98. Книга во прашина
Сè уште незадушена
од прашина во мрак
книга што уште
не ја напишал никој;
а никој не се обидел
да си одговори
ни зошто е без наслов
ни зошто не успева
конечно да ја задуши
прашина во мрак.
99. Постела за почин
Си направи
постела за почин
од песок и белутрак
крај брза река.
Ја направи откога
неговото срце почна
да забрзува изненадно
и да забавува со напор
поради љубов.
100. Ветар и цвет
Ветар што развева цвет
во негов свет пред
да почине
влезе во срцевина
на старо дрво со корен
погоден од молња.
101. Овде
Овде, во овој агол
на свеста
веќе никој не живее
создавајќи,
откога бесвесноста
се осамостои
за да ја ослободи
животворноста
од сегашна и идна
обусловеност.
________________
Припев за песна,
припев во песна,
припев од песна,
припев за припев.