Потребно време за читање: 3 минути

13. Моето татиче и моето мамиче

Ма што да ви кажувам? Струја се татичето ми и мамичето ми. Ма немало и нема такви на овој бели свет. А и јас сум им светиња ко единаче. Ама тие…

Ма што да ви кажувам? Еве, за чколијава моја ич гајле си немаат. Ми вели татичето ми:

-Буле, ти само учи, учи глава да ти бучи, а не е ништо ако ништо не научиш. И онака ништо од сè што те учат и на што те учат нема ама баш ништо да ти треба за бизнис и политика.

Мамичето ми па ми е многу интересно:

-Оценките да не си ги ставаш на душа и на срце. На наши срца и души се. Ти само концентрирај се и посвети се на она што ти лежи, што те влече, за што најмногу ти се изразува талентот. Ако е поезија, нека е. Не да баталиш сè друго за неа, поготово што таа нема блиски врски и односи со бизнисот и политиката, ами те учам да не дозволуваш сè друго да ти пречи кога ќе поетизираш.

Разбира се, морам да ја корегирам секогаш кога ко папагалица ми го кажува тоа:

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

-Мамиче мое, за бизнисот си, ама за политиката не си во право. Нема поцврсти, постабилни и подолгорочни врски и меѓузависности од меѓу поезијата и политиката. А ако мислиш на политикантсвото, за него си тотално во право.

Туку, баш не ми текнува, ама мислам дека досега не сум ни ги спомнал по име со нивното брачно презиме. Како сум можел?! Какво промашување! Веднаш ги кажувам, за после пак да не промашувам.

Моето татиче се вика Делјан. Тоа ми звучи многу сељачки, па јас си го викам Деко. Мамичето ми се вика Костадинка. И тоа ми звучи многу сељачки, па јас си ја викам Дина. Презимето на Деко по дедо ми му е Езеркоски. Тоа ми е како да има врска со езеро, ама тоа е. Моминското на Дина ѝ е Каменоска. Тоа, пак, ми е некако многу блиско со камења и со каменосување, ама тоа е. Презиме си е презиме. Малу ми смета што мамичето ми си го задржала моминското, го прилепила на презимето на татичето ми, па ми е ептен предолго Езеркоска Каменоска. Ама тоа е.

Ај да си кажам и за мене, да не мислите дека кријам од што ми е незгодно. Ме викаат Буле од што им е мило, драго и нагалено или дека името ми е ептен долго? Јас стварно не можам да сфатам како на татичето ми и мамичето ми можело да им текне да ми турат име Буревесник! Признавам, благодарение дека сум упорен во сè, па и на тој план, успеав да им се наметнам на сите да ме викаат Буле. Во врска, пак, со моето односно презимето на татичето ми и мамичето ми, секогаш интервенирам со молење сите на кои им е тешко да ме прозиваат со на татичето ми и прилепеното на него од мамичето ми да изберат едно од двете. Гарантирам дека ќе се одзивам на кое било. Нема проблем. И да се пофалам, досега немало никаков.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Меѓу редови да ви го кажам и името на мојот прв другар како роден брат Куле. Ептен е смешно и малу безобразно, па тој ич не сака да си го чуе. Дури и на татичето му и мамичето му им забранил да го викаат по родено име зашто биле толку глупи и неинвентивни. Тој е трето дете во фамилијата. Сестра му Сирма е постара три години, а брат му Перо две години помлад. На Куле ич не му е јасно како им паднало на памет да му турат име Кураженко! Звучи руски, ама не е. Иде од кураж и куражување, а може и оти татичето му и мамичето му го замислувале кога ќе порасне да биде куражлија.

Туку, да докажам нешто за татичето ми Деко и мамичето ми Дина. Тие се дојдени од едно село во градов. Значи едно им е селото и значи дека имаат селско потекло. Никако не сељачишко. Се вика Градско село. Често викендуваме таму, а некогаш уживаме и на лето и на зима во летнозимски градскоселски амбинет. Татичето ми е најглавен од главните во една мрежа на молови, а мамичето ми му е лична секретарка на негов школски, инаку газда на сервис за поправка на виљушкари, багери, ровокопачи, камиони и други такви машини. Јас сум тотално свесен дека баш поради нив на чколија и во друштво ме третираат на мое големо лично задоволство.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Ај другпат ќе поткажам за нивниот конструктивен, прогресивен, ептен перспективен поглед на моето тинејџерство односно адолесцентство односно пубертетлиство визави и врзано за мобиљството. А пред сè на компјутертството во корелација со играњето, сурфањето на Интернет и онлајнството.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here