Потребно време за читање: < 1 минута

76. Спокојно

Очекувано, изненадно,
спокојно ги пречекува
на залез на збор
неуморен молк;
пред да биде изговорен
и пред да го слушне
и пред да го разбере
последен пат
човек во жив оган.

77. Утре

Ќе биде утре со нас
за продолжение
на плоден сон
долго сонуван
во бессона ноќ
преполна со крици,
грмотевици, непокор
и извесни времиња.

78. Танц на сенки

Досега невиден
танц на сенки
речиси невидливи,
речиси невидлив;
само на сенки
кои одамна светлина
не ги допира
од ниедна страна
на светот.