Потребно време за читање: 2 минути

16. А бе ај!

Во прво време мислев дека Буле често му вика на секој „А бе ај!“ како да вика „Ај тргај!“. Демек вика да трга со него или по него, а не да заостанува зад него сè појќе и кога ќе заостане ептен да застане. Во мое разбнирање имав и варијанта дека вика „А бе ај!“ како да вика „Како да не!“, ама таа поретко. Почесто ми идеше дека вика „А бе ај!“ како да вика „Ај остај!“, демек батали, не вреди, не е за да се третира или тренира дури не стане навика, заш`да арчиме време за џабе. Ама ми светна како гром од ведро небо, како наеднаш да ми се разбистри пред очи и во мозокот дека кога вика „А бе ај!“, и тоа во последно време во исто време со одмавнување на десната рака, Буле всушност вика или сака да каже дека сè треба да се прави…како би рекол…лефтерно, лесно, без многу думање и дрндање. Поради тоа што пубертетскиот односно адолесцентниот односно недозреаниот период во растењето и стареењето мине, младоста во поширока смисла такуѓере, животот во најширока без приговор и поговор. Па најпрво затоа треба да си го вардиме здравјето, особено стабилноста односно рамнотежата на нашиот нервен систем.

Прочитај и за ... >>  БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Се сеќавам кога при едно возење со својата втора приколка односно втор мис (по уметничко име и презиме Жана Марија Магарева, манекенка), со кој веќе му стана навика, просто рутина возењето, во мое присуство на секое нејзино реферирање односно изразување желба или потреба при возење, а посебно кога се обидуваше да му компарира, Буле просто на просто ја сечеше во израз со „А бе ај!“.

Манекенката Жана Марија Магарева му реферира, па му компарира:

-Буле златен, а да се паркираме во кафулево на сокче?

Буле:

-А бе ај! Кај ти падна во мозок сокче.

Манекенката:

-Добро де, може и две, а и турско кафе без шеќер.

Буле:

-А бе ај!

Жана Марија Магарева:

-Немаш кинти? Па ти хронично немаш. Јас имам, јас честам за љубов и долго паметење.

Буле:

-А бе ај!

И се паркираа во кафулето на две сокчиња, а и турско кафе шеќер.

За чудо, „А бе ај!“ на Буле ептен брзо го прифатија сите во индијанското племе Смокови, односно бандата, односно партиското членство. Ако се има предвид неговиот авторитет и лидерство, и како Зелен гуштер што свири на шупелка, и како Капо ди тути капи односно Глава на сите глави, а особено како претседател на партија во формирање, тоа беше нормално. Би било ненормално да не го прифатија ептен брзо. Смоковиците Лидија кракатата и Митра штиклата почнаа да му викаат на секој што не го знаат „А бе ај!“, посебно кога ќе пробаше да им блезе во контакт или да им се прилепи. Исто кога не им се збори или кога некој ќе им фати окце, а тој некој не ги ни шмиргла. Смоковите Куле дренот, Јонче стаорецот, Зоре сомот, Иле мачорот, Томче кубурата и Стојмен каменот почнаа дури да се поздравуваат кога ќе се видат во близина или на далечина со „А бе ај!“. Јасно, тоа го викаа како да викаат „Ај тргај!“, демек „Се збираме!“.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Мене засега никако не ми влегува во зборење „А бе ај!“. Па кога ми збори за нешто Буле или некој од смоковиците и смоковите ме убедува со докази дека е во право, јас реплицирам со „Стварно? Види богати!“. А кога кој било од нив ми бара нешто да му чинам и учинам, јас му контрирам со „Кај ти текна сега тоа!?“ или „Баш ме најде кога сум во аут!“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here