Потребно време за читање: < 1 минута

19. Во моја тишина

Мое дело во моја тишина
е живо е слободно е свое
откога не сум жив,
откога не сум јас што бев
во самотна смрт.
Сè додека некој жизнен
не го открие како трага
на огнено постоење.

20. На небосклон

Кончно стасав на небосклон
кој секогаш беше далеку
од мене
секогаш кога ќе посакав само
јас да бидам оној од кого
секогаш ќе зависи кога јас
ќе летам слободен
и бескраен.

21. Громови и порој

Надојдоа наеднаш од нигде.
Громови и порој едновремени.
Помрачија бел ден и црна ноќ.
Секој длабоко во себе да се сокрие.
Донесоа со себе ветриште од негде.
Почнаа да дивеат како стрвни.
Дека по нив сè пустош ќе остане.
Дека по нив ќе нема ништо живо.