Потребно време за читање: 2 минути

695. Тежест

Дотежуваат години залезни.

696. Премален

Премален од рамнодушност и бесмисла.

697. Потреба

Некогаш имам потреба да се замешам во луѓе.

698. План

Во стратегијата на стратешкиот партнер резервниот план е главен, сокриен за „обичниот човек“.

699. Научени

Ги научија какви се, па не е никаков проблем да ги натераат на секакви гадости и пакости.

700. Дури

Го извалкаа и испоганија дури и нивниот најголем стратешки партнер!

701. Непречено

Имаат цел зададена од оние на кои им слугуваат, та непречено владеат мафијашки.

702. Спасот

Во непорочната љубов е спасот на животот и светот.

703. Вие

Не сте за жалење оти сте за никаде.

704. Карванот

Ни кучињата веќе не лаат по карванот што врви, со дисаѓи преполни азно украдено од народот.

705. Воздржување

Ми иде да избришам сè создадено од мене…Ај нека биде уште некое време.

706. Кроење

Не можеме да домислиме како големите и силните ќе ги скројат малите и слабите.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК: АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ или ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА, XX, 976-1. 000

707. Скоро

Уште малку што остана од нас и готова работа!

708. Сегде како нигде

Сотрен во збришано време.

709. Точка

Најнакрај ставив точка на крајот, па можам да продолжам.

710. Живуркање

Сеедно дали жив како мртов или мртов како жив.

711. Пред бездна

Темни облаци покриваат ѕвезди.

712. Човек

Беше човек зашто е. Со дело.

713. Ништо

Ништо досега и ништо отсега од мене за вас, ништожници!

714. Мирнотија

Празнина и тишина во глуво доба.

715. Одамна

Ниедно време од нас, никогаш за нас. Дека сме без нас, љубов.

716. Ниту

Ниту очи за гледање, ниту уши за слушање, ниту уста за зборење, ниту снага за простумење.

717. Докажување

Делото се докажува себеси без својот творец.

718. И?

Конечно ме нема жив за тебе. И?

719. Можат

Можат зашто ем мораат ем им е дозволено.

720. Одвратно

Одвратно е да се гледаат како се лигават и коленичат пред нивниот „стратешки партнер“.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МЛА ЧОВЕК, 536-558

721. Оставина

Голема оставина од живот на човек доволно жив.

722. Ни ти

Не слушаш ништо за мене зашто не сакаш ни да слушнеш.

723. Во Северџганска калакурница

Партократија-Клептократија.

724. Стратешка русокоса

Не ѝ е срам да се слика, да шурува и да прави далавери со мафијаши на власт.

725. Мртов, а жив

Кога ќе ви затреба творец-пријател, ќе го најдете во неговите дела и во вас.

726. Конечно во неврат

Реши да замине, па исчезна!

727. Мафијашки далавери

Со многу пари мафија на власт и „стратешки партнери“ прават многу големи далавери.

728. Творечкиот молк

Нема подлабок и поизразит молк од творечкиот.

729. За паметење

Човек со живо срце изделкан од грамадна карпа за паметење.

730. Цел живот

Еден цел живот во љубов неугаслива.

731. Мафијаши

Прикриено, сокриено, покриено-тајно договорено.

732. Зададена задача

Натурена власт од „стратешки партнери“ за да го краде народот за нив и за себе.

733. Џган на власт

Недоветни, неарни во умот, идиоти и странски „стратешки“ мафијаши против народна волја.

Прочитај и за ... >>  ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, 500-535

734. Мир и спокој

Останаа ли мир и спокој во душа од човек?

735. Малку надеж

Барем да се сетиш некогаш на мене како жив.

736. Чудење

Северџганска калакурница да биде правна држава?! Ти се чудам на умот!

737. Ех народе

Те излажаа, те испокрадоа и немилосрдно те лажат и те крадат, а ти уште во нив се надеваш.

738. Избор

Живот што вреди или несопирливо умирање!

739. Затишје

Некое чудно затишје пред бура. Личи на воено.

740. Напразно

Напразно во празнотија живуркаш самотно.

741. Неизмерна радост

Срцето ми се радува неизмерно гледајќи ја разлистена и расцутена твојат убост.