Потребно време за читање: 4 минути

34.

Му велам:

-Мислам дека веќе ги разбирам придружните, епизодните приклученија на твоето главно, стожерното во животот и смртта; кои ти се случиле додека си бил жив и ти се случуваат откога си умрен и умрен како жив: двете љубови-со Јасна од Спасе и Вера од Јане, и како живи и како мртви, а засега ја таиш и оставаш да биде загадочна со познатата артистка; на која не ѝ го откриваш само името, туку и лицето, телото, карактерот, како водите љубов мртви како живи …Да, јасно е дека за тебе сите се непорочни, а стожерното приклучение кое не си ни почнал да го раскажуваш е несомнено поврзано токму со непорочната љубов; таа е поента, смисла и содржина. Нели?…Таената со артистката ти е единствена сè уште жива во смисла на неповторлива. Кажа дека е многу убава, нема кој што не ѝ се восхитува, и има остварено завиден број бележити театарски и филмски улоги. Мене лично ми е мошне интересно тоа дека имала многу љубови, за многу од нив знаеш, таа самата не знае на колкумина знајни и незнајни им се подала, но ти си ѝ единствен. Исто како и колку што си ѝ ти нејзе.

Молчи некое време замислен, па почнува:

-Не знам, сè уште размислувам, разгледувам и осознавам, но немам одговор дали се можни повеќе непорочни љубови во живот и смрт. За во смртта мислам дека веќе знам, а во животот…Сè повеќе ми се наметнува како несомнен заклучок: вистинска непорочна љубов е можна само не во, туку меѓу живот и смрт; како простор и време меѓу молк и тишина, паметење и заборав. Сè повеќе, значи уште не сосем. И таа смета дека таа наша љубов е непорочна, ама и неповторлива. Не престанува да се прашува зошто јас умрев, а неа ја оставив жива. Не може да прифати што ѝ одговарам: дека на смртта не ѝ значат ништо ниту годините, ниту здравјето, а нам ни значи дека ни мојата смрт не нè раздели; и мртов сум со неа како жив и таа ќе биде жива како мртва додека сме заедно. Сигурно скоро ќе успеам да ја убедам дека нашата љубов е многу ретка меѓу живите, а не е честа ни меѓу мртвите.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Го потсетувам строго и отсечно:

-Веќе раскажа за нејзината неугаслива желба да имате рожба, но знае и не може да се помири со тоа дека тоа просто не е можно зашто ти си дамна мртов, а таа жива. Исто како кога таа би била мртва, а ти жив.

Тој продолжува со ист тон:

-И ти како многу други живи и мртви мислиш дека нејзината црвена роза што ја остава на надгробната плоча крај мојата фотографија за мене е наша рожба во симболична смисла или како „класична“ метафора? Грешиш. За мене таа е буквално тоа. Ќе прифатиш ако и ти сметаш како јас дека раѓањата и животворноста се во рамновесие кога луѓето научуваат оти и во мртвиот и во живиот свет мртвите за живите не се мртви, ниту живите за мртвите се живи.

Јас:

-И ова е веќе познато од тебе.

Тој:

-Па што дека? Тоа е многу важно за моето главно, стожерно приклучение. Рожбата како продолжение на животот и неговото вкоренување во наши простор и време. Како врв на непорочната љубов. И како рамновесие на раѓањата и животворноста. Ќе го разбереш тоа кога ќе ми дојде на ред за откривање, кога ќе го раскажам детално како кулминација.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Крај гробов на Ристо од Петар и семеен почнува да нè развиделува, а и јас и тој не ни помислуваме да се разделиме. Го поттикнувам да продолжи:

-Добро, нека е како што велиш. Иако ми се чини дека како творец, како ликовен уметник не ги пренебрегнуваш нејзините бројни симболички значења: страст, храброст, тишина и чувана тајна, чистота, творечки импулс. И дека е симбол на светот и човечкиот живот. Според мене, од не помало значење и за тебе, како за мене и за многу други како нас, е таа како христијански симбол на земскиот свет сосе радоста, желбата, страста, мајчинството. Исто и на мачеништвото. Секако знаеш дека црвената роза е натопена со Христовата крв пролеана на крстот…А важна е и поврзаноста со огнот. Секако го знаеш мотивот на претворање на пепелта на изгорени христијански маченици…Знаеш и за прашината на Заратустра што се претворила во црвени рози кои со цел убивање биле положени на запален крст.

Тој:

-Многу важно во тој контекст е дека откако ќе положи роза, мојата таена љубов секогаш пали свеќа, па разговараме за сè и сешто и водиме љубов додека свеќата сосем не изгори. Белки не треба да те потсетувам на поврзаноста со моето големо претсмртно дело за непорочната љубов, на платно шест метри долго и четири метри широко. За жал, изгорено во пожар.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Веќе му станува тешко да зборува. Му се забрзува дишењето, а знам дека притоа срцето му чука сè побавно. Значи, мора што побрзо да се разделиме и да влезе во гробот. Се надевам дека имаме уште време за проблемот на човештвото кој досега го има само засегнато:

-Што е со грижата за сè побројните и сè почесто масовни умирања наспроти раѓањата и животворноста?

Ристо од Петар молчи некое време замислен, па почнува:

-За жал, таа е сè поголема како индивидуална, лична и како колективна. На пример, веќе е забележлив годишен пораст на мртви, а намалување на новородени. И тоа сè поблиско надвладување на морталитетот над наталитетот ќе доведе до исчезнување на човеештвото. Тоа е веќе видливо во Страдец и на Градскиве гробишта. Мислам дека веќе не може да се спречи со никакви државни, општествени и локални мерки забрзаното гаснење на животот во него и секојдневното зголемување на бројот на мртвите. Освен…

Јас нестрпливо и по малку надежно:

-Освен?

Тој:

-Освен ако и живите и мртвите уште сега, уште во овој момент ја прифатат непорочната љубов, пред сè нејзината стаменост како најсуштествена за постоењето во минатото, денес и утре.

Веќе нè развидели, па се разделивме.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here