Потребно време за читање: 8 минути

82. Вера/Вероисповед/Религија-Безверие/Атеизам

Веруваш во Бога ако е Бог во тебе. Веруваш во себе создавајќи ако гледаш, согледуваш, мислиш и промислуваш. Исто како што правел Бог кога го создавал светот и го прави за да го одржи сосе неговата рамнотежа.

Верувам во Бога и верувам во себе.

Вероисповедта односно религијата е лична, може и колективна определба, едновремено во блиска и далечна врска со верата. Нејзин израз, нејзина манифестација. Тие се едновремени? Не. Секогаш верата е пред вероисповедта.

А безверието односно атеизмот?Безверието не е неверување на и во ништо, особено не на и во постоењето на светот и човекот во него, туку најпрвин религиска неприпадност, а потоа предимство на материјалното над духовното.

Атеистот верува во себе, но не верува во постоењето на Бога? Тоа е недозволива симплификација. Затоа што и тој, меѓу другото, е човек кој верува во животот и неговата постојаност.

Македонски народни пословици и изреки

Варди се од тој што нема вера и што не веруа во Бога.

Вера да веруаш, ама и добри работи да праиш.

Вера имало од века и ќе има довека.

Вера со пари кој купуа, тој бргу ја остаа.

Верата е стара и млада.

Верата ни се ваќа, ни се гледа; ни се јади, ни се мириса.

Верата од Бога е остаена.

Верата планиње преместуа.

Верата со пари не се купуа.

Верата Христоа го омекнуа чоека.

Каква ти е верата, таква ти е и вечерата.

Рисјанин прав кој сакат да бидит, маки треба да претрпит.

Рисјанцката вера чоека го преродуа.

Рисјаните ако си крепеа верата прао, со стребрени лајци ќе сркаат.

Со ум и разум пари добиваш, а со права вера во рај влегуаш.

И нему Госпо му помага, ако е друга вера.

Нема вера у пазара
Кој не плаќа, веќе не се веруа.

Со очите го виде и не поверуа, таков неверник ет.

Еден чоек што не оди по Бога, тој ќе оди по ѓаола.

Имај мислата при Бога за да ти помага.

И на шега Бог помага.

И царот е чоек, ама од Бога е блаосоен.

Којшто дава на сиромав милостина, пред Бога му се наоѓа.

Којшто знаи книга, поеќе знаи да се моли на Бога.

Мирно срце Бога моли, а немирно солзи рони.

Мршата од чоека во земјата, а душата пред Бога.

Нема во веков нешто што да не ет од Бога создадено.

Ни од Бога го грев, ни од чоека го страм.

Од Бога ништо не се криет.

Од Бога што ќе доит, добро нека доит.

Од мене песна, од Бога здравје и веселба.

Подари сиромав, дај Богу на заем.

Рај би бил на земјава ако живееја луѓето по заповедта Божја.

Речено е од Бога за да се потресни таткото и мајката за челадта.

Сакај му на Бога што ти треба, ама со молба.

Сакај од бога царстото негоо, а не друго.

Светец да бидиш, пак треба да работиш и Бога да молиш.

Секој за себе, Бог за сите.

Сите созданија што сет на земјава-сет за Божија потреба.

Сите добра на едно место не ѝ даат Господ.

Сон е лага, Бог е вистина.

Стар чоек да честиш, Бога го честиш.

Чоек кога се раѓа, не знаит од кај иди, а кога ќе умират знај оти пред Бога ќе се преставит.

Чоек колку да ет праведен, пак пред Бога е грешен.

Чоекот знаит колку еден чоек, а Господ знаи сè.

Бог да го прости тој што нè гости.

Бог да те чуа, ама и ти да се чуаш да сакаш.

Бог да те чуа од туѓа беља и од лоша стреќа

Да му даи Госпо здравје на чоека, да друго да не сака.

Да не даит Госпо да имаш такваа улаа као неа.

Прочитај и за ... >>  ДУМА, ОПИТ, УКА, 142

Пословици и изреки од народи во светот

Секоја секта има своја вистина; секоја вистина има своја секта. (Кинеска)

И оној што го гонат и оние што гонат го довикуваат бога. (Арапска)

Не оди во село во кое нема црква. (Руска)

Чуда им се случува само на оние што во нив веруваат. (Француска)

Латински изреки

Верата не е ништо друго, освен недостаток на знаење.

Домисла-Гесло-Мисла водилка

Верата е цврсто очекување на она на што се надеваме и докажување на она што не го гледаме.
Библија

Во што се состои верата? Да се прави што е можно помало зло, а да се прави добро во изобилство. Добрината спрема послаби, почитување спрема оние кои тоа го заслужуваат, контрола над самиот себе и добронамерност спрема сите суштества. Ете го ритуалот што треба да се исполнува на секое место.
Будистички запис

Атеист е човек кој не може да смета на никаква надземна помош.
Анонимус

Рекле, издумале

Не чувствувам потреба од никаква вера, освен од вера во човечките суштества. Како древниот Конфучиј, толку сум преокупирана со чудата на земјата и животот на неа што не можам да мислам за небото и ангелите.
Перл Бак

Не е ли чудно што луѓето така радо се борат за својата вера, а така нерадо живеат според нејзините прописи?
Георг Кристоф Лихтенберг

Вера во која не се сомнева-тоа е мртва вера.
Мигел де Унамуно

Немој да се плашиш од животот. Верувај дека животот е вреден да се живее и твојата вера ќе помогне саканото да го оствариш.
Вилијам Џејмс

Несреќата нè потсетува на верата.
Тит Ливиј

Верата ќе биде една кога ќе умре бог.
Рабиндранат Тагоре

Верата е птица која пее додека уште трае ноќна темнина.
Рабиндранат Тагоре

На верата само светото ѝ е вистинито, на филозофијата само вистината ѝ е света.
Лудвиг Фоербах

Луѓето никогаш не прават зло со толку ентузијазам и доследност, освен кога го прават од религиски убедувања.
Блез Паскал

Во што е вистинската вера? Ниту во обредот, ниту во жртвата, туку во соединувањето со луѓето.
Лав Николаевич Толстој

Луѓето зборуваат за Бог дека живее на небо. А го зборуваат и тоа дека живее во човекот. И едното и другото е вистина. Тој е и на небото, тоест во бесконечниот свет и во душата човекова.
Лав Николаевич Толстој

Само се два извора на човечките пороци: мрзеливост и празноверие. И само се двајца добродетели: работа и ум.
Лав Николаевич Толстој

Ние сме родени верувајќи. Човекот ја носи верата како што дрвото го носи лисјето.
Ралф Валдо Емерсон

Секогаш е добро ако човекот е во состојба со разум да ја оправда верата која е во него.
Адам Смит

Без вера човек не може ништо; со вера е сè можно.
Вилијам Ослер

Имај вера во својата вера.
Жозеф Мари Девондел

Секој со туѓо празноверие се потсмева, а своето го почитува и го смета за свето.
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј

Во секое празноверие мудраците следат будали.
Френсис Бекон

Атеизмот е повеќе на усните одошто во срцата на луѓето.
Френсис Бекон

Суеверието е поезија на животот
Јохан Волфганг Гете

Нема празноверие кое не настанало од некоја потреба.
Герхард Граф

Празноверието на науката му се руга на празноверието на верата.
Сигмунд Фројд

Атеист е човек кој нема невидливи средства за поддршка.
Хари Емерсон Фосдик

Има разлика помеѓу атеистите: не е сеедно од која вера е богот во кого не веруваат.
Душан Радовиќ

Атеистите не мораат да бидат чесни: нема бог кој за нив би бил надлежен.
Душан Радовиќ

Според старата религија, атеист е оној што не верува во бога. Новата религија вели: атеист е оној што изгубил верба во самиот себе.
Џорџ Вивекананда

Атеистите веруваат дека нема бог.
Александар Баљак

Верите се како светилки: за да светат потребен им е мрак.
Артур Шопенхауер

Верата е како и љубовта: таа не се наметнува. Затоа и е залуден секој труд таа со државни мерки да се воведе или зацврсти.
Артур Шопенхауер

Верувањето и знаењето се однесуваат едно спрема друго како птици на вага: колку што ќе се спушти едната, толку другата ќе се дигне.
Артур Шопенхауер

Религијата е патерица за лоши државни установи.
Артур Шопенхауер

Верувам во Бог, но не верувам дека е тој едно суштество, долгобрад старец на небото. Верувам дека она што луѓето го нарекуваат со Бог е во сите нас. Верувам дека Исус, Мухамед, Буда и сите останати биле сосема во право. Згрешиле само луѓето кои ги преведувале и толкувале нивните порак.
Џон Ленон

Секој човеков ден е мрачна ноќ. Никој не знае што го чека во следниот момент и покрај тоа сите одат напред. Затоа што имаат доверба. Затоа што веруваат.
Пауло Колејо

Ни чудата не се објасниви, но им се случуваат на оние што веруваат во нив.
Пауло Коелјо

Мислам дека различните религии се всушност поинаква врата на иста куќа. Некогаш мислам дека таква куќа постои, некогаш мислам дека не постои. Тоа е голема мистерија.
Стив Џобс

За да се види вера, мора да се затвори окото на разумот.
Бенџамин Франклин

Да се следи нешто само со вера, значи да се следи нешто слепо.
Бенџамин Франклин

Сега останавме и без работа и без вера, а нашата вера е повисока од вистина.
Матија Беќковиќ

Секогаш ќе има луѓе кои ќе сакаат да те повредат, но треба да продолжите да верувате, само бидете внимателни.
Габриел Гарсија Маркез

Порадо би го живеел својот живот како да постои Бог, па да умрам и да откријам дека навистина постои, отколку да живеам како да не постои, па да умрам и откријам дека постои.
Албер Ками

Верата минува, Бог останува.
Виктор Иго

Последниот христијанин умрел на крст.
Фридрих Вилхелм Ниче

Љубовтаа спрема Бога и љубовта спрема ближниот се две крилја на исти врати што се отвораат и затвораат само заедно.
Серен Кјеркегор

Живеј со луѓето како да те гледа Бог, а зборувај со Бога како луѓето да те слушаат.
Луциј Анеј Сенека

Кога не би постоел Бог, би требало да се измисли.
Фјодор Достоевски

Бесмртен сум. Мојата бесмртност е нужна со еден факт дека Бог нема да сака засекогаш да го угасне пламенот на љубовта што се запали за него во моето срце.
Фјодор Достоевски

Западот го изгуби Христос; поради тоа мора да пропадне.
Фјодор Достоевски

Човекот често станува она што го мисли за себе. Ако постојано повторувам дека некои нешта не можам да ги направам, веројатно е дека и не ќе можам. Спротивно, ако верувам дека можам сигурно ќе стекнам способност да го сторам тоа.
Махатма Ганди

Јас би станал христијанин кога христијаните би биле христијани сите дваесет и четири часа дневно.
Махатма Ганди

Бог не е ни една религија.
Махатма Канди

Оди пред Господ во простота, а не во лукавост на умот. Простотата донесува вера; лукавите и комплицираните размислувања донесуваат суета; а суетата ни донесува напуштање од Бог.
Исак Сирин (Исак Сириски)

Кога би било корисно да се знае иднината, тогаш тоа Бог не би го сокрил од нас.
Свети Јован Златоуст

Човек од храброст е и полн со вера.
Марко Тулиј Цицерон

Никој од вас нема да биде верник сè додека не му го сака на својот брат она што го сака на себеси.
Мухамед

Не е вистински верник кој некои несреќи не ги вбројува во благодати, а некои задоволства во несреќи.
Мухамед

Сè има своја основа, а основа на верата е молитвата.
Мухамед

Верувам дека Бог има исто толку имиња, колку што има живи луѓе.
Мухамед

Без вера човекот станува стерилен, без надеж и застрашен до крајната длабина на своето битие.
Ерих Фром

Само човек кој има вера во себе е во состојба да им биде верна на други.
Ерих Фром

Мојот скептицизам не ми дпозволува да станам фанатик, што е највисоко ниво што безверието го постигнало кога било.
Карлхајнц Дешнер

Можам да ги издржам мистериите на овој свет, но не и нивните објаснувања.
Карлхајнц Дешнер

Има многу нешта меѓу земјата и небото на кои можам да се восхитувам, но не се восхитувам на ништо повеќе од чудото на религијата.
Карлхајнц Дешнер

Верувајте со цело срце дека сте предодредени за големи работи.
Џо Патерно

За да постигнеме големи работи, мораме не само да делуваме, туку и да сонуваме; не само да планираме, туку и да веруваме.
Анатол Франс

Ние сме она што веруваме дека сме.
Клајв Стејплс Луис

Млад човек кој сака да остане вистински атеист, не може да биде доволно внимателен при изборот на она што го чита. Замките се наоѓаат насекаде.
Клајв Стејплс Луис

Најлоша опасност со која се соочуваме е таа да нè парализираат сомнежи и стравови. Таа опасност ја донесуваат оние што ја напуштаат верата и ѝ се потсмеваат на надежта. Ја донесуваат оние кои шират цинизам и недоверба и кои се обидуваат да нè заслепат кога е пред нас голема прилика.
Хари Труман

Бог не ни испраќа очај за да нè убие, туку за во нас да разбуди нов живот.
Херман Хесе

Не верувам во теолошки бог кој го наградува доброто, а го казнува злото.
Алберт Ајнштајн

Полесно е да се разбие атом одошто предрасуди.
Алберт Ајнштајн

Науката без религија е куца, а религијата без наука е слепа.
Алберт Ајнштајн

Еден современик со право рече дека во ова материјалистички обоено доба сериозните научници се единствените длабоко религиозни луѓе.
Алберт Ајнштајн

Само Бог знае сечија вина. Луѓето не знаат.
Меша Селимовиќ

Ги навредив Бог и човечкиот род зашто мојот труд не го достигна квалитетот што требаше да го достигнам.
Леонардо Да Винчи

Освен тоа што на многу начини е гонет од надворешни причини и што не поседува никогаш вистинско задоволување на душата, незналецот живее и како несвесен за себе и на Бога и на нештата, и штом ќе престане да трпи во исто време престанува и да постои. Напротив, мудрецот, доколку се посматра како таков, не само што одвај го познава душевниот немир, туку според извесна вечна мудрост е и свесен за себе и за Бога и за нештата никогаш не престанува да постои, туку секогаш поседува вистинско задоволување на душата.
Барух Спиноза

Смеата го убива страворт, а без страв од ѓавол нема потреба за Бог.
Умберто Еко

Дарот на менталната енергија доаѓа од Бога, од врвното битие, и ако ние ги сконцентрираме нашите мисли за таа вистина стануваме хармонични со оваа голема моќ.
Никола Тесла

Божјата волја се врши во секој момент, секаде и во сè.
Иво Андриќ

Толку сум преокупиран со чудата на земјата, што немам време за небото и ангелите.
Конфучиј

Религијата завршува и филозофијата почнува, како што алхемијата завршува и почнува хемијата и астрологијата завршува и астрономијата почнува.
Кристофер Хиченс

Бидејќи е очигледно невозможно сите религии да се во право, најразумен заклучок е дека се сите погрешни.
Кристофер Хиченс

Кој има наука и уметности, има и религија. Кој ги нема тие две, нека има религија.
Јохан Волфганг Гете

Религијата е само илузорно сонце што се врти околу човекот сè дотогаш додека тој не се врти околу себе самиот.
Карл Маркс

Како што вероисповеста не го создава човекот, туку човекот вероисповеста, така ни уставот не создава народ, туку народот устав.
Карл Маркс

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here