Потребно време за читање: 2 минути

10. Буле е градско дете

Некогаш му е криво што не е селско, ама тоа е. Криво му е зашто не го ни запознал, а камо ли да го почувствува селскиот живот. Некои селски што ги запознал во оваа негова градска младост му прикажувале и уште се наоѓа понекој да му прикажува дека тие два живота се неспоредливи. Ептен се различни, немаат ама баш ништо заедничко.

Како прво и прво, селскиот се живее во природа, а градскиот живот во неприрода односно во вештачка и извештачена средина и околина. Како второ и второ, селскиот е природен, а градскиот неприроден односно вештачки и извештачен. Како трето и трето, селскиот живот е многу побогат со сешто одошто градскиот. Кој, пак, е ептен сиромав за него и неговите. Кој градски? Кој живот? Во кафуле, на журки, он лајн баш ко он лајно. А како четврто и четврто, Буле дибидус се разочара како градско дете кога неговото мамиче и неговото татиче конечно го убедија да го однесат во зоо и да го дружат со питомите и дивите, водените и сувите животни и птици таму.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН

Отидоа што отидоа. Буле првпат виде магаре и магарица, коњ и кобила, вол и крава, јарец и коза, овен и овца, свињко (му се чини дека беше баш тоа напишано на таблата), петел и кокошка и други питоми животни и живини; како и слон и слоница, нилски коњ и нилска кобила (не е баш сигурен дека ја имаше во зоото), жираф (и за него не е баш сигурен) и жирафа, крокодил и крокодилка, волк и волчица, мечок и мечка, пингвин и пингвинка, змијок (и за него не беше баш сигурен дека се вика така) и змија, орел и орлица, папагал и папагалица. И уште многу други што веќе не му паѓаат на памет. Потоа Кулета и другите од тајфата односно бандата односно племето односно партијата ги учеше што видел и колку не знаат дека селскиот живот му е мајката, а градскиот е за никаде. Секогаш ветувајќи им дека скоро лично тој ќе ги однесе во зоото. Дури длабоко размислуваше првата конкретна акција на партијата да биде комплетна преселба на народот од градовите во селата за да заживее здрав селски живот.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

За волја на вистината, во последно време на Буле му е сè покриво зашто е градско дете. Му иде да реши да се пресели во некое од запустените села во Македонијава, ама не знае на која страна да тргне-на северна, источна, јужна или западна. Зашто и татичето му и мамичето му свесно или несвесно ги заборавиле односно ги избришале своите селски потекла. Го убедуваат дека поим немаат кога нивните предци слегле од село в град, а тој никако не разбира зошто не се качиле. Ко градот во принцип да е под селото. Ако е под, тогаш зошто во него не се живее селски како над, понапредно, поздраво, полесно и поживо?

А, пак, најпрво и најтешко прашање за Буле како градско дете е: што е тоа градско дете? Што е тој како такво? Засега нема одговор, ама мора брзо да си одговори. Додека е синче мамкино и таткино, поконкретно во адолесцентна односно пред самиот почеток на пубертетската фаза.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here