Потребно време за читање: 4 минути

19. Татичето и мамичето на Куле

И татичето и мамичето на Куле му се струја.. Ма немало и нема такви на овој бели свет.

Има што да се кажува за нив! Како што си изрекува често татичето му Дренко, името секако му иде од дрен зашто е баш дрен во тело и снага, тој и мамичето му Пандора, името секако ѝ иде од Пандорината кутија, ама не знам каква врска има таа со неа, сè што создале, изградиле, направиле, преправиле и доправиле досега е со свои голи раце. Сака да рече не баш со голи, туку без помош од други: приземна куќарка со оградено дворче, досега двапати сменета покуќнина тотално, сменети дрвени прозорци и внатрешни врати со пластични, надворешна сигурносна блиндор врата, чардак на источната страна за одмор на сонце, замена на азбестен покрив со лимен; сопствен шивачки дуќан од дваесет и шест квадрати во Стара чаршија, со голем стаклен излог во кој има две женски кукли облечени во бели венчаници. Мамичето му Пандора е мајсторка по шиење, а Дренко стана мајстор покрај неа. (Бидејќи во последно време дуќанот им работи слабо, Дренко сè повеќе се свртува кон столаријата, па е прашање на ден, може и на час кога дуќанот ќе го преправат во столарска работилница. Затоа Пандора сè повеќе му е на припомош при правење, поправки и преправки на столици, маси, ормани, сандаци и друга покуќнина.)

Во врска со Куле, пак, за разлика од татичето му и мамичето му на Буле, Дренко и Пандора богами ептен си имаат гајле за неговата чколија. Му вели татичето му:

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

-Куле, мораш да учиш не дури главата не почне да ти бучи, ами до пред да ти пукне! Инаку нема шанса нешто да научиш. Знам дека во твојата чколија учите сè и сешто, ама не може бар нешто од тоа да не ти затреба за бизнис и политика. Ти не бери гајле, јас и мамичето ти ќе те насочиме правилно според она што гледаме дека ептен те интересира.

Што ептен го интересира Куле? Куле ептен го интересира компјутер, баш како Буле, ама не толку за играње колку за правење програмчиња. Упште не смислил ниедно, ама го интересира. Прашање е на ден или час кога ќе почне. Веќе му се вртат во умот некои мали идеи за игрички. Се подразбира, Дренко и Пандора го обезбедиле со прилично јак, полн, набиен компјутер, скоро ист како на Буле. Да, и него како сè друго, со голи раце, што значи со ептен стегање, штедење и секакво одрекување.

Јасно, мамичињата и татичињата на Буле и Куле не се на рамна нога, мислам на исто ниво, ама толку си се прираснаа на срце што се како браќа и сестри. Исто како Буле и Куле. Добро, главен збор во бистрењето политика има Деко, ама Дренко никогаш не дозволува неговиот да биде ептен спореден, па одвај се слушаат меѓусебно, а ич не ги слушаат Пандора и Дина. Меѓу нив, пак, Пандора е доминантна со своите народни рецепти за готвење и правење слатки. Куле не пропушта да нагласи дека нормално, со оглед дека Дина нема време, а ни ќеф за такви слободни активности, глуми дека ја интересира во рамките на пријателско-меѓусемејните односи и доброто расположение.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Мамичето му на Куле па има интересен став за улогата на Куле во образовниот процес на Буле:

-Да не си ти, Куле мој, Буле ептен би заостанал образовно. Така и треба кога сте како браќа односно како што се вели народски сте побратими. Во животот сè се враќа, сè се плаќа, па и во тој однос мамичето и татичето на Буле ти помагаат и ќе ти помагаат во иднина за што ќе треба и ќе можат. Ама најважно е дека во ова наше модерно животарење дека сте побратими за пример и углед. Јас и татичето ти гледаме дека ич не те интересира поезијата, ниту политиката и бизнисот, ама со него белки ќе те заинтересира политикантството како мошне перспективно во државава. Доколку кога ќе пораснеш и созрееш дефинитивно не му ја летнеш во странство.

Куле не се обидува да ја корегира за да не предизвика генерациски судир. Инаку, во целост и во делови е согласен со Буле за максимално цврстите, стабилните и долгорочните врски и меѓузависности меѓу поезијата и политиката.

На Куле во последен момент од кажувањево за татичето и мамичето му текнува дека не ги спомнал по име со нивното брачно презиме:

-Презимето на татичето ми Дренко е Гордички и му е по прадедо. Не знам, може да има врска со горда става и гордо крената глава. Моминското на Пандора, пак, ѝ е Цветкова и мене ми е некако многу блиско со разноразни цвеќиња. Презимиња си се презимиња. Не ми пречи што мамичето ми не го задржала моминското, а го зела презимето на татичето ми, па немам проблем како Буле. И тоа е тоа.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Исто како Буле, и Куле не пропушта да си каже за Куле, поготово зашто нема ништо незгодно во врска со него:

-И јас како Буле стварно не можам да сфатам како на татичето ми и мамичето ми можело да им текне да ми турат толку глупаво име Кураженко! Знам добро дека мислеле на кураж и куражување, а најмногу оти сакале кога ќе пораснам да бидам куражлија. Татиче и мамиче можат да сакаат куражлија уште од дете проодено, ама кога ќе добијат бебе плачко што да ти кажам, тоа е стварно болно амбициозно. Морав да бидам ептен упорен дури не успеав да ги натерам сите во средината и околината да ме викаат Куле.

И Куле докажува за татичето му Дренко и мамичето му Пандора: тие се градски староседелци, што значи дека селското потекло им е прапра…и којзнае уште колку прадедовско. Мислам дека и затоа по малку со ќеф викендуваме во Градско село на татичето и мамичето на Буле, просто уживаме и на лето и на зима во летнозимски градскоселски амбинет. Да де, како ептен пограѓанети.

И Куле како Буле решава другпат да поткаже за погледот на мамичето му и татичето му на неговото тинејџерство односно адолесцентство односно пубертетлиство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here