Потребно време за читање: 4 минути

17.

Стварно веќе ми боктисаа прашањава на живите, на пред умирање и по смрт, односно на оние кои штотуку преминале во светот на мртвите: дали сум го видел Бога, ме примил ли, се среќаваме ли; дали сметам дека и светот на мртвите е жив како живиот (задгробен) или двата се паралелни; точно ли е дека во мигот на смртта душата се дели од телото (иако самите доживеале што доживеале); во што и кому му веруваат мртвите; каква е таа моја дарба или моќ како дамна мртов да излезам од мојот гроб за да се замешам меѓу живите, да бидам со нив некое време? Велам стварно ми боктисаа, не затоа што имам или немам одговори на нив, досега многупати сум одговорил, туку дека отсекогаш биле и се прашања на лична определба, верба, верување, преполни со релативности и баналности. Од друга страна, сосем ги разбирам прашувачите кога ги поставуваат како круцијални за нивната моментна состојба, на она што го замислуваат, на она што можеби некако им се предвестува или, пак, нешто насетуваат. Не велам ни дека се бесмислени. Сакам да го нагласам следново: сум одговарал и одговарам (сè уште), а не знам, а не сум искусил.

На пример, во врска со она што го сметам како моја важна способност. Не сум сигурен дека е реткост меѓу мртвите која ми помага да ја пронаоѓам смислата на опстојот и да се богатам себеси меѓу молк и тишина: како дамна мртов и како мртов жив меѓу мртвите кога ќе посакам. Некои тоа го нарекуваат престој во и враќање од задгробен живот, но јас него досега ниту сум го запознал, ниту верувам дека постои како таков; ниту како паралелен на стварниот, овоземниот. Донекаде ми е разбирлив и прифатлив како заумен, а јас меѓу стварен и заумен. Што, пак, им е најблиско на творците, особено на книжевните, музичките и ликовните. (Јас, Ристо од Петар, сликар.)

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

И живи и мртви ми тврдат дека постојат многу непобитни, па и научни докази дека постои живот по смртта. Тие најмногу се поврзани со активноста на мозокот, конкретно на свеста. Некои ми сведочат дека тоа постоење им се докажало лично, по нивната смрт.

Бисерка од Свето доживеала тешка сообраќајна несреќа при што ѝ бил оштетен мозокот, престанала работата на бубрезите и белите дробови, црниот дроб ѝ бил како пресечен на половина, а имала и бројни фрактури. Во мигот кога срцето престанало да ѝ работи таа најпрвин се нашла во мрачнина, а потоа ја прелетала како со едно замавнување на крилја и се нашла во простор сиот исполнет со светлина. Тврди дека тогаш видела незнаен човек во бела облека кој просто ѝ наредил да се врати во стварниот свет. Да, го послушала, се вратила (оживеала?) и долго пред да умре (конечно?) живеела спокојно и животворно.

Спасе од Трајко, сè уште жив, со кого се среќавам одвреме-навреме кога сум меѓу живите, се обидува да ме увери дека веќе бил меѓу нас, мртвите; како бел облак на небо меѓу неговите дамна умрени ближни, а подолго бил со брат му во игра и радување. Во меѓувреме тој умрел од срцев удар, а Спасе од Трајко ми тврди дека не е умрен, и во смртта е жив. Често се заедно во игра и радување. Тој како бел облак. Сè уште не сум го сретнал за да се уверам или да ме увери тој дека е така.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Најчесто наведено искуство на умрени, а живи (не мислам само на таканаречената клиничка смрт) е секако минувањето низ тунел со светлина на крајот; проследено со спокој, мир, љубов, средби со дамна и неодамна умрени ближни. Некои тоа дури научно го провериле и потврдиле како свесно, па и гледливо напуштање на телото: светлината е последица на таканаречена тубуларна визија. Имено, мозокот умира постапно стеснувајќи го видното поле и создавајќи еден вид тунел. Тоа, пак, е проследено со отсликување на важни моменти во изминатиот живот кои живеат, сè уште не се избришани во меморијата (оти се неизбришливи?). Напуштањето на телото, пак, се толкува како гаснење на нервните сигнали во него. Тоа значи дека станува збор за нормален феномен директно и индиректно поврзан со човековата психа во некакви екстремни ситуации. Душата продолжува да живее?

Со Страхил од Игор се спријателив откако ненадејно умре од мозочен удар. Ненадејно и за него и за неговите ближни. Прво што ми раскажа беше дека е еден од оние мртви што виделе зрак светлина на крајот од тунелот. Тргнал кон неа летајќи, патем збогувајќи се со ближните, а телото му било постојано крај него:

„Стасав до зракот и продолжив да се движам на него. Кога стигнав на крајот од тунелот, пред мене беше распослан предел со блескот од многу бои во хармонија. Еден за мене сосем непознат свет. Потоа кон мене почна да надоаѓа голем сиво-црн облак. Се исплашив и мислам дека во тие моменти се вратив меѓу живите. Потоа го снема и прекрасниот предел и облакот. Излегов од тунелот и…еве сум со тебе. Мислам дека сум мртов и не можам да бидам одвреме-навреме мртов меѓу живи“.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Го прашав:

„Ти си сликар?“

Ми потврди и јас му потврдив дека сум исто.

Многумина ме прашале и ме прашуваат, очигледно незадоволни од моите одговори, дали се согласувам со разликување на физичко тело и бестелесна душа.Секогаш одговарам дека знам, ама не знам ништо за учењето на езотеричарите дека човекот има три тела-етерично, астрално и ментално. Особено затоа што сум дамна мртов и многу важни и неважни нешта за телесноста сум заборавил. Оставам сами да изведуваат свои, какви било заклучоци за невидливото-етеричното физичко тело, значи без боја и со исто енергетско поле, кое три дена по смртта сосем се уништува; за астралното односно телото на емоциите; и за менталното по кое се случува напуштање на душата на „главното тело“, нејзина разделба со него во моментот на смртта и упатување кон повисокиот свет.

Што се однесува на рајот кој е „горе“ и пеколот кој е „долу“, како и на бесмртноста, секому му одговарам дека уште додека бев жив меѓу живите детално ја изучив Библијата; го осознав верувањето како лично, како дел од внатрешниот свет на човекот, а творечката енергија е таа што во творештвото, во делата на човекот го продолжува времето на неговото постоење и просторот на неговото опстојување. (Пораката на Бог: „Секој што живее и верува во Мене, никогаш нема да умре“ јас ја толкувам како живот во живот и живот во смрт на човек кој создал животворно дело.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here