Потребно време за читање: 3 минути

445. Најлесно лигуш и коленичар

Најлесно и најплатено е да бидеш партиски лигуш и коленичар.

446. Очила за слепци

Розови очила носат партиски слепци за да не прогледаат.

447. Самооткриен

Најпосле се откри сам предавникот. Се пожали дека малку му платиле за предавствата.

448. Мачнина

Ми се гади од политичари без лично достоинство и преку ноќ стекнато богатство.

449. Пат кон небиднина

Предавници и мафијаши на власт конечно го доведоа народот на патот на небиднината.

450. Како се станува бизнисмен

Најтешко е да почнеш. После лесно ќе го научиш почнатото.

451. Во моиве години

Веќе ништо не може да ме изненади во врска со мене или за мене.

452. Творец

Велик, виден, бележит, а секидневен, незабележлив, дури незнаен.

453. Нескрито

Крајот не ви се гледа, ама се гледа дека го чувствувате.

454. Прво

Прво да сме заедно за никој од нас да не е сам.

455. Ме замислува

Зошто сè почесто ме прашуваат дали сум уште жив?! Не ќе да е поради годините.

456. Не е можно

Како може празна глава да полнат тапоглави?!

457. Разделени

Јас без тебе, ти далеку од мене. Будни во глува доба.

458. Проста логика

Потрошувачко општество е богато општество. Трошиш зашто не ти треба.

459. Алчен

Нему и премногу му е малку.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, 841-867

460. Мора

На изветреан во умот не треба, туку мора да му се забрани да отвора уста. Посебно ако е на власт.

461. Нечовечки силници

Животот ни го разболуваат за да нè лечат додека сме живи.

462. Трагично

Сечие заминување од родното огниште е трагично кога не е со мисла за враќање кога-тогаш.

463. Недоветен

А бе човече, една земја е фактор на стабилност зашто е стабилна и од неа зависи стабилноста.

464. А на власт

Му дадоа власт во раце, а ништо од него здраворазумско.

465. Помирен

Си се помирил со незавидната состојба штом ништо не ти фали.

466. Измамници и крадци

Неучени или недоучени, ама вешти измамници и крадци политикантски.

467. Бидејќи

Со мене не можете лесно, па затоа што подалеку од мене.

468. Не ме прашувајте

Што со моето грандиозно, а непризнаено творештво? Никому ништо!

469. Последна желба

Барем уште еден миг со тебе, љубов неугаслива.

470. Ко недоветен

Му кажуваш во очи да не збори глупости, а тој те гледа смешкајќи се будалесто!

471. Ќе биде нешто!

Луѓе, премиерот јавно чита прилично дебел роман! И тоа на седница на Парламент!

472. Само чекајте си

Вие чекате да паднат, а тие се креваат на големо.

473. За чудење

Која ли будала ве учи дека револуција може да се крева еволутивно?!

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, 34-37

474. Суштествено за систем

Само во систем правдина, соодветна казна и одговорност.

475. Живот?!

Грд и бесмислен живот во мафијашко општество.

476. Сила

Нема сила што може против сила на натурена, мафијашка и насилна власт.

477. Убавината

Убавината станува минлива откога човек ќе престане да ја бара зашто мисли оти може без неа.

478. Немоќ

Сами не паѓаат, а нема кој да ги турне. И сите стојат во место.

479. Времиња

Не жалам што моето време минува. Жалам што нема да дочекам да почне твоето.

480. Во војна

Ако сме во хибридна војна, тогаш или да напаѓаме или да се браниме хибридно, Што чекаме?!

481. Мајчиниот јазик

Не ти вреди што знаеш еден или повеќе странски јазици, ако не го знаеш мајчиниот.

482. Без наше утре

Утре ќе мораш без мене зашто ќе ме нема.

483. Мора

За да опстанат македонскиот народ и малцинствата во Македонска република, најпрвин мора да се порази и збрише мафијата на власт.

484. Идентитети

Сечиј индивидуален и сите колективни идентитети се едновремени и меѓусебно обусловени.

485. До кога

Луѓе, до кога ќе им дозволуваме на предавниците непречено и неказниво да вршат предавства?

486. Одамна докажано

Ни чекор напред без врвни мислечки и творечки личности на чело.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, 294-322

487. Здружени

Се здружиле секакви никаквеци за мафијашки да ништат исконски народ на своја земја.

488. Не може

Може љубов за пари и љубов со пари, но и љубов и пари богами тешко.

489. Точно

На секој разделен народ му се натура власт каква што тој не заслужува.

490. Болењето

Се издржува секое болење што е за со помин. Она што не е, значи дошло за до смрт.

491. Бери ѝ ум

Народот масовно се иселува од своја земја, а власта се фали дека ја намалила невработеноста!

492. Пред и од

Мисли долго за причините пред несреќа, надминувајќи ги побрзо и полесно последиците од неа.

493. Ако и не

Ако не можеш да спречиш сегашна болест, не ќе знаеш да лечиш следна.

494. Незрел и недоветен

Се залетуваш, а не си научил да леташ.

495. Многу болно

Многу е болно за творец да е сам со свое завршено дело.

496. Зошто гласен

Гласен сум затоа што со гласност ја докажувам и бранам својата слободоумност.

497. Автентичното дело

Единствено, препознатливо, неповторливо, со свој почеток без крај.

498. Сеедно на крајот

Одамна не сме заедно, па не се сеќаваш или не сакаш да се сетиш на нас.

499. Заробен ум

Интелектуален слепец, итрец, пакосник, политикант, партиски послушник, туѓински слуга.