Потребно време за читање: < 1 минута

73. На небо

Јато секакви птици
на небо
пред изгрејсонце
одлетува без песна
кон свој југ;
пред северен ветар
што брише трага
на последен живот.

74. Сила неизмерна

Некоја сила неизмерна
навалува на гробови
еден до друг
и еден спроти друг;
без знаци, безгласни,
беспомошни, страдни,
без коски на мртви
по живи.

75. Нема сон

Он нема сон одамна
ни дење ни ноќе,
откога во исто време
е во камена пустелија,
е во камена темнина,
е во камена празнина;
нем, слеп, бескрвен.