Потребно време за читање: 2 минути

34. Без врска

Дефинитивно Буле нема врска! Тоа ептен не му го товари големиот, камо ли малиот мозок, но и баш не му е право. Зашто знае дека без никаква врска човек нема никаква врска. Засега не може да преземе којзнае што на тој план, додуша и не знае, ама нешто му вели дека што поскоро мора да ја подобри таа своја незавидна ситуација. Има чувство дека треба да најде, да стекне, да добие само едно врска, па после со врските сè ќе тече како подмачкано.

Инаку, не знам дали досега сум нагласил дека Буле е голем демократ и најмногу во животот досегашен го мразел едноумието. Тоа додуша често му се случува во индијанското племе, ко старец некој е-тој што ќе рече речено е, ама баш затоа тоа го мрази најмногу. Па му дојде некако мило ем драго кога Куле одлучи да земе збор, всушност да му подрече решително. Па му рече:

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

-Буле, да знаеш дека она со тинејџерите, пубертетлиите и адолесцентите, демек со нас, ич не ти беше наместо. Нема врска! Ние сме што сме и буквално апсолутно не е важно како нè викаат татичињата и мамичињата односно возрасните и старите. А и тоа млади, момчиња односно момци и девојчиња односно девојки, па и неполнолетни нема врска! Просто е демоде, бе брат! Јас мислам дека за нас и меѓу нас треба отсега па натаму и во иднината да си бидеме што сме-смоковци односно членови на индијанско племе со такво име.

Буле:

-Велиш нема врска? Па добро, ај нека е по твое. Нема. Јас веќе и не мислам на тоа пред ова, посебно дали има или нема врска. Сега сум на мислење за врските.

Куле се чуди:

-На кои врски мислиш, брате Буле?

Буле:

-На врските што живот значат, ете на кои! Куле, да знаеш никој од нас, ни ти ни јас, ни кој било смоковец или смоковка нема буквално апсолутно никакви шанси во животот сега, посебно во иднината ако нема врска.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Куле:

-Да знаеш, и јас сум на исто мислење. А тоа значи дека бидејќи немаме врска мораме под итно да имаме.

Буле:

-Баш ми е драго што си едноумен по ова прашање односно на едно мислење со мене. Јас тоа го заклучив многу просто напросто; гледајќи ги и следејќи ги нашите мамичиња и татичиња визави нашата чколија. Буквално и конкретно нашите оценки. Замисли тие да немаат никаква врска ни со нашето учење ни со наставничките кадри во нашата чколија. Па ние би пропаднале дибидус! Е, сега иде круцијалното прашање: какви им се врските? Дали им се директни или индиректни, непосредни или посредни, бизнисменско-партиски, да не случајно интимни или натиго-дајмиго, подмачкани или замачкани, можеби електронски односно онлајновски па не им треба ни подмачкување ни замачкување? А некако само по себе ми се наметнува и прашањето дали тие меѓусебно се одржуваат со кешовина.

Куле:

-Многу длабоко си навлегол во проблемот, Буле. Да знаеш, ништо од тоа нема врска. Тие врски се градени врз основа на зависно-независен однос и меѓусебно почитување. Во името на перспективата на нашето образование и како полнолетни односно зрели односно самостојни во живот. Капираш?

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Буле:

-Така мислиш, а? Па добро. Капирам, како може јас да не капирам. Но што да правиме ние вакви, без врска?

Куле:

-Е, тоа стварно не знам. Ама ќе се ставам во мислење исто ко што си ти ставен, па ќе дојдеме до едноумно решение.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here