Потребно време за читање: 3 минути

14. Дух во здраво тело

Политичко-филозофирачка и бистро-политикантска говоранција на Буле како главатар односно шеф односно лидер на неговото племе односно банда односно партија во формирање:

„Никој да нема дилема или да се сомнева: во здраво тело има дух! Не дека нема и во нездраво, ама духот во здраво е дибидус различен од духот во нездраво. Мора секој да е и начисто дека нема дух надвор од тело.

Прашањето на духот и телото веќе подолго време ни е преокупација на сите нас; на мене како Буле, на Куле како таков, како и на сите вие во племево односно бандава односно партијава во формирање-значи сè уште недооформена. Малку нè буни дека некои од нашите татиња, мамиња и надвор од нивните кругови на пиедестал го качуваат творечкиот дух, ама јас сум убеден и вие исто така дека тоа-качувањето скоро ќе го разбереме и научиме како такво. На пример, веќе добро знаеме што е тоа. Најеклатантно е моето докажување со поезија како талентиран творечки дух.

Морам да истакнам дека качувањето најмногу нè буни во корелација со политизираниот живот. Имено, според сите нас сите духови во здраво или болно тело, и творечкиот и нетворечките, просто се гушат во него. Со други и трети зборови, тие никако не доаѓаат до полн израз. Од друга страна, ретки се оние што би прифатиле да се откажат од бистрење политика како суштина на таквиот живот.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Да го земеме за пример спортскиот дух. Тој е пар екселанс играчки односно за победување, поразување и нерешено. Тоа значи дека се искажува во зависност од тоа колку е подготвен, истрениран, мобилизиран, посебно концентриран, а најпосебно колку е здраво телото. Тоа во исто време значи дека е и во болно тело, ама пар екселанс е за најпрвин да го оздрави. Мислам дека сум ви јасен, па нема потреба да се дообјаснувам.

Сакам да речам дека изреката „Во здраво тело здрав дух“, која често се користи при бистрење политика, нема врска ни со здравата логика ни со здравата или нездравата политика. Затоа не можеме да ја прифатиме како една од нашите мисли водилки односно пораки до широките народни маси. Може евентуално да ја преправиме, како што се вели стручно да ја модифицираме во „Здрав дух во секое тело“, но тоа бара широка дискусија за здравиот дух која може да нè одвлечка во друга насока и да ни одземе многу време од нашето политичко дејствување на терен.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

„Драги мои недозреани пубертетлии или адолесценти односно тинејџери и тинејџерки односно мои сопартијци,

Ова е само мој скромен воведен, почетен придонес во разбирањето и расчистувањето на општите проблеми во нашево општество и нашава држава. Кои, пак, во смисла дека на нас младите, посебно во смисла на нас тинејџерите односно пубертетлиите светот ни останува, мораме ние да ги решаваме и да ги решиме еднаш засекогаш. И следните, што ќе следат скоро, ќе бидат дел од платформата и програмата на нашето племе односно нашата банда односно нашата партија. Следете ме мене, како ваш главатар односно шеф односно лидер и сè ќе наместиме на свое место. Ви гарантирам дека сè ќе биде во ред и навреме ќе дојде на ред“.

Куле му приоѓа на Буле незабележливо од другите и му шепне:

-Браво бе, батка, ептен те бидува за говоранција. На Гугл ли го најде, на Фејсбук ли или го препиша од некој лидер?

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Буле:

-Не бе, батка, мој е. Тотално оригинал. За што ме сметаш ти?!

Куле го смирува:

-Ај не рипај веднага, не се деражирај. Само прашав…Никој не ти помогна?

Буле веќе нерипнат, ниту деражиран:

-Најдов во една тетратка од средно на татичето ми пишано со ракопис за здравиот дух во здраво тело. Се изнамачив да го исчитам бидејќи му е баш краснопис, а после, откако се одморив и концентрирав буквалистички и во контекст го адаптирав како за главатар односно шеф односно лидер. Ти се бендиса?

Куле:

-Така бе, батка, мене можеш да ми откриеш! Не сме џабе ко брат и брат. Знаеш дека никому не му кажувам што е сè меѓу нас, што правиме и мислиме само ние двајца. Знаеш дека секогаш ќе те подржувам и ќе те поддржувам. Дали ми се бендиса? Ма нема збор! Алал да ти е!

Беа последни што го напуштија кејот на Мртва река среде градот. Претходно го угаснаа огнот околу кој беа собрани тие и другите баш како Индијанци.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here