Потребно време за читање: 4 минути

33.

Собрал мртвиот а жив Ристо од Петар на една чистина меѓу Страдец и древната населба Молненик неколкумина живи и мртви од различни времиња. Запалил оган со пламени јазици до небо и ги испоседнал околу него за да им кажува за телото и душата, не докажувајќи ништо.

-Ве собрав зашто веќе ми оди на нерви постојано да одговарам и објаснувам што сум јас; дали сум Ристо од Петар тело без душа, тело и душа или душа без тело. Сега ќе ви изнакажам сè што знам и разбирам, што подразбирам и не разбирам и ми е важно и неважно во врска со тоа. Особено затоа што сум сигурен дека веќе знаете и ви е совршено јасно: тоа не е поентата на моето приклучение, на главното и сите што го придружуваат се негова причина или последица. Треба ли да потсетувам дека сум дамна мртов и мртов како жив секогаш кога ќе посакам да бидам во живиот свет, меѓу живи луѓе? Мислам дека веќе не треба.

Не знам, па само пренесувам без обид да докажам или негирам што било како разлика меѓу телото и душата: душата е внатрешен, невидлив дел на постоење на човекот, а содржи свест, емоции, етички норми, еден цел и комплексен духовен живот. Сметам дека не е прифатливо таа да се изедначува со човековата психа, а најмалку учењето дека таа е бесмртна.

Мене воопшто не ми е интересно дека штом човек ќе умре неговата душа заминува во друг свет, вонземен или задгробен. Поинтересно ми е дека древни народи ги погребувале мртвите во лежека или седечка положба, со рацете и нозете како да ќе полетаат.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Можеме јас и вие да се расправаме околу ставот дека душата е најактивен дел од човекот и управува со неговиот живот. Живее надвор од телото, а тоа значи дека може него да го остави некое време, на пример додека спие, самостојно да се движи низ светот, да открива, да истражува, да осознава. Јас, Ристо од Петар, мртов како жив сум апсолутно свесен дека не сум во гробот, заедно со другите мои ближни упокоени во него. Меѓу живите, пак, сум жив исто како нив, што значи како да не сум умрен.

Можеби е точно, можеби не, па затоа само како лична обврска го нагласувам верувањето на живите дека кога умираат нивните души ги напуштаат нивните тела и почнуваат да постојат самостојно. Нека ми биде простено, ама ми се просто смешни и како метафора следниве обичаи и верувања: во домот во кој живиот е во претсмртен час се отвораат прозорците и вратите за на душата да ѝ биде полесно излегувањето, а огледалата се покриваат со платно за таа да не заскита во него, па да не може да се врати. По смртта душата скита околу домот четириесет дена зашто е поврзана со семејството и домот?! Досега никој од мртвите во гробовите на Градските гробишта тоа не ми го посведочил. Можеби е точно, а можеби не и ова, исто така сè уште недокажано: душата на еден човек може само трипати да оживее во ново тело, да влезе во пеперуга или на пример во мачка, јагне, пес и друго.

Подетално само ќе наведам некои учења, мислења и ставови во Библијата, а вие сами за себе одлучете дали ќе ги прифатите или не:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Има луѓе со живи души и луѓе со мртви. Самата смрт е издвојување на телото од душата, а смртта на душата нејзино издвојување од Бога. Со ова е непосредно поврзано воскреснувањето. Имено, телото воскреснува за вечност додека е на земјата, мртвата душа значи смрт за цела вечност.

И живите и мртвите се многу збунети од докажувањето на квантната наука дека душата постои. Сите големи и познати религии и досега тврдеа дека душата постои, но беа нужни материјални докази. Веќе е јасно дека нашата свест е клуч за постоењето и создавањето на стварноста, а според квантната теорија на свеста душите на луѓето се наоѓаат во специфични структури, таканаречени микротубули кои се сместени во мозочните клетки. По смртта тие продолжуваат да постојат во универзумот. Кај човек што доживеал клиничка смрт тие микроцевчиња губат квантни податоци, но информациите во нив не се уништени. Ако лекарите успеат да го оживеат, тие квантни информации се враќаат во микроцевчињата, а човекот тврди дека има чувство како да ќе умрел за малку. Заклучено е дека по починувањето квантните информации сосем го напуштаат телото во вид на душа и продолжуваат да постојат некаде во универзумот во вонтелесна форма. Дури е снимено човековото тело во моментот на смртта и „фатена“ енергијата што го напушта, а која може да биде душата. Таа најнапред ги напушта трупот и главата, а последни ги напушта срцето и половите органи.

Според мене, многу е важно тврдењето дека со промената на нашите мисли ние ја менуваме и енергијата во просторот. При снимање на кристали на вода под влијание на различни енергии на мислата е утврдено дека колку енергијата била почиста и попозитивна, толку кристалите биле поубави.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Според некои, смртта не постои во стварна смисла, а сите можни универзуми постојат истовремено. Поединечните тела се предодредени да се самоуништат, но чувствувањето на животот е само „фонтана на енергија“ од дваесет вати која се јавува во мозокот. Таа не исчезнува по смртта. Енергијата никогаш не умира, а не може ни да се уништи. Се смета дека научниците ретроактивно би можеле да променат нешто што се случило во минатото. Со еден опит е утврдено дека честичките морале да одлучат како ќе се однесуваат кога наишле на разделувач на зрак. Она што посматрачот го одлучил во тој момент го одредува она што се случило. Значи, посматрачот ќе ги искуси последиците што ќе уследат. Врските помеѓу овие истории и универзуми, пак, ги трансцендираат нашите вообичаени класични идеи за времето и просторот.

Мислам дека е најважно сознанието кое би можело да се однесува и на мене и на сите како мене: смртта не постои во безвременскиот и беспросторниот свет; бесмртноста, пак, не е постојано постоење во време без крај, туку престојување од онаа страна на времето.

Не знам што може да ги поврзе живото тело и неговата смрт со постоењето на душата и нејзината бесмртност, а не знам ни зошто би требало да знам. Доволно за моето приклучение, како и сите што го придружуваат со негова причина или последица: јас за себе знам дека сум не меѓу време и простор, меѓу временски живот и вечна смрт, не меѓу древноста на Молненик и сегашноста на Страдец, туку меѓу молк и тишина. Едновремено за и со непорочната љубов како творечка енергија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here