Потребно време за читање: 3 минути

39. Буле станува сè посериозен

Не дека досега бил помалку, а камо ли ич да не бил сериозен. На своите отсега комити и комитки некогаш на моменти им изгледал и ептен сериозен, што не му прилега на тинејџер односно пубертетлија односно адолесцент. Па му се чудеа и се прашуваа што му е, можно ли е да не му се сите овци на број. Буле секогаш навреме просто се пресекуваше. Таквите негови сериозности од една, како и нивното чудење од друга страна тој ги завршуваше со една од своите најдлабоки мисли: „Поопасно е да пукнеш од сериозност отколку од смеење и заебавање“.

Било како било, како е така е, сега и Буле се гледа, просто се фаќа себеси како сè посериозен, а неговите комити и комитки му се чудат сè повеќе почесто. Најмногу баш во врска со комитството воопшто и посебно перспективата на нивното. Буле како нивен војвода, а тие како негова чета. Учи историја, може да се рече дека и му лежи, особено македонската, па точно знае кои биле комитите: членови на бунтовнички чети кои дејствувале при крајот на Отоманското Царство, а се бореле за ослободување од турската власт. Македонските комити биле дел од Македонската револуционерна организација и подоцна на ВМРО-Автономистичка. Доста е толку? Нему не му е!

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Првото нешто, што го смета за најважно, е револуционерниот дух на комитите. Кој бил ист во минатото и не може да биде поинаков денес. Тој дух најнапред ги содржи патриотизмот или љубовта спрема татковината и нацијата, како и јунаштвото. После идат слободарството, конкретното дејствување и личното жртвување односно бестрашието. И како сега таков комита, како тој како војвода?

Му појде сам за тоа на чичко Спиро. Реши така за после да им каже на своите комити и комитки што мисли тој дека мисли. Тој му повтори дека да се биде комита значи дека си комита во душа и со срце. Да бидеш, пак, комита денес односно модерен, тоа значи да си патриот и со мисла и збор, ако треба со дела да го докажуваш јунаштвото и да го браниш слободарството. Додавајќи дека тоа може со политика односно како член на партија, на нејзини млади сили, но не мора. Од она што го гледа и слуша заклучил дека е многу поголемо комитство, со сè што се знае во врска со него од прво до последно, да се биде независен и слободен интелектуалец или слободен уметник.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потоа ги собра комитите и комитките во една пештера на ридот над градот, што случајно ја открија неодамна, и како нивен војвода им ги кажа следниве думи за нивно заветување:

-Браќа и сестри мои, мои комити и комитки, наша прва задача комитска е комитското минато да ни биде ука и поука за да бидеме прави денешни комити. Наше единствено оружје дури сме живи комити ќе биде знаењето и имањето. Знаењето многу, а имањето колку што ни треба. Само така ќе бидеме независни и слободни интелектуалци или слободни уметници и ќе нè научат како такви нашите татичиња и мамичиња, нашите учителки, учители, наставнички, наставници и идни професорки и професори во оваа наша тинејџерска фаза од развојот и зреењето. И бидејќи сме комити и комитки, а наши светли примери се Илинденците, одбраната на македонството ќе ни биде главна, во најширока смисла единствена независна и слободна интелектуална борба.

Му рече Куле:

-Буле војводо, ти веќе не си индијанскиот поглавица Зелен гуштер што свири на шупелка, ама јас и како комита ќе се викам како што се викав како Индијанец, значи Куле дренот.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Му рече Томче кубурата:

-Јас како Томче кубурата сум баш комита!

Како баш комита се изјасни дека ќе продолжи да се вика и Стојмен каменот.

Се јави Сирма Долгоногата:

-Јас како комитка ќе бидам само Сирма.

Му негодуваше Митра штиклата, а по неа и Лидија кракатата, Зоре сомот и Иле Мачорот:

-А како тоа имањето да ни е колку што ни треба? Зар не треба никогаш да не ни е доста?

Им одговори Буле:

-Не треба зашто тоа води кон аздисаност, алчност и ненаситност. И потоа ќе станете властодршци и властољупци политиканти. Пример ви се многу од овие што биле, се и скоро ќе бидат на власт. А како такви неминовно ќе се изродите во мафијаши.

На Јонче стаорецот Буле со думањето и одговарањето му беше ептен сериозен, па само промрморе:

-Јас како комита не можам да се викам Јонче стаорецот. Не можам да бидам таков. Јас решив отсега да се викам Јонче камата.

Нормално, Перо Ќутенката како ептен мал ништо не разбра, па реши да се вика како што се викаше како досега, како Индијанец.

На сите Буле не им беше посериозен од кога било досега, туку ептен сериозен.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here