Потребно време за читање: 3 минути

8. Во грч

Буле има четиринаесет, а Куле тринаесет ипол години. Тамам за прешалтување од игри на мали деца во игри со памет, собирање и вадење, множење и делење, на големи деца односно уште на тотал зависност мамкина и таткина. Што со други зборови значи за почнување на политичка односно политикантска кариера. Повеќе првата одошто втората, а со оглед на решавањето или решителноста да се биде што ќе се биде цел живот.

На пример, според мамичето и татичето на Буле тој е решителен да стане политичар зашто смета дека како поет, може и прозаист, особено романописател, може да се изразува и дејствува како таков. Па дури и како лидер на партија. На Куле, пак, засега му е поблиско политикантството, а имајќи на ум дека некако најлесно му одат менаџерството и бизнисменството при задоволување на личните потреби. Притоа, мамичето му и татичето му најчесто го земаат примерот со неговото брендовско облекување; тој секогаш купува по солена цена која е секогаш поблага од најсолената. Ако кон ова им се додаде и заедничката преокупација-гејмерисувањето, тогаш е сосем нормално почнувањето на нивната политичка односно политикантска кариера. Со други зборови, сосем е логично преправењето на тајфата односно бандата односно индијанското племе во партија. Која, исто така сосем нормално, првично нема да се бори за власт, туку за лечење од болештините на модерната живеачка. Најпосле за позиција на политичката сцена.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Го собраа Буле Зелен гуштер и Куле дренот сѐ уште малубројното племе околу индијанскиот оган, составено од нив двајца, Лидија кракатата, Митра штиклата, Јонче стаорецот, Зоре сомот, Иле мачорот, Томче кубурата и Стојмен каменот, за да им ја соопштат одлуката дека отсега ќе бидат партија. Нормално, прв зеде збор нивниот досегашен главатар Буле Зелен гуштер:

-Племе мое индијанско, јас донесов конечна одлука! Отсега стануваме партија. Јас веќе не сум ви главатар, туку лидер. И заборавете ме Зелен гуштер. Отсега сум само Буле. И вие да се заборавите какви што се викате. Ти Лидијо само Лидија, ти Митро само Митра, ти Јонче веќе не си стаорец, ни ти Зоре сом, ни ти Иле мачор. Ти Томче нема веќе потреба дабидеш кубура, а ни ти Стојмен камен. Отсега Куле не е дрен, туку мој и ваш односно партиски генерален секретар…Наша прва задача како партија ќе биде борба против грчот на нашите мамиња и татина, како една од најголемите болештини на модернава живеака.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Зборот го презема Куле:

-Јас и Буле се договоривме секој од нас да преземе конструктивна активност дома. И тоа во повеќе фази…Првата е да ги убедиме нашите маменца и татенца дека не треба да бидат само во грч, туку одвреме-навреме бар малу да олабават, да се опуштат. Ова посебно кога е во прашање учи, учи, глава бучи во нашата чколија. Не можат тие само да нѐ тераат да учиме и да ни одземаат драстичен дел од слободните активности и забави. Просто да ги натераме да сфатат дека не можеме сите да знаеме сѐ, сите да бидеме нај нај. Особено кога се знае дека човек учи цел живот, а ептен малку научува, и кога е практично докажано дека слабите ученици стануваат големи политичари и бизнисмени. Нека се земат самите за пример. Нека се погледаат во огледало или нека помислат што станале, што се и колку се докажале како такви. Ние мораме да ги натераме да разберат и научат дека не се живее модерно во грч или, како што се вели стручно и политички, под постојан стрес.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

-А како ќе ги натераме?-се јави Митра.

Објасни Буле:

-Многу лесно, Митро. Конкретно, ти ќе имаш прва задача твоето маменце и твоето татенце да ги однесеш во природа. Во парк, во шума, во Зоолошка…А може и заедно да се качите на планина. Втората задача ќе ти се наметне сама потоа…Јасно ви е, нели сопартијци мои?…Баш добро ми текна…Задачата на Митра ја имате сите. На следниот состанок секој ќе даде детален извештај како ја остварил.

Доброто расположение стануваше сѐ подобро, а откако сите се одушевија од формирањето на партијата тоа стана најдобро. Се разотидоа ептен олабавени, опуштени, без никаков грч односно стрес во себе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here