Потребно време за читање: 4 минути

26. На село наше весело

Значи јас, Буревесник, од сите викан Буле, синко мамкин на Костадинка Езеркоска Каменоска, викана од мене Дина, и синко таткин на Делјан Езеркоски, викан од мене Деко, инаку нивна светиња ко единаче, порано малку, ама во последно време многу и сè помногу сакам да одам на село. И сè повеќе сум убеден дека е тоа баш затоа што во мене одново се раѓа селското потекло на татичето ми и мамичето ми! Потенцирам за никој да не се буни: велам селско, а не сељачишко. Немој некој да ги меша тоа и тоа! И ова да го потенцирам дури не сум почнал да кажувам зошто и што правам кога со нив викендувам во Градско село на татичето ми и мамичето ми: тоа е едно од селата во градов и затоа има градскоселски амбиент. Со други, може трети, може и четврти зборови, исто како во сиот полуразвиен или недоразвиен свет тие се дел од градов, поврзани со струја, пат, водовод, повеќето и со канализација, тие жилаво се борат да го задржат селскиот амбиент. Од фолклор до традиција, од земјоделие со главен акцент на пластеничко производство и сточарство, до спорт и рекреација во природа.

Значи јас, Буревесник, од сите викан Буле, со татичето ми и мамичето ми во последно време секој викенд одиме во Градско село. Во најпоследно секогаш заедно со мојот прв другар како роден брат Кураженко, од мене и од сите други викан Куле, сестра му Сирма, брат му Перо, мамичето му Пандора Гордичка, мајсторка по шиење, и татичето му Дренко Гордички, мајстор покрај неа, а во последно време свртен кон столаријата.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Сакам уште еднаш да потенцирам дека нашите мамичиња и татичиња не се на рамна нога, мислам на исто ниво, ама толку си се прираснаа на срце што се како браќа и сестри. Исто како јас и Куле. Главен збор во бистрењето политика има Деко, ама Дренко никогаш не дозволува неговиот да биде ептен спореден, па одвај се слушаат меѓусебно, а ич не ги слушаат Пандора и Дина. Меѓу нив, пак, Пандора е доминантна со своите народни рецепти за готвење и правење слатки. Овие две важни нешто се особено важни додека викендуваме во Градско село.

Не знам дали треба, ама за секој случај да повторам: татичето му на Куле, Дренко, исто како и мамичето му Пандора се градски староседелци, што значи дека селското потекло им е прапра…и којзнае уште колку прадедовско. Според тоа, и тие просто уживаат и на лето и на зима во летнозимски градскоселски амбинет. Демек како ептен пограѓанети.

Нашата куќичка во Градско село има приземје и кат со кујна, дневна и спална во приземјето, и три големи спални на катот. Сосем доволно, да не речам ептен комотно за викендување на две, а со мало стеснување би можело и за три-четири семејства. Ај тоа не е толку важно, колку што е дека во секоја просторија, па и во кујната има телевизор, а во спалните Библија и уште три-четири романи и стихобирки на познати и непознати писатели што служат за релаксација и опуштање или за читање некој ред пред заспивање. Околу куќичката има голем двор со секакви цвеќиња и украсни дрвја. Мене ептен ми се при срце трендафилите и магнолиите што ги негува мамичето ми, особено кога се максимално расцутени. Како и неколку тревници што ги коси и вади татичето ми за да не се запустат односно меѓу нив да не никне дива трева, плевел, трње и друга непожелна флора.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

На сите, не само на мене и на Куле, туку и на нашите мамичиња и татичиња во лето ептен ни е драг и максимално експлоатиран базенот шест метри долг и четири метри широк. Се бањаме во него со супер уживанција.

Заборавив да потенцирам дека во викендичката има Интернет, а без што мене и на Куле би ни било ептен досадно. Се знае, се разбира и се подразбира дека нема шанса ни да преспиеме во неа ако не може да нè релаксираат нашите скоро исти, прилично јаки, полни, набиени компјутери.

Туку да се концетрирам малу на селската природа и што сè живо може да се сретне и да се најде во Градско село:

Градско село е над градот, на планина под планина, на присој, меѓу двете градски села Прле и Ќерпич. Кој не знае да научи: присој е јужна страна, цел ден на сонце, а осој северна односно скоро или баш без сонце. За тоа нè учеше уште во петто или шесто даскалот односно наставникот по географија Спиро Релјефот. Знам и од каде идат имињата на соседните села: прле е магаренце и е прочуено „Не трчај како прле пред магаре“, а ќерпич се прави од песок, глина и вода и со него се прават селски куќи. Од двете села го дели рекичка со широко и длабоко корито што од најгорните села до градот се користи како канал за канализација до влевање во реката што ни го дели градот на два дела со облакодери и булевари.

Прочитај и за ... >>  БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Веќе реков дека Градско село има свој фолклор и традиција, земјоделие со главен акцент на пластеничко производство и сточарство, а е супер за спорт и рекреација во природа. Фолклорот може да се види само на слики и фотографии во селската меана, моми и момци во народни носии пеат и играат оро, пластениците им се главно за пипер каварџик, домат воловско срце, лук, кромид, марула и зелка, а од стоката само овци, кози, крави, волови. Има и живина, главно кокошки, петли, шатки, мисири и мисирки. Има во близина на нашата викендичка еден Тодор кој има зајаци. Нормално, има коњи, кучиња, а уште не сум изброил колку има магариња и магарици. Од механизација најмногу трактори. Многу кажува за градските селани тоа дека нема куќа односно викендичка без половни џипови и автомобили богами добри марки.

Во планината над Градско село има густа шума. Откога еднаш лично видов див зајак, лисица и змија, јас и Куле нема шанса да шетаме во неа ни со мамичињата и татичињата, а камо ли сами.

Јас мислам дека доста изнакажав за градскоселското викендување во Градско село и воопшто за градскоселскиот живот. Се трудев да бидам што поживописен. Сигурно доволно за мое евентуално повремено или трајно враќање во него кога ќе се ориентирам професионално и ќе го напуштам тинејџерството односно адолесценството односно пубертетството. Бидејќи и кај нас тоа е веќе тренд.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here