Потребно време за читање: < 1 минута

74. Првото соочување со смртта

Првото соочување со смртта ми се случи во првата од моите зрели години. Умре дедо ми Сотир. Со кого растев и живеев од раѓање, во седумчлено семејство, три генерации. Му имам посветено стихови, а е и една од личностите во еден од моите романи. Оваа белешка ја пишувам по точно педесет години од неговата смрт.

Тешко ми е да го опишам во два-три збора, но еве: тивок, молчалив, ведар и често насмеан, многу ретко намуртен, краткотрајно лут човек; со високо набрчкано чело, ретка црна коса, правилен нос, густи црни мустаци, сини очи; лик на паталец во животот.

Немам негова фотографија. Мои ближни, кои беа со него, го знаеја добро или само го познаваа, многупати ми имаат речено дека јас ептен личам на него: „Скината глава“.

А во нашето живеалиште, трисобен стан на четврти кат од петкатна зграда, од булевар одделена со мал парк и широк тротоар, имавме мала врамена фотографија на татко ми на негови деветнаесет години. Многу мои познајници кога ќе ја видеа беа убедени дека на неа сум јас. Дедо ми, татко ми, јас…

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Не знам дали затоа што ми беше прво соочување, но смртта на дедо ми ми е врежана во сеќавањето. Умираше, лежеше на смртна постела кусо време. Не беше болен. Премале, му падна снагата, нозете веќе не го држеа. Легна, замолче и по три месеци срцето престана да му чука. Велеа дека умре од старост, а јас и сега тврдам дека умре од тежината на насобраните патила во животот.

Со последниот издив му се откина парче од јазикот и просто му излета од уста. Како да го плукна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here