката како таква не била, не е, ниту може да биде ниту двофазна или дводимензионална. Во врска со колективноста, нужно е да потсетам дека кога ја имавме таа не се однесуваше на грешката или на грешките, туку на одговорноста за неа односно за нив. Грешките отсекогаш биле, се и секогаш ќе бидат лични и не секогаш придружени со факторот простор; во однос на последиците најчесто вонвременски.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXII, роман

Да бидам појасен:

Воопшто не ми е, а сигурен сум дека и вам не ви е тешко да наведете некој од нашите бивши и сегашни политичари кои направиле и прават толку вонпросторни и вонвременски лични грешки; чии последици ги чувствуваме на своја кожа. Доколку им дадеме време за нови, ќе мораме или да си ја смениме кожата како веќе неупотреблива или да излеземе од неа, како змиите, та да им ја оставиме тие да влезат за да се почувствуваат какви што се (змии).

Кога јас би бил „фактор“ како искажувачот, би изнел ваков став:

Западниот Балкан, а пред сè Македонија нема време за оценка или преиспитување на старите грешки што ни ги направија „оние“. Од друга страна, нови грешки од нив веќе не може да издржи бидејќи најскапиот ресурс-факторот време го потроши. Поточно им го продаде на странските „инвеститори“.

А одговорноста? Личната и вонвременската?

Ниту факторот време, ниту факторот простор не биле, не се и не можат да бидат никаков „ресурс“. Не треба многу да се трудиме да ја најдеме во нив личната и вонвременската одговорност. Ги среќаваме, ги гледаме на секој чекор и допрва ќе ја среќаваме и гледаме. Меѓу другото, и како „споменици“ и „спомен-обележја“.

5. Многу медиуми, а независното новинарство „нула“

Констатацијата за „нула“ слободно и независно новинарство не е моја, туку произлегува од неколку последни извештаи на американската организација „Фридом Хаус“, која се бори за демократија и слобода во светот.

Имено, во однос на слободата и независноста на медиумите, на ранг-листите на организацијата Македонија веќе редовно е во група со некои африкански земји во кои не знаат и не разбираат ниту „Д“ од демократија, ниту „С“ од слобода. Па следствено, немаат поим ниту за комплексноста и креирањето на јавното мислење и најголемото влијание врз неа токму од страна на електронските и печатените медиуми. Или, пак, обратно: тамошните апсолутистички, деспотски, експлоататорски режими, во кои неприкосновено владеат токму големи познавачи на оваа проблематика (полит-бизнис олигархии), толку се плашат од нив што на сите „нивоа“ совреме поставуваат свои луѓе со „големи уши“.

Во еден разговор во меѓувреме со еден мој колега и пријател, како на еден од „актерите“ на таа сцена ми беше поставено мошне интересно и „суптилно“ прашање. Кое, морам да признаам, потоа на обајцата ни одзеде поприлично време додека со заеднички сили успеавме да го одговориме, поточно да го одгатнеме.

Прашањето гласи:

Како е можно толку ниско ниво на медиумска слобода и независност при толкав број медиуми?

И најразвиените демократски земји, со извонредно развиен медиумски пазар, ни се чудат и никако не можат да ни се изначудат. Едно време чудејќи се и се крстеа со обете раце.

Одговорот на поставеново прашање, сосе констатацијата во насловот, е многу едноставен и затоа мошне комплексен:

Толку ниското ниво на новинарска слобода и независност е токму поради огромниот број медиуми! Или поинаку: услов за ниско ниво на новинарска слобода и независност е да се има што поголем број на медиуми.

Знам дека, ако овде завршам, и вам многу нешта ќе ви останат недоречени. Затоа ви пренесувам некои од деталите на нашата заедничка натамошна елаборација.

Колку помалку медиуми, толку помоќни. За да се дојде до таква концентрација, кај нас се прибегна на примена на еден од марксистичките „закони“: дека квантитетот доведува до квалитет. Притоа, не прифаќајќи дека тоа едноставно „не игра“ не во капиталистичко, туку во секое пазарно општество. Имено, и ден-денес можете да слушнете дека, на пример, енормниот и апсолутно нелогичен број електронски медиуми (поготово радија и телевизии), во споредба со моќта на стопанството нив да ги издржува спонзорско-маркетиншки, неминовно ќе доведе до пропаѓање на повеќето и опстанок само на квалитетните. Поминаа години како тие функционираат, а од пропаѓањата се случија само две-три. Меѓу нив и најпрофесионалното, најновинарското и најквалитетното радио, чиј “комплетен“ стопан беше професионален новинар со повеќедецениски новинарски стаж!

Итроштината, поточно „кваката“ на власта е одамна провалена од сите; и од стручњаците и од политикантите и од понекој политичар. Всушност, не станува збор за никаква голема итроштина, поточно „квака“, туку за обична манипулација, шпекулација, зависност и неслобода.

Станува збор за егзистенцијална зависност на медиумите. Пред сè економска, а преку неа и политичка. Поради неа посакуваната независност, би рекол професионалното новинарство едноставно не може да функционира, не може да се развива. Бидејќи, меѓу другото, новинарите на „просјачки стап“ работат за стопаните сè што треба и како што треба.

„Пазарна логика, другарче мое. Понуда-побарувачка…За познати и непознати стопани, а пред сè за оние зад нив-комерцијалните“.

Да не должам, да не одам предалеку, претходното ќе го поткрепам уште со следново:

Професионалната новинарска концентрација е опасна за власта, па и за опозицијата, бидејќи како таква не може да се контролира и да ѝ се „диктира“. Со многу, со премногу медиуми е многу полесно влијанието врз јавноста.

Бидете сигурни: уште долго ќе ги има толку колку што се. Извонредно, прекрасно развиен и богат медиумскиот пазар!

Дали знаете од што најмногу стравуваат оние што не само медиумски ја одржуваат Македонија во „делумна“ слобода? Зошто внимателно и постапно, со долго подготвување на стратегија, програма, планови, проекти итн., го „развиваме“ тн. информатичко општество?