Потребно време за читање: 2 минути

976. Никој

Немам поим кој си ти, злонамернику, ниту сакам да имам.

977. Уште долг пат

Ја имам согледано мојата последна цел, но сè уште не сум ја догледал.

978. Политичкиот став

Секој цврст и неприкосновен политички став мора да се темели на волјата на народот.

979. Докажано

Временската и просторната слоевитост на едно дело ја докажува неговата големина.

980. Две зла

Кога е во прашање стап или морков, не избирај од две зла помало.

981. Сеедно

Штом е како досега, така и отсега, значи не може подобро.

982. Значи

Ако ти значи дека значи, значењето и за тебе значи.

983. Непромислено

Си тргнал бос и гол по трнлив и жежок пат.

984. Жално

Живееме живот разделени до смрт.

985. Одбивање

-Ајде освои ме за да бидам твоја.
-Тоа не доаѓа предвид!

986. Крик

Ах тој залуден, пеколен, убиствен личен интерес!

987. Не со тебе

Не те ни мислам, а ти ме прашуваш што мислам за тебе.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, 742-781

988. Суштествена разлика

Ти богат ем сиромав изрод, а јас сиромав ем богат со род.

989. Жив

Он е жив меѓу предци и потомци.

990. Последна надеж

На свои нозе и исправен до последен чекор во живот.

991. Толку

Толку можел, толку сакал, толку не морал. Толку бил, толку е и толку не е.

992. Неповторлива љубов

Еднаш љубов со многу љубов.

993. Последен личен пораз

Безличен против докажана личност.

994. Многу скоро

Ќе ве ничкоса народот наземи за никогаш повеќе да не застанете на свои нозе.

995. Неизвесност

Светот на раскрсница, ние пред неа.

996. Силната жена

Таа е за љубов и почит во секаков живот.

997. Мракобесието

Ничие мракобесие не може да се трпи долго. Особено не на туѓински силник.

998. Секоја војна

Страдална е секоја војна за нови делби на територии и народи.

999. Не ти дозволувам

Не ми треба твое признание на моето дело, но не ти дозволувам да ми го понижуваш.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, афоризми, 930-975

1.000. Под чест

Под честа ми е да сум во друштво со наперчен и умислен творец.