Потребно време за читање: 4 минути

42. Преку ноќ

Можно ли е тинејџерството односно адолесценството односно пубертетството да престанат преку ноќ? Судејќи според она што му се случи на Буле, секако и на другар му како близнак Куле, можно е , и тоа буквално преку ноќ! Тоа значи дека просто скокнал една ноќ во зрелото доба. Во таа ноќ, пред четири, просто скокна и сè уште не е свесен, како да е онесвестен од скокот. Што му се случи?

Буле, Куле и другите комити, како и комитките отидоа на забава во кафулето викано „Моја генерацијо“, во кое обично одеа тинејџери на прагот на зрелоста или на чекор од неа. Таквите просто ги привлекуваше како магнет така виканото кафуле. Прагот или чекорот, пак, најчесто се случуваше доживувајќи го она чувство за кое учеа дека е предуслов за прво сексуално искуство, тоа како премин во зрелоста, а без кое истото се сведува на техника или, грубо речено со сексуален речник, на животински нагон за парење.

Таа ноќ, пред четири, Буле мамкин и таткин просто го стресе чувството како предуслов за прво сексуално искуство кога при џускање случајно буквално се залепи за една лична мома. Минута-две џускаа со залепени тела и одвај се одлепија кога пуштија музика за одлепено џускање. Се одлепија, ама останаа во непосредна близина не можејќи да се изнагледаат меѓусебно. Се разбира, немаше никакво сомнение дека тоа беше чувство кое обично се нарекува струен љубовен удар. Личната мома се викаше како што му се претстави со шепот на увце: „Јас сум Деспина, а ме викаат Деси“, истовремено прашувајќи го: „А како се викаш ти и како те викаат?“. Нормално, Буле не ѝ кажа дека се вика Буревесник, тоа просто го нервира и никому не му дозволува да му се обраќа со тоа родено име, туку во последен спасоносен миг му текна: „Јас сум Будимир, а ме викаат Буле“. „Хм“, изрази мало чудење Деспина викана Деси и му се насмевна.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Куле мамкин и таткин, пак, таа ноќ исто така беше стресен од чувството, како предуслов за прво сексуално искуство, при џускање случајно буквално залепен за една лична мома. Може не беше толку убава како Деспина, ама беше мошне истакнато стројно градена. Му се претстави како Росица, а ја викаат Роси. Тој, пак, не ѝ сокри дека се вика Кураженко зашто во тој последен спасоносен миг тоа му се стори ептен кул и за возбудување. А го викаат Куле не само како скратено, туку дека и тој сам се смета и неговите комити и комитки го сметаат за стварно кул тип. На Роси тоа ѝ се допадна од прва што се вели.

Час ипол пред полноќ двата пара, Буле со Деси и Куле со Роси, излегоа од кафулето „Моја генерацијо“ и без многу мислење или двоумење отидоа во гајбата на Деси, направена ко замок со голем базен одзади. Баш таа ноќ се трефнало нејзините мамиче и татиче да заминат на некој свечен бизнисменски бал, па можат да уживаат сами. Да прават што сакаат, да се сакаат односно чувството што го доживеаја да го реализираат сексуално и после да пливаат во базенот.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

На сите им беше првпат? Ај сега! Нема потреба од такви прозаични работи. Тоа не заслужува ни да се спомне, камо ли да се кажува описно и детално. Ова се модерни времиња! Доволно е да се каже дека чувството и искуството им беа незаборавни и беа убедени дека ќе им останат неповторливи. Едно е единствено важно: и Буле и Куле таа ноќ во гајбата на Деси, како замок со голем базен одзади, преку ноќ го завршија тинејџерството односно адолесцентството односно пубертетството.

Ако некој се прашува каква врска има сексот со завршувањето на дотогашниот нивни период, нека го има предвид ова додатно објаснување:

Зрелото доба, во кое скокнаа односно стапнаа односно преминаа во таа незаборавна и неповторлива ноќ, на Буле и Куле им почна со заедничко длабоко размислување за блиската и подалечната иднина на љубовен и сексуален план, поставувајќи си го најважното прашање во тој контекст: што значи да си врзан визави слободен и дали можеш да бидеш едновремено врзан и слободен?

Инаку, таа ноќ пливајќи во базенот Буле и Деси и Куле и Роси се запознаа вообичаено почетнички:

Буле и Куле ги прашаа дали би сакале да одат со нив, а Деси и Роси ги прашаа каде и дали тоа значи дека не им се допаѓа во гајбата односно замокот на Деси. Буле и Куле им објаснија што подразбираат под одење, дека не мислат каде да одат, туку мислат на одење заедно, и ги допрашаа дали би спиеле заедно. Деси и Роси им одговорија дека не им е до спиење, досега спиеле со многу дечки, а со нив би пливале и би лежеле во кревет сексирајќи се и око не склопувајќи цела ноќ. Така и би.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Со завршувањето на тинејџерството на Буле и Куле нормално е да заврши и тинејџерскиов роман. Но, пред да заврши никако не треба да се заборави и запостави односно да не се каже што се случи во меѓувреме со нивното комитство. Престана ли? Се растури ли комитската чета на Буле војвода?

Секако не комитството, а секако да четата! Имено, Буле и Куке како веќе зрели момци продолжија мошне интензивно и посветено да се запознаваат со комитството како модерен патриотизам кој извира од личната слобода и заедништвото со прогресивните сили во државата и општеството. Притоа доаѓајќи до непорекливиот заклучок дека тие две суштествени нешта се бранат со збор, мисла и дело, и тоа тотално аполитично.

Во меѓувреме, додека се раѓаше романов за нив (сосем спонтано), Буле и Куле дојдоа при крајот на средното образование како програмери, цврсто решени да станат врвни и барани во странство. Патем, тие поим немаат ни што се ни каде се, со еден збор каде се сневидоа Деси и Роси.

Мамичињата и татичињата на Буле и Куле, Дина, Деко, Пандора и Дренко, си продолжија по свое и сè повеќе креваа раце од нив. Радосни дека од ден на ден стануваат сè позрели.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here