Потребно време за читање: < 1 минута

16. Земја

Со години е на своја земја, изделена од соседните со непресушлива бразда, брестов дрворед, капиње и ѕид од голи камења. Не е голема, а доволна за него; за неговата снага и знаење како со неа кога е сушна, како кога е влажна, како кога е жешко, а како кога е мразовно. Како да му биде секогаш плодна и родна.

Откако  му дотежнаа годините, снеможе и престана да зборува гласно со себеси за што било, најмногу за измешаните годишни доба, секое утро станува во први зори. Се мие, се облекува и се обува, па бавно, со тежок чекор доодува до средината на својата земја. Воздивнува длабоко, се исправа и исправен долго стои загледан кон сè подалечниот хоризонт. Грижи сè повеќе му го збрчкуваат лицето.

Сам е. Цел живот е без никој свој.