Потребно време за читање: 3 минути

31. Накриво

Во последно време татичето му на Буле, Делјан Езеркоски модерно Деко, сè почесто луто вели, некогаш со повишен и лут глас: „Сè кројат накриво и се сè понакриво насадени“. Буле баш не го разбира секогаш, особено кога му е повишен и лут гласот, но смета дека е сосем во право. Стварно сè кројат накриво и се сè понакриво насадени. Некогаш не му е јасно на кои мисли што кројат, слуша од татичето му дека се платени политиканти на власт ама ко намерно да не сака или може се плаши да ги кажува по име и презиме. Ај тоа, ама ни накриво насадените ко да не му паѓа ни на крајот од умот, ни во малиот мозок да ги именува. А неговото татиче Делјан, модерно Деко, е докажан како бестрашен, особено кога станува збор за главите во партиите.

Во последниве неколку дена и ноќи Буле се отепа од мислење за едните и другите во рамките на актуелните општествено-политички, економски, социјални, културни, спортски и други собитија. (Не пропушта да истакне дека многу му се допаѓа „собитија“; му звучи некако поетски, лирски, и со нетрпение чека да му светне песна за нив. Скоро му е светната.) И дојде до релевантни и валидни заклучоци. (Мора да провери во речник дали тие значат тоа што мисли дека значат.)

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Се отепа од мислење и ич не му е криво зашто веќе нема потреба за тоа. А и задоволен е по проверувањето во речник, особено зашто не е тавтологија (што беше, пак, тоа?). Иако толкувањето баш не му лежи, некако не му е во стилот: релевантен значи важен или битен, а валиден полноважен односно важечки.

Сè кројат накриво оние што се насадени накриво. Тоа прво како прво. Се сака да се каже дека кројачите се насадени накриво, па е нормално сè да кројат накриво. Правото прашање е: кои се тие толку накриво насадени и од кого? Буле никако не успева да си одговори, но има една претпоставка која му се чини дури тавтолошки релевантна односно валидна: толку накриво насадени за сè да кројат накриво мора да се некои кои уште од раѓање ги насадувале накриво. Па се знае од знаење и искуство дека таквите не може да се исправат дури и ако се пресадат. Ама кои се тие конкретно? Буле е сигурен: тоа се оние кои сè кројат накриво во политиката како политикантска направија. И домашни и странски. Од тој аспект нему многу му олесни што се откажа од формирање партија.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Следејќи ја таквата логика, Буле лесно заклучи: со оглед на собитијата, мора сè да се крои одново направо, но притоа никому да не му се дозволи пак да почне да крои накриво. На накриво насадените, пак, да не им се дозволи да се збираат пак. За како на такви пак да не им се дозволи да кројат накриво.

Едно му останува неразбрано на Буле, дури и откога се отепа од мислење: дали неговото татиче Делјан, модерно Деко, е навистина бестрашен, особено кога станува збор за главите во партиите? Ако е, тогаш зошто не ги спомнува по име и презиме, туку ги нарекува „овие“ за да ги разликува од „оние“? Исто беше и порано, кога „оние“ ги нарекуваше „овие“, а „овие“ беа „оние“. Да не е директно или индиректно врзан со овие или оние или и со овие и со оние? Бизнисменски? На Буле му е сè повеќе сомнителен, особено кога му е очевидно дека е успешен. Често чита дека при вакви собитија е просто напросто невозможно да бидеш успешен бизнисмен ако не си со овие или со оние. А како таков како се вика таквиот? Буле провери во речникот. Се вика политикант. Не баш, туку речиси.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Кога собра храброст и го праша Деко дали е политикант, Деко одвај се воздржа да не му врзе едно жешко шамариште.

Успеа да го напише првиот стих од замислената песна за собитијата:

„Секакви собитија за накриви и накриво насадени“.

Се надева дека ќе му дојдат инспирацијата и лирскиот набој за да ја продолжи и заврши.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here