Потребно време за читање: 2 минути

Momentum XXXI

На сцената веќе не минуваат животни.
Само тие со осветлени половини.

Глас 2

Е, по оваа песна нема место за мене. Нема потреба да разговараме за теориите на смртта. Всушност, сѐ сведовме на еден миг и затоа е толку едноставно. А не знам ни дали имаме уште време, бидејќи теориите бараат исцрпни дискусии. Како што почнавме…

Глас 6

На пример, од писмата на Маркс: „Бекон вели дека вистински големите луѓе имаат толку многу релации спрема природата и светот, толку предмети на интересирање, што секоја загуба ја преболуваат лесно. Јас не им припаѓам на овие значајни луѓе“. Ова е по доживеана смрт. Или со помош на Епикур: „Смртта не е несреќа за оној што умира, туку за оној што преживува“. И Енгелс: „Впрочем, сѐ што настанува е вредно и да исчезне“.

Глас 5

А сега назад. Шопеновите сонати.

Глас 9

Како и да е, чудно е што досега не забележавме дека сценава практично е само измислена именка. Нема ни публика. Зарем е возможно сѐ досега да било чиста апстракција? Или е тоа знак дека војната почна? Треба да бидеме подготвени за последниот чин.

Ја делиме храната дење, некогаш и ноќе,
да не насетат дека опсадата ќе им успее.

Би можеле конечно да кажеме
дека твојата појава восхитува;
особено дојките
малку голи и црвени
и нозете кога ќе ги облечеш
во чевли со потковици,
со ѕвона меѓу нив,
кога ќе ја надчекориш
кулата на Јејтс
што ми доаѓа сега на ум
оти веројатно наоѓам
некаква врска
со твоето спокојство;
или со погледот што ти расте,
па очилата ги фрла од земја.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Да има доволно храна,
не би ти ги милувал усните
во страв
и не би мислел
на коприви за супа,
на полжави по роса наутро.

Сигурно не би те качувал
уште погоре,
до крвта да задамари.

Но ти умно ја користиш
опасноста
дека ќе си го стесниме
животот дење,
а ноќе со свеќи
ќе ги осветлуваме
прошетките крај море
да даваме знак дека сме
уште живи и здрави
оти немаме проблеми
со внатрешните огани
и оти сме сѐ уште мудри
да издржиме,
иако сцената полека се топи
како да ја правевме мраз.

Твојата појава восхитува,
особено дојките голи и црвени.

Чевлите да ги оставиш,
да легнеш широка за љубов
и да изјавиш на крајот
дека си мртва.

Јас предупредив
на претпазливост
кога ќе го најавиме
последниот збор
во стари години;
може да си обесат
врати на ушите
(мажите и жените),
да ги издолжат рацете
како сенки под фотелјите,
да измислат слонови
што ќе ги носат во лов
по иднината
на лавот и тигарот,
по старите рогови
на еленот
како трофеј.

Прочитај и за ... >>  САМОБИТНАТА СЕНКА И ЉУБА, роман за минливоста и трајноста

Остануваме сами,
немоќни
да ја спуштиме завесата.

Но:
Во секој случај
твојата појава го продолжува
летањето на детето
и нашата скриена желба
да плива
само затоа што го сака
делфинот за разговор.

Сега брзо си ја менуваме
маската
со змејот што ќе го спуштиме
од небо,
но народот да не види
дека порано го врзавме со јаже.

Ѕвоната си ги пикнале главите
во вода,
како засрамени дека растат,
а не ѕвонат освен
кога ти ќе го надчекориш
градот
направен од морска пена.

Бродот ќе потоне
да не го фати брегот
дури ја сонува
нашата клима.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here