Потребно време за читање: 3 минути

30.

Дамна мртвиот Ристо од Петар, бележит сликар со големи дела и голема творечка енергија, незаборавен од живи не само во Страдец, седнал на триножно столче во аголот на неговиот, семејниот гроб, пред изгаснато огниште и слика невидливи слики. Невидливи?! Не, не е зачудење. Невидливи се за живите, а на ближните мртви со него, откако умре и им се придружи во смртта, не им значат ништо. Невидливи им се зашто, без оглед на неговата голема, силна, нескротлива творечка енергија, тие во нив не оставаат никаква трага. Дека нивните траги се на и за земниот, а не на и за гробниот. Слика задлабочено невидливи слики размислувајќи за немирот и сомнежот наспроти спокојот меѓу молкот и тишината, животот, животворноста и исчезнувањето.

Се прашуваше по којзнае кој пат дали случајно се случи пожарот во куќата во која заживеа љубовта со Вера од Јане. Не зашто и во животот и во смртта нема случајности, туку случајностите никогаш случајно не се случуваат, туку таа љубов само што почна да гасне, а продолжи во новата изградена набрзо. И си одговори исто по којзнае кој пат: пожарот не беше случаен, а се случи за да изгори неговото последно дело пред самоти смрт-маслото за непорочната љубов. Заедно со многу други. Многупати досега се обидуваше да ја наслика одново, заедно со многу други, се разбира невидливи, но никако не му успеваше. Би му успеало ако се обиде сега? Сега има сили? Не верува.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Не може да си одговори ни како се случи пожарот, ни како куќата пламна наеднаш што да не може да се угасне. Брзо се собра народ, дојдоа пожарникари, сите помагаа секако и со што било, но против огнот не се можеше ништо. Изгоре до темел. Сè во неа, многу негови слики и маслото со насликана непорочна љубов, шест метри долго и четири метри широко, сликана со чисти и силни бои. Се сети на својата веќе раскажана задоцнета смрт. Дали добро ја раскажа? Не заборави да ја поврзе со срцето, дека престана да му чука само неколку часа откако го заврши маслото по два дена и три ноќи непрестана работа?

А ги поврза ли непорочната љубов, задоцнетата смрт и пожарот? Да, тие беа поврзани, обусловени една од друга, причинско-последички поврзани! Сега доаѓа до тој заклучок, до тоа ненадејно откритие, непредизвикано од ништо? Зарем од ништо?! Дури сега, по толку години со сешто минато во нив се сеќава дека и во опожарената куќа и во новоизградената врз нејзини темели едновремено гаснеше во рамнодушност љубовта меѓу него и Вера од Јане, а одново растеше, од ден на ден просто се распламтуваше неговата најголема-Јасна од Спасе!

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Се сети на нејзините зборови при сликањето на четирите големи платна стожерни во неговото творештво, а кои се изложени на трајната изложба во единствената ликовна галерија во Страдец викана „Лично и единствено“:

„Знаеш што, Ристо мој? Ти и мртов нема да престанеш да сликаш! Ќе сликаш невидливи слики и за живите и за мртвите! Знаеш кое од нив ми го кажува тоа? Ова што го нарече „Црно и црвено во миг животворен“; на кое ја сликаш истовременоста на црната и црвената боја во еден миг како мошне возбудлива животворност. Право велиш. Таа возбуда ја предизвикуваат љубов и заедништво кои кулминираат во точка на вкрстување на стварниот и заумниот свет“.

А кога на една од средбите во Плет ѝ раскажа за платната што ги работи наспоредно, на кои доминира црната боја а црвената е одвај забележлива, таа му шепна за никој друг да не чуе:

„Си допрел до суштественоста на опстојот на човекот која определува кога е животот смрт, а кога смртта живот. Си допрел и ја надминуваш едноста. Со нивното завршување смртта за тебе ќе биде како живот, но веќе не ќе може да биде живот“.

Поставувањето на негов бел мраморен споменик среде најголемиот плоштад Страдец викан „Срце“, висок пет метри, направен од вајари современици на Јасна според нејзина идеја и скица, за Ристо од Петар беше меѓу пресвртните во неговото приклучение. Тоа е незаборавно не само за него, туку и за Јасна од Спасе, за Вера од Јане и за негови бројни следбеници:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Стои тој пред него како мртов, значи незабележан од никој жив, восхитен од изразената прецизност на драматичноста на неговиот миг на животворноста, а Јасна екотно му ја чита неговата домисла изделкана на црниот постамент:

„Жив или мртов, човек кој живеел не умира, туку умира продолжувајќи да живее со своето творештво во светот на мртвите и живите, меѓу нивниот молк и нивната тишина“.

Седнал дамна мртиот Ристо од Петар на триножно столче во аголот на неговиот, семејниот гроб, пред изгаснато огниште, и размислува за немирот и сомнежот наспроти спокојот меѓу молкот и тишината, животот, животворноста и исчезнувањето. Си вели на себеси како да се убедува, како дојден на крај на своето постоење, едновремено велејќи им на други:

Немирот и сомнежот не можат да го надвладеат спокојот. Особено не меѓу молкот и тишината, животот, животворноста и исчезнувањето. Мене на ова ме научи моето приклучение во кое стожерна е една непорочна, а неостварена. а веќе недостижна љубов.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here