Потребно време за читање: 3 минути

35. Во врска со сексот

Кога е збор за сексот, нема потреба од зборови за него кога е збор за Буле. Знае сè што треба да знае еден тинејџер односно пубертетлија односно адолесцент. Тврди дека и другите што се со него, покрај него, зад него и пред него знаат сè, па нема потреба од час, а камо ли од часови по сексуално образование. Додуша, немаат никакво практично искуство на тој план, секогаш потенцира дека е тоа нормално за неговите и нивните години, ама теоретски и тој и тие се толку потковани, баш како за народната изрека „И ние коњи за трки имаме“, што не им преостанува друго освен и наставниците и наставничките, и татичињата и мамичињата да ги ставаат во незгодни ситуации; да се изразуваат помалку конкретно, а повеќе посликовито, метафорички што се вели; богами и да се потат од трудење. Неретко се просто предизвикани да се заебаваат со нив.

На пример, Буле еднаш ептен ги врза во гордиев јазол татичето му Деко и мамичето му Дина со директно прашање: „Зошто вие се сексате скришно, јас ни да ве видам ни да ве чујам, и тоа само во вашата спална соба? Зошто никогаш не во кујна, на балконон или во визбана на пример?“ Деко проба да му објасни дека нема што да се гледа и слуша. Едноставно така било, така е и така ќе биде зашто сексот е интимна работа. Буле просто го начека: „Интимна, а? Е како интимна, кога и на школо и на Интернет сè за сексот и во врска со него е кажано, раскажано, опишано, насликано, снимено, напишано во учебници, книги, поезија, раскази, романи? Ај не ме заебавајте!“

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Инаку, на Буле ич не му иде во глава како тоа власта измислува некаква тотална реформа на образование на паметни, онлајнирани и интернетски и гугларски развиени генерации детенца, деца и тинејџери, пубертетлии односно адолесценти, во која акцентот се става на основно сексуално образование! Таа мисли дека тие се табула раза на тој план?!

На пример, од ставањата на наставник или наставничка во поприлично незгодни ситуации радо го издвојува следново прашање што го постави во една баш пригода: „Дали е кулминација на љубовта пенетрацијата на пенисот во вагината?“. Додавајќи: „Намерно не ги употребив термините во разговорниот говор зашто знам дека ги сметате за вулгарни, без оглед што мислам дека се посоодветни“. Поприлично незгодната ситуација заврши со црвенеење на лицето, пелтечење и ептен описен и метафоричен одговор кој не вреди да го цитира.

Инаку, и Буле и Куле и сите други смоковци детално знаат што треба односно колку е доволно да знаат за сексот како тинејџери односно пубертетлии односно адолесценти: дека на како такви хормоните им работат сè повеќе и им е сè потешко да ги контролираат кога се во близина или се соочуваат со типови или типки од спротивниот пол, па им стануваат ептен посебни односно посебно интересни; правилното користење кондом не само што спречува бременост, туку и штити од сексуално преносливи болести; ејакулацијата не значи само излегување на спермата, туку од пенисот и пред неа излегува течност која е мошне плодна; сексуално преносливите болести се мошне сериозни, па по промена на повеќе партнери во покус временски период без заштита нужно е тестирање на полово преносливи болести. Прилично знае и за HPV односно хуман папилома вирусот кој ги погаѓа и мажите и жените: дека најчесто се пренесува со полов однос, но и со директен контакт со заразена кожа или слузница, а најголемо и најчесто заразено подрачје е гениталното; кај мажите обично околу коренот на пенисот. Постои вакцина која им се дава на девојчиња и девојки од 9 до 26 години.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Кога претходново Буле еднаш им го изрецитира со поетски тон во гласот на татичето му Деко и мамичето му Дина, нормално дека тие останаа фрапирани, просто шокирани и восхитени од толку големото знаење за сексот. Мамичето му дури воскликна „Браво, Буле наш!“.

Што се однесува на сексуалното искуство, Буле не крие дека сè уште нема никакво, а тоа не го смета за никаков хендикеп. Воопшто не го интересира каква е ситуацијата на тој план кај неговите Индијанци. Кога некој ќе го праша или ќе го испровоцира, тој им одговара дека тоа нема никаква врска со неговото лирско настроение и поетската дарба, туку просто напросто првото сексуално искуство сака и непосредно и посредно да го врзе односно да биде потврда на неговата прва вистинска љубов.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here