Потребно време за читање: 4 минути

29. Тапи за музика

Наставникот по музичко Тошо Акордот никако не може да се изначуди како е можно да се родат толкави тапи за музика како Буле и Куле! Господ да чува и брани! Ма просто напросто е неверојатно нивните татичиња да ги направиле, а нивните мамичиња да ги родиле такви. А згора над тоа, тие ептен влијаат на другите, ептен се авторитетни во класот, па музичкото воспитание и образование односно нивната музичка култура нема шанса да им ја крене на некое подносливо ниво.

Со денови и ноќи Тошо Акордот мислеше и се премислуваше каде е изворот на таквата за него неподобна ситуација. Неподобна?! Па да! Како може да биде подобна кога секој час му е за никаде. Баш ништо не му поаѓа од рака на музичко-образовен и музичко-воспитен план, односно на музичка култура. Тој веќе има завидно наставничко искуство, дваесет и четири години, углед во музичките кругови, а и како трубач има скромна кариера. (Тие како намерно да не сакаат да го третираат како таков, па го викаат дувач.)

Тошо Акордот дојде до конечен заклучок дека и двете главни причини зошто Буле и Куле се тапи за музика се со еднакво значење: неслушање музика во круговите на нивните семејства и никаква музичка писменост. Тој во животот и кариерата нема сретнато такви. Ги викна неколку пати на состанок, им појде дома, ги испита одоколу и се увери во тоа. Џабе му е да се труди на каков било начин на Буле и Куле барем да им ја намали тапоста за музика, односно да не бидат толкави тапи за неа. Последно што можеше да го направи го направи и реши да остане направено до крајот на учебната година: на сите во класот им стави кецови и ги прогласи за клас со жива срамота за школото. Откога им ги изнареди, како да му олесна. Оттогаш сите часови му беа лесни и преку таквото односно преку нотите, лекциите и слушањето музика во пакет.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Како изгледа еден час по музичко во класот на Буле и Куле? Просто и едноставно:

-Добар ден, драги и почитувани тинејџери односно адолесценти односно пубертетлии…Седнете, седнете, не се уморувајте од стоење. Ништо не ми значи вашето стоење, дури ни обично поздравување…Буле, стани и одговори ми што е тоа акорд.

Буле станува, божем се замислува и почнува да одговара:

-Акорд е…Ова..

Тошо Акордот:

-Кое?

Буле:

-Па…Акорд е нешто поврзано со ноти и со вас, наставнику Тошо.

Тошо Акордот знае дека го викаат така, јасна му е асоцијацијата, но останува смирен, просто рамнодушен:

-Да, точно, поврзано е со нотите…А ги знаеш нотите?

Буле:

-Наставнику, зошто ме навредувате? До толку знае секој.

Тошо:

-Ај кажи ги!

Буле зачуден:

-Сите до една?!

Тошо:

-Седи! Срам да ти е како не ги знаеш…Куле, знам дека ти ги знаеш сите до една…

Куле како од топ:

-Да, наставнику! Доремифасоласи!

-А која нота е последна?

Куле:

-Наставнику, знам дека крајот завршува со првата фаќајќи ги сите пред неа повисоко и повисоко, а таа највисоко, ама мене тоа баш не ми е јасно. Како До може да биде прва и најниска нота, а најпосле последна и највисока!

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Класот паѓа од смеење, ама не успева да го деконцентрира и пренасочи Тошо Акордот, тој да заборави на прашањето. Тој:

-Ќе ти објаснам другпат, а сега одговори ми што е тоа акорд.

Куле:

-Де бре, наставнику, што сте запнале за акордот? Што не ме прашате за трубата, на пример?

Тошо знае зошто цел клас се смее, ама тоа одвај го чека за да ги изненади, просто да ги шашардиса:

-Браво, Куле! Баш ми ја погоди темата на денешниов час. Бидејќи знам дека сите знаете што е труба, денеска решив на Јутуб да слушаме едно од најголемите и најпознати дела за труба од светски познатиот Јозеф Хајдн. Сите затворете ги лаптоповите, а на мојов ќе го побарам Концертот за труба во Е-мол. Додека го слушаме до крајот на часот, сеедно дали ќе го дослушаме или не, кого од вас го интересира кој бил Јозеф Хајдн нека побара на Гугл.

И часот продолжува како да е завршен сè додека не се слушне ѕвончето за крај.

На крајот да се вратиме на почетокот, на маката на Тошо Акордот во однос на Буле и Куле како тапи за музика.

Тошо Акордот навистина не може да сфати и прифати како може во ова време кое душа дало меѓу другото и за музиката тие да бидат тапи за неа. Да не ги интересира ниедна и никаква! Не треба знаење за слушање на секоја. Треба за класичната односно сериозната, ама ич не треба за народната, турбофолкот, забавната и посебно рапот! Ај за народната сигурен е дека знаат и слушаат понешто од неа, ако не заиграле и не запеале сигурно ќе бидат натерани на некоја идна свадба на пример, ама да не ги интересира барем турбофолкот и забавната?! Просто не може да се изначуди. Па одат ли тие навечер во диско, во кафуле, кафана, на концерти и караоке? Невозможно да не одат? Нема тинејџер односно адолесцент односно пубертетлија кој не оди.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

За рапот има најголемо разочарување со Буле. Знае дека тој се оддал на поезија, пишува песни и сонува еден ден да објави книга и да стане поет. Па како е можно тој да не му лежи, да не ни проба да го слуша, па и да проба нешто сам да направи? Кога го праша за него, Буле лаконски му одговори дека рапот не го привлекува зашто рапувањето е со рима за да штима, а нему римите просто не му лежат. Пробал еднаш, се изнамачил со штимањето и напишал нешто ептен килаво. А не е ни за пеење рап, зашто смета дека рапот нема врска со пеење, туку само со брзо зборење.

И така. Наставникот Тошо Акордот дигна раце од музичко воспитание и образование односно музичка култура на Буле и Куле, а тие цел живот ќе си останат тапи за музика.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here