Потребно време за читање: < 1 минута

25. Искачување

Кој се искачувал на некој
свој врв
додека растел,
додека се вкоренувал
во своја земја,
знае дека искачувањето
не завршува кога небото
е на дофат на рака,
туку кога кон зрак
сончев, месечев, ѕвезден
ќе воскликне срце.

26. Единствени

Јас сум за тебе единствен,
ти си за мене единствена.
И кога сме заедно
сме единствени за сите
што нè знаат како стожери
на живот вековит,
земен и небесен,
во љубов беспримерна.

27. Како сега и отсега

Како досега, сега и отсега
исправени, со стамен чекор
кон извори несекливи,
кон огнови неугасливи,
кон врвови недосегливи,
со траги неизбришливи.