Потребно време за читање: 5 минути

36. Тренд, марка, бренд

Како за сите други тинејџери односно пубертетлии односно адолесценти, и за Буле, Куле, другите смоковци, како и смоковките, трендовите, марките и брендовите им се тотал важни во носењето, однесувањето, покажувањето, докажувањето, истакнувањето и поттикнувањето. Нема шанса да направати најмала утка. Тамам работа! Па после конкуренцијата да ги смета за неконкурентни, во најмала рака и нога на рамно односно рамноправни. А таа-конкуренцијата е стварно многу голема и рака на срце и гримаса на лице од ден на ден сè поголема.

Ај по ред за некој да нема збунка:

Тренд или по наше тенденција значи дека мора во секое време во вистинско време да се биде во трендовски грч, особено во облекување и носење. Барем сега, во ова наше време, за разлика од минатото, во минатиот век, лесно може да се следи секој тренд и секогаш да се биде во тренд односно во неговиот центар. Да, исто така е многу важно не само да се следи трендот, туку и да се биде во трендовскиот центар. Некој може мисли дека работата е во нијанси, ама не е. Разликата е голема, а поради неа може да се падне во втор план.

Имено, да се следи трендот односно по наше тенденцијата, тоа значи да си детално, како што се вели стручно минуциозно информиран за сè што се случува на тој план во развиениот, па и во недоразвиениот свет. Ако твоето татиче и твоето мамиче не се во материјално-финансиски или во психофизички можности исто така да бидат во трендовскиот чекор со тебе, што значи барем еднаш неделно да ти овозможат ем да шетнеш по бутичиња и молови, ем да се подновиш трендовски, ем да бидеш во трендовско друштво, тогаш не ти преостанува друго освен како детално односно минуциозно информиран да им дадеш на знаење на трендовите и трендовките дека си на рамна нога со нив, дури и над нив. Таков тие ќе те респектираат, ќе те сметаат дека си им на рамна нога, а може и да побараат од тебе некој стручен совет. Што се однесува, пак, на тоа да бидеш во трендовскиот центар, тоа значи треба сите во вистинско време да те гледаат дека си централен. Мораш да се наметнеш како таков ако сакаш да ти се слуша трендовскиот збор.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Во таа смисла има еден добар штос што треба да се користи: одвреме-навреме по неколку дена и ноќи да не му се појавуваш на трендовскиот свет, да си седиш мадро дома, па кога ќе излезеш, кога ќе му се појавиш на тој свет убедително и описно да му раскажеш дека си бил во некој светски трендовски центар колку да се информираш што ќе биде трендот утре. Нормално, за таа цел треба да читнеш и научиш нешто од географијата и историјата на центарот, барем на неговите главни културно-историски споменици. Инаку, може да те фатат жив дека лажеш, поточно не ја кажуваш вистината. Настрана што плус ќе те сметаат за начитан, образован, географско-историски поткован.

Марката е толку важна во оваа наша модерна прозападна живеачка, што просто напросто не можеш без неа да бидеш маркиран во друштвото. А ако не си маркиран, значи не можеш да очекуваш да бидеш третиран. На Буле, Куле, другите смоковци, како и смоковките, како тинејџери односно пубертетлии односно адолесценти тоа им е најважно и во чколијата и во дневните рекреации и во ноќните забави. Тие да не бидат маркирани?! Тоа не смее да се случи! А за да бидат маркирани, сè на нив и со нив, од глава до петици што се вели мора да биде марка. Може марката да е помала марка, да не е од најголемите, ама без марка…катастрофа! Тоа многу добро го сфатиле и го научиле нивните татичиња и мамичиња, па го прифатиле како пресудно за кариеристичко-професионалниот и општествениот статус и се придржуваат како пијани за стап, што би се рекло народски. И тие заедно со нив внимаваат сè на нив и со нив да биде марка. Од долна до горна облека, од велосипед до автомобил, четирицикл и џип, од стан или куќа до викендичка и така натаму и така наваму. За златен прибор за јадење, бела и црна трехника, книги на метро и апстрактно-конретни уметнички слики и дела, накит за украсување на раце, деколтеа, задници и предници, вратови, и глави ич да не правиме муабет. Мора сè, ама баш сè да биде марка и точка.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Следствено на претходното, на тинејџерите воопшто не им иде секирација кога е збор за марката. Како нивните татичиња и мамичиња, и тие имаат еден мал проблем: како да ја обелоденат марката, како да ја изнесат на виделина, како да им ја покажат на другите маркирани. Посебно кога нешто е покриено со друго нешто, на пример долната облека со горна. Тоа просто напросто не е можно без соблекување или барем подсоблекување, а тоа да се прави на јавна сцена е малку незгодно. Се снаоѓаат некако. На пример, на еден смок татичето и мамичето му купиле гаќи и тој за да знаат маркираните дека се позната марка секогаш одел со понекој тинејџер во нужник или како што се вели културно и елегантно во тоалет, божем на мочање или како што се вели културно нели на мокрење, па тие потоа лесно ќе раширеле меѓу другите маркирани дека носи гаќи позната марка.

Секако дека од трендот, марката и брендот најважен е брендот. Како зошто? Па ај пробај да бидеш брендиран без нешто, да не речам дека сè на тебе, со тебе и околу тебе треба да биде бренд. Малку морген што ќе ти успее. За некои брендот е исто што и марка, ама за Буле, Куле, останатите смокови и смоковки не е. Јасно е како бел ден: сметаат дека не е исто имајќи го предвид она што го поднаучиле или научиле сурфајќи на Интернет за составните елементи на брендот: идентитетот, вредноста, пррепознатливоста и свеста за него. Тие мора да бидат знајни и како такви да се користат максимално. Во спротивно, брендираноста во најмала рака и нога ќе биде фалична. За разлика од марката која е доволно само да се обелодени, да се изнесе на виделина, да се покаже.

Прашајте го Буле што значат тие елементи и тој телеграфски, рафално што се вели ќе ви изрецитира дека: идентитет на брендот е визуелно и со зборови опишано покажување, вредност е колку пари се фрлени за брендирање од страна на сопственикот, производителот или продавачот, препознатливост значи турање во свеста на брендувачот што повеќе позитивни негови карактеристики, како и разбуричкување на чувствата што брендот ги предизвикува, а свеста значи правење и истурање колку може повеќе информации за него. Со тоа во исто време Буле докажува дека е поткован за ако треба, ако му е така пишано еден убав ден во зрелото доба да стане брендирач.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Во прилика сум да ви пренесам уште едно нешто научено од Буле за брендот:

Џабе е на тебе, со тебе и околу тебе бренд ако не си научил што е бренд, а особено како да го докажеш како бренд, дури без да го покажеш.

Сосема нормално според годините и според модерново време и живот, Буле, Куле и нивните индијански соплеменици најголема концетрација имаат на облекувањето и носењето кога се во прашање или под прашање брендовите. Нема ни крпче ни обувче што не е бренд, сеедно поголем или помал домашен, ептен познат или доста познат во светот на модата. Нема што, сите се облекуваат и обуваат, поточно ги облекуваат и обуваат нивните татичиња и мамичиња по последна мода. Ретко се случува нешто на нив да е по претпоследна. Во последно време и на лице и на глава се многу, да не речам ептен тренди. Мислам на фризури, шминки, депилации и останати ситнурии и дрангулии во тој контекст. А бре ко да се манекени и манекенки тамам пред излегување на модна писта. Просто напросто да им позавиди човек од средната и долната класа. Да, според облекувањето и носењето се дибидус од горната. Сè на нив им е купено, платено од нивните татичиња и мамичиња во бутици, бутичиња, модни салони, студија за убавина и совршен излед, во ексклузивни продавници.

Баш последново им претставува сè поголем проблем на сите трендовци и трендовки. Ги загрижува сè повеќе зашто им се случува сè почесто: купена трендовска, маркирана и брендовска стока за баеги пари отпосле да откријат дека е битпазарска. Што е, ќе се согласите со мене, мошне, мошне депримирачко.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here