Потребно време за читање: 3 минути

12.

Конечно откривам: почетокот на моево приклучение меѓу животот и смртта, односно меѓу молкот и тишината, е секако поврзано со Вера од Јане; директно и индиректно, посредно и непосредно. Поточно речено: приклучение еднакво и едновремено во животот што го одживеав, како жив, и откога сум мртов; јас веќе одамна, а таа од пред некоја година. Да, како што сигурно претпоставивте најпрвин: станува збор за љубов и заедништво кои веќе кулминираат во ненадејна точка на која се вкрстуваат стварниот и заумниот свет. Нагласувам дека не станува збор за овоземен и задгробен живот затоа што во суштина тие како такви не постојат. За ова ќе докажам некој збор подоцна.

Со Вера се познававме пред меѓу животот и смртта односно меѓу молкот и тишината. Не ѝ верувам, но ѝ прифаќам дека таа знаела за мене, како уметник, сликар, па и дека сме се запознале на некоја моја изложба. Не се сеќава, всушност не е сигурна точно кога и каде, а памети дека вниманието сум ѝ го привлекол со еднаквиот однос и однесувањето спрема сите што ги изнесувале своите впечатоци и критички оценки за моите изложени дела: рамнодушен, ладнокрвен, внимателен, љубезен; и исправен, без какво било движење на телото или гест. Напротив, јас не сокрив дека долго не ми паѓала в очи, со ништо не ми го свртувала вниманието. Згора на тоа, јас бев во голема љубов и мошне цврста, стабилна брачна врска со Јасна од Спасе. Ниедна друга не сум ја гледал поинаку, освен како лице или личност од понежниот пол. Просто не ни можело да се случи некаква врска помеѓу нас до непосредно пред мојата смрт. Бев убеден во тоа.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Можеби чудно, но Јасна ми го сврте вниманието на Вера од Јане кога бев уште жив и не на смртна постела. Се разминавме на улица. Тие се поздравија, а на моето прашање која е и од каде се познаваат Јасна ми одговори дека би било добро да ја запознаам. Таа е убава, стројна и стамена девојка, во средни години, за жал немажена и без рожба. Многу ја сака и почитува уметноста и има темелни познавања за неа. Особено за сликарството. Пишува поезија преполна со метафори како насликани мигови на црно-бело платно.

Јасна организира средба за наше запознавање. Тројцата весело, напати радосно разговаравме и се запознававме неколку часа во едно кафуле. Напати ми се чинеше дека тие се необично блиски. Одвреме-навреме се држеа за раце и се прегрнуваа. Не сакам ни да помислам…

Потоа со неа бев насамо неколку пати. Неколку месеци пред да ми почне умирањето имав изложба во друг град, во соседна држава. Сега сум повеќе од сигурен дека Јасна намерно откажа да ме придружува. Таа ја предложи Вера, дека може многу да ми помогне во организацијата и контактите со тамошниот уметнички свет. Вера многу се израдува кога прифатив. Подоцна ми призна дека интимната вечера со свеќи, музиката, танцувањето и потоа сексот во хотелската соба ги испланирала до последен детал.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Кога во последниот претсмртен час ѝ ја открив мојата врска со Вера, како признание на еден од неколкуте мои гревови спрема неа, таа само се насмеа и ме бакна. Низ шепот ми кажа дека знае, самата ја иницирала, ја подржувала, ја поддржува и ѝ се радува. Не се осмелив да ја прашам зошто. Претпоставував. Ме изненади кога на моето прашање зошто ја нема да се збогуваме, зарем не знае дека умирам, ми одговори дека таа ја одвратила. Според неа било подобро да продолжиме и по мојата смрт, независно од тоа до кога таа ќе биде жива. Зашто таа наша љубов е поголема од нашата. Така беше.

Раскажувањето на моево приклучение што почна со Вера од Јане ќе го продолжам другпат, а сега некој збор од мене за постоењето односно непостоењето на овоземен и задгробен живот. Веќе реков дека во суштина тие како такви не постојат, а еве зошто и како:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Мене ми е сосем разбирливо, но никако прифатливо умирањето на телото да се нарекува одење во неврат односно физичко преселување од овоземен во задгробен живот. Прво затоа што тие не можат да се разграничат строго, често се испреплетуваат, а друго и едниот и другиот се еден за оној што секогаш кога ќе посака е жив откако ќе умре и е умрен додека е жив. Најважно: светот над земја и под земја е ист. Се одржуваат меѓусебно со заеднички корен, некогаш и со плод. Може да биде појасно ако тоа го споредам со дрво: неговото вкоренување, влијанието на годишните доба врз неговото растење, созревање, зреење и плодење, како и неговите години или вековитоста. Со ова не сакам да го оспорувам, туку напротив го почитувам индивидуалното право на верување во задгробен живот, како дел од личната религија. Исто така не сакам да спорам ни со оние што тврдат дека овоземниот и задгробниот живот постојат како паралелни светови. Само го искажувам својот став, поткрепен и со лично искуство: опстојувањето на човекот помеѓу животот и смртта, на неговото тело и душа, особено во неговото срце и неговата свесност е негова постојана, непрекинлива борба против заборавот. Исто како меѓу молк и тишина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here